Достапни линкови

Вести

Рама: Мини шенген е успешна иницијатива за иднината на балканските народи

Албанскиот премиер Еди Рама
Албанскиот премиер Еди Рама

Албанскиот премиер Еди Рама, кој учествува на самитот на Европската банка за обнова и развој во Лондон, денеска го бранеше балканскиот мини Шенген, како иницијатива што ќе создаде повеќе олеснувања за граѓаните на Балканот. Иницијативата ја оцени како успешна, иако досега се договориле само Белград, Тирана и Скопје.

„Не заборавајте дека до 2014 година, не сме седнале вака заедно на средба, да седнеме без оружја и без омраза, без крвoпролевање за да разговараме за иднината. Сега ние треба да одиме напред. Ние имаме уште големи проблеми за решавање, ние работиме за да заедно одиме напред, да биде поразлично од тоа што сме го наследиле “, рече Рама.

Тој додаде дека балканскиот Шенген се прави не само за мирот, туку и за иднината на балканските народи. Рама посочи дека е многу значајно што во Лондон се собрале лидерите од регионот на Западен Балкан и покрај тоа што државите имаат проблеми и несогласувања едни со други, како во случајот на Косово со Србија.

Исламски Џихад објави прекин на огнот со Израел

илустрација
илустрација

Палестинскиот Исламски џихад од појасот Газа вечерва најави едностран прекин на огнот со цел да се стави крај на жестоките дводневни судири со Израел.

Во кратко соопштение, оваа екстремистичка организација со поддршка од Иран соопшти дека ја завршила одмаздата за убиството на тројца нејзини припадници во нападите на израелската војска. Сепак, најавено е дека ќе одговори на секоја понатамошна израелска агресија. Израел засега нема коментар.

Претходно денеска, екстремистите од Исламскиот џихад продолжија да го рекетираат јужен Израел во нападот што започна во неделата вечер. Една ракета падна во дворот на една градинка, но нема извештаи за повредени. Сепак се очекува насилството да предизвика нова рунда на непријателства и тоа на само една недела пред израелските парламентарни избори.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се закани дека ќе почне војна против екстремистичкиот Хамас,кој владее со Газа, доколку продолжат ракетните напади.

Судирите започнаа во неделата откако израелските војници убија припадник на исламскиот џихад додека тој се обидувал да постави експлозив по должината на границата.

Мета поднесе кривични пријави за највисоките функционери во правда

Албанскиот претседател Илир Мета
Албанскиот претседател Илир Мета

Албанскиот претседател Илир Мета до Специјалното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција поднесе кривични пријави против тројца високи функционери на Министерството за правда. Крвични пријави добија Етилда Ѓонај, министерка за правда, Гентијан Дева, генерален секретар во Министерството за правда и Елева Хаџи, директорка на Центарот за службени публикации.

Врз основа на кривичниот закон, Мета ги товари за злоупотреба на службената должност, фалсификување документи, вршење незаконско влијание врз лица кои вршат јавна функција и присвојување на титула или државна должност, што го правеле во соработка.

Мета изјави дека е одлучен да го растури обидот за државен удар.

„Никогаш не се случил посериозен настан во историјата на нашата држава од овој мафијашки чин, каде врз основа на официјални докази, се покажува дека е директно вклучена дури и структурирана ќелија на чело на Министерството за правда преку кршење на Уставот“, рече меѓу другото Мета.

Тој упати апел за масовно присуство на протестот што го организира на втори март, против актуелната влада.

И така заладените односи на релација претседател – влада уште повеќе се влошија по одземањето на уставната надлежност на претседателот за именување судии во Уставниот суд и давањето заклетва пред него на уставните судии.

Вајнштајн прогласен за виновен по две точки за сексуални напади

Поранешниот филмски продуцент Харви Вајнштајн
Поранешниот филмски продуцент Харви Вајнштајн

Поранешниот филмски продуцент Харви Вајнштајн е прогласен за виновен за две точки од обвиненијата за сексуален напад на денешното сослушување. Како што пренесува Би Би Си тој е осуден за помалите обвиненија кои се однесуваат на силување од трет степен и сексуален напад од прв степен.

Вајнштајн, сепак, е ослободен од најсериозните обвиненија против него: предаторски сексуален напад и силување од прв степен. Тој сè уште се соочува со обвиненија за силување и сексуален напад на две жени во 2013 година во Лос Анџелес.

Вајнштајн се изјасни дека не е виновен за сексуален напад врз поранешната асистентка за продукција Мими Халеј и за силување на Џесика Ман, некогашната актерска надеж.

Поротата од седум мажи и пет жени денеска ја донесе пресудата, на петтиот ден од сослушувањето. Случајот беше во центарот на движењето „И јас“ кое пак инспирираше многу жени да излезат во јавноста со обвиненија против моќни мажи.

Сомнителниот пациент во Приштина не е заразен со коронавирус

илустрација
илустрација

Резултатите на анализите на пациентката која денеска беше хоспитализирана во универзитетскиот Клинички центар на Косово под сомнение дека е заразена со коронавирусот покажаа дека таа не е носител на смртносниот вирус, јави дописникот на МИА од Приштина.

Директорот на Националниот институт за јавно здравство, Насер Рамадани информира дека жената имала грозница, печење во очите, болки во грлото и течење на носот, меѓутоа не е носител на вирусот Ковид-19.

Веста за сомнителниот случај кој бил примен на инфективната клиника на државната болница во Приштина денеска ја објави министерот за здравство Арбен Витиа. Во рамки на Министерството за здравство на Косово е формиран Комитет за следење на заразните болести, кој усвои План за готовност и реагирање при евентуална појава на коронавирусот.

Возач удри во карневалска поворка во Германија, најмалку 30 повредени

илустрација
илустрација

Најмалку триесет лица се повредени откако автомобил удрил во карневалска поворка во градот Волкмарсен во западна Германија, соопшти полицијата, додавајќи дека возачот на автомобилот е уапсен. Иницидентот се случил околу 14.30 часот, но сè уште нема информации дали станува збор за напад или за сообраќајна несреќа.

Германските медиуми објавија дека меѓу повредените имало и деца, а според очевидци возачот намерно ја погодил поворката.

Инцидентот се случи на помалку од седум дена откако вооружен напаѓач се уби себе си и уште десет лица, минатата недела во еден од најтешките расистички напади во Германија од Втората светска војна.

Карневалот е многу популарен во западна Германија, особено во градовите во Рајнска област, како Келн и Дизелдорф, а прославата кулминира на таканаречениот „Розев понеделник“ со десетици илјади учесници.

Спасовски-Палмер: Поддршка за реформите и позитивна одлука на ЕУ

Оливер Спасовски и Метју Палмер
Оливер Спасовски и Метју Палмер

Од резултатите од реформите и од нивното спроведување се очекува позитивна и скорешна одлука на ЕУ за почеток на преговорите како логичен чекор и заради исполнувањето на сите критериуми и стандарди за членството во НАТО. Ова го истакнал специјалниот претставник на американскиот државен секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер денеска на средбата со премиерот Оливер Спасовски, на маргините на Самитот за Западен Балкан на Европската банка за обнова и развој во Лондон.

Како што соопштија од владината прес служба, Палмер на средбата ја повторил определбата на неговата земја за поддршката на реформите и нивното спроведување во Северна Македонија.

„Палмер истакна дека од резултатите од реформите и од нивното спроведување се очекува позитивна и скорешна одлука на ЕУ за почеток на преговорите како логичен чекор и заради исполнувањето на сите критериуми и стандарди за членството во НАТО“, се вели во соопштението од Владата.

Оттаму додаваат дека на средбата уште еднаш било потврдено пријателството и стратешкото партнерство меѓу САД и Северна Македонија, а како посебно било издвоено лидерството на земјата во регионалната соработка.

Во таа насока, премиерот Спасовски истакнал дека Северна Македонија останува посветена на исполнување на обврските од договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и на договорот од Преспа со Грција.

Хрватска сака почеток на преговорите со Скопје и Тирана во март

Хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман
Хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман

Главни цели на Хрватска се обезбедување поддршка за донесување одлука за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија во март и одржување успешен Самит во Загреб, изјави хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, по завршувањето на денешната конференција во Солун насловена „Од Солун до Загреб“.

„ЕУ останува посветена на своето најблиско соседство“, додаде Грлиќ Радман, потенцирајќи дека европската перспектива на земјите од Западен Балкан им беше ветена пред 17 години во Солун и дека сега е време ЕУ да го исполни тоа ветување, доколку државите кандидати ги исполнат поставените критериуми.

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас пак, истакна дека на денешната конференција имало плодна дебата за членство во ЕУ на земјите од Западен Балкан, при што од сите учесници е изразена поддршка за европската перспектива на балканските држави.

„Иднината на Западен Балкан е во ЕУ“, изјави Дендиас, потенцирајќи дека „зачленувањето на земјите од регионот во Унијате е стратешка инвестиција во обединета, силна и стабилна Европа“.

На новинарско прашање дали на следниот Самит на ЕУ би можело да дојде до раздвојување на пристапните процеси за Северна Македонија и Албанија, имајќи предвид дека земјава е понапред од Тирана во исполнувањето на критериумите, двајцата министри нагласија дека остануваат посветени на заложбата двете држави да добијат датум за старт на преговорите за членство.

Запрашан дали балканските земји членки на ЕУ планираат некоја нова иницијатива, доколку Европскиот совет повторно не донесе позитивна одлука за старт на преговорите со Северна Македонија и Албанија, Грлиќ Радман истакна дека очекува позитивен заклучок за ова прашање од лидерите на Унијата, бидејќи тоа е во интерес на само на овие две земји и на регионот, тука и на цела ЕУ.

Расте бројот на заболени од коронавирусот во Иран, Италија и Јужна Кореја

Италија- туристи со маски во посета на италијанскиот град Венеција, 24.02.2020
Италија- туристи со маски во посета на италијанскиот град Венеција, 24.02.2020

Бројот на заболени од коронавирусот во Иран, Италија и Јужна Кореја се зголемува, а и други земји пријавија први случаи на ова заболување од кое во Кина досега починаа речиси 2600 луѓе. Авганистан, Ирак, Бахреин, Кувајт и Оман денеска соопштија дека првпат имаат потврдени случаи на коронавирус, сите поврзани со патување во Иран.

Иранската агенција ИЛНА јави дека 50 луѓе во иранската провинција Ќом починале од вирусот, но министерството за здравство негираше наведувајќи дека досега се потврдени 61 заболен од кои 12 починале.Соседните земји на Иран односно Ирак, Пакистан, Турција, Ерменија и Авганистан забранија патувања во таа земја.

Во Јужна Кореја седум лица починаа, а 833 е потврдено дека го имаат вирусот. Италија, која има најголем број заболени во Европа, соопшти дека 220 луѓе имаат потврден коронавирус, а осум лица починаа. Во Кина, пак, каде што почна вирусот досега починаа 2592 лица, а заболени се 75 000.

Димитров: март е тест за геополитичките амбиции на Европската комисија

Архивска фотографија- Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров
Архивска фотографија- Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров

Заложби за силна, стабилна и обединета Европа во мир преку целосна интеграција на Западниот Балкан во Европската Унија изразија денеска во Солун министрите за надворешни работи од регионот и од земји-членки на ЕУ кои граничат со регионот, на конференцијата на високо ниво „Од Солун до Загреб” на која учествува и шефот на дипломатијата Никола Димитров.

„За да може да се продолжи да се говори за европската перспектива на регионот, неопходно е постигнување консензус за зелено светло за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија без одлагање. Март ќе биде тест и за геополитичките амбиции на новата Комисија и на самата ЕУ за кредибилно глобално влијание“, рече Димитров.

Од конференцијата, како што информираше МНР, произлегла и заедничка изјава, во која се изразува очекување дека согласно препораките на Европската комисија, ЕУ ќе донесе одлука за отворање на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија пред Самитот во Загреб во мај 2020 година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG