Вести
УНХЦР бара Грција да ја олесни работата на пренатрупаните бегалски центри
Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР) побара од грчките власти да ги забрзаат плановите за олеснување на работата на пренаселените центри за прием и идентификација на мигрантите на грчките острови со префрлување на повеќе баратели на азил во соодветно сместување на копно.
УНХРЦ исто така изрази подготвеност да ги поддржи трансферите и брзо да најде решение за зголемување на капацитетот на прифатните центри.
На прес-конференција во Жeнева денеска е нагласено дека илјадници жени, мажи и деца во моментов се сместени во мали шатори и се изложени на студ и дожд со минимален или никаков пристап до греење, електрична енергија или топла вода. Претставници на УНХЦР изјавија дека хигиенските услови се небезбедни, а здравствените проблеми се зголемуваат. Според УНХЦР, повеќето баратели на азил и мигранти се семејства.
Една третина од мигрантите се деца, повеќето на возраст под 12 години, додека над 36.000 баратели на азил во моментот се сместени на пет грчки острови во центрите за прием со капацитет до 5.400 лица.
УНХРЦ, исто така, се осврна на тензиите кои од неодамна се забележани на грчките острови, истакнувајќи дека е неопходно да се врати довербата на локалното население, и тоа преку координирана акција на владата и силна поддршка од ЕУ.
Британија именуваше нов амбасадор во САД
Британската влада денеска ја назначи Карен Пирс, која досега беше амбасадор во Обединетите нации, за нов амбасадор во Вашингтон, што по Брегзит се смета за клучна позиција.
Во моментот кога односите меѓу Велика Британија и САД се критични, местото шеф на британската мисија во Вашингтон е испразнето по дипломатскиот скандал на Ким Дарох, кој беше принуден да си поднесе оставка, бидејќи даде омаловажувачки забелешки за американскиот претседател Доналд Трамп.
По Брегзит, официјален Лондон сака да преговара за амбициозен нов трговски договор со Вашингтон, но го налути Трамп со тоа што му додели ограничено учество во британската телекомуникациска мрежа 5Г на кинескиот производител на телекомуникации Хуавеј и покрај предупредувањата на САД.
Како што изјави портпаролот на британскиот премиер Борис Џонсон, тој ја смета Пирс за „извонреден“ дипломат, а и американскиот претседател Трамп според пишувањата на „Дејли мејл“, исто така посебно ја почитува Пирс.
Пирс изјави дека таа сака„дополнително да ги зајакне и продлабочи односите меѓу двете земји и нации“.
Британскиот амбасадор во САД, Ким Дарох поднесе оставка од функцијата откако во јавноста протекоа доверливи белешки во кои тој ја критикува администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Рекордно високи температури на Антарктикот
Истражувачката станица на Антарктикот ја измери највисоката температура досега на тој континент, а глобалното затоплување предизвикува зголемени стравувања од топење на мразот. Базата „Есперанца“ во северниот дел на Антарктикот, измерила 18,3 степени, што пак е највисока температура во историјата, објави Светската метеоролошка организација.
„Ова не е вредност што нормално би ја поврзале со Антарктикот, дури и на лето. Температурата го собори рекордот од 17,5 степени во 2015 година“,изјави портпаролот на Светската метеоролошка организација, Клер Нулис во Женева.
Таа предупреди дека количината на мраз што годишно се губи на Антарктикот се зголемила за шест пати од 1979 до 2017 година.
Судскиот совет не поведе постапка против судијката Кацарска
Судскиот совет нема да поведе постапка за утврдување одговорност против судијката Добрила Кацарска. Во соопштението до јавноста се наведува и дека досега не е поднесена претставка против Кацарска за конкретниот случај.
„Заради заштита на личноста и интегритетот на судиите, Судскиот совет на Република Северна Македонија во врска со поднесеното барање од судијата на Основен кривичен суд Скопје Добрила Кацарска, кое се однесува на дадениот исказ во својство на сведок од страна на јавниот обвинител на Основно јавно обвинителство Радовиш Лиле Стефанова во постапката по предметот со кодно име „Рекет“, ја известува јавноста дека пред Судскиот совет на Република Северна Македонија досега не е поведена постапка за утврдување одговорност, ниту, пак, е поднесена претставка против судијата Добрила Кацарска за конкретниот случај“, се вели во соопштението од Судскиот Совет.
До оваа одлука следува откако во своето сведочење во случајот „Рекет“ обвинителката Стефанова која го води случајот „Империја“ во кој е осомничен бизнисменот Јордан Камчев, рече дека судијката Добрила Кацарска, преку колега вршела притисок да не се одреди мерката притвор на осомничениот Камчев.
Инаку осомничениот бизнисмен во „Империја“ е сведок во случајот „Рекет“. Според обвинението, Јанева, првоосомничениот Бојан Јовановски- Боки 13 и Зоран Милевски се здружиле за да му земаат пари на Камчев во замена за олеснителни околности во предметот кој тогашното СЈО го водеше за него. Милевски на првото рочиште ја прифати вината и доби три години затворска казна.
Продолжуваат протестите во Алжир против власта
Денеска во Алжир се одржа педесет и првиот протест на незадоволните граѓани против актуелната власт.
Како што јави Франс прес, демонстрантите извикувале пароли: „Или ние, или тие власти“, „Цивилна држава, а не воена“, алудирајќи на влијанието на војската врз моќта.
Протестите во Алжир започнаа на 22 февруари и доведоа до оставка на тогашниот претседател Абделазиз Бутефлик. Протестите продолжија и покрај оставката на Бутефлик и претседателските избори на кој победи Абделмаџид Тебан, бидејќи протестното движење повикува на заминување на сите функционери поврзани со сегашниот државен систем.
Идната недела неформален состанок ЕУ-Западен Балкан
Лидерите од Западен Балкан неформално ќе имаат состанок со лидерите на Европската унија, Урсула фон дер Лајен и Шарл Мишел, на работна вечера закажана за 16 февруари.
Како што јави МИА, организацијата на состанокот е на иницијатива на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел додека ќе им се придружи и претседателот на Европската комисија, Фон дер Лајен. Покрај шесте лидери од Западен Балкан, на состанокот се поканети и претседателот на Европската комисија, шефот на дипломатијата на ЕУ и премиерот на Хрватска, како земја што претседава со Советот на ЕУ.
На состанокот ќе се разговара за ситуацијата во регионот, интеграцијата во ЕУ и подготовките за претстојниот самит ЕУ-Западен Балкан во Загреб. Свикувањето на состанокот следи неколку дена откако Европската комисија го објави предлогот за новата методологија за проширување на ЕУ. ЕК предлага нова и построга методологија на преговори за пристапување во ЕУ што беше услов на Франција за отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија.
Тора-Санчез: Разговори за надминување на политичката криза
Претседателот на Каталонија, Ким Тора денеска изјави дека во рамките на разговорите со шпанските власти,сака да постигне договор за датум за одржување референдум за независност на регионот, истакнувајќи дека нема враќање назад од патот кон отцепување.
Тора вчера се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез, кој отфрли каков бил потег кон независност, но се согласи да одржи разговори со раководството на Каталонија со цел да се реши најголемата политичка криза во изминатите неколку децении. Администрацијата на Санчез повеќе пати изјави дека не доаѓа предвид одржувањето на референдум, бидејќи не е во согласност со Уставот на Шпанија.
Премиерот на Шпанија се обиде да ги насочи разговорите кон социјални прашања, финансирање за регионот и влијанието на неодамнешното невреме во источниот дел на Шпанија. Резултатите од неодамнешните анкети покажуваат дека околу 7,5 милиони луѓе во Каталонија се скоро рамномерно поделени во ставот за независноста.
Грчката полиција уапси седум лица поради напад врз мигранти на Лезбос
Грчката полиција уапсила седум лица осомничени за планирање или напади врз мигранти на островот Лезбос, соопштија денеска грчките власти.
Полицијата соопшти дека петмина грчки државјани и двајца странци, на возраст меѓу 17 и 24 години, биле уапсени пред Центарот за миграција во Морија, најголемиот камп за баратели на азил на грчките острови. Властите трагаат по уште две малолетни лица.
Повеќе од 19.400 мигранти живеат во кампот Морија, каде има место за околу 2.800 луѓе. Пренатрупаноста и тешките услови во кампот доведуваат до зголемени тензии на островот, кај локалното население и кај жителите на кампот.
Унгарија ја отвори границата кон Србија
Унгарската полиција денеска ја отвори границата со Србија откако претходно ја затвори поради протестите на мигрантите кои сакаат да влезат на територија на Унгарија. Во полициското соопштение се наведува дека преминот Томпа е повторно отворен. Полицијата претходно привремено го затвори граничниот премин за да го пресече патот на група мигранти во обид да ја минат границата. Според агенциите имало околу 200 мигранти меѓу нив и деца, кои се обидувале да влезат во Унгарија и потоа да го продолжат патот кон Западна Европа.
Унгарија претходно соопшти дека од декември се зголемил бројот на обидите за илегално преминување на границата. Земјата во 2015 година подигна ограда на границата која на делови е и електрифицирана, поради што илегалните преминувања станаа поопасни.
Унгарија го отповика нивниот почесен конзул, сопственикот на „Еко клуб“
Почната е постапка за отповикување на почесниот конзул на Унгарија во Битола Сашо Јанакиевски, информира Министерството за надворешни работи.
„Во текот на вчерашниот ден Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија со нота добиена од Амбасадата на Унгарија во Скопје е известено дека министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто го отповикува од мандат Сашо Јанакиевски“, почесен конзул на Унгарија во Битола, информира МНР.
Дел од домашните медиуми објавија дека Јанакиевски е дел од сопстеништвото на компанијата „Еко клуб“ од Битола. Според градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, оваа фирма несоодветно го третира медицинскиот отпад кој завршувал на депонијата Дрисла.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете