Достапни линкови

Вести

Заболени 393, починати 4, а оздравени 90 лица од коронавирус

Илустрација.
Илустрација.

Во последните 24 часа се направени 2464 тестирања, а регистрирани се 393 нови случаи на Ковид-19. Најмногу нови случаи има во Скопје, односно 189, потоа 27 во Тетово и 19 во Прилеп.

Во болнички услови починати се 4 лица, 83 годишен пациент од Скопје, потоа 62 годишен од Куманово, 80 годишен од Кичево и пациент на 54 годишна возраст од Радовиш. Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 90 оздравени лица.

Досега во земјата се направени вкупно 206.243 тестирања на Ковид -19. Нема тестирања во рамките на скринингот. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 20.555, бројката на оздравени пациенти е 16.099, на починати е 785, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3671.

Рекордна бројка на заболени од коронавирус во Русија

Луѓе со заштитни маски во Москва. Илустрација.
Луѓе со заштитни маски во Москва. Илустрација.

Русија објави нов дневен рекорд на заболени од коронавирус во услови кога властите се борат да се справат со зголемените случаи во Москва и на други места низ земјата. Националната работна група на Владата соопшти дека се регистрирани 24.846 нови случаи на Ковид-19 во изминатите 24 часа, со што вкупниот бројот на случаи е скоро 1,3 милиони лица.

Многу од новите случаи се пријавени во главниот град Москва. Русија во моментов е на четврто место во светот по бројката на заразени по САД, Индија и Бразил. Бројот на нови случаи постојано расте од почетокот на септември, но официјалните лица не сакаат да воведат нови строги ограничувања.

Албанија воведува задолжително носење маски и на отворено

Ученичка носи заштитна маска во Албанија. Илустрација.
Ученичка носи заштитна маска во Албанија. Илустрација.

Албанскиот премиер Еди Рама од наредната недела најави дека ќе биде задолжтелно носење заштитна маска и на отворен простор.

„Оваа мерка за превенција од коронавирус ќе стапи во сила в четврток, 15 септември. Сите граѓани се обврзани да носат маска насекаде, на улица, на секој јавен простор, освен дома и угостителски објект каде што ќе седат на маса за да го потрошат тој дел од времето таму“, рече Рама.

Според него, казните за непочитување на мерката ќе бидат ригорозни и ќе се внесуваат во сметките за потрошена електрична енергија. Тој порача и дека ниту еден поединец не треба да се надева дека ќе ја избегне казната, при што сите земји од регионот се движат кон оваа мерка. Рама додаде и дека целта на секој Албанец не треба да биде повторно затворање, бидејќи тоа би било лошо за економијата а тоа е можно да се избегне само со носење маска.

„Да не затвораме ниту еден бизнис, ниту едно училиште, да не ја затвораме земјата, затоа што знаеме колку е лошо за економијата на земјата. Подобро маска денеска,отколку затворени дуќани утре, подобро маска денеска отколку затворени училишта утре, подобро маска денеска отколку цел град во карантин утре“, порача Рама.

Кривични пријави за 4 угостителски објекти

Подготовка за отворање на угостителските објекти.Илустрација.
Подготовка за отворање на угостителските објекти.Илустрација.

Државниот пазарен инспекторат во текот на вчерашниот ден извршил 524 контроли и 26 надзори во угостителски објекти во повеќе градови низ државата. Од кабинетот на вицепрмеирот за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски информираа дека утврдени се неправилности во четири угостителски објекти, коишто ги прекршиле пропишаните здравствени протоколи. Се работи за три објекта во Скопје и во еден во Битола, при што пазарниот инспекторат ќе поднесе кривични пријави.

Од кабинетот на Николовски додаваат и дека затекнати биле два нерегистрирани објекти во Битола и Дебар, и еден објект во Скопје кој не го почитувал пропишаното работно време за што ќе се спроведе прекршочна постапка. Воедно изречени се две мерки за прекршок според Законот за угостителство на два угостителски објекти во Дебар и Скопје.

Прекршувања на примирјето во Нагорно Карабах

Мапа на Нагорно Карабах
Мапа на Нагорно Карабах

Азербејџан и Ерменија се согласија на прекин на огнот чија цел е да се стави крај на една од најлошите борби во Нагорно Карабах во последните неколку години, но постои опасност договорот да се прекине во услови на нови извештаи за артилериски напади и напади со беспилотни летала. Двете страни се согласија на прекин на огнот по повеќечасовни разговори во Москва со посредство на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Покрај запирањето на борбите, примирјето кое требаше да стапи на сила денеска напладне, предвидува размена на затвореници и тела на луѓе убиени во судирите во последните две недели во и околу Нагорно Карабах. Се верува дека стотици војници и непознат број цивили се убиени во борбите.

Во текот на ноќта и на часовите пред крајниот рок, имаше извештаи за борби и обвинувања од обете страни. И на неколку часа непосредно откако договорот требаше да стапи на сила, Азербејџан ја обвини Ерменија дека го прекршила примирјето на две одделни локации долж границите со Нагорно Карабах. Портпаролката на ерменската одбрана, пак, рече дека азербејџанските сили нападнале град на источната граница на Нагорно Карабах.

Претходно, Ерменија и Азербејџан ги соопштија условите на договорот, со кој се повикува на вклучување на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во „суштински преговори со цел постигнување мирно решение што е можно побрзо“.

Пратеникот Јахоски позитивен на Ковид-19

Пратеникот Исмаил Јахоски
Пратеникот Исмаил Јахоски

Согласно покажаните симптоми пратеникот Исмаил Јахоски е тестиран и неговиот тест е позитивен на Ковид-19, соопштија денеска од собраниската прес-служба.

„Поради ова, а се со цел истиот да биде под надзор на стручни лица како би се спречил развој на несакани компликации,пратеникот Јахоски е хоспитализиран на Инфективната клиника во Скопје“, се наведува во соопштението.

Воедно се апелира до сите останати пратеници, освен во Собранието, да се придржуваат до мерките за заштита на колективното здравје и во домашни услови, посебно во контактите со најблиските.

Уапсен екс претседателот на Киргистан, пратениците расправаат за нова Влада

Поранешниот претседател на Киргистан, Алмазбек Атамбаев
Поранешниот претседател на Киргистан, Алмазбек Атамбаев

Киргистанските безбедносни сили го уапсија поранешниот претседател на земјата Алмазбек Атамбаев, додека пратениците се состанаа да разговараат за новата влада во услови на континуирани превирања околу спорните парламентарни избори. Апсењето на Атамбаев е во услови на зголемени тензии во главниот град на Киргистан и следеше по повикот за вонредна состојба од сегашниот претседател Соронбај Јенбеков.

Оклопни воени возила се распоредени во некои делови на Бишкек, еден ден откако избувнаа судири меѓу ривалските фракции кои се борат за моќ по неисправните избори на 4 октомври. По трет пат во последните 15 години демонстранти се обидуваат да ја соборат владата во централноазиската држава со 6,5 милиони жители, една од најсиромашните од поранешниот Советски сојуз.

Немирите беа предизвикани од обвинувањата за купување гласови за време на изборите на кои првично провладините партии беа прогласени за победници. Опозициските партии одбија да ги прифатат резултатите, а илјадници демонстранти излегоа на улиците и зазедоа владини згради. Опозициските групи тогаш ја принудија владата да си даде оставка, а изборната комисија да ги поништи резултатите. Но, тие не успеаја да се договорат кој би ја предводел привремената влада.

Пратениците денеска се собраа во претседателската палата да се обидат да постигнат договор за формирање нова влада и да одлучат дали ќе ја одобрат наредбата за вонредна состојба на Јенбеков.

Докторка на Инфективната клиника дала отказ

Клиника за инфективни болести во Скопје
Клиника за инфективни болести во Скопје

Министерот за здравство Венко Филипче денеска информираше дека една докторка од Клиниката за инфективни болести дала отказ и планира да замине да работи во приватна болница. Според него, и докторката која го раководела Инфективното одделение во Градската болница „8 Септември“ најавила дека ќе замине во приватна болница.

„Не знам дали е формализирано сето тоа, јас разговарав со неа, но таа е решена за тоа. Таму има други двајца инфектолози. Размислуваме и веќе разговаравме за начинот на којшто ќе се засили тоа одделение. Засега, заедно со интернистите, имајќи го овој број на пациенти кои се хоспитализирани и нашиот план да не се зголемува тој број, овие доктори се сосема доволно“, рече Филипче.

Филипче додаде дека и медицинските сестри од Инфективната клиника со кои одржа состанок иако тврделе дека нема да заминат во приватна институција, тоа го направиле. Околу причините за нивното заминување Филипче одговори дека тоа е тешко да се каже. Но, како што истакна, дел рекле се преморени, а дел имале други причини.

Филипче: Мерките ќе дадат резултат, ако не следен чекор карантин

Министерот за здравство Венко Филипче
Министерот за здравство Венко Филипче

Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека верува дека со новиот пакет на мерки, рестрикција, зголемување на ингеренциите на инспекторатите и апелот до граѓаните да се придржуваат до мерките, ќе даде резултат. Доколку тоа не се случи, според него, следниот чекор е карантин, но се надева дека таквата мерка ќе биде избегната.

„Следниот чекор е целосен карантин, се уште сме далеку, но можно е“, рече Филипче.

За новиот пакет мерки, според него ќе се разговара уште викендов, а редовната седница на Владата е закажана за вторник. Одговарајќи на прашање поврзано со правните дилеми за мерките како што е забрана за повеќе од четири лица во посета на нечиј дом, Филипче рече дека искуствата се извлекуваат од досегашните случувања и во периодот којшто следи може да има семејни собири со голем број на луѓе од кои може да поттикнат голем број на кластери и логично е тоа да се забрани. Во однос на носењето маски и на отворено тој порача дека се користат искуствата од други земји.

„Епидемиолошката слика во Италија е променета откако е донесена задолжителна одлука за носење маски на отворено и веруваме дека тоа може сериозно да го забави растот на нови случаи, инаку ќе мора да бидеме принудени на дополнителни рестрикции. Во дополнителните рестрикции во нашиот план освен намалување на капацитетот на исполнетост во јавниот превоз е ограничување на работа на одредени економски субјекти, компании, угостителски објекти, но се надеваме дека нема да мора до таму да стигнеме и дека овој втор пакет на рестриктивни мерки ќе даде некаков ефект“, рече Филипче.

Анализите за смртност кај пациентите со Ковид-19, според него, покажале дека висок процент на смртност кај постари пациенти, кај пациенти кои доаѓаат со лоши параметри и други коморбидитети.

Филипче истакна и дека голем е бројот на пациенти кои се примаат во болниците, само вчера во болницата „8 Септември“ биле примени петмина пациенти, а на Инфективната клиника во Скопје се примени 13 пациенти. Според него, може да се менаџираат болниците, има слободни десетина кревети на Инфективната клиника, но целта е растечкиот тренд да се забави, а се спрема и модуларната болница.

Трамп продолжува со изборните активности

Американскиот претседател Доналд Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп ги соопшти неговите планови за продолжување на кампањата за претседателските избори. Најпрвин денеска ќе се одржи настан во Белата куќа, а потоа ќе следи митинг во Флорида на 12 октомври. Трамп на 1 октомври беше дијагностициран со коронавирус што го принуди да помине три дена во болница и да ја прекине неговата кампања.

Тој се врати во Белата куќа на 5 октомври и беше активен на Твитер и објавуваше видеа од неговото опоравување. На денешниот настан е предвидено Трамп да се обрати на толпата од терасата на Белата куќа. Бројката на луѓе кои ќе присуствуваат на настанот не е објавена, а присутните ќе треба да носат заштитни маски и да ги почитуваат здравствените протоколи.

Белата куќа не соопшти дали Трамп сега е ослободен од вирусот, но неговиот лекар на 8 октомври изјави дека тој ја завршил терапијата и дека од денеска може да се врати на јавните ангажмани. Трамп во радио интервју вчера рече дека тој можел многу да се разболи и да не се опорави без експерименталниот лек.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG