Достапни линкови

Вести

Сомнеж за прв случај на коронавирус во Хрватска

Илустрација
Илустрација

Директорот на Хрватскиот завод за јавно здравство, Крунослав Цапак денеска информираше дека во болница во Осиек се наоѓа маж за кого постои сомнеж дека е заразен со коронавирус. Според него, лицето е тестирано неколку пати и наодот се уште не е заклучен.

Хрватски медиуми јавија дека првиот наод од тестирањето на коронавирус бил позитивен, а вториот негативен, па сега се чекаат резултати од уште една, дополнителна анализа, со цел лекарите да бидат сигурни дали станува збор за болеста или не.

Тројца приведени, едно лице во бегство за нападот врз полицаец во Велес

Илустрација
Илустрација

Три лица се приведени, а полицијата трага по уште едно лице во врска со нападот врз 46- годишен полицаец пред црквата „Св.Спас“ кај градските гробишта во Велес. Полицаецот кој се здоби со четири прострелни рани во абдоменот и една во коленото, е вон животна опасност.

Полицаец застрелан со пет куршуми во Велес

Портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски изјави дека полицаецот бил повреден со неговиот службен пиштол кој напаѓачот што е во бегство му го одзел и пукал во него. Инцидентот се случил додека полициски службеници преземале службени дејствија и биле физички нападнати од четирите лица.

Бугарија враќа 28 контејнери со отпад во Италија

Отпад.Илустрација.
Отпад.Илустрација.

Бугарскиот јавен обвинител, Иван Гешев денеска изјави дека дваесет и осум контејнери со италијански отпад од вкупно 127 кои пристигнале досега на пристаништето во Варна добиле дозвола за реекспорт. Во регионалното обвинителство во Варна се води предистражна постапка за увозот на отпад. Мешаниот отпад, кој содржи пластика, гума, текстил, стакло и дрвени отпадоци, ќе му биде вратен на испраќачот, италијанската фирма „Дентиче пантелоне“ од градот Салерно.

Увозник на отпадот од Италија е бугарската компанија „Блацион“, регистрирана во Софија, во која учество имаат двајца македонски државјани Блаже Игнатов и Горан Ангелов, кој до неодамна беше директор на скопската депонија Дрисла.

Евакуирана македонска државјанка од кинескиот град Вухан

Скенирањето на патници со термална камера на меѓународниот аеродром во Скопје, како дел од превентивните мерки против коронавирусот.
Скенирањето на патници со термална камера на меѓународниот аеродром во Скопје, како дел од превентивните мерки против коронавирусот.

МНР соопшти денеска дека македонска државјанка била успешно евакуирана од кинескиот град Вухан, каде се појави коронавирусот. Нејзината здравствена состојба е добра и како што наведува во соопштението, не постојат симптоми на коронавирусот. Постапката на евакуацијата била спроведена преку приклучување кон Програмата за евакуација на Франција, која за оваа намена организирала специјален лет.

„Пред да го продолжат патот до своите матични држави, патниците ќе бидат евакуирани во помал град на југот на Франција, каде ќе подлежат на задолжителен карантин во трaење од 14 дена, што е воспоставен протокол за евакуација на сите патници од Вухан“, стои во соопштението на МНР.

Од МНР информираат и дека се во постојана комуникација со евакуираната патничка преку надлежните амбасади во Пекинг и Париз, како и преку властите на соодветните држави.

ОАЕ го потврдија апсењето на бугарскиот тајкун Божков

Васил Божков
Васил Божков

Бугарскиот јавен обвинител Иван Гешев денеска изјави дека апсењето на бугарски тајкун Васил Божков во Обединетите Арапски Емирати, заедно со уште две лица е официјално потврдено. Тој додаде дека следува процедура на испраќање документи за негова екстрадиција.

Против Божков е покрената истрага за лажирање игри на среќа, а неговиот соработник, бизнисменот Борис Бекијаров вчера беше уапсен на аеродромот во Виена. Директорот на Комисијата за игри на среќа, Александар Георгиев беше приведен во Софија и призна дека го заштитувал бизнисот на Божков.

Уапсен бугарскиот тајкун Васил Божков

Според бугарското Обвинителство, организираната криминална група, предводена од Божков, дејствува низ цела Бугарија од 2014 година и е формирана со цел да врши принуда, изнуда, перење пари.

Брнабиќ: Одлуката за бојкот на изборите е неодговорна

Српската премиерка Ана Брнабиќ
Српската премиерка Ана Брнабиќ

Српската премиерка Ана Брнабиќ денеска изјави дека одлуката на опозицијата за бокот на изборите е многу неодговорна. Воедно таа изрази задоволство што Движењето „1 од 5 милиони“ решило да излезе на изборите, како и Либерално-демократската партија на Чедомир Јовановиќ и уште неколку опозициски партии.

Брнабиќ коментирајќи ја одлуката за бојкот заради доведување во прашање на легитимноста на идниот српски Парламент, рече дека на Србија и претстои едно од најважните прашања, а тоа е дебатата за уставните амандмани од областа на правосудството. За промена на Уставот потребно е двотретинско мнозинство и таа порача дека одговорните политичари би се бореле „и со рацете и со нозете“ за да влезат во Парламентот за да влијаат директно на процесот.

Коалицијата Сојуз за Србија и други партии меѓу кои и Движењето на слободни граѓани синоќа во Комбанк Арена во Белград усвоија Декларација во која се обврзуваат дека „секој обид за формирање влада заснована врз резултатите од лажните избори ќе се смета за чин на соборување на уставниот поредок“.

Полицаец застрелан со пет куршуми во Велес

Илустрација
Илустрација

Во близина на велешката црква „Св. Спас“ денеска претпладне со огнено оружје бил повреден 46 годишен полицаец. Портпаролот на ЈЗУ Општа болница, доктор Тодор Јаковлевски за МИА изјавил дека полицаецот се здобил со четири прострелни рани во абдоменот и една во колено.

Тој е вон животна опасност, но поради сериозноста на повредите е пратен на лекување во Хирушките Клиники во Скопје. Од СВР Велес го потврдија настанот и информираа дека се врши истрага за случајот.

Помпео го повика Казахстан да врши притисок врз Кина

Американскиот државен секретар Мајк Помпео за време на посетата на Казахстан
Американскиот државен секретар Мајк Помпео за време на посетата на Казахстан

Американскиот државен секретар Мајк Помпео го повика Казахстан да му се придружи на Вашингтон во притисокот врз Кина за третманот на муслимаските малцинства во регионот Ксинџијанг. Организациите за човекови права соопштуваат дека кинеските власти ги притвораат и вршат присилна индоктринација на Ујгурите,Казахстанците и други муслимански етнички групи во Ксинџијанг. Кина е главен трговски партнер на Казахстан, а провладините медиуми во земјата избегнуваат да известуваат за ситуацијата во Ксинџијанг. Помпео за време на посетата на Нур-Султан порача дека со шефот на казахстанската дипломатија Мухтар Тилеуберди разговарал за прашањето.

„Соединетите држави ги повикуваат сите земји да ни се придружат во притискање за итен прекин на оваа репресија. Бараме едноставно од нив да им обезбедат безбедно прибежиште и азил на оние што сакаат да побегнат од Кина. Заштитете го човечкото достоинство, направете го она што е правилно“, изјави Помпео.

Тилеуберди, чија влада досега одбиваше да ја критикува Кина поради Ксинџијанг, не даде коментар за ова прашање и наместо тоа, се фокусираше на економската и безбедносната соработка со САД.

Мета го поздрави формирањето Влада на Косово

 Албанскиот претседател Илир Мета
Албанскиот претседател Илир Мета

Албанскиот претседател Илир Мета го поздрави постигнатиот договорот за формирање на Влада на Косово. Според него, стабилното управување е во интерес не само на Косово, туку и на регионот.

Лидерите на партиите победнички на вонредните парламентарни избори во Косово, Албин Курти на Движењето Самоопределување и Иса Мустафа на Демократскиот сојуз на Косово објавија денеска дека потпишале договор за формирање заедничка Влада.

Ирска против црвени линии во трговскиот договор на Британија со ЕУ

Ирскиот премиер Лео Варадкар
Ирскиот премиер Лео Варадкар

Ирскиот премиер Лео Варадкар денеска изјави дека Велика Британија и Европската унија не треба да поставуваат крути црвени линии пред разговорите за трговски договор, бидејќи тоа може да го отежне неговото обезбедување. Откако британскиот премиер Борис Џонсон завзема цврст став пред да започнат разговорите со ЕУ, Варадкар рече дека е можно Брисел да понуди трговски договор во канадски стил, но треба да се воспостави рамномерно поле.

Што по Брегзитот?

Британија сака колку што е можно поголем извоз на свои стоки и услуги во ЕУ. Но, Владата јасно стави до знаење дека Британија мора да ги напушти царинската унија и единствениот пазар и да стави крај на целокупната надлежност на Европскиот суд на правдата.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG