Вести
Силен ветер вечерва во Скопје, откорнати дрвја
Во Скопје вечерва дува силен ветер со брзина од околу 70 километри на час. Во делови од градот има откорнато покриви и дрвја кои го попречуваат сообраќајот. Во скопската населба Хром кратко време имало и прекин на напојувањето со електрична енергија.
Град Скопје на официјалната Фејсбук страна ги предупреди граѓаните да се воздржат од непотребни излегувања од домовите и да избегнуваат прошетки под дрвореди, а возилата да не ги паркираат под крошните на дрвјата.
„Градските екипи се подготвени за расчистувањето на снегот, а од „Паркови и Зеленило“ се веќе на терен каде ги подигнуваат паднатите гранки и дрвја“, пишува на официјалната страна на Град Скопје на Фејсбук.
Управата за хидрометеоролошки работи најави од вечерва промена на времето со пад на температурите, дожд и снег.
Орбан повторно ги критикуваше ЕУ и Европската народна партија
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска повторно ги критикуваше Европската унија и Европската народна партија(ЕПП), чија членка е неговата партија, но и понатаму под суспензија.
„Имаме тешкотии со ЕУ, а тие тешкотии потекнуваат поради различниот пристап во начинот за изградба на Европа“, рече Орбан во Рим, каде што учествуваше на конференција на европската екстремна десница.
Според него, постојат два пристапа. Првиот, за кој тој се залага, е изградба на Европа „од оздола, што подразбира вид на соработка на нациите“. Другиот пристап е изградба на Европа „од озгора, со федералистички пристап, кој не им се допаѓа на суверените држави“, рече Орбан.
Тој додаде дека постои конкуренција меѓу тие два пристапи и дека тоа се случува на секојдневно ниво во ЕУ.
Орбан ја критикуваше и одлуката на ЕПП, која во понеделникот одлучи да ја продолжи суспензијата на владејачката партија во Унгарија, Фидес.
„Ние сме црна овца на таа заедница. Проблемот е што ЕПП по секоја цена сака да биде дел од структурите на власт во ЕУ“, рече Орбан.
На состанокот во Рим не присуствуваше претседателот на италијанската партија Лига, Матео Салвини.
Велика Британија ги повика своите државјани да ја напуштат Кина
Британските власти денеска побараа од своите државјани, кои моментално се во Кина, да ја напуштат земјата доколку се во можност, поради ширењето на новиот коронавирус од кој досега се заразени над 20 илјади луѓе.
Според британското Министерство за здравство, во Кина има околу 30 илјади британски државјани.
Во Велика Британија се регистрирани два случаи на зараза со новиот коронавирус.
Шефот на британската дипломатија Доминик Раб рече дека властите работат на враќање на Британците кои се наоѓаат во провинцијата Хубеј или во градот Вухан, каде што изби епидемијата на вирусот.
Досега во земјата се вратени 94 Британци, додека 14 се префрлени на Нов Зеланд.
Вирусот досега се прошири во околу 20 земји, а повеќе од 20 илјади луѓе се заразени. Во континенталниот дел на Кина вирусот уби 425 луѓе, една жртва има во Хонгконг и една на Филипини.
Вонреден инспекциски надзор во „Еко клуб“ Битола, по обвинувањата на Шилегов
Министерството за животна средина и просторно планирање попладнево соопшти дека по информациите објавени од Инспекторатот на Град Скопје за несоодветно третирање на медицинскиот отпад побаран е вонреден инспекциски надзор во компанијата „Еко клуб“ од Битола.
За наодите од надзорот, како што се наведува во соопштението, јавноста ќе биде дополнително известена.
Последниот надзор на терен врз компанијата од страна на Државниот инспекторат за животна бил извршен на 12 декември 2019 година каде со Записник било констатирано дека компанијата работи согласно законските прописи и издадените дозволи. Државниот инспекторат во моментов е на вонреден увид на локацијата.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и главниот инспектор на Град Скопје, Мирослав Богдановски, денеска на прес конференција наведоа дека пред педесетина дена дошле до „сериозен доказен материјал“ за злоупотреба во менаџирањето на медицинскиот отпад во Скопје. Тие презентираа видеа и фотографии на кои, како што рекоа, се гледаат кучиња скитници како јадат човечки остатоци и крв што потоа истекувало во атмосферската канализација и се влева во реката Вардар. Одговорајќи на новинарски прашања тој рече дека отпадот во Скопје бил носен од Прилеп и Битола преку субјект регистриран во Битола.
Црвен метео аларм за Црна Гора – се очекуваат многу силни ветрови
Европската мрежа на метеоролошки станици за утре објави црвен метео аларм на подрачјето на јужна и централна Црна Гора, каде се очекуваат екстремни временски непогоди.
Црвениот аларм е објавен поради многу силни ветрови, кои се очекуваат во поголемиот дел на Црна Гора.
Прогнозираните опасни временски појави се јавуваат исклучително ретко, а таквиот интензитет може да предизвика голема материјална штета и претставува опасност за луѓето и животните.
Најавеното невреме, дожд и силен ветер пристигнаа во Србија, првично во Војводина, од каде ќе се прошири и во останатите делови од земјата, а од утре се очекува големо намалување на температурите, кои во некои места ќе достигнат дури разлика од 15 степени во однос на претходните денови.
Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) во Белград издаде предупредување дека во текот на ноќта и утре ќе биде многу студено и ветровито, со повремено создавање на снежна покривка од пет до 20 сантиметри во централните и јужните делови на Србија.
Во верижен судир во Антверпен имало 115 луѓе во возилата, еден загинат
Еден човек загина денеска, а 49 се повредени, од кои пет потешко, во верижен судир во тунел на обиколницата околу белгискиот град Антверпен, соопштија властите.
Во возилата кои учествувале во судирот имало 115 луѓе.
Се судриле два автобуси, три камиони и еден автомобил во кој загинал патникот.
Сè уште не е позната причината за несреќата, која се случила околу 13:30 на обиколницата на пат кон Холандија.
Поради судирот, автопатот во близина на пристаништето, кој масовно се користи, беше затворен во двата правци.
Човек плашел патници во авион дека има коронавирус, па го уапсиле
Канаѓанец на летот од Торонто до Јамајка ги излажал другите патници дека е заразен со коронавирус, по што авионот се вратил назад, а човекот бил уапсен, соопшти денеска канадската полиција.
Инцидентот се случил вчера во авион на компанијата ВестЏет ерлајнс со 243 патници на летот од Торонто до Монтего Беј.
„Човек предизвикал вознемиреност во авионот, велејќи дека бил во Кина и има коронавирус“, рече Сара Патен, портпаролка на полицијата во градот Пил, во близина на меѓународниот аеродром Пирсон во Торонто.
По слетувањето на авионот, 29-годишниот патник биле прегледан, по што е утврдено дека нема коронавирус. Тој бил уапсен и обвинет за доведување во заблуда.
Една од патничките во авионот рекла дека човекот си правел селфи на летот и соопштил дека го има вирусот. Стјуардесата веднаш му дала маска и ракавици и го сместила во задниот дел на авионот. Капетанот им кажал на патниците дека смета дека се работи за измама, но оти мора да се врати во Торонто.
Компанијата ВестЏет се извини за инцидентот за кој го обвини патникот.
СЗО – Нема пандемија од коронавирусот
Светската здравствена организација денеска оцени дека епидемијата од новиот коронавирус, кој се појави во Кина, засега не претставува пандемија, израз кој означува ситуација на светско ширење на некоја болест.
„Моментално не сме во ситуација на пандемија. Ние сме во фаза на епидемија со повеќе жаришта“, изјави Силви Бриан, директорката на одделението за подготовки за ризик од инфекција на СЗО.
Од појавата на вирусот во декември во кинескиот град Вухан досега се заразени над 20 илјади луѓе, а болеста се прошири во дваесетина земји. Од вирусот досега умреа 425 луѓе во Кина. Еден човек почина во Хонгконг, а еден на Филипини.
Бриан рече дека со оглед на движењето на населението и лесното пренесување на вирусот, запирањето на ширењето не е лесно, но оти СЗО смета дека е можно.
Вирусот се пренесува од човек на човек.
МНР: нема евакуации на странски државјани од Кина, нашите можат и самостојно да се вратат
Министерството за надворешни работи соопшти дека продолжува со редовното следење на состојбата во врска со ширењето на коронавирусот и мерките што се преземаат за негово сузбивање, а посебно внимание се посветува на државјаните кои престојуваат во загрозените подрачја, посебно во градот Вухан и поширокото подрачје.
Од Министерството посочуваат дека преку Амбасадата во Пекинг, се во редовен контакт и со нашите сонародници во другите градови и региони во Кина. Воедно, укажуваат дека во моментов не се организираат целосни евакуации на странски државјани од Пекинг и од другите делови на Кина.
„Во случај на нивно организирање, Амбасадата на Република Северна Македонија навремено ќе ги информира државјаните на Република Северна Македонија кои се наоѓаат на територијата на Народна Република Кина и ќе ги извести за потребната процедура. Нашите државјани, по свое убедување и во сопствен аранжман, можат и самостојно да се вратат во земјата, почитувајќи ги прописите од надлежните органи на секоја држава на транзитирање“, се наведува во соопштението од МНР.
Пендаровски очекува Шпанија да го ратификува протоколот за НАТО во март
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски очекува дека ратификацијата на Протоколот за членство на земјата во НАТО во шпанскиот Парламент ќе биде завршена следниот месец. Пендаровски, кој се наоѓа во официјална посета на Полска, истакна дека ако се оди според планот кога станува збор за политичките текови, околу 10 март би требало тој процес да биде заокружен.
„Ќе останат само неколку технички детали кои треба да ги заврши Собранието во Скопје“, рече Пендаровски.
Шпанија е последна земја членка на НАТО која треба да го ратификува Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО, по што Скопје и официјално ќе стане 30-та полноправна членка на Алијансата.
Претседателот на македонското собрание Талат Џафери неодамна на брифинг со новинарите најави дека на 11 февруари Собранието ќе свика седница за ратификација на Протоколот за членството во НАТО.На 12 февруари, пак, собранието би требало да се распушти за да се одржат предвремените парламентарни избори договорени за 12 април 2020 година.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете