Вести
Од 2306 тестирања, 438 новозаразени со корона, шест лица починаа
Во последните 24 часа се направени 2306 тестирања, а регистрирани се 438 нови случаи на ковид-19, информира Министерството за здравство. Најмногу од новозаразените се во Скопје-200, а двоцифрени бројки инфицирани има во Струмица 30, Тетово 27, Куманово 21, Битола 18, Штип 17, Охрид 16, Кочани 15, Прилеп 13 и Гевгелија 10.
Во болнички услови починати се шест лица, тројца пациенти од Скопје (75, 89 и 68г), од Крива Паланка (62г), Струмица (64г) и пациент од Штип (78г).
Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 191 оздравени пациенти.
Досега во земјата се направени вкупно 216.541 тестирања на Ковид-19.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 22607, бројката на оздравени пациенти е 16949, на починати е 821, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 4837. Инаку вчера беа регистирани рекордни 535 новозаразени со коронавирусот.
Во Косово 104 новозаразени со корона, две лица починаа
Во последните 24 часа во Косово од 889 тестови регистрирани се 104 позитивни на ковид19, а две лица починаа, соопшти Институтот за национално здравје. Од почетокот на пандемијата досега во Косово се регистрирани 16 606 позитивни на коронавирусот, а починаа 652 лица. Бројот на активни случаи е 1393. Владата на Косово најави дека ако се зголемува бројот на новозаразени ќе дојде до заострување на мерките за да се спречи ширењето на вирусот.
Од 1402 теста, 289 заразени со корона во Албанија
Нов негативен рекорд од 289 новозразени со Ковид-19 е регистриран во Албанија во последното деноноќие, што е за 32 случаја повеќе во споредба со вчера или 90 со бројката од пред два дена.
„Оваа бројка е добиена од тестрани 1.402 сомнителни случаи, што значи дека 20 отсто од тестираните се позитивни на опасниот вирус. Во изминатите 24 часа починаа четири лица во болнички услови, додека во списокот на оздравени се внесени уште 93 лица“, информираа од Министертвото за здравство и социјална заштита.
И понатаму главно жариште е Тирана со 113 новозаразени, по што следуваат Фиер со 34, Драч 23 и Валона со 19 нови случаи, останатите се речиси од сите делови на земјата.
„Од почетокот на март досега направени се 104.804 тестови, позитивни биле 16.501, оздравеле 9.957, а починале 443 лица. Загрижува постојаниот раст на оние на кои им е неопходо болничко лекување. Моментно во двете ковид болници се хоспитализирани 255 од вкупно активните 6.101 болни“, додаваат од Минстерството.
Од вчера во земјата задолжително е носење заштитна маска на отворен простор. Само во текот на вчерашниот ден, како што соопшти полицијата, парично се казнети околу 200 лица. Казната е во износ од 25 евра, а доколку тоа го повтори истото лице казната е 40 евра, кои се впишуваат во сметките за електрична енергја.
Изетбеговиќ позитивен на ковид19
Првиот заменик на претседавачот со народниот дом на парламентот на Босна и Херцеговина и претседател на Партијата на демократска акција Бакир Изетбеговиќ е позитивен на коронавирус, потврдија за Радио Слободна Европа од неговата партија. Од таму додаваат дека тој се чувствува добро и се наоѓа дома.
Путин предложи продолжување на договорот за разоружување со САД
Рускиот претседател Владимир Путин предложи продолжување од една година на билатералниот договор за нуклеарно разоружување со Соединетите Американски Држави без предуслови со што ќе се овозможи тој да не заврши во почетокот на идната година и ќе се овозможи да заживеат разговорите за неговото продолжување.
Путин исто така му дал инструкции на министерот за надворешни работи Сергеј Лавров на состанокот на постојаните земји членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, кој треба да се одржи денеска, да ја престави руската позиција за договорот и да ги информира САД за развојот на настаните. Путин додаде дека би било многу жално ако договорот истече без да се постигне нов.
Инаку со тој договор постигнат во 2010 година се ограничува снабдувањето со стратегиско нуклеарно оружје, а неговата важност истекува во февруари, за што Москва рече дека е подготвена да го продолжи без предуслови.
Белата куќа, која веќе се повлече од други договори за контрола на вооружувањето, обвинувајќи ја Москва за прекршување и дека од такви договори полза има Русија повеќе отколку САД, го повика Пекинг да им се придружи во создавањето нов договор.
Борисов од Брисел- со Меркел го поддржуваме патот на Западен Балкан кон ЕУ
Бугарскиот премиер Бојко Борисов на Фејсбук објави дека тој и германската канцеларка Ангела Меркел ги поддржуваат земјите од Западен Балкан на патот кон ЕУ.
„Бугарија активно ќе продолжи да работи во таа насока за време на нашето заедничко претседавање со Република Северна Македонија во Берлинскиот процес. Ги ценам напорите на германското претседателство со Советот на ЕУ за изнаоѓање најсоодветни решенија за заштита на здравјето на сите европски граѓани, како и на економскиот живот“, наведува Борисов на својот фејсбук-профил.
Тој во објавата натаму додава дека на францускиот претседател Емануел Макрон му порачал оти ЕУ треба да дејствува координирано во борбата против пандемијата, но дека и земјите членки не треба да бидат лишени од можноста сами да носат одлуки.
Борисов е во Брисел на Самитот на лидерите на земјите членки на Европската унија кои разговараат за зголемениот број случаи на заразени со коронавирус во цела Европа.
Радев- не може да се прават компромиси со историја, идентитет и јазик
Треба да се најде политичко решение, но не може да се прават компромиси со историјата и јазикот или со барања за национални малцинства, изјави денеска бугарскиот претседател Румен Радев во врска со недоразбирањата меѓу Софија и Скопје и очекувањата од средбата на заедничката комисија за историски и образовни прашања.
„Членовите на бугарско-македонската комисија се професионалци, тие ќе ја бараат и бранат, како и досега, историската вистина и бугарскиот национален интерес. Мојата порака до нив е дека политичарите не можат да абдицираат од овој важен процес за Бугарија и за Македонија и ЕУ. Крајно време е да се најде политичко решение што ќе ги потврди сите принципи на почитување на историјата и добрососедството и почитување на нашиот идентитет и јазик„, рече Радев.
Тоа, според него, првенствено е одговорност на земјата – кандидат за членство во ЕУ, пренесува БГНЕС.
„Секогаш има простор за компромиси, но тие не можат да се прават со историја, идентитет и јазик, или со барање за националните малцинства“, нагласи Радев.
Во меѓувреме во Скопје, заедничката бугарско-македонска комисија за историски и образовни прашања ја завршува дводневната средба до која дојде по пауза од речиси една година. Деталите од состанокот на историчарите се најавени за попладнево.
Косово ќе забрани употреба на 5Г уреди од недоверливи продавачи
Kосово ќе ја забрани употребата на 57-уреди набавени од недоверливи продавачи, а таму каде што е можно веќе да има такви уреди надлежните институции ќе се ангажираат за нивно отстранување, јави МИА од Приштина.
Оваа одлука, според соопштението од владината служба за информирање, на претставниците на Регулаторниот авторитет за електронски и поштенски комуникации (АРКЕП) денеска им ја соопшти премиерот Авдулах Хоти.
Приштинските медиуми наведуваат дека со ова Косово ја исполнува обврската преземена од последниот договор за економска нормализација со Србија, потпишан на 4 септември во Вашингтон, со кој, меѓу другото, двете земји се согласија да не купуваат 5Г-опрема од недоверливи дилери.
Николовски бара смена на Димова, за ВМРО-ДПМНЕ тоа е театар
Директорката Лидија Димова, смета дека не треба да даде оставка, но јас имам спротивен став. На наредната владина седница ќе побарам оставка и разрешување на директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, вели вицепремиерот вицепремиерот Љупчо Николовски во објава на неговиот официјален профил на Фејсбук.
Димова, директорката на Националната агенција за европски програми, е во центарот на вниманието на јавноста откако беше отворен случајот за евентуална злоупотреба на европски пари преку Агенцијата, откако опозицијата обвини дека пари се трошеле за фризерници, тренирање магариња и слични проекти, а од Брисел најавија проверка на случајот.
Димова претходно на прес-конференција рече дека не дава оставка и оти за програмата „Еразмус плус“ може да аплицира секој.
На најавата за смена на Димова денеска реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека „тоа е само театар“.
„Оваа смешна препирка низ медиумите дали Лидија Димова ќе си даде оставка или не, дали Владата ќе ја разреши или не, е само театар за граѓаните, да мислат дека оваа Влада е одговорна и чесна“, изјави на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Спиро Ристовски и Трајко Вељаноски во изолација, одложено судењето за „27 април“
Судењето за организаторите на настаните од 27 април 2017 година во Собранието, се одложува на 28 октомври поради отсуство на обвинетиот Спиро Ристовски, кој е во самоизолација, поради корона вирусот. Бранителот на Спиро Ристовски, до судот доставил известување дека обвинетиот ќе биде во самоизолација до 21 октомври.
Првообвинетиот Трајко Ваљановски, исто така, има решение за самоизолација до 22 октомври. На денешното рочиште, требаше да бидат сослушани повеќе сведоци, предложени од одбраната на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељановски.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска. Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете