Вести
Мицкоски: Бара ли Бугарија нов договор со уставни измени?
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека треба да се праша министерот за надворешни работи Бујар Османи дали неговата колешка од Бугарија Екатерина Захариева предложила да се потпише нов договор.
„Договор кој ќе биде сличен на Преспанскиот со уставни измени, каде ќе се дефинира постоењето на македонската нација и јазик од 1945 наваму, а пред 1945 дека сме биле нешто друго. Еве да го прашаме дали ова е точно и дали е ова услов за понатамошно продолжување на преговорите“, рече Мицкоски во интервју на телевизијата Канал 5.
Според него, не смее да се остави политичари кои спасувајќи ги своите политички кариери ја уништуваат нацијата „асимилирајќи ја нацијата, уништувајќи ја современата македонска држава“.
Мицкоски рече дека претседателот на Владата, Зоран Заев во 2016 година им ветил на бугарски политичари дека „се ќе признае, само Бугарите да му дадат поддршка и да биде премиер“.
Автомобилски протест на ВМРО-ДПМНЕ за поевтина струја
ВМРО-ДПМНЕ вечерва со колона возила повторно протестираше низ улиците на Скопје, против покачувањето на цената на електричната енергија.
Владимир Нелоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, пред седиштето на Регулаторната комисија за енергетика ги повтори двете барања, односно враќање на поранешната цена на струјата и оставка на членовите на РКЕ, на чело со претседателот Марко Бислимоски.
Сличен протест од страна на ВМРО-ДПМНЕ, вечерва беше одржан и во Охрид. Во Охрид освен против поскапувањето на струјата се протестираше и против, како што велат организаторите на протестот, сите погрешни политики на власта. Од протестот беше порачано дека неодговорното раководење со институциите, поскапувањето на струјата, неправдата, реваншизмот и политичкото насилство на власта се доволен мотив да се излезе на улица и да се искаже незадоволството на граѓаните.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва во интервјуто на Канал 5 телевизија, рече дека крајната цел на протестите е што побрзо да падне оваа власт која, како што рече, ја води државата во амбис и не нуди ништо.
Според него еден од легитимните начини да се протестира е улицата, вториот начин е Парламентот.
„Таму во Парламентот колку што може да видите, ВМРО-ДПМНЕ, а и другите опозициски партии едвај се борат за збор, посочи Мицкоски.
Николовски: Институциите го проверуваат случајот за доделувањето средства од ЕУ
Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата Љупчо Николовски на својот профил на Фејсбук објави дека надлежните институции, секоја во рамки на својата надлежност, започнале со проверка на случајот за доделување финансиски средства од Европската унија преку Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
„Како вицепремиер за борба против корупцијата и криминалот, во постојана комуникација сум со институциите, а случајот целосно ќе се истражи и расчисти. Истрагите не ја исклучуваат и политичката одговорност ако за тоа има основа. Како член на Владата одговорен за спроведување на етичкиот кодекс, активно го следам развојот на настаните и ќе ја известам јавноста за секоја понатамошна релевантна информација, додава Николовски во објавата.
Националната агенција за европски образовни програми деновиве силно ја разбранува јавноста. Колку пари недостасуваат од касата на агенцијата и како се трошат европските пари се клучните прашања што се наметнаа деновиве по објавувањето на аферата, сега веќе позната во јавноста како „Фризерница“. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува за стотици илјади евра проневерени во име на грантови за тренирање на магариња, коњи и фризерници, а сегашната директорка Лидија Димова вели дека поранешната структура е таа што била криминална. Таа на прес-конферецнија рече дека нема да си даде оставка.
Функционерите имаат 10 дена да ги кажат имињата и надоместоците на советници
Во рок од 10 дена функционерите ќе треба да ги објават имињата и надоместоците на посебните советници, личните советници и надворешните соработници, како и редовно и ажурно да ги објавуваат споменатите податоци во иднина, одлучила Владата на денешната седница.
Владата постапувала по препораката на ГРЕКО.
Информации за имињата на советниците и за тоа за колку пари се ангажирани треба да достават од кабинетите на премиерот, на вице-премиерите, на генералниот секретар на Владата и на министрите.
ВМРО-ДПМНЕ: Отфрлањето на тужбата на Русковска е нејзин тежок блам
Од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагираат дека отфрлањето на тужбата на обвинителката Вилма Русковска против оваа партија претставува очекуван потег.
„Тоа е тежок блам на главниот обвинител и извршител на Заев“, се наведува во соопштението.
Граѓанскиот суд во Скопје денеска ја одби тужбата на обвинителката Вилма Русковска против Игор Јанушев и Христијан Мицкоски, односно против ВМРО-ДПМНЕ. Тужба за клевета од Вилма Русковска за ВМРО-ДПМНЕ е поради нејзино прикажување во негативен контекст во предизборната кампања на коалицијата „За обнова на Македонија”, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, односно за употреба на незиниот лик во два рекламни спота - „Криминална приказна” и „Штаб на лагите”.
Таа бараше отштета од 10 илјади евра.
Манчевски се повлекува од политиката
Поранешниот министер за информатичко општество и администрација и пратеник од СДСМ Дамјан Манчевски денеска на својот Фејсбук профил објави дека донел одлука да се повлече од политиката и да се посвети на својата професија.
Тој наведува дека прифатил ангажман во приватниот сектор, кој е неспоив со каков било политички ангажман.
„Како резултат на оваа одлука, покрај тоа што се повлеков од сите јавни функции кои ги извршував, поднесов оставка и од функциите потпретседател и член на Централниот одбор на СДСМ“, напиша Манчевски.
Тој пишува дека оваа негова одлука нема никаква врска со која било состојба во политиката.
Прво законски измени, а потоа задолжително носење маска насекаде
Непоходни се измени на Законот за заштита на населението од заразни болести за да се усвојат мерките предложени од Комисијата за заразни болести за спречување на ширење на ковид-19. Владата на дешената онлајн-седница ги разгледувала препораките на Комисијата, но за да се усвојат тие потребно е Законот да се менува за да може Владата со подзакоснки акти да ги уреди предложените мерки.
Комисијата за заразни болести минатата недела предложи задолжително носење заштитни маски или заштитна опрема преку устата и носот секаде при престој на отворено, на затворено во јавни објекти, на работно место и во јавен и приватен транспорт, со одредени исклучоци. Исклучок за носење маска е во случаи на спортување на отворен простор и на затворено со почитување на протоколите за заштита, при транспорт со приватно моторно возило ако сите лица во возилото се од едно семејство или живеат во заедничко домаќинство, во угостителските објекти со почитување на протоколите за дистанца и дезинфекција, при престој во службена просторија – канцеларија ако лицето е само во просторијата, како и за децата до 6 години, односно за деца од претшколска возраст.
Комисијата предложи и забрана за групирање во домови на семејни прослави, слави и други собири во групи, при што се предлага на семеен настан во едно живеалиште, стан или куќа да може да се примат најмногу четири луѓе. Предложено е и да се забрани групирање на повеќе од четири лица на јавен простор после 22:00 часот односно да се забрани групирање по паркови, јавни површини или било каде на отворено.
На денешната седница, меѓудругото, Владата го именуваше Душко Арсовски за портпарол на Владата , а за директор на Агенцијата за млади и спорт го именуваше Наумче Мојовски.
Циханускаја го повика Лукашенко да се повлече од функцијата
Лидерката на опозицијата во Белорусија Свјатлана Циханускаја го повика Aлександар Лукашенко да се повлече од функцијата претседател во следните 12 дена.
Таа во изјава на Телеграм на 13 октомври, рече дека демонстрантите во Белорусија најавуваат таканаречен народен ултиматум, а условите од тој ултиматум Лукашенко мора да ги исполни до тој датум.
Во соопштението се вели дека ултиматумот содржи уште две барања - ставање крај на насилството врз учесниците во тековните протести и ослободување на сите политички затвореници.
Доколку Лукашенко одбие да ги исполни барањата, таа вели дека целата земја ќе излезе на улиците, индустриските капацитети ќе штрајкуваат, сите патишта ќе бидат блокирана и државните продавници ќе бидат бојкотирани.
„Имате 13 дена да ги исполните барањата. Имаме 13 дена да се подготвиме“, рече Циханускаја.
Европската унија и Соединетите Американски Држави одбија да го признаат Лукашенко за легитимен претседател на Белорусија, откако тој на изборите во август рече дека освоил убедлива победа. Опозицијата критикува дека изборите биле наместени и не ги признава. Изборните резултатите предизвикаа повеќенеделни масовни протести.
Плашејќи се за безбедноста на неа и нејзиното семејство, Циханускаја ја напушти Белорусија и замина за Литванија, кратко по изборите, но вети дека ќе се врати во Белорусија во одреден момент.
Кипар го укинува „златниот пасош“
Кипар денеска ја укина профитабилната програма за доделување државјанство на богати странски инвеститори, по обвинувањата дека висок владин службеник и поранешен пратеник биле вклучени во обид да се заобиколат строгите правила и да се издаде пасош на имагинарен инвеститор за кој се смета дека имал криминално досие.
Портпарол на Владата на Кипар, Кирјакос Кусиос, рече дека Кабинетот на премиерот ја прифатил препораката на министрите за внатрешни работи и за финансии за укинување на „златниот пасош“, кој на земјата во претходните години и донесе милијарди евра.
Кусиос рече дека одлуката, која ќе стапи во сила на 1 ноември, се заснова на „долгогодишните слабости на Кипар во програмата за инвестиции, но и на злоупотребата на нејзините одредби“.
Тој рече дека Владата со време ќе разгледа различни начини за привлекување странски инвестиции.
Пратениците не можат да се договорат за онлајн седници
Пратеничките групи не се договорија како ќе функционира Парламентот во услови кога неколку пратеници се заразени со ковид-19. На координацијата кај претседателот на Собранието Талат Џафери не се разреши прашањето за онлајн седници. Владејачката СДСМ предлага пратениците кои се во изолација да присуствуваат на седниците онлајн. Од ДУИ предлагаат во Деловникот да се прецизира што значи присуство на седници.
„Во Деловникот стои присуство. Сакаме тоа да го прецизираме дека присуство може да е физичко или пак онлајн. Да не ги измачуваме тие што се пациенти во моментот, да не ги носиме, со посебен третман, па да ризикуваме… Не сакаме да дојдеме во ситуација да блокираме битни процеси“, изјави координаторот на пратеничката група на ДУИ, Изет Меџити, по координацијата со претседателот на Собранието.
Опозицијата се противи на предлозите на власта. Пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, на социјалните мрежи одбјави дека не е етички градежниците, текстилците, наставниците... физички да присуствуваат на своите работни места, а пратениците да работат онлајн.
Ставот на пратеничката група на Алијанса на Албанците и Алтернатива за одржување онлајн седници и дека на тој начин може да дојде до злоупотреба на правата на пратениците, кои би биле инфицирани од ковид-19 и оти Собранието има доволно услови и дека сè што треба е добра комуникација помеѓу власта и опозицијата.
Засега тројца пратеници се позитивни на ковид-19, по еден пратеник од ДУИ, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете