Вести
Спасовски: Се подготвува план за враќање на граѓаните затекнати во странство
Ќе се подготви посебен план за хуманитарни летови за граѓаните кои се затекнати во други држави, но по враќањето во земјава ќе треба да поминат соодветен број денови во карантин, информираше вечерва премиерот Оливер Спасовски на преку Фејсбук, пренесува МИА.
Спасовски наведува дека одлуката е донесена на денешена владина седница, на која ја разгледале информацијата на Министерството за надворешни работи за бројот на македоснки државјани кои се затекнати во други држави.
„За да им се обезбеди можност да се вратат во земјава, ќе се подготви посебен план за хуманитарни летови, а нивната законска обврска ќе биде кога ќе се вратат да прифатат дека ќе мора да поминат соодветен број денови во карантнски услови за нивна безбедност и на сите останати граѓани“, вели Спасовски.
Тој додава дека Министерството за внатрешни работи, Армијата и Министерството за одбрана се задолжени да подготват план и анализа за евентуално воведување на многу порестриктивни мерки за движењето на граѓаните.
Косовската Влада делумно ги укина таксите кон Србија и БиХ
Владата на Косово предводена од премиерот Албин Курти донесе одлука за делумно укинување на таксите од 100 проценти на суровински производи од Србија и од Босна и Хереговина, потврдија за РСЕ од Кабинетот на Курти.
Претходно, коалициониот партнер на Демократскиот сојуз на Косово (ДСК) во Собранието достави барање за закажување седница за гласање на недоверба на косовската влада.
Претседателот на ДСК Иса Мустафа денеска побара од Курти во целост да ги укине таксите, да ја повлече одлуката за смена на нивниот министер за полиција и да се извини на ДСК за таквата одлука.
Со оглед дека Курти остана на претходниот став, ДСК официјално ја покрена постапката за гласање на недоверба.
Бугарија ги заострува мерките против ширењето на коронавирусот
Бугарија ги заострува мерките за затворање против ширењето на новиот коронавирус Ковид-19. Мерките, кои влегуваат на сила на 20 март на полноќ и ќе траат најмалку до 13 април, ги забрануваат сите патувања помеѓу 27-те провинции во земјата, освен оние кои патуваат поради здравствени причини, одат или се враќаат од работа.
Сите јавни паркови, детски игралишта и објекти за спорт на отворено ќе бидат затворени, само ќе им биде дозволено на сопствениците на миленици да можат да одат на прошетки.
Лицата над 60 години ќе можат да купуваат во продавниците за храна и лекови меѓу 8:30 и 10:30 наутро.
Во земјата засега од вирусот се заразени 127 лица, вклучително и три смртни случаи.
Властите минатата недела прогласија вонредна состојба, затворајќи ги трговските центри, рестораните, училиштата и другите јавни места.
Во посебна мерка на 20 март, пратениците овозможија војската да помага во спречување на движење на луѓето и ако е потребно да употреби сила.
Вооружените сили ќе бидат мобилизирани да патролираат, да вршат проверки на идентитет и да задржуваат возила и лица до пристигнување на полицијата.
Прва жртва на коронавирусот во Србија
Денеска во Клиничкиот центар во Војводина почина 59-годишен маж од Кикинда заразен од коронавирусот Ковид-19, изјави вечерва српската премиерка Ана Брнабиќ на прес-конференција.
„Тој го добил вирусот од човек чиј син бил во Милано, од човек кој сега се бори за живот“, рече Брнабиќ.
Таа во име на Владата и државата изрази сочувство до семејството на починатиот.
„Нашите лекарски тимови се борат за животот на осум лица“, рече Брнабиќ додавајќи дека се воведуваат додатни мерки за заштита од епидемијата на коронавирусот во Србија.
Испратени авиони по српските државјани заглавени на аеродроми
Српски државјани кои се заглавени на светските аеродроми чекаат авиони кои ќе ги вратат во Белград. Директорот на организацијата „Точка на враќање“ Иван Бркљаќ, која и помага на Владата на Србија околу собирање информации за српски државјани кои поради ситуацијата со пандемијата на коронавирусот сакаат да се вратат во Србија, за РСЕ вели дека кај нив се јавиле повеќе од 500 граѓани за помалку од 24 часа.
„Направивме листа и мапа каде се наоѓаат граѓаните на Србија и ја доставуваме до надлежните. Се трудиме сите заеднички да работиме и да им помогнеме на нашите луѓе“, вели Бркљаќ.
Радио Слободна Европа не доби податоци од српското Министерство за надворешни работи за тоа колку државјани на Србија на светските аеродроми чекаат транспорт кон Србија.
Министерството за надворешни работи на Србија во координација со претседателот и премиерката работат на организација на помош на граѓаните на Србија, кои поради мерките за спречување на ширење на коронавирусот, останаа заробени на аеродромите ширум светот, изјави српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, пренесе ресорното министерство.
Во Хрватска нови 15 заразени од Ковид-19
Од утринава во Хрватска нови 15 лица се заразени од коронавирусот Ковид-19, со што вкупниот број на заразени е 128, додека пет лица се излечени, изјави раководителката на Кризниот персонал на Министерството за здравство Маја Грба Бујевиќ.
Директорот на хрватскиот Институт за јавно здравје Крунослав Цапак изјави дека покрај трите лаборатории во кои веќе се вршат тестирања на коронавирус, од денеска работи и лабораторијата во Осијек.
Владата се откажува од купување на затитни маски, бидејќи денеска треба да биде реализирана донацијата на шеикот од Абу Даби од 11.5 тони медицински материјали, главно маски за лице.
Војската на Црна Гора дел од НАТО силите за брзо распоредување
Советот за безбедност и одбрана денеска одлучи до 30 припадници на Армијата на Црна Гора да бидат дел од Силите на НАТО за брзо распоредување.
На седницата на Советот, со која претседаваше црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, одлучено е на силите на НАТО да им се придружат еден пешадиски вод на војската на Црна Гора, вод на чета и батаљон, кои во оваа мисија ќе учествуваат до крајот на 2022 година.
За тоа дали црногорските војници ќе бидат дел од силите на НАТО ќе одлучи црногорското Собрание.
Во претходните извештаи, кои ги објави Владата е наведено дека еден од приоритетите ќе биде придонесот на НАТО структурите на силите за брзо распоредување.
Две казни во Дебар за непочитување на здравствените прописи
Денеска за прв пат по појавата на новиот kоронавирус во дебарскиот регион, Основниот суд казни двајца дебарчани поради „непостапување според здраствените прописи за време на епидемија“.
Претседателот на судот Илир Исени за Радио Слободна Европа изјави дека станува збор за двајцата сопственици на угоститеслки објект и Интернет клуб во градот, кои и покрај забраната работеле.
Изречена им е парична казна во висина од 300 евра во денарска противредност изјави Исени. Судот упати и апел до населението да ги почитуваат законите и мерките на владата во оваа состојба, инаку ке се казнат сите.
Градоначалникот на Дебар Хекуран Дука денеска изјави дека состојбата со коронавирусот Ковид-19 е мошне сериозна, бидејки и понатаму расте бројот на болните од Дебар.
Тој оцени дека со пристигнување на четритите специјалисти педијатри и инфектолози од државната клиника од Скопје, сега е добра состојбата со лекарските екипи во општата боилница во Дебар.
Денеска на пунктовите од Дебар кон Маврово и Струга, компаниите Ди Гипс и Маја започнаа да пренесуваат свои производи во другите општини.
Тројца нови пациенти со коронавирус во Македонија, до сега вкупно 70
Регистрирани се уште три новозаразени пациенти, со што Македонија сега брои 70 заразени од коронавирус, соопшти Венко Филипче на попладневната прес-конференција.
„Денеска се направени вкупно 43 тестирања, од кои позитивни се три, и сега вкупниот број на дијагностицирани се 70. Една пациентка која патувала во Србија, бабата на девојчето во Штип има позитивен тест, и уште еден пациент од Скопје. Градови во кои има пациенти со коронавирус се Дебар, Скопје, Гостивар, Штип и Охрид“, рече Филипче.
Претпладне Министерството за здравство информираше за 19 нови случаи со коронавирус.
Контрола на изолирани и растурање групи над 5 лица
Полицијата во целата држава контролира 3787 лица под здравствен надзор во оваа ситуација со коронавирусот. СВР Скопје два пати дневно со полициски патроли проверуваат лица за кои има издадено наредба за изолација, рече денес на прес-конференција во СВР Скопје министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев.
„Ќе се постапува и полицајците ќе преземаат мерки и активности за растурање на групи кои имаат повеќе од 5 лица, а и онаму каде се собираат лица во приватни куќи. Ако не се почитуваат овие одлуки полицајците ќе преземат мерки за растурање најпрво со предупредување, а потоа согласно законот за ЈРМ. Службите на МВР денес, а и сабота и недела ќе ја согледаат потребата за тоа дали ќе може да се пролонгираат истечените регистрации. Инаку обврската ако се продолжи овој рок ќе биде проблем со осигурувањето“, изјави Чулев.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете