Вести
Курц – Австрија ќе ги заштити своите граници од мигрантите
Австрискиот канцелар Себастијан Курц најави можност за затворање на границите поради новиот прилив на мигранти од Турција, пренесува Ројтерс.
„Ние сме во постојан контакт со нашите партнери од ЕУ и долж балканската рута. Доколку заштитата на надворешните граници на Унијата не успее, тогаш Австрија ќе ги заштити своите граници“, рече Курц.
Тој нагласи дека не смее да се повтори ситуацијата од 2015 година.
„Наша цел е правилно да се сочуваат границите на Унијата, да се запрат нелегалните мигранти и да не се пропуштаат“, рече Курц.
Грчката полиција денеска употреби солзавец за да ги потисне стотиците мигранти на границата со Турција.
Анкара претходно соопшти дека веќе нема да ги задржува стотиците илјади мигранти по нападите во Идлиб во кои загинаа 33 турски војници.
Курц изјави дека Австрија е спремна на испрати дополнителни полициски сили на границите на ЕУ, односно во Грција и во Бугарија.
Шеста жртва од експлозијата во Романовце, почина 63-годишна жена
Почина 63-годишна жена која беше меѓу повредените во експлозијата на плинска боца што се случи минатиот викенд во кумановското село Романовце, потврди за МИА директорот на Клиниката за ТОАРИЛУЦ, д-р Илир Хасани.
Ова е шеста жртва од експлозијата. На самото место на несреќата што се случи на 23 февруари загинаа три деца на осум, девет и 11 години, подоцна во болница почина и 58-годишен маж, а пред три дена на здобиените повреди им подлегна и 36-годишна жена.
Хорват - Хрватската економија веќе страда поради Ковид-19
Хрватскиот министер за економија Дарко Хорват изјави денеска дека ефектите од новиот коронавирус Ковид-19 веќе се гледаат и оти тие ќе имаат одредено влијание врз хрватската економија, иако размерот е тешко да се предвиди во овој момент.
„Во првите два месеци на ниво на ЕУ, гледаме два милиони помалку пристигнувања на кинески туристи“, рече Хорват, додавајќи дека хрватскиот туризам би страдал, но тешко е да се предвиди колку.
Тој рече дека во февруари вредноста на извезената стока од Хрватска во Кина се намалила од 141 милиони долари на 50 милиони долари.
Хорват потенцира дека Европската комисија веќе издвоила 300 милиони евра за да ги ублажи штетите предизвикани од коронавирусот и да пронајде вакцина и лек.
САД и талибанците потпишаа договор за ставање крај на војната во Авганистан
САД потпишаа историски договор со талибанците, чија цел е да се стави крај на конфликтот во Авганистан. Договорот, кој беше потпишан денеска во Доха во Катар, предвидува распоред на повлекување на американските војници од Авганистан по повеќе од 18 години во замена за различни безбедносни обврски од бунтовниците и ветувања дека ќе водат разговори со владата во Кабул.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео и талибанските водачи присуствуваа на церемонијата за потпишување.
Помпео рече дека Авганистанците треба да живеат во мир и просперитет, со почит за правата на жените, додека САД мора да бидат уверени дека нема да има терористички закани од земјата.
Зборувајќи во Кабул, американскиот секретар за одбрана Марк Еспер рече дека САД нема да се колебаат да го поништат договорот ако талибанците не се придржуваат до него.
Ни пациентката од утрово нема коронавирус
Министерството за здравство информира дека се негативни резултатите на коронавирус кај пациентката која утрово се јавила со знаци на респираторна инфекција на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.
„Пациентката патувала во критичниот регион на Северна Италија и влегла на 26 февруари во земјава“, информираат од Министерството.
Засега нема нов случај на заразен со корона вирус. Единствената пациентка која се лечи на инфективната клиника е во добра општа состојба.
Вучиќ: Изборите ќе ги распишам на 4 март, кога ќе се вратам од САД
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека ќе ги распише парламентарни избори в среда, на 4 март, истиот ден кога ќе се врати од официјалната посета на САД.
Вучиќ денеска за РТС изјави дека на претстојните состаноци во Вашингтон ќе се обиде да добие меѓународна поддршка за ставот на Србија кон Косово, Република Српска и Српската православна црква.
Избеганите од штипската болница немаат коронавирус
Виничанецот и хрватската државјанка кои вчера избегаа од Инфективното одделение на штипската болница немаат коронавирус, информира денеска министерот за здравство Венко Филипче. Не е заразен ниту возачот на комбето со кое од Италија допатува засега единствената заболена македонска државјанка.
Министерот Филипче денеска рече дека засега нема нов случај на заразен со коронавирус во Македонија. Пациентката која се јавила утрово на Инфективна со симптоми на респираторна инфекција е изолирана и се чекаат резултати. Таа се вратила во земјава на 26 февруари со индивидуален превоз, заедно со уште еден член од семејството.
Филипче рече дека првата пациентка со коронавирусот во земјава е во добра општа состојба и нема температура.
Одложени натпреварите од италијанското првенство поради коронавирусот
Пет натпревари од италијанската Серија А, меѓу кои и дербито меѓу Јувентус и Интер, денеска се одложени поради епидемијата од коронавирусот во таа земја.
Првично беше планирано натпреварите да се играат пред празни трибини, но Серија А денеска одлучи тие сепак да се одложат.
Освен „Дербито на Италија“, еден од најважните натпревари оваа сезона, кој требаше да се одигра утре, одложени се и мечевите Удинезе – Фиорентина Милан – Џенова, Парма – СПАЛ и Сасуоло – Бреша.
Овие мечеви треба да бидат одиграни на 13 мај. Тогаш требаше да се игра финалето на Купот на Италија, кое сега е поместено за 20 мај.
Според последните податоци, во Италија има 888 луѓе заразени од коронавирусот, а 18 починаа.
Во Русија се одбележува годишнината од смртта на Немцов
Во Москва и во други места во Русија денеска луѓето се собраат да му оддадат почит на Борис Немцов, поранешниот опозициски политичар и гласен критичар на претседателот Владимир Путин. Тој беше убиен пред пет години во близина на Кремљ.
Маршот во Москва за одбележување на годишнината од смртта на Немцов е одобрен од локалните власти. И властите во вториот по големина град на Русија, Санкт Петербург одобрија собир во чест на Немцов. Комеморации има и во Нижни Новгород, главниот град на регионот со кој Немцов управуваше во 90-тите години на минатиов век.
Некои поддржувачи на опозицијата рекоа дека планираат да го искористат овој настан и да протестираат против предложените измени на уставот на земјата. Критичарите велат дека планираните измени се насочени кон продолжување на моќта на Путин по завршувањето на неговиот сегашен претседателски мандат во 2024 година.
Немцов беше застрелан одблизу на мостот „Болшој Москворецки“, во центарот на Москва, на 27 февруари 2015 година.
Во јуни 2017 година во Русија беше осуден поранешниот лидер на чеченскиот баталјон Заур Дадаев на 20 години затвор за убиство на Немцов. Четворица други Чеченци беа прогласени за виновни за вмешаност во убиството и беа осудени на затворски казни од 11 до 19 години.
Но, критичарите, вклучително роднини и колеги на Немцов, велат дека руските власти не успеале да утврдат кој го наредил убиството.
Во извештајот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) објавен на 20 февруари се бара „нова и целосна истрага“ за убиството на Немцов.
Помпео го надгледува потпишувањето на договорот со талибанците
Американскиот државен секретар Мајк Помпео пристигна во Доха за да го надгледува потпишувањето на договорот со талибанците, со кој може да стави крај на конфликтот во Авганистан.
Предвидено е денеска да се одржи церемонијата на која американските официјални претставници и талибанските преговарачи ќе го потпишат договорот.
Поминаа повеќе од 18 години откако американскиот претседателот Џорџ Буш нареди инвазија во Авганистан, што уследи по терористичките нападите на 11-ти септември 2001 година во Соединетите Држави.
Сегашниот договор може да доведе до повлекување на американските трупи и мировен договор помеѓу талибанците и авганистанската влада која е поддржана од Западот.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, на 28 февруари изјави дека Помпео е испратен за да биде сведок на потпишувањето на договорот со талибанците.
На потпишувањето на Договорот му претходи договор со кој силите предводени од САД и талибанците се обврзаа на намалување на насилството.
Според планот што треба да се потпише, Соединетите Држави треба да го намалат бројот на трупите во Авганистан на 8.600. Сега во земјата има околу 13.000 војници. За возврат, талибанците ветија дека нема да ја користат земјата како полигон за напади на американските или коалициските сили и ветија дека ќе одржат разговори со владата во Кабул. Талибанците досега одбиваа да разговараат директно со авганистанската влада, нарекувајќи ја марионета на Западот.
Коалицијата на сили предводена од САД го нападна Авганистан во 2001 година за да ги истера талибанците од власт, откако групата одби да го предаде терористот на Ал-Каеда, Осама бин Ладен.
Оттогаш, околу 2.400 американски војници се убиени во Авганистан, заедно со десетици илјади авганистански војници, екстремистички борци и цивили.
Портпаролот на талибанците, Сухаил Шахин, за авганистанскиот сервис на РСЕ изјави дека договорот ќе го потпише Мула Абдул Гани Барадар, лидер на политичкото крило на групата.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете