Достапни линкови

Вести

Починати 7, заболени 383 и оздравени 95 лица од коронавирус

Клиника за инфективни болести во Скопје
Клиника за инфективни болести во Скопје

Во последните 24 часа се направени 1648 тестирања, а регистрирани се 383 нови случаи на ковид-19. Најмногу заболени има во Скопје, односно 201 лице.

Во болнички услови починати се 7 лица, 63 годишен пациент од Куманово, 69 годишен од Тетово, потоа пациент на возраст од 67 години од Гевгелија, 51 годишен од Скопје, 60 годишен од Кавадарци и двајца пациенти од Битола на 60 годишна и 79 годишна возраст. Институтот за јавно здравје денеска регистрира 95 оздравени пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 207.891 тестирања на Ковид-19. Нема тестирања во рамките на скринингот.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 20937, бројката на оздравени пациенти е 16194, на починати е 792, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3951.

Претседателски избори во Таџикистан

Гласање на претседателските избори во Таџикистан
Гласање на претседателските избори во Таџикистан

Во Таџикистан денеска се одржуваат претседателските избори кои се очекува да резултираат со продолжување на владеењето на авторитарниот претседател Емомали Рамон во сиромашната централноазиска држава за уште седум години.

Централната изборна комисија објави дека повеќе од 70 проценти од избирачите со право на глас учествувале на изборите до средината на денот. Повеќе од 50 отсто гласови се потребни за да бидат успешни изборите.

Рамон кој е на власт од 1992 година победи на четири последователни претседателски избори, а оценката на западните набудувачи секогаш беше дека гласањето не било слободно или фер и тој е единствениот постсоветски автократ кој е на власт подолго од белорускиот лидер Александар Лукашенко.

68-годишниот Рахмон се натпреварува против четворица малку познати кандидати кои претставуваат провладини партии во парламентот. Рахмон гласаше утрината во Душанбе и одби да зборува со новинарите.

Приведени 50 демонстранти во Белорусија

Полицијата приведува демонстранти на протестите во Минск
Полицијата приведува демонстранти на протестите во Минск

Околу 50 демонстранти биле приведени во белоруската престолнина Минск, по судирите со безбедносните сили. Полицијата, наводно, употребила солзавец и водени топови за да ја растера толпата од неколку илјади демонстранти.

Белоруската асоцијација на новинари извести дека меѓу приведените има најмалку 10 новинари. Руската државна новинска агенција ТАСС објави дека меѓу приведените има и тројца нејзини дописници. Протести се одржаа и во другите белоруски градови.

Белорусија се соочува со протести по спорните претседателски избори на 9 август по кои долгогодишниот лидер Александар Лукашенко беше прогласен за победник. Опозициските демонстранти повикуваат на поништување на резултатите од изборите, одржување нови избори и ослободување на политичките затвореници.

Во функција и модуларната болница за заболени од Ковид-19

Модуларната болница кај Клиника за инфективни болести во Скопје
Модуларната болница кај Клиника за инфективни болести во Скопје

Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека од денеска во функција е пуштена и модуларната болница, која според него, е со доволен број на медицински кадар од Клиниката за пулмологија и алергологија и Градската општа болница „8 Септември“. Тој посочи и дека нема да се преоптоварува капацитетот за да не трпат останатите одделенија и здравствени работници.

Капацитетот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје е речиси исполнет, модуларната болница има капацитет од 72 болнички легла и е поставена во близина на клиничката зграда.

Министерството за здравство соопшти дека активно се работи на реорганизација на болничките капацитети и медицинскиот кадар по системот на ротација во јавното здравство за да се одговори на претстојниот период и можното зголемување на бројот на хоспитализации на пациенти со Ковид-19.

Од Министерството соопштија дека здравствениот систем е подготвен и апелираат до граѓаните на максимална одговорност и целосно почитување на мерките за заштита од понатамошно ширење на коронавирусот.

Заев: Предлозите од Бугарија се неевропски

Премиерот Зоран Заев
Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека разговорите меѓу министерот за надворешни работи Бујар Османи и бугарскиот премиер Бојко Борисов биле добри, но тоа не било случајот со разговорите со шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева кои ги оцени како не баш добри.

Тој порача дека она што е предложено до бугарската страна ниту е добрососедство, ниту е братство, ниту е најмалку европско. Ако тоа така остане, според него, ќе треба народот да се подготви дека може нема да отпочне првата меѓувладина конференција со ЕУ која се очекува во декември.

„Но, јас верувам дека тоа не е став на премиерот Борисов, мојот пријател и брат, верувам дека тоа не е став ни на бугарскиот народ. Ние ќе направиме се во овие претстојни денови да изнајдеме решение. Ја прифативме заедничката историја и општата историја како што ја викаат во пријателска Бугарија како нешто што е составен дел од нашето минато. Имаме своја посебна историја и македонскиот народ и РС. Македонија и бугарскиот народ или Република Бугарија“, рече Заев по пуштање во работа на далекуводот Неокази- Пробиштип.

Тој изрази уверување дака заедно со премиерот Борисов ќе изнајдат решение за проблемите за земјата да продолжи по европскиот пат.

„Одличен мегдан е нашиот историски заеднички јунак Гоце Делчев за да не сплотува, да ја зголемува соработката и поддршката. Убеден сум дека ќе постигнеме решение и ќе направиме се што е во наша моќ за да продолжиме по тој пат. Затоа што нашиот сон е Европа која што го признава и целосно го почитува правото на самоопределување. Ние сме Македонци коишто зборуваме македонски јазик и верувам дека таквите вредности ќе опстојат комплетно и кај нашите соседи“, посочи Заев.

Тој очекува поддршка за решавање на отворените прашања да дадат и претседателите на двете држави.

Вучиќ: Србија е за компромис со Косово, не за ултиматум

Српскиот претседател, Александар Вучиќ
Српскиот претседател, Александар Вучиќ

Српскиот претседател, Александар Вучиќ денеска изјави дека Србија секогаш е подготвена да разговара за различни компромисни решенија, но тоа мора да биде компромис, а не ултиматум. Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак претходно за австрискиот Виенер Цајтунг изјави дека очекува од Вучиќ „далекусежна“ одлука за косовското прашање и дека тој со право се прашува дали ЕУ за возврат нуди европска перспектива.

„Се надевам дека ЕУ ќе разбере дека не може некој да го потпише договорот во Брисел под покровителство на ЕУ и потоа да донесе резолуција со која ќе ја негира Заедницата на српски општини (СЗО) и ќе каже дека никогаш нема да го прифати тоа или бара од Србија да ја признае независноста и потоа да формира ЗСО“, рече Вучиќ.

Тој оцени дека позицијата на Лајчак не е лесна кога, според Вучиќ, ќе добие порака од Приштина дека нема ниту да разговараат за она што го потпишале пред седум години во Брисел.

„Суштината е во тоа што Албанците очекуваат дека некој ќе изврши притисок врз Србија. Очекувам дека големите земји, а не Лајчак, ќе ни кажат во иднина ако го прифатите ова и тоа, ние ќе ве тапкаме по глава и ќе ви кажеме дека сте малку поголем демократ или ако не прифатите, ќе кажеме дека сте автократ“, изјави Вучиќ.

Садир Јапаров назначен за нов премиер на Киргистан

Садир Јапаров
Садир Јапаров

Поделениот парламент на Киргистан контроверзно го назначи Садир Јапаров за премиер, само неколку дена откако тој беше ослободен од затвор за време на превирањата околу спорните парламентарни избори во централноазиската земја. Сепак, некои членови на парламентот и другите политички активисти ја доведоа во прашање легитимноста на парламентарната седница на која беше избран Јапаров.

Политичките немири го зафатија Киргистан откако парламентарните избори на 4 октомври беа одбележани со обвинувања за купување гласови и измама од корист на статус-кво партиите, предизвикувајќи протести што ја натераа Централната изборна комисија да ги поништи резултатите.

Гласањето за одобрување на Јапаров се случи еден ден откако претседателот Соронбаи Јенбеков прогласи вонредна состојба и ги постави војниците на улиците на главниот град, како одговор на немирите и насилството. Вонредната состојба започна непосредно по судирите на 9 октомври меѓу приврзаниците на Јапаров и поддржувачите на ривалските партии кои го поддржуваат поранешниот претседател Алмазбек Атамбаев и другиот кандидат за премиер, Омурбек Бабанов.

Исто како Јапаров, демонстрантите кои зазедоа владини згради по изборите го ослободија Атамбаев од затвор каде што издржуваше 11-годишна казна откако беше осуден за корупција во јуни. Но, вчера безбедносните сили повторно го уапсија Атамбаев под обвинение за организирање немири.

Јапаров е поранешен националистички пратеник во парламентот, кој тврди дека неговото осудување во 2017 година, под обвинение за киднапирање на регионален гувернер, било политички мотивирано.

Димитров: Не е европски македонскиот јазик да стане пречка

Вицепремиерот Никола Димитров
Вицепремиерот Никола Димитров

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска изјави дека не е европски, македонскиот јазик да стане пречка во евроинтегративниот процес на земјата.

„Ако ЕУ дозволи на некој начин ова да биде пречка, тогаш нема да ја заслужи придавката во своето име „европска“ и не знам дали ќе можеме да веруваме во таква Европска унија. Мора мудрост и почит, нема пријателство без взаемна почит. Сите што сакаат македонскиот народ да му бидат блиски и пријатели мора да не прифатат кои сме и каков јазик зборуваме, а ние зборуваме македонски јазик. Без елементарна почит не може да се развива блискост или пријателство. Никој друг на светот, ниту една друга држава, соседнака или подалечна, нема право да се меша во нашето право на самоопределување“, изјави Димитров која ја предводеше владината делегација која положи цвеќе на Могилата на непобедените во Прилеп по повод прославата на 11 Октомври- Денот на народното востание.

Димитров претходно по повод празникот на Фејсбук претходно напиша дека сега треба европскиот начин на живот да се донесе дома за просперитетна држава и силна економија, со добри работни места и плати, со правда за сите, со европско образование и здравство, со чиста животна средина.

Заев: Борбата на сегашните генерации е меѓународно интегрирана држава

Премиерот Зоран Заев
Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев во обраќањето на централната прослава пред Спомен костурницата во Куманово по повод 11 Октомври- Денот на народното востание порача дека благодарение на жртвата и напорите на огромен број генерации денес Северна Македонија е меѓународно призната држава со сопствена армија, со државна валута и сите постулати на државност, а нејзиното место во ОН е кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и идентитет.

Одбележувањето на ваквите денови, рече тој, е најсилниот потсетник за вредностите кои не смејат да бидат заборавени, но и за патот по кој треба да се продолжи, а тоа според Заев, е европскиот пат, патот на демократските вредности.

„Нашиот повик борбата на сегашните генерации е да обезбедиме развиена, безбедна и силно меѓународно интегрирана држава во која младите имаат проспертетна иднина. Токму затоа ги постигнавме договорите. Токму затоа ги постигнавме договорот од Преспа со Грција и договорот со Бугарија, со кој Северна Македонија направи пробив на меѓународен план. Сето ова се реализираше низ полноправното члелснтво во НАТО и со утврдувањето на почеток за преговори со ЕУ, како и низ градењето партнерски однос со нашите соседи“, рече Заев.

Светот, рече меѓу другото Заев, го очекува неизвесна есен со пандемијата во која се очекуваат многу предизвици, но со нив ќе се справиме само ако се почитуваат мерките.

„Токму затоа од ова место на непокор и стремеж за слобода, сакам да испратам порака Ова е нашата битка денес имаме невидлив непријатил со кого очекувам да се избориме заедно – институциите и граѓаните“, рече Заев.

Во делегацијата преводена од Заев беа и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Трамп: Пандемијата на коронавирус исчезнува

Американскиот претседател Доналд Трамп се обраќа на неговите приврзаници од Белата куќа
Американскиот претседател Доналд Трамп се обраќа на неговите приврзаници од Белата куќа

Американскиот претседател Доналд Трамп го одржа својот прв јавен настан по заразувањето со коронавирус, велејќи им на неговите приврзаниците дека се чувствува одлично. Тој вчера разговараше со неговите привразници од балконот на Белата куќа на настанот наречен „мирен протест за редот и законот“.

Трамп на настанот не носеше маска и притоа даде кратка верзија на неговиот говор во предизборната кампања, спротивставувајќи се на неговиот демократски ривал Џо Бајден, додека упати пофални зборови за спроведувањето на законот и достигнувањата на неговата администрација. Поддржувачите носеа маски, но во голема мера не ги почитуваа мерките за физичко растојание.

Трамп, исто така, изјави дека пандемијата „исчезнува“, иако тој и повеќе од десетина претставници на Белата куќа се заразиле со вирусот, а бројката на заболени во целата земја се на највисоко ниво во последните два месеци. Повеќе од 213.000 Американци починаа од вирусот.

„Ние произведуваме моќни терапии и лекови и лекуваме болни и ќе се опоравиме, а вакцината ќе излезе многу брзо, за рекордно време како што знаете“, рече Трамп.

Претседателот се враќа во предизборната трка на само неколку недели пред изборите закажани на 3 ноември. Тој утре ќе одржи митниг во Флорида.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG