Вести
Џафери го потпиша решението за распишување на изборите
Претседателот на Собранието Талат Џафери вечерва го потпиша решението за распишување на изборите на 12 април, како што беше договорено нивното одржување од страна на најголемите политички партии во земјава, јавува МИА.
Џафери го потпишал решението почитувајќи ги роковите за одржување на изборите на 12 април, откако претходно пратениците гласаа за распуштање на Парламентот во пресрет на предвремените парламентарни избори.
Државната изборна комисија треба да го добие официјалниот документ од претседателот на Собранието Талат Џафери, по што треба да одржи седница со повеќе точки на дневен ред во врска со изборите.
Пратениците изгласаа распуштање на Собранието
Собранието на Република Северна Македонија денеска се распушти со 108 гласа „за“, без против и воздржани, со што е отворен патот на 12 Април да се одржат предвремени парламентарни избори.
Овие избори се последица на недобивањето на датум за преговори од ЕУ во Октомври минатата година. Незадоволството во јавноста беше големо затоа што земјата го смени името со договорот со Грција што беше услов за преговори но поради француското барање за нова методологија за проширување на Унијата Северна Македонија и Албанија не добија зелено светло за преговори.
Пред распуштањето на Парламентот, законодавците го донесоа Законот за Јавно Обвинителство кој е неофицијален услов за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија.
Предупредувања во Британија од поплави „опасни по живот“
Денеска Велика Британија се соочува со бурата Денис, а властите низ земјата ги повикаа граѓаните да се заштитат од поплавите „опасни по живот“ поради големите количини на врнежи и силните ветрови.
Британската државна метеролошка служба, поради полавите издаде 250 предупредувања за Англија, Шкотска и Велс.
Вчера беа пронајдени две тела на мажи на источниот брег на Англија, пренесува Бета повикувајќи се на АП.
Силните ветрови предизвикаа големи бранови во северниот дел на Атлантикот и во Северното Море.
Стотина летови се откажани поради силниот ветер, а железницата во многу делови е прекината поради поплавите.
Усвоени законите за Советот на јавни обвинители и за одбрана
Собранието денеска ги донесе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за советот на јавни обвинители, како и Законот за одбрана за кој беше потребео двотретинско мнозинство. Пратениците дополнително ќе бидат известени за одржувањето на седницата за распуштање на Собранието, откако претседателот Талат Џафери најави претходно одржување на уште една седница.
Со 73 гласа „за“, без против и воздржани пратениците го усвоија Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за советот на јавни обвинители, а по гласањето за овој закон претседателот на Собранието Талат Џафери констатираше дека законот е донесен и оти е завршена 135 седница, по што рече дека преминуваат на следната 123. седница на која треба да се гласа Законот за одбрана. Овој закон беше донесен со 80 гласа „за“, без против и воздржани, по што Џафери констатираше дека е донесен и овој закон.
Собранието претходно го донесе и Законот за јавно обвинителство, по што по едночасовната пауза ја продолжи 135. седница, на која втора точка на дневен ред беше Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за советот на јавни обвинители, кој веднаш беше ставен на гласање, бидејќи општиот претрес за него беше завршен во текот на вчерашниот ден. По гласањето 135 седница заврши, а пратениците продолжија со следната седница на која гласаа за Законот за одбрана.
Џафери по донесувањето на Законот за одбрана, рече дека за следната 137 седница за распуштање на Собранието пратениците дополнително ќе бидат известени, додавајќи дека прва и единствена точка на оваа седница е распуштање на Собранието, рече Џафери. За предложениот дневен ред за седницата за распуштањето 113 пратеници гласаа „за“, без против и воздржани.
Џафери како предлагач на предлогот за распуштање на Собранието образложи, дека по барање на СДСМ и ДУИ ја прекинува привремено работата на оваа седница, бидејќи тие бараат продолжување на работата на 131 седница.
Џафери рече дека барањето е поради донесувањето на Законот за ауидио и аудиовизуелни медиумски услуги, за изменување на Законот за заштита на лични подоатоци и за изменување на Законот за инспекторатот за употебата на јазиците.
„Јас сум должен да постапам по барањето, тука прекинуваме со работа, во меѓувреме ќе бидете известени за времето за продолжување по седницата 131“, рече Џафери.
Пратеници од опозицијата бурно реагираа додека Џафери образложуваше зошто ја продолжува 131 седница. Тој додаде дека до 15 и 30 смета дека службите можат да ја подготват седницата, а доколку имало можност тој рече дека тоа ќе се случи и порано.
Лидерите од Западен Балкан на неформален состанок во Брисел
Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел организира работна вечера со лидерите од Западен Балкан. На неа ќе учествува и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ кој е претседавач со ЕУ, како и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Џозеф Борел.
Со тоа за прв пат се одбележува организација на неформален состанок на највисоко еврепско ниво со лидерите на земјите од регионот. За претседателот Мичел исто така ова е прв пат да организира ваков формат на состанок со сите претставници од регионот, откако ја презема должноста шеф на ЕУ.
На вечерата се очекува да бидат присутни претседателите на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, на Косово Хашим Тачи, на Северна Македонија Стево Пендаровски, на Србија Александар Вучиќ, како и премиерот на Албанија Еди Рама и претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина Жељко Комшиќ.
Како што објаснија официјални претставници од седиштето на ЕУ, целта на организирањето на вечерата е подготовката на самитот ЕУ-Западен Балкан кој ќе биде одржан меѓу 6 и 7 мај во Загреб.
Овој неформален состанок следува по првата посета на претседателот Шарл Мишел на Албанија и Северна Македонија, земји кои чекаат да добијат зелено светло за отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ, како и по објавувањето на предлогот на Европската комисија за новата методологија во врска со процесот на проширување.
Повеќето од лидерите ќе останат и ден повеќе во Брисел за да учествуваат на донаторската конференција за Албанија, по силниот земјотрес кој ја погоди земјата во ноември минатата година.
Собранието го донесе Законот за јавно обвинителство
Пратениците денеска на повторено гласање со 80 гласа „за“, шест против и без воздржани го донесоа Предлог-законот за Јавното обвинителство. Претседателот на Собранието Талат Џафери констатираше дека Собранието го донесе законот, на што бурно реагираа пратениците од опозицијата бидејќи за донесувањето на законот се гласаше два пати, по што Џафери даде пауза од еден час.
Претходно со почнувањето на 135. собраниска седница, прва точка на дневен ред беше Предлог-законот за Јавно обвинителство кој се донесува со двотретинско мнозинство, односно со 80 пратеници кои треба да гласаат „за“, бидејќи за него расправата заврши во текот на вчерашниот ден.
Поради тоа Џафери денеска веднаш го стави законот на гласање, но откако на мониторот се појави дека 72 пратеници гласаа „за“ и 32 „против“, Џафери рече дека го поништува гласањето и процедурално и даде збор на пратеничката Лилјана Поповска од партијата ДОМ.
Пратениците од опозицијата реагираа, но тој потоа образложи дека на некои пратеници во Собранието не им бил евидентиран нивниот глас и побара службите да поднесат листи, по што му даде збор процедурално на пратеникот Ферид Мухиќ.
ВМРО-ДПМНЕ анализира дали ќе достави нов предлог за министер за труд и социјална политика
ВМРО-ДПМНЕ се уште ја анализира ситуацијата за евентуално доставување на нов предлог за технички министер за труд и социјална политика, изјави денеска пратеничката од опозициската Благица Ласовска посочувајќи оти според Централниот и Извршниот комитет претседателот на партијата Христијан Мицкоски го има овластувањето за тоа одлучување.
Ласовска изјавата ја даде пред почетокот на собраниската седница на која треба да се гласаат законите за Јавното обвинителство и за измените на Законот за Советот на јавни обвинители. Таа додаде дека ВМРО-ДПМНЕ се надева дека Собранието денеска ќе се распупшти и дека ќе има избори на 12 април како што било договорено на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски.
„Ако политичарите од владејачкото мнизинство се сериозни, тогаш треба да останат на договорот и Собранието да биде распуштено“, изјави Ласовска.
Рашела Мизрахи којa на 3 јануари беше избрана како техничка министерка за труд и социјална политика по предлог на ВМРО-ДПМНЕ, беше разрешена во саботата наутро на предлог на техничкиот премиер Оливер Спасовски, бидејќи Мизрахи неколку пати се појави на прес-конференција во МТСП пред табла со името Република Македонија.
Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека причината за разрешувањето на Мизрахи не е таблата со името Република Македонија, туку тоа што таа открила незаконитости и злоупотреби што ги правела претходната министерка Мила Царовска.
Трет ден опаѓа бројот на заразени од коронавирусот во Кина
Трет ден по ред се намалува бројот на заразени од новиот коронавирус. Во Кина се потврдени 2.009 нови случаи, па вкупната бројка на заразени е 68.500, соопшти Националната здравствена комисија.
Стапката на смртност остана стабилна на 142 нови смртни случаи.
Бројот на смртни случаи во Кина од болеста COVID – 19, која предизвикува нов облик на коронавирусот, сега изнесува 1.665.
Опоравени се вкупно 9.419 луѓе и се пуштени од болница.
Повеќето од заразените се во градот Вухан – главниот град на централната кинеска провинција Хубеи, епицентарот на заразата.
Новинската агенција АП пишува дека кинеските претставници биле свесни за сериозноста на ситуацијата многу порано отколку што бројот на смртни случаи почна нагло да расте, што влијаело на тоа последиците да бидат помалку катастрофални.
Бројот на заболени почна да се намалува кога е усвоена новата методологија. Поради големиот број на заразени, новата методологија им овозможи на лекарите врз основа на преглед и снимање на белите дробови, потенцијалните случаи да ги третираат како потврдени, со што не е потребно да се чекаат резултатите од лабораторија.
Мигранти се судрија со полицијата во БиХ
Стотици мигранти се судрија со полицијата во Босна и Херцеговина, додека се обидуваа да излезат од кампот во знак на протест поради условите во кои престојуваат и поради наводни злоупотреби на граничните власти во соседната Хрватска.
Тепачка се случила денеска во мигрантскиот камп „Мирал“ во западна Босна, на околу 10 километри од границата со Хрватска.
Во кампот се сместени околу 1.000 мигранти, околу 300 повеќе од предвидениот капацитет. Нема извештаи за повреди, но очевидци за Ројтерс изјавиле дека виделе како полицијата се судрила и приведувала претежно мигранти мажи кои извикувале „Слобода“, „Вратете ни ги парите назад“ и „Престанете да не тепате.“
Повеќето од мигрантите исто така се жалат и на хрватските граничари, кои ги обвинија за насилно удирање и малтретирање кога претходно се обиделе да ја преминат границата.
Столтенберг го отфрли барањето Франција да биде центар на европската одбрана
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ги отфрли барањата на францускиот претседател Емануел Макрон да го стават француското нуклеарно одвраќање во центарот на европската одбранбена стратегија, велејќи дека САД и Британија веќе обезбедуваат ефикасен безбедносен чадор.
„Треба да запомниме дека денеска имаме Европско нуклеарно одвраќање – 28 сојузници го испорачуваат тоа секој ден и тоа не е само ветување, туку е нешто што е таму со децении“, изјави денеска Столтенберг за новинарите на безбедносната конференција во Минхен.
„Тоа е испробано и тестирано, ние го практикуваме и е институционализирано и тоа е крајната гаранција за безбедност во Европа“, рече Столтенберг кој исто така Франција ја нарече „високо ценет сојузник“ чии нуклеарни способности придонесуваат за целокупната безбедност на НАТО.
Макрон се залага за ремонт на безбедносните и одбранбените прашања на Европската унија како одговор на заминувањето на Британија од блокот.
По Брегзитот, Франција е единствената нација во ЕУ со нуклеарен арсенал, а Макрон прави притисок за европска „стратешка автономија“ – можност за одбрана на континентот без да се потпира на Вашингтон иако тој ја изрази својата посветеност на НАТО.
Во клучниот говор минатата недела Макрон повика на дијалог меѓу членките на ЕУ за тоа каква улога може да игра француското нуклеарно одвраќање.
Франција е членка на НАТО, но нејзиното нуклеарно оружје не му е ставено на располагање на НАТО.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете