Достапни линкови

Вести

Филипче: Утре ќе се дискутира за можни нови мерки

Венко Филипче
Венко Филипче

Комисијата за заразни болести утре на состанок ќе одлучува дали ќе има нови рестритивни мерки покрај предложените и тие што се во сила, рече вечерва министерот за здравство Венко Филипче. Тој вели дека Комисијата ќе анализира и на што се должи скокот на новозаразени во последните денови и кој е начинот на трансмисија на вирусот.

Министерот за здравство за ТВ Сител рече дека на состанокот ќе се дискутира за можни нови мерки кои би вклучувале рестрикции во јавниот превоз, ограничување во работата на угостителски објекти, економски субјекти и компании и секаде каде што постои ризик. Дел може да бидат во некои општини, и некои да важат и за цела држава. Ќе се дискутира и дали да се ограничи движењето навечер, но, лично смета дека во овој момент е рано зашто, како што рече, има простор се уште да се почитуваат мерките преку ден за да нема голем пренос на вирусот.

Комисијата мината недела предложи дополнителни мерки, но за да се усвојат потребно е да се смени Законот за спречување заразни болести. Законот следната недела е во Собрание. Со заострување на рестрикциите се планира да се ублажи скокот на заразени лица, реч министерот. Министерството за здравство денеска соопшти нов негативен рекорд со 535 нови случаи со ковид-19 во изминатите 24 часа.

Министерот посочи дека во сите болници има слободни кревети, но брзо се полнат и затоа е подготвена модуларната болница со 72 кревета.

Груби - Нема нови документи, нема нови условувања од Бугарија

Артан Груби
Артан Груби

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби вели дека нема нови документи и нови условувања од Бугарија.

„Нема никакви работи на маса или под маса коишто би се дискутирале, туку се придржуваме на договорот и на се што е составен дел од договорот“, рече Груби вечерва за 24 анализа. Тој верува дека ќе се надминат сите прашања и Бугарија ќе остане најголем поддржувач на земјата за интеграција во ЕУ.

Во врска со нови уставни измени на инсистирање на Бугарија, Груби дециден дека апсолутно нема.


„Официјално нема никаков предлог, официјално нема никаква идеја. Официјално постои само добрососедскиот договор со Република Бугарија. И комисиите работат на усогласување на ставовите по однос на сите тие составни точки на Договорот за добрососедство со Република Бугарија. Нема никакви условувања, нема никаква потреба за промена на Уставот“, вели тој.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пред два дена јавно запраша дали Бугарија бара нов договор кој предвидува и уставни измени.

Главниот град на Нагорно-Карабах под артилериски оган

Главниот град на отцепениот азербејџански регион Нагорно-Карабах денеска се најде под артилериски оган, со што се прекина и така разнишаниот прекин на огнот, склучен пред пет дена.
Обновените напади дополнително ги уништуваат надежите за прекин на борбите кои се разгореа пред две недели.

Постојат стравувања дека повеќедеценискиот конфликт меѓу Азербејџан и Ерменија околу планинскиот регион Нагорно-Карабах може да се прошири и во него да се вклучат и сојузниците Турција и Русија.
Министерот за надворешни работи на Ерменија, Зохраб Мнацаканиан на Твитер напиша дека Азербејџан го прекинува спроведувањето на прекинот на огнот.

Ерменското Министерство за одбрана соопшти дека азербејџанските сили „го обновиле интензивниот артилериски оган“ кон линијата која ги дели азербејџанската од ерменската страна во во северо-источен и југо-источен Карабах.

Во меѓувреме, службата за итни случаи на де факто раководството на Нагорно Карабах на Фејсбук напиша дека азербејџанските сили нападнале „цивилни цели“ во Степанакерт, главниот град на регионот.

Степанакерт е постојано бомбардиран откако избувнаа борби меѓу азербејџанските и ерменските сили кон крајот на минатиот месец. Во судирите загинаа стотици луѓе, меѓу кои и цивили.

Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, на 15 октомври рече дека верува оти конечно може да се реши конфликтот по скоро 30 години разговори, но предупреди дека неговата армија ќе ги преземе сите региони околу енклавата доколку Ерменија продолжи да „дејствува негативно“.

Во Албанија рекордни 257 новозаразени со ковид-19

Рекорден број новозаразени се регистрирани во последното деноноќие во Албанија, кога се направени и најголем број тестови досега во еден ден.
Од 1.398 тестирани, позитивен резултат е добиен кај 257 или околу 19 отсто од тестираните.

„Од крајот на минатиот и овој месец бројот на новодијагностицирани случаи секојдневно се зголемува и во просек дневно се регистраат од 140 до 150 новозаразени. Вчера првпат бројот на новозаразени беше над 200, односно беа регистрирани 203 новозаразени од тестирани 1.351 случај“, информираше Министерството за здравтсво и социјална заштита.

Според Министертвото, во изминатите 24 часа починале пет лица во болнички услови, додека оздравеле 102 лица.

Досега во Албанија се направени 103.402 тестови, позитивни биле 16.212, оздравеле 9.864, а починале 439 лица.

Судот во Стразбур го отфрли барањето на Турција за Нагорно-Карабах

Европскиот суд за човекови права(ЕСЧП) во Стразбур го отфрли барањето на Анкара за поништување на одлуката со која се повикуваат сите држави, директно или индиректно вклучени во конфликтот во Нагорно-Карабах, да се воздржат од дејствија кои би изложиле цивилите на ризик и да ги почитуваат нивните обврски од Европската конвенција за човекови права.

Првичната одлука на судот беше донесена по барање на Ерменија веднаш по стартот на борбите во спорниот регион. Официјален Ереван на 28 септември побара судот да преземе активности, познати како времени мерки, против Азербејџан за да спречи можно страдање на цивилното население долж линијата на контакт меѓу двете страни. Судот на 29 септември донесе времени мерки зашто „сегашната ситуација создава ризик од сериозни прекршувања на Конвенцијата“ и ги повика Ерменија и Азербејџан „да се воздржат од преземање какви било мерки, особено воени активности, што може да доведат до кршење на правата на цивилното население согласно Конвенцијата“.

На 6 октомври судот ги повтори времените мерки зашто, како што соопшти, има докази дека одредени држави потписнички на Конвенцијата се „директно или индиректно вмешани во конфликтот“.

Иако Турција не беше директно спомената, Анкара на 7 октомври побара од судот да ја преразгледа одлуката, сметајќи дека е насочена против Турција. Анкара е на страната на Азербејџан во конфликтот во сепаратистичкиот регион населен со етнички Ерменци, кои имаат поддршка од Ереван. Турција смета дека медијацијата предводена од Франција, САД и Русија одолговлекува и оти Нагорно-Карабах мора да му биде вратен на Азербејџан.

Двете страни соопштија дека многу цивили и стотици војници загинаа од почетокот на насилствата кон крајот на септември. Ерменија и Азербејџан водеа војна за спорниот регион на крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите години од минатиот век, за време на распадот на СССР. Нагорно-Карабах е дел од претежно муслиманскиот Азербејџан, но е под контрола на претежно христијанските ерменски сепаратисти.

Бројката на дневно заразени со ковид надмина 500

Клиника за инфективни болесни во Скопје.
Клиника за инфективни болесни во Скопје.

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 2445 тестирања, а регистрирани се 535 нови случаи на ковид-19, соопшти Министерството за здравство. Повеќе од половина од новите регистрирани случаи се во Скопје, каде има 277 новозаразени. Потоа следуваат Струмица со 30, Прилеп со 26, Гевгелија со 24, Штип 22, Тетово 18, Куманово 17, Битола 13, Кочани 12, Велес 10, во останатите градови има едноцифрена бројка на нови случаи.

Во болнички услови починати се 6 лица, пациенти од Битола (66г), Куманово (57г), Прилеп (72г), Свети Николе (69г), Велес (67г) и Неготино (55г).
Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 168 оздравени пациенти од:
Досега во земјата се направени вкупно 214.235 тестирања на ковид -19.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 22170, бројката на оздравени пациенти е 16758, на починати е 815, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 4597.

Фон дер Лајен го напушти Самитот на ЕУ за да оди во самоизолација

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска го напушти Самитот на ЕУ кој само што почна за да замине во самоизолација откако е констатиран случај на ковид-19 во нејзиниот тим, соопшти таа на Твитер.

„Тукушто без известена дека еден член на мојот тим утринава би тестиран позитивен на ковид-19. Јас лично имав негативен тест, но поради претпазливост веднаш го напуштам Европскиот совет за да одам во карантин“, напиша таа.

Фон дер Лајен кратко беше во карантин претходно овој месец по состанок на кој присуствувало едно заразено лице, но таа не беше инфицирана со вирусот.

Во Србија апел да не се издаваат „специјални дозволи“ за свадби и прослави

Луѓе со маски во Белград.
Луѓе со маски во Белград.

Во Србија во изминатите 24 часа починаа две лица, додека 203 лица се регистрани како новозаразени со ковид-19. Тестирани се 6.504 лица, а на респиратори се наоѓаат 25 пациенти. Во Србија вчера беа евидентирани 245 заразени, што преставува зголемување од 100 лица на дневна основа.

Министерот за здравство, Златибор Лончар, изјави дека ќе инсистира локалните кризни штабови повеќе да не издаваат „специјални дозволи“ за свадби и прослави, бидејќи, како што оцени, ваквите собири му даваат можност на вирусот да циркулира.

Лончар потсети дека пред една недела, во болниците имало нешто повеќе од 270 пациенти заразени со ковид-19, а денеска има 359.
Имунологот Срѓан Јанковиќ најави дека носењето заштитни маски на отворено, кога доаѓа до контакти наскоро ќе биде обврска.

Премиерот на Киргистан Јанапов - Целата моќ е во мои раце

Новиот премиер на Киригистан, Садир Јанапов
Новиот премиер на Киригистан, Садир Јанапов

Новиот премиер на Киригистан, Садир Јанапов рече дека целата моќ сега е во неговите раце, откако претседателот на државата, си поднесе оставка. Јанапов, кој издржуваше затворска казна оти е осуден за киднапирање, неделава беше ослободен, а вчера поставен за премиер, во услови на немири во Киригистан по спорните избори.

Претходно киргистанскиот претседател, Соронбаи Јенбеков, поднесе оставка по масовните протести против официјалните резултати на парламентарните избори, кои им ја дадоа победата на партиите поврзани со него и неговата влада. Тој рече дека не сака да биде запаметен како крвавиот претседател кој пукал на својот народ.

Премиерот Јанапов рече дека по оставката на претседателот на државата, претседателот на парламентот објавил дека не може да ја преземе улогата на вршител на должноста претседател, па отсега целата моќ во државата во рацете на Јанапов.

Јенбеков е третиот киргистански претседател во последните 15 години, кој си заминал од функцијата поради народен пресврт.


Претседателот на Парламентот Канатбек Исаев на функцијата беше избран на 13 октомври, во обид да се отвори пат за транзиција за да се намалат тензиите по изборите. Според уставот на Киргистан, пред изборот на нов претседател, спикерот на парламентот треба да ја води земјата како вршител на должноста претседател. Но, Исаев изјави дека нема да ја врши претседателската функција.

МВР уапси 10 криумчари на мигранти

Ппортпаролот на МВР, Тони Ангеловски
Ппортпаролот на МВР, Тони Ангеловски

Полицијата денеска разбила 12 члена криминална група осомничена дека криумчарела мигранти, соопшти на денешната прес конференција портпаролот на МВР Тони Ангеловски. Тој рече дека групата дејствувала околу десетина месеци. Полицијата денеска уапсила 10 луѓе, еден од групата е од претходно во притвор, а по еден се трага.

Организатори на групата се татко и син од Богданци, потоа еден човек од Скопје и еден од село Лојане, во Липково. Тие соработувале со луѓе од Грција. Во периодот од декември минатата година досега организирале криумчарење на околу 100-тина илегални мигранти, за што и наплаќале од 500 до 700 евра. Најголем број од мигрантите биле по потекло од Aвганистан, Пакистан, Сирија, Иран, Египет и други земји, а кои претходно престојувале на територија на Грција, информира Ангеловски.

Мигрантите од Грција преку илегални премиени во близина на Гевгелија и Дојран биле внесувани на територија на Македонија, а од таму пренесувани со возила до одредени локации во кумановско-липковскиот регион. Потоа, кога ќе имало услови, мигрантите биле пренесувани преку границата со Србија, а оттаму кон државите од Европската унија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG