Вести
Во Украина поставен споменик на жртвите од соборениот авион во Иран
На аеродромот во Киев е откриен споменик во чест на жртвите на украинскиот авион што се урна во Иран минатиот месец. На 8 јануари се урна украински авион Боинг 737-800 по полетувањето од аеродромот во Техеран, при што загинаа сите 176 присутни на летот. Три дена потоа, Иранската револуционерна гарда призна дека авионот бил соборен по грешка, од страна на воздушната одбрана на земјата, во услови на зголемени тензии во регионот.
Украинските власти денеска ја открија спомен плочата на која пишува „ПС 752, 08.01.2020“, што се всушност бројот на летот и датумот на уривањето на авионот. На церемонијата присуствуваа роднини на жртвите, како и претставници на политичкиот врв. Беа присутни и претставници на други земји кои загубија свои граѓани во несреќата, како претставници од Авганистан, Велика Британија, Канада, Германија, Иран и Шведска.
- Иран призна дека го соборил авионот, Украина бара отштета
- Зариф: Човекот кој го собори украинскиот авион е во затвор
Од Канцеларијата на јавниот обвинител на Украина побарале од иранската страна да се формира заедничка истражна група за истрага на случајот, што ќе резултира со казнување на сите виновни, не само на човекот кој го притиснал копчето за уривање на авионот.
СДСМ чекори за правда, ВМРО-ДПМНЕ поставува Луј Витон торби
Правдата доаѓа бавно, ама доаѓа, жедни сме за правда, порача лидерот на СДСМ, Зоран Заев пред комплексот судови во Скопје. На обраќањата пред судовите, претходеше марш за правда во организација на владејачката партија.
Со академско задоцнување од 15-тина минути започна маршот под мотото „Чекориме за правда“, кој беше предводен од раководството на СДСМ. Од пред Собранието до комплексот Судови во Скопје, маршираа довчерашни пратеници, министри, коалициони партнери и поддржувачи на партијата. Од декор имаше македонски знамиња и по некое знаме на Европската унија.
„Сега правосудство е на потег, затоа сме овде. Собранието отвори ново поглавје од правосудството, пратениците застана зад законот кој е темел за правна држава. Со законот нема скриена амнестија за никого, ниту за стари, ниту за нови случаи, сите ќе се соочат со одговорност, нашиот народ е желен за правда, за брза и ефикасна правда“, рече Заев.
Собранието пред да се распушти во тензична атмосфера го изгласа со двотретинско мнозинство Законот за јавно обвинителство. Владата инсистираше на донесување на законот по повиците на меѓународната заедница дека тоа ќе биде позитивен сигнал пред одлуката за почеток на преговори со ЕУ.
„Политичарите нема да може да бираат обвинители, ниту да одлучуваат за предметите, нема веќе тефтерчиња, а тие кои се виновни за старите тефтерчиња ќе одговараат. Судиите, обвинители ослободете се, граѓаните очекуваат правда, на вас е да ја испорачате“, рече Заев.
Тој вели дека граѓаните со право се незадоволни, а незадоволен е и лично тој и СДСМ од испорачаното од правосудството. Како што вели, што било до Владата и до Собранието е сторено, а сега на потег се судиите и обвинителите.
„Можеше да има и побрза правда, но требаше Заев да се јавува, но за тоа ли се боревме? Ние го ослободивме судството, ама будно го следиме, жедни сме и сакаме правда, правдата доаѓа бавно, ама доаѓа“, порача тој.
Пред почетокот на маршот, претседателот на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески, на Фејсбук објави фотографии на кое се гледаат поставено Луј Витон ташни пред Судот и пред Владата.
„Кога ќе држи говор Заев да му е тука пред очи симболот на криминалот. И сите негови, а и притиснатите и уценети административци да знаат дека маршираат за спас на милионите на Заев“, напиша тој на Фејсбук.
ВМРО-ДПМНЕ ја користи Луј Витон ташната како симбол за судството, за кое велат дека е оркестрирано од Заев, оти парите што бизнисменот Орце Камчев му ги дава на обвинетиот за случајот „Рекет“, Бојан Јованоски се во таква ташна. Од ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати прашуваа колку од парите кои што се земени од рекетот во Луј Витон ташна завршиле кај Зоран Заев.
Бојан Јовановски, познат како Боки 13, и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева се обвинети дека изнудувале пари од осомничени бизнисмени. Опозицијата обвинува дека тие биле поврзани со власта, но СДСМ негира.
Албанија собра над милијарда евра на донаторската конференција
Вкупно 1,15 милијарди евра за помош на Албанија се собрани на денешната меѓународна донаторска конференција „Заедно за Албанија“, соопшти во Брисел, европскиот комесар за проширување Оливер Вархеј.
Донаторската конференција се одржува за помош на Албанија, која на 26 ноември беше погодена од силен земјотрес, во кој загинаа 51 човек, а илјадници останаа без покрив над главата. Освен претставници на ЕУ, на конференцијата учествуваа и партнерите на Албанија од Западен Балкан, претставници на меѓународни организации, како на ОН и Светската банка, земји кои не се дел од Европа.
Конференцијата ја отвори претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен. Во име на институцијата што ја предводи таа вети 100 милиони евра од европскиот буџет за помош на Албанија. Претходно во декември ЕК одвои 15 милиони евра за Албанија.
Албанскиот премиер Еди Рама се заблагодари на донаторите и рече дека не очекувал толкава сума. Според него тие очекувале околу 350 милиони евра. Проценките се дека штетите од земјотресот се околу милијарда евра.
И премиерот на Македонија Оливер Спасовски учествуваше донаторската конференција.
Додик- Збогум БиХ, добредојде РС-егзит
Српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина Милорад Додик обраќајќи се пред законодавниот дом на Република Српска во Бања Лука, денеска рече „Збогум БиХ, добредојде РС-егзит“. (Goodbye BiH, welcome RS-exit.)
Пратениците во ентитетот на босанските Срби во Босна и Херцеговина се собраа на вонредна седница за да разговараат за одговор на одлуката на Уставниот суд на земјата, на која се спротивставија Србите. Босанскиот Суд претходно овој месец го отфрли законот донесен во Република Српска за обработливото земјиште, што претходно и припаѓаше на Југославија. За Уставниот суд регулативата е неуставна. Со Законот таквото земјиште се прогласи за сопственост на Република Српска, потоа Судот донесе пресуда дека државата Босна е сопственик.
Додик во повеќе наврати повикуваше на референдум за статусот на ентитетот предводен од Србите, велејќи дека босанските Срби имаат право да одлучуваат за сопствената иднина.
Минатата недела, Соединетите Држави и канцеларијата на ЕУ во Сараево им се придружија на Велика Британија, Германија, Франција и Италија во изјавата дека „едностраното повлекување од институциите или блокадите на донесување одлуки во нив се неприфатливи и контрапродуктивни“.
Одлуките на Уставниот суд се „конечни и обврзувачки и мора да се спроведат“, се вели во заедничката изјава.
Средба Спасовски - Палмер во Брисел, поздравено носењето на реформските закони
Премиерот Оливер Спасовски за време на дводневниот престој во Брисел се сретна со специјалниот претставник на американскиот државен секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер. Палмер на средбата со Спасовски му честитал за донесувањето на Законот за јавно обвинителство, за Законот за одбрана, како и за другите реформски. Владината прес-служба соопшти дека на средбата е поздравена определбата на Владата да го почитува и спроведува Договорот од Преспа и придобивките од него кои од Северна Македонија направија значаен фактор на стабилност во регионот и лидер во регионална соработка.
А за време на разговорот потврдено е и пријателството и стратешкото партнерство меѓу САД и Северна Македонија.
Спасовски потенцирал дека Владата во претстојниот период е фокусирана на организирање фер и демократски избори, како и на владеењето на правото и на борбата против корупцијата и дека земјата очекува ЕУ да донесе одлука за старт на преговорите.
Премиерот Спасовски денеска во Брисел учествуваше на работниот ручек што за лидерите на Западен Балкан го приреди еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји.
Амнести Интернешнл бара Грција да им обезбеди подобри услови на мигрантите и бегалците
Меѓународната организација за човекови права Амнести Интернешнл (АИ) ја повика Грција итни да ги премести мигрантите и бегалците кои се наоѓаат на грчките острови каде живеат во неприфатливите услови во соодветни простори за сместување во други делови на земјата, соопштија од делегацијата на АИ по средбата со надлежниот министер за миграција и азил на Грција, Нотис Митаракис. На средбата се разговарало за условите во кои се сместени 19.000 лица во кампот Мориа на Лезбос и 7.000 во Вати на Самос, како и загриженоста за ситуацијата на островите.
Истражувачки тим на организацијата, како што соопштуваат, во изминатите денови бил во посета на Лезбос и Самос, „каде што ги регистрирале неприфатливи услови за живот“, преку сведочењата на барателите на азил и бегалците и мигранти „кои што се принудени да престојуваат во неформалните кампови кои постојано се прошируваат“.
Скоро 75.000 луѓе дојдоа во Грција од Турција во текот на 2019 година, според агенцијата за бегалци на ОН, што е околу 50 проценти повеќе во однос на претходните години.
ЕК вети 100 милиони евра на донаторска конференција за Албанија
Во седиштето на Европската Комисија (ЕК), отворена е донаторска конференција за Албанија. На конференцијата се собираат пари за обнова на погодените области во Албанија, кои на 26 ноември беа погодени од силен земјотрес. Во земјотресот загинаа 51 човек, околу 70 илјади луѓе се без домови, илјадници домови треба да се обноват, а оштетени се и културни објекти.
Конференцијата ја отвори претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен. Во име на институцијата што ја предводи таа вети 100 милиони евра од европскиот буџет за помош на Албанија. Претходно во декември ЕК одвои 15 милиони евра за Албанија.
На донаторската конференција освен институциите на ЕУ и земјите членки,учествуваат и меѓународни финансиски организации и неевропски држави.
Портпаролката на НАТО Лунгеску го поздрави донесувањето на Законот за одбрана
Портпаролката на НАТО Оана Лунгеску, на својот Твитер профил го поздрави донесувањето на Законот за одбрана вчера во Собранието.
„Го поздравуваме донесувањето на Законот за Одбрана во Собранието на Република Северна Македонија. Ова е важна област од реформите за државата која се подготвува да се приклучи на НАТО како полноправна членка“, напиша Лунгеску на Твитер.
Собранието вчера, пред да се распушти, го донесе овој закон со 80 гласа „за“, без против и воздржани. На гласањето не присуствуваа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Со Законот се менува името на Армијата на Република Македонија во Армија на Северна Македонија. Законот предвидува промена на социјалниот и правниот статус на Армијата. Со него се дефинирани обврските кои државата ги презема како идна членка на НАТО. Се преминува од систем на индивидуална во систем на колективна одбрана.
Посебни мерки во јужна Бугарија поради птичјиот грип
Бугарската агенција за безбедност на храната објави дека избувнал птичји грип на фарма во градот Раковски кој се наоѓа во јужна Бугарија. Агенцијата денеска соопшти дека речиси 6000 патки ќе бидат убиени по дијагностицирањето на овој високо патоген вирус. Три километри околу фармата е прогласена заштитена зона, а властите забранија и продажба на јајца и месо од областа.
Во октомври 2018 година агенцијата нареди да се убијат повеќе од 100 000 кокошки и 16 000 патки во бугарските села за да се спречи ширењето на птичјиот грип.
Полицијата открила 32 мигранти кај Радовиш
На локалниот пат меѓу селата Калуѓерица и Подареш, Радовишко, синоќа околу 19:30 часот полициски службеници од Полициската станица Радовиш пронашле товарно моторно возило „форд транзит“ со гостиварски регистарски ознаки во кое имало 32 мигранти, соопштија денеска од СВР Струмица.
Од пронајдените мигранти девет биле од Авганистан, 14 од Пакистан, седум од Египет, еден од Индија и едно лице од Турција.
„Возачот побегнал од местото пред доаѓањето на полициската патрола, а по наредба на јавен обвинител мигрантите ќе бидат сместени во Прифатниот центар за странци „Гази Баба“ во Скопје и во Прифатниот транзитен центар „Винојуг“ во Гевгелија„, се додава во соопштението на полицијата.
Минатата недела кај струмичкото селоКуклиш беа пронајдени 53 мигранти, а во друга акција, на автопатот Демир Капија – Неготино, беа пронајдени 22 мигранти.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете