Достапни линкови

Вести

Радман: Самитот во Загреб да биде пресвртница во односите на ЕУ со Западен Балкан

Министерот за надворешни работи Горан Грлиќ Радман на прес-конференцијата во МНР во Скопје, со неговиот домаќин, министерот Никола Димитров.
Министерот за надворешни работи Горан Грлиќ Радман на прес-конференцијата во МНР во Скопје, со неговиот домаќин, министерот Никола Димитров.

Хрватскиот министер за надворешни работи Горан Грлиќ Радман испрати силна порака на поддршка на земјава за отворање на пристапните преговори со ЕУ при неговата денешна посета на Скопје. Неговата посета се совпадна со објавувањето на Европскиот извештај за напредокот на земјава по што и Европската комисија повторно препорача отпочнување на преговори.

„Секако, донесувањето на одлуката за отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија ние го гледаме како вовед во самитот во мај во Загреб и ние сметаме дека самитот е клучната цел на нашето претседавање со Советот на ЕУ. Самитот „Европска унија – Западен Балкан“ ќе се одржи 20 години по Самитот во Загреб кој ја отвори европската перспектива за Хрватска и цела ЈИЕ и нашата желба е годинашниот загрепски самит да биде пресвртница во односите на ЕУ и земјите од Западен Балкан и дека тој ќе им го покаже јасниот пат на сите држави од ЈИЕ или Западен Балкан.,“ изјави Радман на прес конференцијата сонеговиот домаќин, министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Според Димитров, новата методологија за проширување и насоките од извештајот на ЕК се основа ЕУ да вложи напори и да испорача конкретна и одржлива одлука за почеток на пристапни преговори.

„Убеден сум дека Хрватка како претседавач ќе најде начин успешно да го изменаџира процесот на одлучување во следните денови и недели“, изјави Димитров.

Експлозија на бомба во близина на фудбалски терен во Авганистан

Илустрација, архивска фотографија
Илустрација, архивска фотографија

При експлозија на бомба во близина на фудбалски терен загинаа најмалку тројца цивили, а најмалку седуммина се ранети во источната провинција Кот во Авганистан. Бомбата била поставена на мотор кој бил паркиран во близина на фудбалскиот терен во областа Надир Шах Кот, изјави портпаролот на провинцискиот гувернер Талиб Кан Мангал. До сега никој не презеде одговорност за овој напад.

Во изминатиов период беше договорен еднонеделен прекин на огнот меѓу Талибанците, САД и авганистанските сили откако на 29 февруари беше потпишан договор во Доха со цел приближување кон примирје на 18 годишната војна во Авганистан.

Аптеките: Заштитните маски се поскапи поради добавувачите

илустрација, архивска фотографија на министерот за здравство, Венко Филипче при посета на аптека
илустрација, архивска фотографија на министерот за здравство, Венко Филипче при посета на аптека

Точно е, цените на заштитните маски се зголемени, но тоа е резултат на неколкукратно зголемените набавни цени од страна на добавувачите, велат во писмено сооштение од Здружението на приватни аптеки. Во него е наведено дека здружението сака се огради од шпекулациите дека во овие сериозни моменти на опасност од појава на епидемија од коронавирус, аптеките се ставаат во функција на профитери со неразумното покачување на цените на заштитните маски за лице.

Оттаму истакнуваат дека со, како што велат, таквите невистини се руши дигнитетот на аптеките кои се составен дел на здравствениот систем на државата.

Дијаспората до 11 март има право да се пријави за гласање

Илустрација, архивска фотографија
Илустрација, архивска фотографија

Државната изборна комисија досега одобрила 1.430 пријави за гласање на македонски државјани што живеат или се на привремена работа во странство за претстојните предвремени парламентарни избори на 12 април. Од дипломатските- конзуларни претставништва до ДИК биле испратени вкупно 1.517 пријави, но прифатени се само 1.430. Рокот за пријавување на дијаспората за гласање завршува на 11 март на полноќ. Избори во дијаспората ќе се организираат само доколку за гласање се пријават околу 6.700 гласачи и доколку во местата за гласање има пријавено над 10 избирачи.

Судир на полиција и демонстранти во Бишкек

Демонстрантите и полицијата денеска се судрија во Бишкек на протестот на кој бараа ослободување на притворениот киргистански политичар Садир Јапаров
Демонстрантите и полицијата денеска се судрија во Бишкек на протестот на кој бараа ослободување на притворениот киргистански политичар Садир Јапаров

Демонстрантите и полицијата денеска се судрија во Бишкек на протестот на кој бараа ослободување на притворениот киргистански политичар Садир Јапаров. Полицијата со солзавец и водени топови се обидела да го разбие протестот на кој се собраа стотици демонстранти на плоштадот во Бишкек. Демонстрантите барале оставка од Владата и уставни измени. Дел од демонстрантите биле приведени по што останатите возвратиле на тоа фрлање камења кон полициските автобуси, а биле оштетени и многу автомобили и дуќани. Поранешниот спикер во Собранието МукарЧолпонбаев пред судирот, во својот говор истакна дека е потребно да се измени Уставот „ за да се решат многу проблеми во општеството“.

Поранешниот пратеникЈапаров беше осуден на 11 години затвор под обвинение дека држел како заложник државен службеник за време на протестите во 2013 година кога демонстрантите барале рудник да се врати во државна сопственост.

Заврши заложничката драма на Филипините

Архивска фотографија, илустрација
Архивска фотографија, илустрација

Заврши целодневната заложничка криза во филипинскиот трговски центар во Манила, откако вооруженото лице и се предало на полицијата. Според изјавата на градоначалникот Франсис Замора околу 30 луѓе биле држени како заложници, и дека напаѓачот бил поранешен чувар кој нападот го извршил затоа што бил отпуштен од работа во трговскиот центар. Претходно во текот на денот вооружени полициски сили го чуваа трговскиот центар под опсада, а напаѓачот ранил најмалку еден човек.

Курти им пиша на Трамп и Помпео за делумното повлекување на таксите кон Србија

Архивска фотографија- Косовскиот премиер Албин Курти
Архивска фотографија- Косовскиот премиер Албин Курти

Косовскиот премиер Албин Курти им упати писма на претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп и на државниот секретар Мајк Помпео, во кои ги информира за чекорите што планира да ги преземе неговата Влада во правец на укинувањето на таксата од сто отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина.

Писмото на Курти од Трамп и Помпео
Писмото на Курти од Трамп и Помпео

Во одделни писма до Трамп и Помпео, Курти ги објаснува чекорите кои ги најави минатиот четврток, односно укинување на таска за увозот на суровини од двете држави на 15 март, а потоа и постепено целосно укинување, а во замена за тоа се очекува од Белград да ги отстрани сите бестарифни бариери во трговијата со Косово, како и да ја прекине кампањата за повлекувања на признавањата на Косово.

Порачувајчи дека работата со преговорите со Србија „ќе биде завршена“, Курти го нагласува големото значење кое односите Косово – САД го имаат, како за него, така и за владата и граѓаните на Косово“.

Европските и американските дипломати постојано бараат официјална Приштина да ги укине таксите од сто отсто кои ги воведе како одговор на српското лобирање различни земји да го повлечат признавањето на Косово. Српскиот претседател Александар Вучиќ оцени дека најавата на Курти за намалување на таксите е обид за измама.

Американскиот специјален претставник за дијалогот Белград- Приштина, Ричард Гренел објави дека САД не ги поддржуваат полумерките на косовскиот премиер Албин Курти за делумно укинување на царините за стоки од централна Србија.

Почна судскиот процес „Талир“ за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ

Архивска фотографија- судење за случајот Талир
Архивска фотографија- судење за случајот Талир

По повеќе од година од првото закажано рочиште за судењето за предметот „Талир“, кој се однесува на незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ, денеска во Кривичниот суд во Скопје странките дадоа воведни говори. Случајот, поради промена на составот на судечкиот совет почна од почеток и го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е обвинителката Ленче Ристевска.

Поради промена на составот на судечкиот совет, Судот на почетокот на денешното рочиште ја потврди одлуката за судење во отсуство на обвинетиот Никола Груевски, а обвинителството и одбраната, рекоа дека остануваат на предложените листи со докази. Обвинетиот Миле Јанакиески, образложувајќи ја листата на докази, рече дека предлагаат графолошко вештачење, но тоа ќе го изработат и достават кога во земјата ќе има лиценциран графолог, укажувајќи дека од 2018 нема графолог со уредна лиценца.

„Предложените 839 сведоци се повикани во насока да се покаже дека сите уплати се уредно вршени во присуство на сведоци, вработени во банки и членови на месни и извршни комитети“, рече Јанакиески.

Првото рочиште за случајот „Талир“ се одржа на 18 февруари 2019 година. Во случајот обвинети се Груевски, Кирил Божиновски и Јанакиески кои се товарат за „злоупотреба на службената положба и овластувања“ и „перење пари“, како и Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска обвинети само за делото „перење пари“. Чингаровска призна вина и се спогоди со обвинителството, за што доби условна казна од две години. За истото дело, како правен субјект со обвинението опфатена е и ВМРО-ДПМНЕ.

Аеродромот во Франкфурт времено затворен поради дрон

Архивска фотографија- логото на германската команија Луфтханза на аеродромот во Франкфурт
Архивска фотографија- логото на германската команија Луфтханза на аеродромот во Франкфурт

Франкфуртскиот меѓународен аеродром, кој е најпрометен во Германија, денеска беше затворен речиси два часа откако дрон леташе во негова близина, соопшти германската полиција. Пилот пријавил дека забележал дрон во 11.15 минути по што полицијата го затвоти аеродромот и ја пребаруваше областа со помош на хелихоптер. Потоа од таму известија дека аеродромот е повторно отворен за летови од 13 часот, но дека истрагата продолжува. Во меѓувреме неколку летови беа откажани или пренасочени.

Вархеји: исполнети се критериумите Скопје и Тирана да почнат со преговори со ЕУ

Архивска фотографија- еврокомесарот за проширување на Оливер Вархеји
Архивска фотографија- еврокомесарот за проширување на Оливер Вархеји

Европската Комисијата стои цврсто на своите препораки за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија и се надевам дека земјите-членки ќе донесат позитивна одлука во наредните недели, порача еврокомесарот за проширување на Оливер Вархеји по објавувањето на извештаите за напредокот на двете земји.

„По усвојувањето на ревидираната методологија во февруари, денеска ги презентираме нашите ажурирани извешати за Албанија и Северна Македонија. Тие покажуваат дека земјите ја засилиле својата работа и испорачале дополнителни опипливи и одржливи резултати во клучните области утврдени во заклучоците на Советот од јуни 2018 година“, вели Вархеји и нагласува според ЕК исполнети се критериумите за старт на пристапните преговори.

Извештаите објавени денеска го поздравуваат напредокот во двете земји. За Северна Македонија, ЕК смета дека земјата презела значајни чекори за зајакнување на независноста на судството и борбата против корупцијата, и остварила напредок во реформата на разузнавачките служби и јавната администрација.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG