Вести
САД подготвени за продолжување на нуклеарниот договор со Русија
Соединетите држави соопштија дека се подготвени веднаш да се состанат со Русија за да го финализираат договорот за продолжување на нивниот последен голем договор за стратегиско оружје Нов СТАРТ за една година. Москва го поддржа предлогот на САД контролата на нуклеарното оружје да ги опфати сите видови боеви глави, но доколку Вашингтон го направи истото.
„Ја цениме подготвеноста на Руската Федерација да направи напредок по прашањето за контрола на нуклеарното оружје. Соединетите држави се подготвени веднаш да се состанат за да финализираат договор. Очекуваме Русија да ги овласти своите дипломати да го сторат истото“, изјави портпаролот на Стејт департментот Морган Ортагус.
Неколку часа порано, Русија предложи продолжување на договорот, кој треба да истече во февруари, за една година, велејќи дека е „подготвена, заедно со Соединетите држави, да преземе политичка определба за ограничување на распоредени нуклеарни боеви глави со долг дострел коишто може да ги има секоја земја. Во своето соопштение, руското Министерство за надворешни работи наведува дека замрзнувањето и продолжувањето на договорот за да се купи време за двете страни да разговараат за поголема контрола на нуклеарното оружје, ќе биде можно доколку Вашингтон не постави други барања.
Русија: Истекува времето за продолжување на нуклеарниот договор со САД
Руската понуда уследи откако минатата недела Вашингтон ја одби претходната руска понуда за безусловно продолжување на пактот за една година. Новиот „СТАРТ“, потпишан во 2010 година, наметнува ограничувања на стратешките нуклеарни арсенали на двете земји. Тој може да биде продолжен за пет години, за што Москва соопшти дека е подготвена да го направи без предуслови. Евентуалното продолжување на спогодбата дури и за една година ќе значи светла точка во затегнатите односи меѓу двете земји, додека неуспехот да се продолжи ќе го отстрани главниот столб за одржување на нуклеарната рамнотежа меѓу нив.
Неколку рунди разговори меѓу двете страни се оджаа во текот на летото без напредок за можно продолжување на договорот.
Нови 408 заразени, четворица починати од ковид 19
Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 2140 тестирања, а регистрирани се 408 нови случаи на Ковид-19 и тоа во: Скопје-227заразени, Куманово-12, Штип-15, Прилеп-4, Тетово-34, Струга-5, Велес-15, Битола-10, Охрид-23, Кавадарци-4, Гостивар-2, Струмица-18, Крива Паланка-6, Радовиш-7, Кочани-4, Демир Хисар-4, Пехчево-2, Берово-2, Виница-1, Делчево-1, Свети Николе-3, Кичево-6, Ресен-1, Неготино-2.
Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 280 оздравени пациенти. Починати се 4 лица, двајца пациенти од Скопје, еден од Ресен и еден пациент од Битола. Од нив само еден пациент е починат во домашни услови, останатите се починати во болница.
Комисијата скрои нови анти корона мерки, а старите уште чекаат во Собрание
Со последната статистика, вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 24196, бројката на оздравени пациенти е 17672, на починати е 850, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 5674.
САД фрлиле 45 спорни руски респиратори
Федералната агенција за управување со вонредни состојби на САД (ФЕМА) фрлила 45 респиратори што ги испорачала Русија. Како што пишува редакцијата на радио Слободна Европа на англиски јазик, респираторите никогаш не биле користени поради повеќе недостатоци.
Респираторите Авента-М беа испратени во САД откако претседателот Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин телефонски разговараа за пратката на 30 март. ФЕМА за американскиот „Базфид“, кој ја истражуваше пратката, соопштиле дека тие ги фрлиле респираторите, иако не е јасно кога точно се случило тоа.
Респираторите пристигнаа во Њујорк на 1 април и беа брзо распоредени на локално ниво, без претходно да добијат брзо одобрување за употреба во итни случаи од страна на Администрацијата за храна и лекови, односно протоколи за итни случаи кои овозможуваат дистрибуција на респираторите без процес на одобрување. Но, од самиот почеток, тие претставуваа проблем.
САД ќе донираат респиратори на Русија
За нивна употреба потребен е електричен штекер што пак не е компатибилен во САД и тие не можеа да се користат без адаптери што ги немаат болниците. Неколку респиратори од истиот модел се запалија во руските болници во мај, предизвикувајќи шест смртни случаи, што пак доведе до одлука за запирање на нивното производство.
Руското министерство за одбрана отвори своја канцеларија во Белград
Министерството за одбрана на Србија објави дека e започната процедура за отворање претставништво на Министерството за одбрана на Русија во согласност со договорот меѓу Владата на Србија и Владата на Русија.
„Целта на формирање претставништво на Министерството за одбрана на Русија е да се обезбеди поддршка и побрзо решавање на прашањата поврзани со воено-техничка помош, воена и воено-техничка соработка, а во согласност со договорот меѓу Владата на Србија и Владата на Русија за воено-техничка соработка“, се вели во соопштението на ресорното министерство.
Во соопштението меѓудругото се наведува дека договорот е потпишан врз основа на претходен договор меѓу претседателите на Србија и Русија, Александар Вучиќ и Владимир Путин. Претходно, Ројтерс објави дека Русија го овластила своето министерство за одбрана да отвори канцеларија во Србија, врз основа на документ од руската влада.
Србија-со Кина економска, со Русија и воена соработка
Србија минатиот месец ги прекина воените вежби со странските војски за шест месеци, а како причина го наведе притисокот од ЕУ да се повлече од заедничките вежби со Русија и Белорусија.
Премиерот го поддржа разрешувањето на Димова
Премиерот Зоран Заев изјави дека ќе го поддржи предлогот за разрешување на директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова.
Предлогот за нејзино симнување од функцијата доаѓа од вицепремиерот Љупчо Николовски, задолжен за борба против корупција. Заев денеска изјави дека има доволно аргументи за Димова да биде разрешена од етички причини.
„Јас тој предлог ќе го прифатам, ќе дадеме сугестии доколку владата се согласи до управниот одбор да постапи заради етичкиот дел, другиот дел е нешто кое го работат други институции, ние не сме надлежни, а тоа е за евентуална кривична одговорнот за незаконско работење, но не би навлегол во тој дел. Овде имаме доволен етички дел каде што треба да се понесе одговорнота и се согласувам дека владата треба да реагира за ваквите прашања не случајно вие новинарите и сите сте будни, не повеќе за тоа дали треало да се финансира едукација на фризери или поддршка на школи, не. Односот према вас новинарите не е доволно отчетен, не е рамноправен“, рече премиерот Зоран Заев.
Не е само Еразмус, истраги и за други малверзации со европските пари
Постапката следува откако во јавноста се објавија извештаи за тоа како се делеле пари за образовни проекти преку агенцијата. За тоа дали постои евентуална злоупотреба на средствата истрага води и Финансиската полиција, која наодите треба ги достави до Јавното обвинителство. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, исто така, бара оставка од Димова, а таа пак, на прес-конференција ги отфрли сомнежите и порача дека нема да се повлече додека не се истражи проневера на 2,2 милиони евра од претходното раководство на Националната агенција. И од Брисел соопштија дека Европската Комисија ќе ја проверува можната злоупотреба на европските фондови.
Дендиас бара ембарго на извоз на оружје во Турција
Шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас испрати писмо до германскиот колега Хајко Мас и шпанската министерка за надворешни работи Аранча Гонсалес-Лај, во кое бара да се воведе ембарго на увозот на оружје во Турција.
Дендиас во писмото бара да не се издаваат дозволи за извоз во Турција на одредени видови воена опрема, како што се подморници, фрегати, надградба за авиони и оклопни возила.
Грција и Турција навестуваат намалување на тензиите во спорот за морското дно
Грчкиот министер за надворешни работи ги наведува и неодамнешните провокативни акции од страна на Турција, истакнувајќи дека Анкара сака да ги постигне своите цели со воени средства.
Османи–Радман: Мора да продолжи европската интеграција на Западен Балкан
Продолжувањето на политиката на проширување на ЕУ ќе биде позитивен сигнал за целиот регион како суштински интерес и на земјите–членки на Унијата, за европски Западен Балкан, заклучиле на денешната средба во Загреб, министрите за надворешни работи на Македонија и Хрватска, Бујар Османи и Горан Грлиќ-Радман.
„Европската унија треба да донесе неколку исклучително важни чекори и одлуки за нас, и тоа: да ја одобри преговарачката рамка за пристапните преговори, да ја закаже првата Меѓувладина конференција и да започнат и формално пристапните преговори“, рекол министерот Османи.
Како што се наведува во соопштението од МНР, Османи се заблагодарил за силната поддршка од страна на Хрватска за нашите европски амбиции, која беше крунисана со одлуката на Советот на ЕУ за почеток на преговорите во рамки на хрватското претседателство со ЕУ во првата половина од годинава.
Османи во посета на Словенија и Хрватска
Османи во Софија на разговори со Борисов и Захариева
Шефот на дипломатијата Османи го информирал министерот Радман за неговата посета на соседна Бугарија, потенцирајќи ја притоа важноста од продолжувањето на меѓусебната комуникација на највисоко ниво, како единствен начин за надминување на евентуалните разлики и отстранување на сите предизвици за нормален континуитет на европските интеграции на Северна Македонија.
СЗО: Ставете ги контактите во изолација
Ставете ги контактите во изолација, порача денеска директорот за кризни ситуации во Светската здравствена организација (СЗО), Мајк Рајан, среде вториот бран на панемијата на коронавирус и наглиот пораст на бројот на заразени лица во Европа и САД.
„Ако имав право на една желба, со цел да подобрам само една работа што навистина можеме да ја поправиме и да ја смениме ситуацијата, тоа ќе биде да се осигура дека секој поединец кој бил во контакт со потврден случај на Ковид-19 е во карантин онолку колку што е неопходно, да се скрши синџирот на пренос. Тоа е една од главните причини зошто гледаме толку високи бројки“, рече Мајкл Рајан на денешната прес-конференција во Женева.
Барањето на контактите стана тешко во многу европски земји, а бројот на нови случаи на Ковид-19 буквално експлодираше на Стариот Континент во последните две недели.
Мартенс - Бектеши: Најави за нови германски инвестиции
Германски компании се заинтересирани за отворање фабрики во земјава идната година, а оние што се веќе тука присутни, по ковид кризата планираат зголемување на инвестициите, па дури и удвојување, соопштија по денешната средба министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Германското стопанство, Патрик Мартенс.
Како што соопшти Министерството за економија, Бектеши го информирал Мартенс за четвртиот пакет економски мерки, но и за подготвеноста државата да им излезе во пресрет на компаниите, посебно во делот на законодавството, со цел отворање нови работни места и задржување на конкурентноста во време на пандемија.
Според Мартенс, германските инвеститори во земјава размислуваат за нови вработувања и за проширување на вложувањата.
„Никој не е сигурен кога сето ова ќе заврши и колку ќе трае, но сепак добиваме позитивни сигнали од германските компании. Тие сметаат дека ако и по ковидот во државава останат добрите услови како сега, ќе ги прошират инвестициите, а има најави и за нови вложувања“, рече Мартенс.
Заев: Нема потреба од нов договор со Бугарија, ниту од лидерска
Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека Софија не бара промена на уставот и дека сметам оти нема потреба од промена на договорот со Бугарија. Вели дека е оптимист дека ќе се решат проблемите помеѓу Македонија и Бугарија и додаде дека нема потреба од лидерска средба, затоа што тоа може да му одмогне на процесот.
„Јас верувам дека ќе има договор. Борисов беше тука и испрати порака до македонскиот народ, дека ја признава реалноста на македонскиот јазик. Секогаш сме подготвени да ги потврдиме сите наши уставни определби. Верувам дека низ духот на пријателството ќе ги решаваме прашањата“, рече Заев по денешната Меѓународна научна конференција за македонскиот јазик во Скопје.
За последните коментари на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, премиерот рече дека Мицскоски во ништо не се вклучил да помогне.
„Мицкоски ниту имал став, ниту во нешто се вклучил да помогне во историскиот исчекор на земјата. Процесот се води преку МНР, верувам дека ќе се најдат решенија. Можно е да одмогнеме на процесот ако свикуваме лидерска средба. Тоа не е прашање на кое лидерите треба да се натегаат, се со цел државата да тапка во место“, изјави Заев.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете