Достапни линкови

Вести

Македонија - Грузија 1:1, одлучувачкиот меч за ЕП на 12 ноември

Репрезентацијата на Македонија одигра нерешено 1:1 (0:0 по првото полувреме) со селекцијата на Грузија на арената „Тодор Проески“ во Скопје, во рамки на четвртото коло од Лигата на нации.

Во првите 45 минути немаше поголеми возбудувања, а вториот дел започна поактивно, но откако Македонија остана со играч помалку во 67. минута Кварацхелија ја доведе Грузија во водство од 1:0. Македонија изедначи од пенал со голот на Алиоски, во судиското надополнување.

Македонија по овој меч остана на првото место на табелата во групата 2, заедно со Грузија на две кола до крајот. На 12 ноември двете репрезентации повторно ќе се сретнат во најважниот натпревар за македонскиот фудбал, откако ќе играат финале за пласман на Европското првенство 2021 година.

Пендаровски: Вон памет е промена на Уставот или договорот со Бугарија

Стево Пендаровски
Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски денеска изјави дека тој не добил ниту на писмено, ниту вербална информација дека на средбата во Софија на министерот за надворешни работи Бујар Османи му е пренесен некаков сет на барања, како што информирале некои медиуми. Тој во интервју за Топ Тема на ТВ Телма, потврди дека во изминатите три месеци интензивно се работи со Бугарија на надминување на недоразбирањата.

„До овој момент ниту на вербално ниво никој нема побарано од бугарска страна промена на Уставот. Во однос на интерпретацијата на билатералниот договор, не е првпат од софиска страна некој да побара политичка декларација или изјава со која ќе дообјасниме некои работи во Договорот од 2017. Има изјава на претседателот Радев со кој бара анекс на тој договор дека наводно не се почитува, или практично нов договор“, вели Пендаровски.

Тој порача и дека е „Вон памет е да се разговара за каква било промена на Устав или анекси и додавања на Договорот, тоа не е потребно“.

Пендаровски додаде дека може да се потпише декларација со која би се реафирмирале вредностите на кои почива Договорот за добрососедство. Тој ја повтори неговата изјава во која вели дека „цврст државен став е ако не влеземе како Македонци кои зборуваат македонски јазик не ни треба таквата ЕУ“.

Според него, не постои временска рамка за работата на заедничката комисија за историски прашања која утре и задутре во Скопје треба да ја одржи десетата средба. Пендаровски порача и дека не постои историска комисија од тој формат во која било европска држава која во изминативе 100 години работела подобро и побрзо.

Во однос на мерките за заштита од ширењето на коронавирусот тој порача дека не се поразлични од други земји, но проблемот е во имплементацијата, односно во менталитетот на луѓето.


Рекорден број на 445 нови случаи на коронавирус

Заштитни маски. Коронавирус. Илустрација.
Заштитни маски. Коронавирус. Илустрација.

Во последните 24 часа се направени 2441 тестирања, а регистрирани се 445 нови случаи на Ковид-19. Најмногу заразени има во Скопје 249.
Починати се 9 лица, двајца пациенти од Скопје на 72 и 62 годишна возраст, еден 66 годишен од Куманово, двајца од Струга на возраст од 58 и 65 години, 80 годишен од Струмица, потоа 83 годишен од Крива Паланка, пациент на возраст од 60 години од Пробиштип и пациент од Свети Николе на 65 години. Институтот за јавно здравје регистрира 194 оздравени пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 211.790 тестирања на Ковид -19. Нема тестирања во рамките на скринингот. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 21636, бројката на оздравени пациенти е 16591, на починати е 809, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 4236.

Путин го повикал Ердоган на соработка за Нагорно Карабах

Рускиот претседател Владимир Путин и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган
Рускиот претседател Владимир Путин и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Рускиот претседател Владимир Путин во телефонски разговор со неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган повика на соработка меѓу лидерите за прекинување на борбите, соопшти Кремљ.

Двајцата лидери „ја истакнаа итната потреба од заеднички напори да се стави крај на крвопролевањето што е можно поскоро и да се оди кон мирно решавање на проблемот со Нагорно Карабах“, се наведува во соопштението од Кремљ.

Ова е прв телефоснки разговор меѓу Путин и Ердоган по избивањето на борбите во Нагорно Карабах кон крајот на минатата месец.

Азербејџан претходно потврди дека извршил напад врз локација за лансирање на ракети во Ерменија за која Баку тврди дека се користела за таргетирање на цивилни области. Борбите избувнаа во и околу регионот на 27 септември.

Киргистанскиот претседател со услов за повлекување од функцијата

Киргистанскиот претседател Соронбаи Јенбеков
Киргистанскиот претседател Соронбаи Јенбеков

Киргистанскиот претседател Соронбаи Јенбеков ќе поднесе оставка само ако се повторат парламентарните избори во земјата, соопшти денеска неговиот портпарол. Таквиот став се очекува да ги разгори тензиите во земјата, бидејќи претходно новоизбраниот премиер Садир Јапаров изјави дека ќе изврши притисок врз Јенбеков да го одржи неговото ветување дека ќе се повлече од фукцијата додека земјата се соочува со политичка криза.

„Мислам дека треба да се вратиме на првичниот договор кога претседателот вети дека ќе се повлече од функцијата откако ќе се стабилизира ситуацијата“, рече Јапаров.

Јенбеков претходно ја одобри одлуката на Парламентот за назначување на новиот премиер.

Азербејџан призна дека извршил напад на ерменска територија

Мапа на Нагорно Карабах и Азербејџан и Ерменија.
Мапа на Нагорно Карабах и Азербејџан и Ерменија.

Азербејџан потврди дека извршил напад врз локација за лансирање на ракети во Ерменија за кој Баку тврди дека се користела за таргетирање на цивилни области. За прв пат земјата за време на двонеделната ескалација на борбите во спорниот регион Нагорно Карабах призна дека извршила напад врз цели на ерменската територија.

Борбите избувнаа во и околу регионот на 27 септември. Турција и Русија денеска ги охрабрија двете земји да се вратат на разговори со меѓународно посредство за решавање на статусот на Нагорно Карабах, иако Анкара порача и дека „окупираните земји“ треба да му бидат вратени на Азербејџан.

Министерството за одбрана на Азербејџан денеска објави дека уништило ерменски тактички балистички ракетен систем „во пограничните региони на Ерменија во близина на окупираната област Калбајар“. Портпаролката на ерменското Министерство за одбрана го потврди нападот на Азербејџан, но негираше дека нејзината земја извршила напад во земјата.

Вучиќ: Србија никогаш нема да воведе санкции врз Русија

Српскиот претседател, Александар Вучиќ
Српскиот претседател, Александар Вучиќ

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, изјави дека земјата никогаш нема да воведе санкции врз Русија, иако е под притисок да го направи тоа.

„Ние сме на патот кон ЕУ, но, ќе ја зачуваме нашата позиција и нема да ги расипеме односите со Русија“, рече Вучиќ во интервју за руската агенција Тасс.

Тој го повтори ставот дека Србија никогаш нема да влезе во НАТО или во која било друга воена структура. Според него, Србија ќе биде самоодржлива, независна и слободна држава, која се придржува до политиката на воена неутралност.

Собранието ќе има пет потпретседатели

Собрание на Република Северна Македонија
Собрание на Република Северна Македонија

Пратениците денеска со 60 гласа „за“ и 22 „против“ ја усвоија Одлуката за утврдување на бројот на потпретседателите на законодавниот дом. Претседателот на Собранието Талат Џафери предложи Собранието да има петмина потпретседатели.

Во образложението на предлогот, повикувајќи се на Деловникот и на Законот за Собрание, се наведува дека „бројот на потпретседателите го утврдува Собранието, по предлог на претседателот. Потпретседателите се избираат од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието“.

Изборот на потпретседатели на Собранието ќе се врши на друга собраниска сеница.

Во август портпаролот на ВМРО- ДПМНЕ, Димче Арсовски, рече дека нивната партија ниту прифаќа, ниту ќе предложи потпретседател на Собранието, по што лидерот на СДСМ, Зоран Заев, рече дека ако ВМРО-ДПМНЕ се откаже од своето право на потпретседател во Собранието тоа ќе го стори и СДСМ.

Според Деловникот, опозицијата има едно потпретседателско место, две предлага Комисијата за избори, а другите две се на мнозинството.

Пауновски: Пазарната инспекција нема доволно инспектори

Угостителски објекти во Скопје во пандемија. Илустрација.
Угостителски објекти во Скопје во пандемија. Илустрација.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски изјави дека немаат доволно инспектори. Тој информираше и дека денеска Министерството за финансии го одбило барањето за вработување на 20 инспектори.

Според него, максимало се користат инспекторите за излегување на терен и дење и ноќе во зависност од нивната смена. Пауновски порача дека се очекува до крајот на годината 37 инспектори да заминат во пензија, а дека новите кои примени од пред година-две се уште се на обука пред да излезат на терен.

„Кривични пријави од овој викенд се однесуваат на организирање на свадби, и непочитување на протоколите од последната одлука на здравстевената комисија. Ниту едно решение или кривична пријава изречена од инспекторите не е направена постфестум и врз основа на дојава. Дојавите се користат само да се упатат инспекторите на правото место“, истакна Пауновски на прес-конференција во Владата со претседателката на Инспекцискит совет Магдалена Филиповска-Грашкоска.

Тој им се заблагодари на сите во државава кои ги пријавуваат неправилностите.

Новиот премиер на Киргистан ќе бара оставка од претседателот

Новоизбраниот премиер на Киргистан, Садир Јапаров.
Новоизбраниот премиер на Киргистан, Садир Јапаров.

Новоизбраниот премиер на Киргистан, Садир Јапаров изјави дека ќе изврши притисок врз претседателот Соронбаи Јенбеков да го одржи неговото ветување дека ќе се повлече од фукцијата додека земјата се соочува со политичка криза предизвикана од спорните парламентарни избори.

Откако Јенбеков ја одобри одлуката на Парламентот за назначување на новиот премиер, Јапаров рече дека прашањето за иднината на шефот на државата ќе се реши денеска.

„Мислам дека треба да се вратиме на првичниот договор кога претседателот вети дека ќе се повлече од функцијата откако ќе се стабилизира ситуацијата“, рече Јапаров.

Потврдата на Јапаров, кој беше ослободен од затвор каде што издржуваше долга казна откако беше осуден за киднапирање, го придвижува Киргистан кон решавање на кризата предизвикана од демонстрациите за официјалните резултати од парламентарните избори на 4 октомври.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG