Вести
Европскиот суд ги прогласи за незаконски унгарските реформи кои го погодија Универзитетот финансиран од Сорос
Европскиот суд за правда донесе одлука со која законот за универзитети финансирани од странство во Унгарија со кој беше затворен универзитетот основан од милијардерот Џорџ Сорос е нелегален. Според законодавството донесено во 2017 година универзитетите чија основачка регистрација е во странство не можат да работат во Унгарија не е во согласност со ЕУ легислативата, заклучи Европскиот суд.
„ Условите кои Унгарија ги воведе за да им оневозможи на странските високообразовни институции да ги вршат своите активности на нејзина територија не се во согласност со правото на ЕУ “ се вели во одлуката на Европскиот суд донесена на 6 октомври.
Унгарскиот министер за правда Џудит Вагра изјави дека секоја одлука на судот на ЕУ ќе се примени „само во согласност со интересите на унгарскиот народ“.
Острите критичари на Виктор Орбан посочуваа дека таквиот закон беше донесен против Сорос. Орбан пак, ги обвинуваше невладините организации и институции финансирани од Сорос за политичко мешање.
Владата го зголеми прагот за задолжување
Владата на денешната седница донела одлука со која се зголемува прагот на нето задолжување при издавање на државни хартии од вредност во 2020 година. Со оваа одлука максималниот износ на нето – задолжување преку издавање државни хартии од вредност на домашниот финансиски пазар во 2020 година ќе изнесува 250 милиони евра, што е за 50 милиони евра повеќе од претходно.
„Согласно претходното изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година, со оваа одлука се утврдува максималниот износ на нето-задолжувањето преку издавање државни хартии од вредност во 2020 година и тоа ќе изнесува 15.375.000.000 денари, наместо предвидените 12.300.000.000, информира владината прес-служба.
Дипломатски напори за примирје во Нагорно-Карабах
Дипломатските напори да се смири разгорувањето на борбите во и околу Нагорно Карабах добија на интензитет по синоќешното запирање на битките меѓу ерменските и азербејџанските сили. Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавишоглу се сретна со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев во Баку, додека еременскиот претседател Никол Пашинин денеска телефонски разговараше со рускиот претседател Владимир Путин, јавуваат светските новински агенции. Битките кои започнаа на 27 септември меѓу еремнските и азербејџанските сили ја зголемија загриженоста во светот дека може да се активира поширок конфликт вовлекувајќи ги и Турција која што е најблискиот сојузник на Азербејџан и Русија која има склучено одбранбен пакт со Ерменија.
„Ние сме во Баку да ја истакнеме поддршката и солидарност кон нашите браќа во Азербејџан “ напиша на Твитер Чавушоглу.
Во меѓувреме од Кремљ соопштија дека Путин и Пашинин „продолжуваат со разговорите околу ескалираната вооружена состојба во Нагорно Карабах, “ додавајќи дека рускиот претседател „уште еднаш ја нагласил потребата за прекинување на непријателствата“
Претходно Русија, Франција и САД го повторија повикот за итен прекин на огнот, посочувајќи дека ескалацијата на конфликот е „неприфатлива закана за стабилност на регионот“.
Нови 225 заразени и 8 починати лица од ковид-19
Во изминатово деноноќие се евидентирани нови 225 случаи на заболени од коронавирус од вкупно 1841 направени тестирања. Најголем број на новозаразени се евидентирани во Скопје – 120 нови случаи, потоа во Тетово 17 и Прилеп 15. Во последниве 24 часа починале 8 лица заболени од ковид-19.
Од починатоте двајца пациенти се од Скопје на 75 68 годишна возраст, потоа три пациенти од Гостивар (82, 68 и 65г.), од Кочани (69г.), од Струга (78г.) и Струмица (64г.).
Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 159 оздравени пациенти.
Досега во земјата се направени вкупно 197.382 тестирања на Ковид -19. Нема тестирања во рамките на скринингот.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 19096, бројката на оздравени пациенти е 15645, на починати е 768, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2683.
Извештајот на ЕК: Потребни се поголеми напори за борбата против корупцијата
Северна Македонија постигна добар напредок во однос на борбата против корупцијата, но сепак таа е распространета во многу области и треба да се обезбеди попроактивен пристап од сите чинители вклучени во спречувањето и борба против корупцијата е наведено во Извештајот на Европската Комисија за напредокот на земјава. Во него е наведено дека државата воспоставила механизми за обезбедување независност и одговорност на судството а во однос на борбата против организираниот криминал, законската рамка во голема мера е во согласност со европските стандарди и напорите за спроведување стратегии против организираниот криминал мора да продолжат.
„Судскиот систем на Северна Македонија има одредено ниво на подготовка, односно е умерено подготвено. Имаше добар напредок во спроведувањето на стратегијата за реформи во судството, притоа имајќи ги предвид „Итните реформски приоритети“ и препораките од Венецијанската комисија и Групата високи експерти за системски прашања за владеење на правото“, стои во Извештајот.
Сè уште се потребни напори за да се обезбеди систематско спроведување на ажурираниот акциски план на стратегијата за реформи во судството. Што се однесува до борбата против корупцијата, се наведува натаму во документот, Северна Македонија е умерено подготвена, а постигнат е добар напредок преку консолидирање на своето досие во истрагата, гонењето и судењето случаи на висока корупција.
„Продолжуваат напорите за натамошно процесуирање на случаите на Специјалното обвинителство и за утврдување одговорност за незаконското прислушување. Поранешната главна специјална обвинителка беше осудена во јуни 2020 година, со првостепена пресуда во таканаречениот „случај рекет“ во врска со наводно изнудување и злоупотреба на службената положба во врска со случај на Специјалното обвинителство. Корупцијата е распространета во многу области и треба да се обезбеди попроактивен пристап од сите чинители вклучени во спречувањето и борба против корупцијата“, стои во Извештајот.
Натаму се нотира дека земјава има одредено ниво на подготовка во борбата против организираниот криминал и дека законската рамка е во голема мера во согласност со европските стандарди и напорите за спроведување стратегии против организираниот криминал мора да продолжат.
Европската комисија наведува дека Северна Македонија е умерено подготвена во однос на реформата на јавната администрација, но останува од суштинско значење да се осигура почитување на принципите на транспарентност, заслуги и правична застапеност.
Вархеј утре пристигнува во Скопје
Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, по објавувањето на извештаите за реформскиот напредок на земјите од западен Балкан, изјави дека Северна Македонија одржала стабилен напредок во делот на реформите, посебно владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал.
"Дискусиите се во тек во Советот за предлог преговарачката рамка и се надевам дека меѓувладините конференции ќе се одржат под сегашното претседателство, доколку бидат усвоени", изјави Вархеји.
Европската Комисија ги поднесе предлог преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија до земјите членки на почетокот на летото. Земјите членки треба, според календарот на германското претседателство, во ноември да ги усвојат, со евентуални измени.
Еврокомесарот Вархеји порача дека Тирана остварила значаен напредок во реформите за ЕУ во последните месеци. Тој смета дека одвојувањето на Скопје и Тирана би било грешка.
Вархеји утре ќе отпатува во регионот, посетата ќе ја започне во Северна Македонија.
Приведени криумчари на мигранти
Приведени четворица криумчари на мигранти кои од Грција преку нашата земја ги пренесувале до Србија за цена од 500 до 700 евра по лице. Главни организатори се двајца браќа од Богданци заедно со соработници од Грција. Полицијата соопшти дека во координирана акција биле приведени четворица од шестчлената криминална група која се занимавала со криумчарење на мигранти. Мигрантите со помош на двајца Грци биле спроведувани најчесто од Струмица, Дојран и Гевгелија до Кумановско -липковскиот крај со моторни возила.
„Таму ги чекало лице кое било задолжено за нивно сместување како и за понатамошен трансфер до Република Србија и до земјите од Европската Унија, изјави портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
Тој посочи дека главно се пренесувани лица од Авганистан Пакистан и Ирак како и од други земји од блискиот и од средниот исток. Полицијата извршила претрес на неколку локации и запленила патничко возило и мобилни телефони, но и потврди за извршени уплати преку агенти за брз трансфер на пари, пиштол и муниција.
СЗО: Секој 10-ти жител на планетата се заразил со коронавирус
Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека секој десетти жител на планетата се заразил со коронавирусот. Бројката е за над 20 пати поголема од бројот на досега потврдени случаи на зараза во светот, која во моментов изнесува 35 милиони луѓе.
„Нашата проценка ни вели дека 10% од светското население веројатно е заразено со вирусот. Бројката варира во зависност од земјата, варира од урбани до рурални предели, варира во зависност од групите. Но она што означува е дека огромно мнозинство од светското население и натаму е во опасност. Сега влегуваме во тежок период. Болеста продолжува да се шири“, изјави Мајк Рајан, директор на одделот за итни операции на СЗО.
Рајан зборуваше пред извршниот борд на СЗО, каде уште рече дека растот на заразата е голем во југоисточна Азија и дека заразата расте и во делови на Европа и регионот на источниот Медитеран.
813.000 евра помош од Јапонија за Северна Македонија
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, заедно со амбасадорката на Јапонија во Северна Македонија, Кеико Ханеда, потпишаа Договор за јапонска грант помош за економски и социјален развој.
„Во услови кога светот се соочува со една од најголемите здравствени кризи која има и сериозни социо-економски последици, оваа итна помош од Владата на Јапонија во висина од 100 милиони јапонски јени, или околу 813.000 евра е повеќе од добредојдена“, истакна Димитров.
Јапонската амбасадорка рече дека Јапонија е среќна што може да ги поддржи македонските напори.
„Во оваа прилика би сакала да ви честитам за вашето членство во НАТО и почетокот за пристапни преговори за ЕУ. Вашите напори во реформите ќе се интензивираат и Јапонија би сакала да продолжи да ги поддржува“, рече амбасадорката Ханеда.
Заев: Неопходни патувања во регионот без ПЦР тест
По препорака од Комисијата за заразни болести, Владата денеска донела одлука за отворање на границите без тест за ПЦР за државјани од Србија, Косово, Црна Гора и од Босна и Херцеговина, информираше премиерот Зоран Заев на неговата официјална фејсбук страница.
„Во овие земји, за кои нивните граѓани досега имаа обврска при влез/транзит во нашата земја да приложат негативен RT PCR SARS CoV-2 тест, по принципот на реципроцитет е договорено и нашите граѓани да патуваат во овие земји, без обврска да приложат негативен тест. Оваа одлука е донесена по доставен предлог и позитивно мислење на Комисијата за заразни болести според кое до овој момент нема индикации или висок број на влезени позитивни случаи од странски држави, а со тоа и нема висок ризик по јавното здравје. Одлуката е донесена заради остварувањето на неопходните потреби на граѓаните, при што Владата апелира патувањето да се сведе на минимум и исклучиво за неодложни потреби и со целосно и доследно применување на сите мерки за лична заштита од Ковид-19“, напиша Заев.
Одлуката стапува на сила од понеделник, 12 октомври 2020 година.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете