Достапни линкови

Вести

САД обвинуваат дека Иран со лансирањето сателит сака да развие балистички ракети

Соединетите Американски Држави ги обвинија иранските власти дека лансирањето на сателит во вселената го користат за да развијат балистички ракети. Обвинувањето доаѓа на два дена откако иранските власти пријавија имале неуспешен обид да го испратат иранскиот сателит Зафар во Земјината орбита.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска изјави дека технологиите што се користат за лансирање сателити во орбитата се практично идентични со оние кои се користа во ракетните системи со долг дострел, вклучително и интерконтиненталните балистички ракети.

„Секое лансирање, без разлика дали е неуспешно или не, дополнително му дозволува на Иран да стекне искуство со користење на такви технологии кои можат да му бидат од корист за неговите ракетни програми, под маската на мирнодопска вселенска програма“, рече Попмео.

Франција, исто така, ги осуди напорите за лансирање на иранскиот сателит и го повика Иран да се придржува кон меѓународните обврски.

Иран ги негира обвинувањата дека ја користи сателитската програма за развој на балистички ракети.

СЗО - Прва вакцина за коронавирус можна за 18 месеци

Првата вакцина против коронавирусот би можела да биде достапна за 18 месеци, изјави генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Габриезус. Тој вели дека сега треба да се искористат сите достапни средства. Шефот на СЗО вели дека новиот вирус е именуван како COVID-19, напоменувајќи дека е важно да се избегнат предрасудите, и дека другите имиња може да бидат неточни.

Името COVID -19, всушност е акроним од зборовите коронавирус зараза, а 19 е 2019 годината кога овој вирус се појави во Кина.

Според последните податоци, во Кина се потврдени 42.708 случаи на заразени и 1017 починати од вирусот.

Шефот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Габриезус денеска ја отвори конференцијата посветена на справување со епидемијата.

Абас го отфрли планот на Трамп за Блискиот Исток

Палестинскиот претседател Махмуд Абас.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас денеска пред Советот за безбедност на ОН во Њујорк потврди дека го отфрла планот за Блискиот Исток на американскиот претседател Доналд Трамп, кој го нарече „подарок за Израел“ и неприфатлив за Палестинците, пренесува Ројтерс.

Планот на Трамп – историска можност или голем заговор

Абас оцени дека планот од Палестина прави „изделкана држава“ без контрола врз поморскиот и врз воздушниот простор. Тој рече дека Палестинската држава, предвидена со планот е како „швајцарско сирење“ и ги праша претставниците на 15-те земји членки на Советот за безбедност на ОН кој од нив би прифатил таква држава.

„Ние го отфрламе израелско-американскиот план кој ги доведува во прашање легитимните права на палестинскиот народ. Го отфрламе тој план зашто Источен Ерусалим нема да биде дел од Палестина и тоа е доволно да се отфрли“, рече Абас, пренесуваат светските агенции.

Тој апелира на, како што рече, праведен мир за 13 милиони Палестинци, оценувајќи дека планот на администрацијата на претседателот Трамп претставен во Белата куќа на 28 јануари има цел „да стави точка на прашањето за Палестина“. Абас оцени дека тој план нема да донесе мир и стабилност во регионот и затоа нема да го прифатат и ќе се спротивставуваат на неговата примена на терен.

Зборувајќи после Абас, израелскиот амбасадор во ОН, Дани Данон, го пофали планот на Трамп, зашто „ги отфрла застарените концепти“ кои не дале резултати 70 години.

Пратеникот на ОН за Блискиот Исток, Николај Младенов, на почетокот на седницата предупреди дека израелската анексија на делови од Западниот Брег, што се предвидува со планот, би имала разорни последици врз изгледите за решение на судирот по моделот две држави.

Либанскиот Парламент избра нова влада и покрај протестите

Премиерот Хасан Диаб
Премиерот Хасан Диаб

Либанскиот Парламент му изгласа доверба на премиерот Хасан Диаб и покрај противењето на демонстрантите кои се обидоа да го блокираат процесот. Пратениците го поддржа кабинетот и програмата на премиерот Диаб, по осумчасовна седница. Земјата се соочува со една од најтешките кризи во нивната понова историја.

Демонстрантите претходно се судрија со безбедносните сили кои за да ги растераат луѓето кои протестираа употребија солзавец и водени топови.

Црвениот крст соопшти дека биле лекувани вкупно 373 луѓе кои биле изложени на солзавец или имале други повреди од протестите, од кои 45 биле хоспитализирани.

Судири меѓу полицијата и демонстрантите на стотиот протест против либанската влада

Новиот премиер е поранешен министер за образование. Тој во декември доби задача да формира влада по масовните протести во земјата кои го принудија премиерот Саат Харири да си даде оставка. Луѓето започнаа протести против корупцијата во државата и против економските проблеми. Сега демонстрантите протестираат и против новата влада за која велат дека не ги исполнила нивните барања и за која се сомневаат дека ќе ја спаси слабата економија во земјата.

Меѓународната заедница вети повеќе од 11 милијарди американски долари финансиска помош за земјата, но помошта ја услови со брзо спроведување на економските реформи.

Грција прави напори да ги обесхрабри мигрантите и бегалците

Протест на мигранти на грчкиот остров Лезбос.
Протест на мигранти на грчкиот остров Лезбос.

Грчките власти прават сѐ што можат за да ги обесхрабрат мигрантските и бегалските бранови, изјави портпаролот на грчката влада, Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите. Тој вели дека целта на грчката влада е до летото да бидат изградени затворените контролирани центри, а во комбинација со останатите мерки како што се чување на границите, зголемен број враќања мигранти во Турција и забрзување на процедурата за азил, да се обесхрабрат сите оние кои планираат нелегално да пристигнат во Грција.

Протести на грчките острови поради големиот број бегалци

Скоро 75.000 луѓе дојдоа во Грција од Турција во текот на 2019 година, според агенцијата за бегалци на ОН, што е околу 50 проценти повеќе во однос на претходните години.

Судан ќе го предаде поранешниот претседател Ал-Башир во Меѓународниот кривичен суд

Поранешниот претседател Омар ал-Башир
Поранешниот претседател Омар ал-Башир

Преодните власти во Судан и бунтовничките групи се договорија да го предадат поранешниот претседател Омар ал-Башир во Меѓународниот кривичен суд, кој го бара поради воени злосторства, вклучувајќи и масовни убиства во Дарфур, соопшти денеска висок судански претставник.

Судот го товари Ал-Башир, кој беше соборен од армијата минатата година за време на бунтовите во државата, за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото во граѓанската војна во Дарфур, каде што од 2003 до 2010 година настрадаа скоро 300 илјади луѓе.

Поранешниот претседател на Судан осуден на две години затвор

Од соборувањето од власт во април, Ал-Башир е во затвор во главниот град на Судан, Картум, под обвиненија за корупција и убиство на демонстранти. Меѓународниот кривичен суд во Хан товари уште три лица за злосторства во Дарфур, меѓу кои и поранешниот министер за внатрешни работи и за одбрана Абдел-Рахим Мухамад и поранешниот шеф на безбедносните служби Ахмед Харун. Владата и бунтовниците во градот Џуба на југот на земјата преговараат за окончување на долгогодишната граѓанска војна.

Украинскиот претседател вработи лице поврзано со адвокатот на Трамп

Архивска фотографија- украинскиот претседател Володимир Зеленски
Архивска фотографија- украинскиот претседател Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го отпушти од работа шефот на администрацијата Андриј Бохдам и на негово место го именува Андриј Јермак. Името на Јермак се поврзуваше со Рудолф Џулијани, личниот адвокат на американскиот претседател Доналд Трамп.

Претседателската одлука Бохдам да го замени со Јермак е објавена денеска на официјалната страница на претседателот.

Доказите и сведочењата за време на процедурата за импичмент на Трамп покажаа дека Џулијани се среќавал со Јермак за да притиска за истрагата која Трамп ја барал за својот демократски ривал Џо Бајден и врските на неговиот син со украинската енергетска компанија Бурисима. Американскиот претставнички дом кој е под контрола на демократите го отповика Трамп во декември поради задржување на воената помош на Украина за да изврши притисок врз Киев да покрене истрага против Бајден. Американскиот Сенат подоцна го ослободи Трамп.

Хачинсон: знамето на С. Македонија пред НАТО во Брисел најрано напролет

Брисел- Амбасадорката на САД во НАТО Кеј Бејли Хачинсон
Брисел- Амбасадорката на САД во НАТО Кеј Бејли Хачинсон

Амбасадорката на САД во НАТО, Кеј Бејли Хачинсон денеска потврди дека сите очекуваат знамето на Северна Македонија да започне да се вее пред седиштето на Алијансата во Брисел мошне скоро, најрано на пролет.

Хачинсон утре во Брисел ќе учествува на состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на Алијансата. На денешниот брифинг за новинарите таа укажа дека на состанокот ќе се разговара за тековните приоритети и насоките дадени „на НАТО самитот лани во декември“.

Еден од приоритетите годинава е проширувањето на Алијанста со уште една земја, Северна Македонија, откако поминаа ратификациите во парламентите на сите земји членки.

„Знамето на Македонија ќе се вее пред НАТО во Брисел најрано на пролет. Нашите македонски сојузници направија одлична работа со реформите. Пофалби за трпението и за лидерството со решавањето на (проблемот) со името што беше клучно за започнување на целиот процес на членство“, изјави таа.

Собранието едногласно го ратификува протоколот за НАТО

Собрание на Република Северна Македонија
Собрание на Република Северна Македонија

Со 114 гласа за, ниту еден против и ниту еден воздржан Собранието го донесе Законот за ратификација на членството на Северна Македонија во НАТО.

По изгласувањето на пратениците им се обрати вршителот на должноста претседателот на Парламентарното собрание на НАТО Атила Местерхази, а по завршувањето на седницата предвидено е пред зградата на Собранието да биде подигнато знамето на НАТО.

Претходно зборуваа премиерот Оливер Спасовски, претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и претставници на парламентарните партии.

Инаку, собранието го ратификува протоколот без тој да биде ратификуван во сите земји членки на Алијансата како што е неопходно за полноправно членство. До ова дојде поради одложувањето на ратификацијата во Шпанија заради нејзината домашна политичка криза. Според последните информации кои ги презентираа македонските власти Шпанија во март би требало да го ратификува протоколот, но тогаш македонското собрание ќе биде распуштено поради договорените избори за 12 април. Од тие причини протоколот во македонското собрание се ратификуваше со одложено дејство и ќе стапи во сила по ратификацијата и во шпанското собрание.

Во „Рекет“ фотографии и снимки од Катица Јанева

Архивска фотографија- Катица Јанева во суд за случајот „Рекет“
Архивска фотографија- Катица Јанева во суд за случајот „Рекет“

На денешното судско рочиште за случајот „Рекет“ во кој обвинителството ги прикажува своите докази се покажаа неколку фотографии и кратки видеа на кои се гледа поранешната специјална јавна обвинителка, сега осомничената Катица Јанева, со купче пари. Таа седи во домашна атмосфера, а на масата пред неа има сноп пари во банкноти од 500 евра. Беа презентирани фотографии и на кои Јанева е во скопски ресторан и стои до масата, а во рацете држи плик.

Покрај ова како докази се читаа и пораките од вештачењето од телефонот на првообвинетиот во „Рекет“ Бојан Јовановски за неговата комуникација со извесен Васе, со водителката Лила Стојановска,со осомничениот бизнисмен во „Поштенска банка“, Томе Главчев, со обвинетиот од истиот случај Зоран Милевски и со други.

Претходно беа претставени и пораки од комуникацијата на Боки 13 со поранешниот премиер, претседателот на СДСМ Зоран Заев. Според презентираното, Боки 13 во април лани, еден месец пред отворањето на истрагата за случајот „Рекет“, барал од Заев да го прими на што тогашниот премиер одговорил „ќе се видиме и ќе се соочиме. Ова е чист рекет. Јас ги видов доказите“.

Инаку во случајот „Рекет“ обвинети се поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, првоосомничениот Јовановски и Зоран Милевски. Според обвинението, тие се здружиле за да му земаат пари на бизнисменот Јордан Камчев во замена за олеснителни околности во предметот „Империја“ кој тогашното СЈО го водеше за него. Милевски на првото рочиште ја прифати вината и доби три години затворска казна.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG