Вести
Идентификувани девет лица кои патувале со жената заразена од коронавирусот
Идентификувани се сите патници кои патувале со 50-годишната жена која е прв случај на заболена од коронавирусот во Македонија, а станува збор за девет луѓе кои патувале во комбе, односно осум патници и возач и се идентификувани на две места во Скопје, заедно со роднините на пациентката кои ја пречекале и три места во Струмица, изјави вечерва министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција во Владата.
Во овој момент веќе се упатени екипи на епидемиолози, заедно со претставници на Министерството за внатрешни работи, да се направи соодветната анкета по однапред утврден прашалник којшто е во регуларниот пристап кај епидемиолозите за дознавање на податоци со кои се лица овие патници комуницирале денеска во текот на денот“, рече Филипче.
Тој додаде дека врз основа на тие податоци тие сите вечерва најпрво ќе останат во домашеа изолација под полициски надзор како што е предвидено во протоколите и дека врз основа на податоците со колку луѓе контактирале во текот на денот и колку членови на семејствата има во куќите, ќе се одреди дали ќе продолжи домашната изолација или во текот на утрешниот ден ќе бидат префрлени во претходно утврдените инфективни одделенија за надзор.
„Сакам да упатам уште еден апел до јавноста дека нема простор за паника, имало и порано епидемии и сега има епидемиски грип и нема потреба од снабдувања и дополнителни залихи“, рече Филипче.
Тој исто така рече дека заболената пациентка е добра, сместена е во одделот интензивна нега и изолација на Инфективната клиника, има лесна форма на коронавирусот, зафатено е само едно бело делодробно крило.
Претходно денеска министерот Филипче соопшти дека во Скопје е потврден првиот случај на коронавирус. Тој изјави дека се работи за жена родена 1970 година која била во Италија еден месец. Таму, како што рече, била болна две недели и иницијално била третирана во италијанска болница каде не и бил направен тест за коронавирус. Од кога стигнала во Скопје веднаш се пријавила на клиниката во Скопје. Сега, рече Филипче, е сместена во одделот за изолација на Инфективната клиника. „Нема простор за паника, пацентката е сместена на инфективната клиника во Скопје, во одделот за изолација, се третира соодветно за нејзината состојба, рече Филипче.
На новинарско прашање, како жената успеала да помине на граничниот премин Табановце и дали кога биле правени прашалниците кажала дека претходно била болна подолго време во Италија, тој одговори дека „очигледно“ дека жената не одговорила и дека тоа го потврдиле претставници на граничната полиција.
„Очигледно дека патничката, пациентката не кажала вистински податок, инаку би било интервенирано на самиот грничен премин“, рече Филипче.
Тој уште еднаш упати апел патниците и граѓаните да постапуваат совесно и да ги кажуваат вистинските информации на прашањата кои им се поставуваат.
Одложена претседателската инаугурација на Гани
Афганистанскиот претседател Ашраф Гани ја одложи инаугурацијата за неговиот втор мандат до 9 март, во услови на спор со неговиот главен ривал на изборите. Одложувањето се должи на „гласини“ за ширење на новиот коронавирус и кратко извесување за светските лидери да присуствуваат на церемонијата, се вели во денешното соопштение на Претседателската палата.
Минатата недела авганистанската независна Изборна комисија го прогласи Гани за победник на националните избори на 28 септември, но главниот извршен директор во заминување Абдула Абдула ги отфрли долго одложуваните резултати, се прогласи за победник и рече дека ќе формира своја влада.
Мировниот претставник на САД во Авганистан Залмај Халилзад, ја поздрави одлуката на Гани, велејќи дека одложувањето „ќе овозможи време за неопходни консултации и оти тоа е во најдобар интерес на Авганистан и неговиот народ, што ќе биде рефлектиран и зачуван од новата влада.“
Распространетите тврдења за измама на претседателските избори во Авганистан во 2014 година доведоа до политичка криза меѓу Гани и Абдула, која беше решена со договор за делење на моќ со посредство на САД.
Трет случај на заболен од коронавирус во Хрватска
Трет случај на заразен од коронавирусот е регистриран во Хрватска, соопштија властите, посочувајќи дека заразениот маж е сместен во болница во Риека, а работел во Парма во Италија, јавува МИА. Хрватскиот министер за здравство Вили Берош денеска изјави дека досега се направени 87 анализи.
Инаку денеска беше потврден и првиот случај на коронавирус во Македонија. Министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција изјави дека се работи за жена родена 1970 година која била во Италија еден месец.
Македонија е трета земја на Балканот во кој има потврден случај на коронавирус, откако вчера првиот случај беше регистриран во Хрватска, а денеска за потврден случај во Солун извести и Грција. И во трите балкански земји пациентите биле во Италија, која има најголем број заболени во Европа.
По потврдувањето на случајот во земјава, Сојузот на синдикатите на Македонија апелира до сите државни институции и до работодавачите да ги преземат сите мерки за заштита на безбедноста и здравјето на работниците и на граѓаните.
„Апелираме сите работници и граѓани, максимално да ги почитуваат и да се придржуваат до препораките на Министерството за здравство за намалување на ризикот од појава на инфекција од коронавирусот“, велат од Сојузот на синдикатите на Македонија.
Во меѓувреме, со одлука на грчкиот министер за здравство Василис Кикиљас, се одложуваат и се отповикуваат редовните отсуства, слободни денови или одмори на вработените во болниците, здравствените установи и во самото министерство.
Персоналот во Централната служба на Министерството за здравство, Централните здравствени служби на перифериите, државните болници, брзата помош, Националната организација за јавно здравје, Националниот центар за крводарителство, во Институтот за фармацевтски истражувања и технологија, нема да може да земе слободни денови или одмор.
Потврден прв случај на коронавирус во Јужна Америка
Бразилското министерство за здравство денеска го потврди првиот случај на заразен со новиот коронавирус (КОВИД-19) во Јужна Америка, а станува збор за 61-годишен маж кој неодамна ја посетил Италија. Лицето се наоѓа во болница во Сао Паоло.
Министерот за здравство Луиз Енрике Мандета изјави за новинарите дека Владата веќе преземала мерки за борба против епидемијата пред таа да се појави во Бразил.
Претставник на бразилското Министерство за здравство соопшти дека во тек е потрага по 20 лица за кои постои сомневање дека е можно да се заразени од новиот вирус.
Бројот на потврдени случаи на заразени од вирусот КОВИД-19 се зголеми на 80.988, но нема простор за паника за ширење на ова вирусно заболување, изјави директорот на Светската здравствена организација за Европа, Ханс Клуге.
Тој рече дека светската стапката на смртнсот изнесува околу два проценти, а еден процент во Кина, каде се забележани 96,5 отсто од заразените случаи.
„Треба да се има предвид дека четири од пет пациенти имаат благи симптоми на заболување и дека се опоравуваат“, изјави Клуге.
Тој додаде дека ќе се засили соработката во одговор на ширењето на заразата, за сите делови на Италија еднакво да се подготват по појавата на заболените од вирусот на северот на земјата.
Регистриран прв случај на коронавирус во С.Македонија
Во Скопје е потврден првиот случај на коронавирус. Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека се работи за жена родена 1970 година која била во Иралија еден месец.
Таму како што рече била болна две недели и иницијално била третирана во италијанска болница каде не и бил направен тест за коронавирус.
Од кога стигнала во Скопје веднаш се пријавила на клиниката во Скопје. Сега, рече Филипче, е сместена во одделот за изолација на Инфективната клиника.
„Нема простор за паника, пацентката е сместена на инфективната клиника во Скопје, во одделот за изолација, се третира соодветно за нејзината состојба, епидемиолошките анализи, прашањата коишто и беа упатени укажаа дека таа веќе еден месец била во Италија на прошетка и во посета на свои роднини“, изјави вечерва Филипче на прес-конференција заедно со премиерот Оливер Спасовски и Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје.
Операторите ги отфрлуваат обвинувањата од телевизиите
Со целосна одговорност тврдиме дека сите програми што се дел од пакетите на операторите се согласно со домашната и меѓународната регулатива за реемитување на програми, истакнува Здружението на информатичко-комуникациски технологии, во реакција на денешната прес-конференција на Македонската медиумска асоцијација.
Од Здружението истакнуваат дека ги осудуваат најостро, како што велат, неоснованите обвинувања искажани од страна на членките на ММА – Сител, Телма, Канал 5, Алфа и Алсат-М.
„Сите инсинуации за учество на операторите во „пиратство“ ги отфрламе како неточни, паушални и тенденциозни, за ваквите тврдења нашите членки ќе поведат соодветни судски постапки. Сите договори за реемитување со странските радиодифузери содржат гаранции дека тие телевизии ги имаат регулирано авторските права за територијата на земјава“, наведува Здружението.
Претходно денеска членките на ММА на прес конференција истакнаа се пожалија дека ги купуваат авторските права за сè што емитуваат, а некој им прави нелојална конкуренција со пиратска програма. Оваа нивна реакција следуваше по вчерашната закана од кабелските оператори дека ќе прекинат со реемитувањето на сите домашни и странски канали. Причината е стапувањето во сила на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги, кој предвидува тие да гарантираат за авторските права на програми кои ги реемитуваат и за тоа да сносат материјална и кривична одговорност.
Средба Лавров- Рама, тема и дијалогот меѓу Белград и Приштина
Конфликтот Русија – Украина, прашањето за дијалогот меѓу Косово и Србија, но и соработката меѓу двете земји беа теми на дискусија за време на средбата шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров и албанскиот премиер Еди Рама, наведува телевизијата Ора њуз. Рама во Москва престојува во својство на претседавач на неговата земја со Организацијата за безбедност и соработка во Европа, ОБСЕ.
На заедничката прес-конференција Лавров рече дека ОБСЕ може да стори повеќе за усогласување на малцинските интеграции, етничките малцинства, за борбата против антисемитизмот.
„Разговаравме и за Западен Балкан, особено за Косово. Го поддржуваме дијалогот, косовското прашање мора да биде решено во согласност со меѓународното право. Страните треба да изнајдат договор, а клучен фактор за да се продолжи напред е спроведувањето на одлуката за создавање заедница на српски општини (ЗСО)“, изјави Лавров.
Премиерот Еди Рама, како што пренесува МИА,рекол дека за косовското прашање е важно Србија да ја признае неговата независност.
„Позицијата на албанската влада и мојата е многу јасна. Колку побрзо Србија го признае Косово, толку подобро ќе биде за сите и секако за самата Србија “, рекол Рама.
Инаку тој е прв албански премиер кој ја посетува Москва по две и пол децении, кога во 1995 година во посета на Москва беше тогашниот премиер Александар Мекси.
Словенечкиот претседател го именуваше Јанша за кандидат за премиер
Словенечкиот претседател Борут Пахор денеска го именува Јанез Јанша, претседателот на најголемата парламентарна партија во таа земја за кандидат за нов премиер и побара од парламентот да го потврдат тоа.
Парламентот идната недела се очекува да го изгласа Јанша, кој е прв човек на центро-десничарската Словенечка демократска партија. Тој ќе го замени левичарскиот премиер Марјан Шарец кој даде оставка минатиот месец.
Кога ја поднесе оставката тој соопшти дека тоа го прави за да отвори пат за предвремените парламентарни избори и наведе дека тогашната малцинска влада не може да ги протурка потребните важни закони.
УЈП: во 2018 година најбогатиот граѓанин имал бруто приход од околу 17,5 милиони евра
Најбогатиот граѓанин во државата е жителка на Скопје која, во 2018 година ја има остварено и највисоката капитална добивка во последните десет години. Бруто приходите што ги пријавила се околу 17,5 милиони евра. Втор на листата со остварен годишен бруто приход од седум и пол милиони евра , исто така, е жител на Скопје. Во првите десет со пријавени највисоки бруто приходи во 2018 година се и жител од Гевгелија, Струмица и Тетово. Ова се податоци што денеска на прес-конференција ги соопшти директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска.
Според претставените податоци, највисоката годишна бруто плата е исплатена во секторот здравство во износ од три милиона евра, а на листата на највисоки рангирани бруто плати и се платите исплатени во секторот трговија со тутун и тутунски производи, компјутерско програмирање, производство на метални производи, аптеки и изградба на станбени и нестанбени објекти. Кај самостојните вршители на дејност доминираат оние од Скопје со приход од кои највисокиот износ е околу 760 000 евра. Во 10- те топ рангирани се и адвокати, нотари, извршители и угостители.
По основ на пензија, пензионер од Скопје има највисок бруто приход по овој основ во износ од 94 800 денари. Најстариот жител кој остварил приход од над 16 000 евра има 99 години, а над 160 000 евра има 93 години. На листата со приходи оставрени над 16 000 евра по основ на дивиденда е и лице родено во 2018 година, а во групата над 160 000 евра најмладото лице има 21 година.
Курти бара разрешување на Тачи, тврди дека го прекршил Уставот
Косовскиот премиер Албин Курти го обвини денеска претседателот на државата Хашим Тачи дека извршил тешко прекршување на Уставот со тоа што во 2013 година, како премиер, потпишал таен договор со тогашниот генерален секретар на НАТО Андерс Форг Расмусен, со кој на Безбедносните сили на Косово (ФСК) им се забранува влез во северниот дел од државата, населен со мнозинско српско население.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Курти смета дека ваквото прекршување на Уставот од страна на Тачи претставува основа за започнување на процедурата за негово разрешување од функцијата претседател на Република Косово.
Претходно Курти ја извести претседателката на Собранието на Косово, Вјоса Османи дека побарал анализа на тајниот договор од 19 април 2013 година меѓу тогашниот премиер Тачи и генералниот секретар на НАТО.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете