Достапни линкови

Вести

Мицкоски- никогаш нема да се договорам со Заев

Архивска фотографија- претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски
Архивска фотографија- претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вечерашниот говор пред Јавното обвинителство, каде што заврши протестот на ВМРО-ДПМНЕ, ја нарече власта мафија, ја обвини дека место правда, донела неправда, а поранешното Специјално јавно обвинителство го нарече „чарлиеви ангели на Заев што ја штитат мафијата“ и затоа рече, ќе одговарале за криминалот.

„Овие два месеци излезе извештај на државна институција ДЗР со кој се констатира дека СЈО, се сеќавате на онаа изјава на Зоран Заев кога вели дека со мене не можел да се договори затоа што претходно се договарал за Пржино, а резултат на Пржино е СЈО со кое што денеска илјадници членови и активисти на ВМРО-ДПМНЕ се тормозат. Ете тоа СЈО украло ваши пари, криминалците од СЈО украле ваши пари 4,6 милиони евра. Тие кои што требаше правда да донесат, крадеа ваши пари, пари на народот, тешко спечалени пари на народот. Е затоа Христијан не се договараше Зоран Заев со тебе, за да нема ново Пржино, за да не може истите тие бандити да украдат нови милиони евра ниту од народот, а ниту од владата. Е затоа јас никогаш нема со тебе да се договорам, ниту за тој договор понижувачки од Преспа, ниту за договорот од Пржино, за да не оставиме на бандитите парите на народот да ги крадат и да не одговараат за тоа“, рече Мицкоски.

Пред него на протестот зборуваа адвокатот Тони Менкиноски од ВМРО-ДПМНЕ и Никола Ѓошевски, син на Горан Ѓошевски- Леви, шефот на обезбедувањето на поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски. Неговиот татко е осуден на 15 години затвор поради насилствата во Собраните на 27 април 2017 година. Тој порача дека неговиот татко невин лежен во затвор и побара од Апелациониот суд да ја исправел неправдата, што ако не се случело најави дека ќе ја барале правдата и во судот во Стразбур.

Инаку ова е втор протест на ВМРО-ДПМНЕ со истото мото “против неправдите, реваншизмиот и политичкото насилство”. Почна од пред Министерството за правда, а заврши пред Јавното обвинителство.

Трет републикански сенатор заразен со ковид19

Архивска фотографија- Републиканскиот сенатор од Висконсин Рон Џонсон
Архивска фотографија- Републиканскиот сенатор од Висконсин Рон Џонсон

Уште еден американски сенатор е позитивен на коронавирус, ден откако американскиот претседател Доналд Трамп беше пренесен во воена болница надвор од Вашингтон да прими терапија за болеста. Републиканскиот сенатор од Висконсин Рон Џонсон е позитивен на ковид19 соопшти неговиот портпарол. Тој се тестирал откако се вратил во Вашингтон на 29 септември и бил во контакт со позитивен на вирусот.

Вестите за Џонсон стигнаа откако републиканските сенатори Том Тилис од Северна Каролина и Мајк Ли од Јута соопштија дека се позитивни на вирусот и дека ќе треба да бидат во карантин десет дена. Двајцата присуствуваа на церемонијата за номинација на Ејми Кони Барет за врховен судија што се одржа на 26 септември во Белата куќа. Тие потоа учествуваа и во работата на Сенатот и се сретнаа со Барет претходно неделата што ги зголеми стравувањата дека меѓусебно се инфицирале. Вчера Барет беше негативна на коронавирусот, а како што се јавува таа била позитивна летово.

Покрај Трамп и неговата сопруга Меланија и други кои ја следеа церемонијата за номинацијата за судијка во Врховниот суд се позитивни на коронавирусот. Меѓу нив се и Рона Мек Даниел, претседавач со Републиканскиот национален комитет, претседателот на Универзитетот Нотр Дам Џон Џенкинс и Келиан Конвеј, советничка на претседателот Трамп и портпаролка на Белата куќа.

Нови 243 заболени со корона во последните 24 часа, четворица починати

Илустрација- тестирање за коронавирус
Илустрација- тестирање за коронавирус

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 1831 тестирања, а регистрирани се 243 нови случаи на ковид-19. По градови најмногу има во Скопје 98, а потоа следуваат Струмица 21, Прилеп и Свети Николе по 12, Куманово и Кочани по 11, Струга, Радовиш и Берово по девет и неколку други градови со помала бројка заболени. Починати се четири лица, едно од Прилеп, едно од Битола и двајца од Куманово. Три пациенти се починати во болница, еден вон болнички.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 100 оздравени пациенти. Во Скопје има вкупно 891 активен случај, а сега пет општини во главниот град имаат над сто заболени. Прва е општина Аеродром со 144 заболени, а по неа е Центар со 142 активни случаи, по нив следуваат Карпош со 129, Кисела Вода 104 и Гази Баба со 102 активни случаи.

Вчера во Македонија, пак, беа регистрирани 225 нови случаи, па поради високата бројка министерот за здравство Венко Филипче на вонредна средба со комисијата за заразни болести ја разгледуваа ситуацијата и најавија дека по анализите викендов ќе излезат со нови предлог мерки. Од министерството денеска реагираа до информации во некои медиуми дека има одлука за нови рестриктивни мерки. Во соопштението се посочува дека викендов ќе се направи детална анализа на епидемиолошките податоци од прашалниците и врз основа на направената анализа ќе се заземе став дали се потребни мерки и следни чекори кои ќе бидат препорачани до Владата.

Инаку, досега во земјата се направени вкупно 193.652 тестирања на Ковид -19. Нема тестирања во рамките на скринингот. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 18602, бројката на оздравени пациенти е 15264, на починати е 753, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2585.

Пазарна инспекција- некои угостители на големо ги прекршуваат мерките за заштита од Ковид-19

Илустрација- средства за дезинфекција во кафуле во Скопје
Илустрација- средства за дезинфекција во кафуле во Скопје

Одредена група угостители на големо ги имаа пречекорено мерките за заштита од Ковид-19, вели за МИА, директорот на Пазарна инспекција, Стојко Пауновски. Заради овие причини инспекторите на Пазарна инспекција, како и во изминатиот период и во претстојните денови ќе вршат контроли низ цела држава.

„Некогаш не е до самите газди, туку и до совеста на гостите. Менталитетот балкански е таков, стануваат, скокаат. Моментно на терен се 12 групи инспектори. Значи, контроли ќе се вршат и во текот на денот. Претходно кривични пријави поднесовме за неколку угостителски објекти во Струга и Скопје. Пречекорување на работно време и непочитување на протоколите за Ковид-19 се едни од причините за изрекување на овие пријави“, изјави Пауновски за МИА.

Последниот извештај на Министерството за здравство што беше објавен вчера за претходното деноноќие покажа дека во државава има нови 225 пациенти заразени од Ковид -19. Поради оваа бројка министерот за здравство Венко Филипче вчера имаше вонреден состанок со членовите на Комисијата за заразни болести, на кој е констатирано дека по точна анализа на епидемилошката состојба ќе се знае дали и какви мерки ќе се донесат.

Мицотакис -речиси невозможно е да одлучиме за втор целосен карантин

Архивска фотографија- грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис
Архивска фотографија- грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис

Мислам дека постои општ договор меѓу европските земји, дека е многу тешко, речиси невозможно да одиме на втор целосен карантин, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на неговото учество на „Athens Democracy Forum 2020“ во дискусија со израелскиот професор, писател и историчар Јувал Ноа Харари, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис детално и опширно говореше за тоа како Грција се справи и се справува со пандемијата, рече дека сега, каде што е потребно воведува локални карантини и спроведува масовни тестирања.

„Но, постои еден прашалник, а прашањето е: можеме да живееме со вирусот, а во исто време да ја одржиме економската нормалност, без целосен карантин и без да се собира голем притисок врз здравствениот систем? Мислам дека сѐ уште никој го нема одговорот, бидејќи имаме пред нас три или четири тешки месеци. Се надевам и оптимист сум дека нема да биде потребно да донесеме подрастични мерки од овие што ги имаме“, рече Мицотакис.

Невреме во Франција, исчезнати девет луѓе

Најмалку девет луѓе, меѓу кои и двајца пожарникари, се исчезнати во близина на францускиот град Ница по обилните дождови кои предизвикаа силни поплави, јави францускиот сервис Франсинфо повикувајќи се на локалните власти. Францускиот премиер Жан Касто рече дека заедно со министерот за внатрешни работи ќе отпатуваат во загрозениот регион веднаш штом временските услови го дозволат тоа. Властите ветија и дополнителна помош, односно дека ќе испратат хелихоптери и пожарникарски бригади во регионот. Градоначалникот на Ница Кристиан Естроси, пак, рече дека времето, кое полека се смирува, предизвикало сериозни штети, а околу 13 500 домови останаа без струја.

Претседателот на хрватското собрание позитивен на коронавирусот

Архивска фотографија- Претседателот на хрватското собрание Гордан Јандроковиќ
Архивска фотографија- Претседателот на хрватското собрание Гордан Јандроковиќ

Претседателот на хрватското собрание Гордан Јандроковиќ е позитивен на коронавирусот, соопшти доцна синоќа собранието. Јандроковиќ, како што јавуваат хрватските медиуми, во самоизолација од средата ги чекал резултатите од тестот. Тој имал благи симптоми, се чувствува добро и е дома, се наведува во соопштението од собранието на Хрватска. Претходно вработен во неговиот кабинет беше позитивен на коронавирусот, а бидејќи бил во контакт со него на Јандроковиќ му беше одредена самоизолација од две недели. Во Хрватска во последните 24 часа регистрирани се 241 нов заболен, а починаа две лица, со што бројот на заболени од почетокот на епидемијата досега се искачи на имаше 17 401 заболени, а починаа 293 лица.

Експлозија на автомобил бомба во Авганистан, дваесетина загинати

Авганистан- чад од експлозијата на автомобил бомба во провинцијата Нангархар, 3.10.2020
Авганистан- чад од експлозијата на автомобил бомба во провинцијата Нангархар, 3.10.2020

Дваесетина луѓе загинаа, а најмалку 30 се повредени во експлозија на автомобил бомба во источен Авганистан. Властите во областа Гани Кел, во провинцијата Нангархар, соопштија дека целта на денешниот напад била административната зграда во која исто така има и воени капацитети.

Неколку вооружени лица се обиделе да влезат во зградата по експлозијата, но биле убиени од безбедносните сили , јавува агенцијата Франс прес. Засега никој не ја презема одговорноста за нападот иако властите ги обвинија Талибанците.

Локалната полиција соопшти дека меѓу жртвите има членови на безбедносните сили и цивили. Талибанските милитанти извршуваат напади низ Авганистан иако учествуваат во мировните преговори со владата.

ДКСК се дообјаснува, Џафери бара извинување за апанажите

Архивска фотографија- Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК
Архивска фотографија- Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК

Државната комисија за спречување на корупцијата денеска преку соооштение, за како што наведуваат да се надминат недоразбирањата настанати по презентирањето на Анализата за потрошените буџетски средства за апанажа, објаснуваат дека анализата е направена врз основа на податоци за исплатени средства за апанажа добиени од Собранието на РСМ.

„Исто така, сакаме да појасниме дека Барањето на ДКСК за наведените податоци е всушност циркуларно писмо кое, покрај до Собранието на РСМ е испратено и до повеќе од 100 институции. Очигледно дека само податоците од Собрание на РСМ се доставени во бруто износ, но за тоа немаше никакво објаснување во дописот“, наведуваат од комисијата.

Вчера претседателот на Собранието Талат Џафери во изјава за телевизијата Телма побара од членовите на комисијата до денеска да се извинат за изнесените наводи дека апанажата на пратениците изнесува 100.000 денари. Во спротивно, рече Џафери членовите на ДКСК се избираат од Собранието и тоа му дава право да бара одговорност од нив.

Оваа реакција на собранискиот спикер следуваше откако ДКСК соопшти дека вкупно 107 функционери користеле апанажа во периодот од 2014 до 2018 година по престанокот на функцијата, а од нив 29 доаѓаат од Влада, а 78 од Собрание. При тоа износот на апанажата за лицата кои биле на именувани функции во Влада изнесува околу 71.000 денари, а на оние кои им завршил пратеничкиот мандат износот е околу 100.000 денари.

Царовска- има можност за санкции за оние кои не ја почитуваат одлуката за онлајн настава

Архивска фотографија-Министерката за образование и наука Мила Царовска
Архивска фотографија-Министерката за образование и наука Мила Царовска

Министерката за образование и наука Мила Царовска, во врска со најавите за бојкот на наставата рече дека во моментов нема целосен бојкот во ниту едно училиште, туку само одделни ученици ја бојкотираат наставата. Таа истакна дека сепак доколку се појават недостатоци во учењето, како Министерство, заедно со Бирото за развој на образованието, имаат обврска за надополнување на тоа учење. Во однос на најавата на директорот на едно средно училиште во Дебар дека ќе организира настава со физичко присуство, иако не доби одобрение за тоа и дали има начини за санкционирање за оние кои нема да ги почитуваат одлуките, Царовска вели дека можности за санкционирање согласно законот постојат.

„Секако можности за санкционирање постојат согласно законот. Одлуките на Владата се јасни и тие мора да се почитуваат затоа што се во интерес на јавното здравје на населението. Јас разговарав со градоначалникот, тоа е поедин став на директорот, градоначалникот потврдува дека прием на ученици со физичко присуство во таа гимназија нема да се случи, туку дека ќе се почитува одлуката на Владата“, рече Царовска.

Министерството за здравство, пак, утрово апелираше дека најавите за бојкот на онлајн наставата и непочитување на протоколите е недозволиво и го отежнуваат целокупниот процес на справување со корона кризата. Инаку, учебната година почна на први октомври.

Учениците од прво до трето одделение можат да ја следат наставата онлајн или со физичко присуство, додека сите други само онлајн. Владата по препораката на комисијата даде согласност во околу 600 училишта во кои имаат помал број ученици и дозволува епидимиолошката состојба наставата да се одвива со физичко присуство. Сите останати наставата треба да ја следат онлајн.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG