Достапни линкови

Вести

Чулев - Воопшто не размислувам за оставка

Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев
Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев

Воопшто не размислувам за поднесување на оставка, порача министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на Фејсбук, откако попладнево во дел од медиумите беше објавено дека тој утре ќе поднесе оставка во техничката влада.

„Во оваа прилика сакам да му порачам на Оливер Спасовски, на партиските структури во МВР кои се поставени од него и на криминалните структури кои СДСМ ги поддржува, дека воопшто не размислувам за поднесување оставка. Напротив, до последниот ден ќе останам во техничката влада и цврсто ќе се борам против сите остатоци од неговото лошо владеење во државата и криминалот и бескомпромисно ќе се залагам за чист изборен процес“, пишува министерот Чулев, на својот фејсбук профил.

Градоначалникот на Лондон сака Британците да го задржат државјанството на ЕУ

Градоначалникот на Лондон Садик Кан
Градоначалникот на Лондон Садик Кан

Градоначалникот на Лондон Садик Кан денеска во Брисел се заложи Британците да го задржат државјанството на ЕУ, како и другите права што доаѓаат со тоа, и покрај Брегзит.

„Многу Лондончани се тажни откако ја напуштивме ЕУ. Но, и понатаму имаме чувство на припадност на европското семејство, ние сме Европејци“, рече Кан, кој денеска во Брисел се сретна со неколку европски претставници, меѓу кои и со преговарачот за Брегзит, Мишел Барние.

Кан рече дека во новата фаза од преговорите меѓу Лондон и Брисел треба да биде и прашањето на „здружено државјанство“. Тоа на Британците би им овозможило да ги задржат правата кои досега ги имаа како државјани на ЕУ, а меѓу нив е и слободата на движење и работа во другите земји од Унијата.

Велика Британија од 1 февруари е во преоден период во кој продолжува да ги применува европските правила. Во тој период, кој завршува на 31 декември, двете страни треба да постигнат договор за идните односи.

Поразениот кандидат на претседателските избори во Авганистан не ги признава резултатите

Поразениот кандидат на претседателските избори во Авганистан, Абдула Абдула
Поразениот кандидат на претседателските избори во Авганистан, Абдула Абдула

Поразениот кандидат на претседателските избори во Авганистан, Абдула Абдула денеска ги оспори конечните резултати од изборите одржани во септември, според кои е реизбран досегашниот претседател Ашраф Гани и најави дека ќе формира паралелна влада.

Независната изборна комисија денеска, по пет месеци, ги објави конечните резултати од изборите од 28 септември, според кои Гани е реизбран за претседател со освоени 50,64 отсто од гласовите, додека Абдула освоил 39,52 отсто.

Објавувањето на резултатите беше одложувано поради обвинувања за изборни нерегуларности при броење на гласачките ливчиња.

Спасовски очекува почеток на преговори со ЕУ

Техничкиот премиер Оливер Спасовски
Техничкиот премиер Оливер Спасовски

Нашите пријатели во Брисел ги делат со нас очекувањата за официјализирање на членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ, порача премиерот Оливер Спасовски по завршувањето на дводневната посета на Брисел каде учествуваше на донаторската конференција „Заедно за Албанија“. Тој оствари средби со претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли, со претседателката на Европската комисија Урсула Фон Дер Лајен, со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, како и со други дипломати од Европа и САД.

„Сакам да го изразам моето задоволство што имавме можност да оствариме средба со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг. Разговаравме за следните чекори, за официјализирањето на членството на Република Северна Македонија во НАТО, како еден од најзначајните чекори за стабилноста на граѓаните од нашата земја, како и за целиот регион“, изјави Спасовски во Брисел.

Тој изрази очекување што е можно поскоро Европскиот совет да донесе одлука за отпочнување преговори за членство во ЕУ.

Србинка починала од свински грип во Бахреин

Илустрација: Вакцина против свински грип
Илустрација: Вакцина против свински грип

Една 26-годишна државјанка на Србија починала од последици на грипот Х1Н1, познат како свински грип, по тринеделно лечење во болница во Бахреин, соопшти шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ.

Министерството за надворешни работи на Србија соопштува дека српската амбасада во Кувајт, која го покрива и Бахреин, била во постојан контакт со семејството на починатата за време на лечењето во Бахреин и дека сега му помага на семејството во решавањето на административните процедури и подготовки за транспорт на телото во Србија.

САД му воведоа санкции на руски Роснефт поради помагање на Венецуела

Логото на Роснефт
Логото на Роснефт

САД воведоа санкции против трговското одделение на руската државна нафтена компанија Роснефт поради помагање на Венецуела да го заобиколи ембаргото на извоз на нафта.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп им воведе санкции на компанијата Роснефт трејдинг и на нејзиниот претседател Дидие Касамир, што е дел од дипломатско-економскиот притисок на Вашингтон врз социјалистичкиот претседател Николас Мадуро да се повлече од власт.

Венецуела минатата година успеа да извезе стотина илјади барели нафта со помош на Роснефт трејдинг, и покрај американските санкции.

Високи претставници на администрацијата на Трамп денеска предупредија дека ако кој било во светот работи со Роснефт трејдинг може да се најде на удар на американските санкции. Тие очекуваат дека новата мерка ќе ја исклучи компанијата Роснефт трејдинг од глобалниот финансиски сектор.

САД и повеќе од 50 држави тврдат дека реизборот на Мадуро за претседател во 2018 година не бил легитимен и за претседател на државата го признаваат опозицискиот лидер Хуан Гваидо.

Најмалку 14 загинати во наводно протекување на отровен гас во близина на Карачи

Лекарите примаат пациент донесен со Брза помош во Карачи
Лекарите примаат пациент донесен со Брза помош во Карачи

Најмалку 14 луѓе загинале во пристанишниот градот Карачи во јужен Пакистан од наводно протекување отровен гас, соопштија тамошните власти. Стотина други се хоспитализирани со проблеми со дишењето и печење на очите, по инцидентот што почна на 16 февруари.

Болнички извори за Асошиејтед прес денеска изјавиле дека лекувале околу 650 лица. Властите денеска најавија евакуација на жителите на населбата Камари, каде што се случи инцидентот.

Не е позната причината за протекувањето, но властите велат дека нема докази за саботажа.

„Се уште не ја знаеме можната причина за инцидентот“, изјави вчера началникот на полицијата во Карачи, Гулам Наби Мемон.

Еден официјален претставник изјави дека во тоа време еден брод истоварувал соја или нешто слично на пристаништето, што може да биде причина за истекувањето на гасот.

Хемиско-биолошкото одделение на морнарицата им помагаат на локалните власт да го утврдат изворот на протекувањето.

Карачи е најголем град во Пакистан со големи пристаниште и бројни рафинерии во близина.

Косовска полицајка си ги убила родителите и браќата, па се самоубила

Косовската полиција врши увид на местото на четирикратното убиство
Косовската полиција врши увид на местото на четирикратното убиство

Една косовска полицајка во Гњилане денеска убила четири члена на своето семејство, по што се самоубила. Полицијата потврди дека таа си ги убила родителите и браќата.

Обвинителот Арбен Кадриу за Радио Слободна Европа изјави дека убиствата биле извршени со службеното оружје, но оти не може да каже ништо повеќе во овој момент.

Косово - Укинувањето на таксата и воведувањето реципроцитет кон Србија е прашање на денови

Илустрација: Продавница во Приштина
Илустрација: Продавница во Приштина

Укинувањето на таксата од 100 отсто, што пред повеќе од една година ја воведе владата на Косово на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, е прашање на денови и таа ќе се замени со целосен реципроцитет кон тие држави, најавија претставници на коалициските партнери во новата косовска Влада на денешната трибина на Косовскиот демократски институт.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, пратеникот на Движењето Самоопределување Артан Абраши, најави дека новите мерки кон двете држави ќе бидат воведувани постепено, но тотално.

Шефот на пратеничката група на другата владејачка партија, Социјалдемократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Арбен Гаши рече дека реципрочните мерки кон соседната држава ќе се воведат, но оти треба да се внимава да не се попречи започнувањето на дијалогот кој беше прекинат во ноември 2018, кога тогашната влада ја воведе таксата.

Тој рече дека владејачката коалиција ќе ја укине спорната такса на српскиот увоз, додека мерките на реципроцитет не е можно да се воведат одеднаш, затоа што се комплексни.

Косовските власти кон крајот на 2018 година воведоа царини од 100 отсто за производите од Србија и од Босна и Херцеговина, како одговор на српската кампања против признавањето на Косово.

Заменик министерот Бајрактар ги презел овластувањата во труд и социјала

Ѓонул Бајрактар, заменик министер за труд и социјална политика
Ѓонул Бајрактар, заменик министер за труд и социјална политика

Ѓонул Бајрактар, заменикот на министерот за труд и социјалната политика, со заклучок на Владата ги презел овластувањата и одговорностите во раководењето со Министерството за труд и социјална политика.

Изминатиот викенд, пред распуштањето на Собранието, беше разрешена министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, на предлог на премиерот Оливер Спасовски, откако таа се појави на конференција во МТСП пред табла со името „Република Македонија“. ВМРО-ДПМНЕ одби да предложи нов кандидат на нејзино место во техничката влада.

Бајрактар доаѓа од редовите на Демократската партија на Турците на Македонија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG