Достапни линкови

Вести

Заврши расправата за Законот за јавно обвинителство

Собраниска седница за уставни измени 9 јануари 2019 година
Собраниска седница за уставни измени 9 јануари 2019 година

Откако вечерва заврши дискусијата за Законот за јавно обвинителство, претседателот на Собранието Талат Џафери даде пауза од еден час и најави дека во 22 часот ќе почне 136-тата седница на која треба да се расправа за разрешувањето на министерката за труд и социјала Рашела Мизрахи.

„Гласањето ќе се спроведе кога координаторите на пратеничките групи ќе го обезбедат потребното мнозинство“, рече Џафери.

Џафери им се обрати на „фесбук мејкерите“ кои барале од него седниците да траат до 22 часот, посочувајќи дека во салата нема доволно пратеници.

Претходно, Џафери најави дека Собранието ќе биде во постојано заседавање додека не се распушти и не бидат распишани изборите најавени за 12 април.

На седницата на која треба да се расправа за разрешувањето на Мизрахи, како точки на дневниот ред се ставени и Предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик по скратена постапка, поднесен од пратениците Јован Митрески, Ејуп Алими и Никола Мицевски, како и по Предлог-законот за дополнување на Законот за лична карта во прво читање, поднесен од пратениците Јован Митрески, Фадил Зендели, Теута Биљали, Мухамед Зекири и Мирослав Јовановиќ.

Според предлог-измените на Изборниот законик, одредени избирачки места од општините Дебар, Крушево, Маврово и Ростуша се бришат од Изборната единица 6 и се додаваат кон Изборната единица 5.

Предлог-законот за дополнување на Законот за лична карта, пак, предвидува во образецот за лична карта да стои и податокот за етничка припадност на граѓанинот.

Ѓукановиќ - Црна Гора треба да има своја православна црква

Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ
Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ

Црна Гора треба да има својата православна црква, што ќе биде одвоена од Српската црква и Србија за да го консолидира својот национален идентитет, изјави претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ. Тој го изјави ова по протестите во Црна Гора, кои траат повеќе од еден месец, организирани од Митрополијата црногорско-приморска на СПЦ, незадоволни од донесувањето на Законот за слобода на вероисповед.

„Долготрајните тензии околу проблемот ескалираа кога Владата во декември донесе закон, кој може да претвори многу од најстарите манастири и цркви во државен имот на Црна Гора, и тоа покрена масовни протести“, истакна Ѓукановиќ во интервјуто за АФП.

Тој го обвинува свештенството на СПЦ за поткопување на неговите напори за консолидирање на 14-годишната независност на земјата. „Српската православна црква е еден меѓу важните инструменти што ги користат идеолозите во големосрпскиот национализам против Црна Гора, против црногорската независност, против нејзиниот национален, културен и верски идентитет“, нагласи Ѓукановиќ.

Потопло од Дојран – на Антарктикот измерени 20,75 степени

Научниците на Антарктикот измерија нов рекорд на температурата, 20,75 степени целзиусови, со што за првпат се надминати 20 степени, јавува агенцијата Франс Прес.

„Никогаш не сме виделе толку висока температура на Антарктик“, рече бразилскиот научник Карлос Шаефер. Тој предупреди дека температурата измерена во набљудувачката станица на 9 февруари не треба да се гледа во рамки на трендот на климатски промени, бидејќи е еднократна температура и не е дел од долгорочно набљудување и истражување. Но, како и да, е високите температури на ледениот континент ги зголемуваат загрижувањата за глобалното затоплување.

На 6 февруари, пак, температурата во северниот дел на Антарктикот достигна до 18,3 целзиусови степени што беше нов топлотен рекорд на замрзнатиот континент, надминувајќи го претходниот рекорд евидентиран во март 2015 година од 17,5 степени.

ДИК ги отфли барањата на Мизрахи и очекува да се распишат изборите

Претседателот на ДИК Оливер Деркоски
Претседателот на ДИК Оливер Деркоски

Државната изборна комисија (ДИК) очекува да се распишат изборите за предвремените парламентарни избори најавени за 12 април. Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски изјави дека тие се подготвени да ја одржат првата седница ако во недела се распушти Собранието.

„ДИК очекува да се распишат изборите онака како што е најавено и онака како што сите знаеме и дека од тоа причини презеде определени мерки или дејствија во изминативе денови за да се организира на време, веднаш по распишувањето да ја одржиме првата седница и да ги донесеме потребните акти“, изјави Деркоски за МИА.

Попладнево во ДИК се одржа јавната седница на која се разгледаа барањaта на министерката за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи. Мизрахи поднела барања по однос на поништувањето од страна на Владата на разрешувањето на директори и назначување на нови. Во оваа прилика ДИК одлучи дека тие како институција не се надлежни да одлучуваат за поединечни акти што не се однесуваат на правни финансиски и кадровски прашања поврзани со изборите. Разрешувањето на директори и назначувањето на нови, кои подоцна Владата го поништи, министерката треба да го решава со жалба до Управниот суд, велат членовите на ДИК.

Бројката на починати од коронавирусот се искачи на 1381

Болница во провинцијата Хубеи.
Болница во провинцијата Хубеи.

Кинеските власти денеска соопштија дека има уште 122 смрти случаи од корановирусот, а шест од нив се медицински персонал, со што бројката на починати од новиот респираторен вирус ЦОВИД-19 достигна 1381. Властите ги објавија бројки за медицински работници заразени со коронавирус, во услови на зголемена загриженост поради недостаток на доволно заштитна опрема.

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека вкупниот број на заразени од вирусот во светот се искачи на скоро 64.000 случаи, скоро сите во Кина. Нема значителен пораст на случаи надвор од Кина, соопшти СЗО. Повеќе од 500 луѓе сега се заразени во околу 30 земји надвор од Кина.

Кинеските власти, исто така, соопштија дека шест здравствени работници починале, а 1.716 се заразени од појавата на вирусот.

СЗО соопшти дека нема голема промена во шемата на морталитет или пак на тежината на вирусот и покрај драматичниот пораст на случаи во покраината Хубеи, епицентарот на оваа болест.

Курти – Само мафијата е интегрирана на Западниот Балкан

Косовскиот премиер Албин Куртин
Косовскиот премиер Албин Куртин

Косовскиот премиер Албин Куртин денеска рече дека на Западниот Балкан мафијата е единствен сектор кој е целосно интегриран. Тој ова го рече за време на Минхенската безбедносна конференција. Ова е прво негово учество на некој меѓународен собир откако стана премиер на Косово.

Тој рече дека обвинителите треба да бидат најпознатите личности на Западниот Балкан.

„Мафијата е единствен сектор кој е во целост интегриран на Западниот Балкан. Она што ни треба е обвинителите да бидат најпознатите личности, а не премиерите или министрите за надворешни работи“, рече Курти, пренесува приштинската агенција Телеграфи.

На патот кон Минхен, Курти на аеродромот во Приштина направи преседан и не влезе во ВИП секторот, туку застана во ред на пасошката контрола и помина како и сите други патници.

Собранието ќе работи без пауза до донесување на законот за ЈО

Архивска фотографија: Собраниска седница
Архивска фотографија: Собраниска седница

Претседателот на Собранието Талат Џафери даде пауза до 19 часот на расправата за Предлог-законот за Јавно обвинителство, и рече дека по паузата седницата ќе трае без прекин додека законот не биде донесен.

Во текот на дискусијата, пратениците од владејачкото мнозинство уште еднаш повторија дека донесувањето на законот за ЈО ќе значи почетокот на борбата против корупцијата и криминалот, додека нивните колеги од ВМРО-ДПМНЕ им возвратија дека го туркаат со сила и противуставно, само за да се спасат лидерот на СДСМ Зоран Заев и други владини функционери од одговорност.

Седницата претпладнето почнуваше двапати и имаше две паузи од по еден час. Министерката за правда Рената Дескоска на Фејсбук објави дека поради очигледната намера на некои политички партии да го опструираат процесот на носење на Законот за Јавно обвинителство одлучиле ниту таа, ниту другите пријавени пратеници од СДСМ и коалицијата да не се јавуваат за збор, со што ќе заштеделе најмалку осум часа дебата.За денеска во 15 часот беше закажана седница за разрешување на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, но како што најави потпретседателот на Собранието, таа ќе се одржи дури откако ќе заврши расправата по Законот за Јавно обвинителство.

Хрватска очекува укинување на визите за САД

САД треба да ги укинат визите за Хрватите до крајот на годинава, а двете држави ќе потпишат договор за избегнување двојно оданочување, изјави во Минхен хрватскиот министер за надворешни работи и европски прашања Гордан Грлиќ Радман.

Хрватска, Романија, Бугарија и Кипар се единствените членки на ЕУ на кои САД сè уште не им ги укинале визите. Полска беше исклучена од визниот режим кон крајот на минатата година.

Радман се состана со американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска во Минхен и по средбата истакна дека и визите и двојното оданочување треба да бидат решени до крајот на годината.

„Ние ги исполнивме сите (услови) и ова е актуелно прашање. Тоа е во интерес и на хрватските и на американските бизнисмени“, истакна Грлиќ Радман пред новинарите.

Рама - Мини Шенген не е „план Б“ за Западен Балкан

Албанскиот премиер Еди Рама
Албанскиот премиер Еди Рама

Албанскиот премиер Еди Рама, оценува дека идејата за сеопфатен регионален Шенген помеѓу шест земји од Западниот Балкан, базиран на четирите слободи на ЕУ (слободен проток на стока, капитал, услуги и работа), не е замена, туку најдобриот начин за подготовка за интеграција во ЕУ.

Во уводникот на „Еуроактив“, насловен „Мини-шенген не е план Б за Западен Балкан“ Рама оценува дека на Европската Унија не ѝ е потребна само стабилност во Западниот Балкан туку и помирување.

„Сите ја делиме целта за европска интеграција и најдобриот начин да одиме напред е активно да се подготвиме за тоа, преку отворање на нашите економии и граници, на начин директно инспирирано од основните начела што стојат зад европскиот проект. Подобрата поврзаност на Западен Балкан ќе овозможи да се интегрира побрзо и поуспешно во ЕУ“, вели Рама.

Тимоние - Влезот во ЕУ многу зависи од кредибилитетот на судството

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние
Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние вели дека е важно да се донесе Закон за јавно обвинителство, како и оти влезот на земјава во Европската Унија зависи многу и од кредибилноста на судството и од силната борба против корупцијата.

„Пожелно е и важно е да биде донесен Закон за јавно обвинителство, затоа што тоа е барање уште одамна од Европската Унија и од државите членки, затоа што со тоа треба да се зајакнат, но и затворат сите судски постапки кои беа отворени и отпочнати од Специјалното јавно обвинителство. Потребно е да се зајакне правната рамка, но исто така и да потсетиме на одредени принципи во однос на очекувањата на меѓународната заедница во поглед на оваа земја особено и во поглед на ЕУ, затоа што станува збор за повторно внесување на чувството за одговорност, но и за основање на судство што ќе биде ослободено од заробеноста на партиите“, рече Тимоние во интервју за „Макфакс“.

Францускиот амбасадор подвлече дека е потребно и да се воспостави рамка за борба против корупцијата, но и за сите појави кои се појавиле или кои сè уште постојат во однос на мешањето на финансиските работи со политичките работи кои што, како што рече, го минираат економскиот развој и довербата на граѓаните во однос на судскиот систем.

„Надвор од прашањата поврзани со усвојувањето, но и со комплицираните преговори за усвојување на законот, мислам дека не треба да го изгубиме од поглед тој хоризонт односно таа цел, бидејќи тоа е цел за вашиот влез еден ден во Европската Унија, кој зависи многу и од кредибилноста на судството но и од силната борба против корупцијата“, вели амбасадорот.

На два дена пред најавеното распуштање, Собранието расправа за Законот за јавно обвинителство за кој е потребно двотретинско мнозинство, но ВМРО-ДПМНЕ не го поддржува.

Франција го блокираше доделувањето датум за преговори за Македонија на Самитот во октомври, барајќи донесување нова методологија за преговарачкиот процес.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG