Вести
И во Косово протест против новиот верски закон во Црна Гора
Стотици етнички Срби протестираа денеска во близина на Приштина, против, како што велат, задушувањето на верските и другите права на српското малцинства во Црна Гора.
Демонстрантите денеска маршираа низ Грачаница, мала општина со српско население во Косово, држејќи транспаренти со религиозни пораки и крстови.
Маршот беше организиран од младински организации и поддржан од Српската православна црква.
Слични три протести се одржаа и во Србија, откако Црна Гора минатиот месец усвои нов закон за религија, со кој верските заедници мора да докажат сопственост на имотот од пред 1918 година. Тоа е година кога Црна Гора, во која луѓето се претежно православни хрстијани, се придружи на Кралството на Срби, Хрвати и Словенци, со што Српската православна црква ја презеде Црногорската, при што таа го изгуби својот имот во тој процес.
Српската православна црква, нејзините приврзаници и просрпските опозициски партии во Црна Гора стравуваат дека со овој закон ќе и се овозможи на црногорската влада да го одземе црковниот имот, но црногорските власти негираат дека имаат таква намера.
Србија и Црна Гора до 2006, кога Подгорица прогласи независност, беа дел од иста држава.
Иран демантира дека го собориле украинскиот авион
Иранските власти реагираат на тврдењата на американски власти дека иранска ракета по грешка го соборила украинскиот авион во близина на Техеран. Од иранското Министерството за транспорт соопштија дека не може да биде точна приказната за ракетата што удирала во авион. Министерството соопшти дека во исто време летале неколку домашни и меѓународни авиони во иранскиот воздушен простор на иста надморска височина од 8,000 стапки (2.440 метри).
„Ваквите гласини немаат смисла“, рече шефот на иранската организација за цивилното воздухопловство и заменик министер за транспорт, Али Абеџеде.
Претходно американските медиуми повикувајќи се на американски претставници јавија дека украинскиот патнички авион кој се урна во Техеран по грешка бил соборен од иранска ракета. Авионот се урна вчера набрзо по полетувањето од аеродромот во Техеран, при што загинаа сите 176 патници и членови на екипажот.
Пентагон одби да коментира.
Пратениците гласаа - Време е Брегзит да се заврши
Британскиот парламент денеска го одобри предлог законот со коj и се овозможува на Велика Британија да ја напушти Европската унија на 31 јануари, со договор за излез, со што ќе биде ставено крај на тригодишната неизвесност околу условите за излез на Британија од ЕУ.
Со 330 гласови „за“ и 231 против беше изгласан предлог законот за договор за излез од Унијата, кој беше постигнат минатата година.
„Време е да го спроведеме Брегзитот. Тоа ќе го направиме со овој предлог закон“, изјави министерот за Брегзит, Стивен Баркли пред пратениците.
Предлог законот наскоро се очекува и официјално да стане закон, со што Британија на 31 месецов треба да излезе од ЕУ.
На Британија и на ЕУ потоа ќе им остане да се усогласат за трговските односи, за безбедноста и за низа други прашања, за што имаат рок до крајот на годинава.
Велика Британија пред три години на референдум изгласа да излезе од ЕУ.
Приведен бугарскиот министер за екологија
Бугарскиот министер за животна средина и води Нено Димов е приведен, соопшти бугарското Обвинителство. За бугарскиот сервис на РСЕ од Обвинителството потврдуваат дека министерот е приведен на 24 часа, без да прецизираат под кое обвинение. Димов се најде во центарот на медиумите по објавите дека тој е одговорен за кризата со вода во бугарскиот град Перник.
На 10 декември обвинителството го обвини Димов и негови соработници дека знаеле оти нема доволно вода во браната Студена во Перник, и дека негрижата за управување со имотот предизвикало штети, а се одразило и на здравјето на луѓето. Тој се сомничи дека и покрај тоа што во акумулацијата немало доволно вода дозволил искористување на водата за индустриски цели со полн капацитет, а поради тоа има рестрикции на вода за пиење во Перник.
Украинскиот авион по грешка урнат од иранска ракета, тврдат американски власти
Американски претставници изјавиле дека украинскиот патнички авион кој се урна во Техеран по грешка бил соборен од иранска ракета. Авионот се урна вчера набрзо по полетувањето од аеродромот во Техеран, при што загинаа сите 176 патници и членови на екипажот.
До несреќата дојде само неколку часа откако Иран ракетираше американски воени бази во Ирак. Техеран го изврши нападот како одмазда за смртта на генералот Касем Солејмани кој беше убиен минатата недела во американски воздушен напад во Багдад.
Неименувани американски извори велат дека се убедени оти иранските системи за противвоздушна одбрана го собориле авионот Боинг 737-800, а тоа тврдење го поткрепуваат со сателитски, радарски и електронски податоци, објавија американските медиуми.
Њузвик цитираше претставник на Пентагон и на американското разузнавање, како и ирачки разузнавачи, кои се уверени дека украинскиот авион бил соборен со руска ракета Тор. Американски разузнавачки извор за Си би ес њуз изјавил дека сателитите забележале инфрацрвени сигнали од две ракетни лансирања, како и сигнал од експлозијата.
Пентагон одби да коментира.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека има „сомневања“ за несреќата, велејќи дека авионот „летал низ прилично груб терен и некој можеби направи грешка“.
„Некои луѓе велат дека било механичко. Јас лично не мислам дека тоа е во прашање“, рече Трамп, додавајќи дека „се случи нешто многу страшно“.
Украинскиот висок безбедносен претставник Олексеј Данилов претходно рече дека се испитува дали авионот бил соборен од ракета.
Известувачот Пицула ќе ја предводи Работната група за Западен Балкан во ЕП
Хрватскиот европратеник Тонино Пицула е именуван за претседател на Работната група за Западен Балкан во Одборот за надворешна политика (AФET) на Европскиот парламент.
Тој кон крајот на минатата година беше именуван и за прв известувач за препораките на ЕП за Западен Балкан. Работната група за Западен Балкан е формирана во Надворешно-политичкиот одбор на ЕП во 2005 година и има за цел да ги одразува политичките приоритети на ЕУ и да обезбеди покохерентен пристап на ЕП во регионот.
Од Кабинетот на Пицула соопштија дека демократизацијата и трансформацијата на шесте земји од регионот ќе бидат во фокусот на агендата на Одборот за надворешна политика на ЕП, а проширувањето ќе биде посебно нагласенo.
Пицула вели дека европската перспектива на Западен Балкан, односно политиката на проширување на ЕУ, е силна алатка за стабилизација на регионот. Тој очекува пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија да бидат отворени на самитот ЕУ-Западен Балкан , што треба да се одржи на почетокот на мај во Загреб.
Притвор за двајца странски државјани за криумчарење мигранти
Основниот суд им одреди мерка притвор за двајца странски државјани за криумчарење мигранти. Против нив била поднесена кривична пријава од регионалниот центар за гранични работи „Југ“. Пријави се поднесени против еден германски и една државјанка на Италија, соопшти денеска МВР.
Како што соопшти МВР, на 5 јануари 2020 година на граничниот премин „Богородица“ бил уапсен германскиот државјанин со иницијали, К.E. кој во патничко возило превезувал три лица од Гана, кои при пасошка контрола приложиле туѓи патни исправи, за кои подоцна се покажало дека биле украдени. Во врска со овој инцидент подоцна била приведена и Р.А, италијанска државјанка.
Косово - Притвор за жена која поттикнувала тероризам преку Фејсбук
Судот во Приштина, на барање на Специјалното обвинителство и одреди едномесечен притвор на Игбал Бериша – Худути за поттикнување на терористички дела од Кривичниот законик на Косово. Судот соопшти дека таа преку објави на социјалната мрежа Фејбук поттикнувала извршување на терористичко дело. Во соопштението од Судот се наведува дека постои можност, ако таа се брани од слобода, да побегне за да не се соочи со одговорноста.
Полицијата ја уапси Бериша-Худути, лидерка на мала шиитска заедница во југозападниот дел на Косово, по објавите на социјалната мрежа во кои се изјасни против убиството на иранскиот генерал Касем Солејмани за време на американските воздушни напади. Таа во неколку постови го изјаснуваше своето мислење за Солејмани, критикувајќи ги САД за убиството и опишувајќи го Солејмани како „голем човек“. Според локалните медиуми таа напишала и дека „со убивањето на господарот на куќата, се убиваат и сите членови на семејството, тогаш осветата е задолжителна и нема граници“. Потоа ги избриша постовите, велејќи дека локалните медиуми ја извадиле од контекст.
Косовските власти дадоа поддршка за делувањето на американските власти против иранските активности.
Убиството на Солејмани, командант на иранската Револуционерна гарда, на 3 јануари, ги зголеми стравувањата за конфликт меѓу САД и Иран.
Русија му го продолжи куќниот притвор на американскиот инвеститор Калвеј
Судот во Москва денеска го продолжи куќниот притвор на американскиот инвеститор Мајкл Калвеј и на неговиот партнер, францускиот државјанин Филип Делпал . Тие во куќен притвор остануваат до 13 февруари. Судот, исто така, го продолжи куќниот притвор за двајца руски државјани, поранешни директори на „Восточни банка“, Алексеј Кордичев и Александар Цакунов, исто така до 13 февруари.
Тие беа приведени во февруари минатата година и обвинети за финансиска измама.
Сите негираат дека го прекршиле законот и велат дека случајот се користи против нив за да се изврши притисок во спорот со друга компанија за контрола врз банката. Калвеј по апсењето два месеци беше во притвор, по што казната му беше заменета со домашен притвор.
Овој случај ја вознемири бизнис заедницата во Русија.
Калвеј е основач на компанијата Баринг Восток. Беринг Восток е една од најголемите и најстарите фирми со приватен капитал кои работат во Русија. Основана е во раните 90-ти од минатиот век и управувана со повеќе од 3,7 милијарди американски долари капитал.
Калвеј е еден од двајцата Американци кои моментално се соочуваат со потенцијално судење во Русија. Во Русија во притвор е и поранешен американски маринец Пол Вилан, кој е уапсен во 2018 под обвинение за шпионажа, што тој го негира.
Ден на жалост во Украина по падот на авионот во Техеран
Во Украина денеска е Ден на национална жалост, по падот на украинскиот авион во Техеран, при што загинаа сите 176 луѓе кои биле во авионот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во денешното обраќање до нацијата, на еден ден по несреќата, рече дека државата е подготвена да им ја обезбеди сета потребна помош на семејствата кои изгубиле некого во несреќата. Тој рече дека несреќата не треба да биде тема за сензација на социјалните мрежи или пак да се користи за теории на заговор.
Украинскиот авион бил во оган пред да падне во близина на аеродромот во Техеран, покажува првичниот извештај на Иранската цивилна авијациска организација објавен денеска. Во вчерашната несреќа на Украинскиот меѓународен авиопревозник, кој патуваше од Техеран до Киев, загинаа сите 176 луѓе кои беа во авионот.
Украинските власти соопштија дека 82 ирански државјани, 63 Канаѓани, десет Швеѓани, четворица Авганистанци, тројца Германци, тројца Британци и 11 Украинци загинале при падот на авионот.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете