Достапни линкови

Вести

Британија повика на дипломатско решение за Иран

Британскиот министер за надворешни работи Доминик Раб
Британскиот министер за надворешни работи Доминик Раб

Британскиот министер за надворешни работи Доминик Раб денеска ги повика сите кои се инволвирани да најдат дипломатско решение за тензиите кои настанаа по убиството на иранскиот воен командант Касем Солејмани. Тој посочи и дека разговарал со шефот на иранската дипломатија Мохамед Џавад Зариф.

„Клучната порака која ја имаме за сите наши европски и американски партнери, но особено до сите Иранци, Ирачани и сите погодени во регионот е важноста од намалување на тензиите, од десекалација, како и важноста од наоѓање на решенија по дипломатски пат“, изјави тој.

Запрашан за одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за напад на иранските културни места, Раб истакна дека таквите места се заштитени со меѓународните закони и Британија тоа го почитува.

Ирачкиот премиер разговарал со Меркел за повлекувањето на странските сили

Ирачкиот премиер Адел Абдул Махди
Ирачкиот премиер Адел Абдул Махди

Ирачкиот премиер Адел Абдул Махди денеска разговарал со германската канцеларка Ангела Меркел за повикот за повлекување на странските сили од неговата земја. Кабинетот на Махди соопшти дека Меркел изразила поддршка за безбедноста и стабилноста на Ирак и важноста од континуирана соработка меѓу земјата и ЕУ во борбата против тероризмот.

Ирачкиот парламент донесе резолуција во која се повикуваат странските сили да ја напуштат земјата по американскиот воздушен напад минатата недела во близина на Багдад, во кој загинаа иранскиот воен командант, Касем Солејмани.

Столтенберг- НАТО стои зад САД по убиството на Солејмани

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави денеска дека сите земји членки на Алијансата стојат зад САД откако во американски воздушен напад со беспилатно летало беше убиен иранскиот воен командант Касем Солејмани. Говорејќи по средбата на НАТО за Иран и Ирак на кој САД ги информираше своите сојузници за нападот, Столтенберг повика на деескалација на тензиите.

„Ние сме обединети во осудата за поддршката на Иран на разни терористички групи“, рече Столтенберг.

Според него, нов конфликт нема да биде во интерес на никој и затоа Иран мора да се воздржи од натамошно насилство и провокации.

Русија повика на средба на Советот за безбедност на ОН за Либија

Средба на Советот за безбедност на ОН. Архивска фотографија.
Средба на Советот за безбедност на ОН. Архивска фотографија.

Русија повика на средба на Советот за безбедност на ОН за Либија додека Турција започна да распоредува војници во земјата за поддршка на властите во Триполи. На средбата треба да стане збор за меѓународната конференција која треба да се одржи во Либија.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави вчера дека распоредувањето на војската е со цел да се осигура стабилноста на либиската Влада откако Парламентот го одобри таквиот негов чекор. Турција, која е членка на НАТО ја поддржува Владата во Триполи која е признаена и од ОН.

Трамп верува во преговори со Иран за нуклеарниот договор

Американскиот претседател Доналд Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп е уверен оти се уште има можност за преговори со Иран за нуклеарниот договор, соопшти советничката на Белата куќа, Келиен Конвеј. Еден ден претходно иранските власти соопштија дека ќе се повлечат од нуклеарниот договор постигнат во 2015 година.

„Тој рече дека е отворен за таква можност, доколку Иран започне да се однесува како нормална држава“, одговори Конвеј запрашана дали Трамп верува оти може да го натера Иран да преговара за постигнување на нов договор.

Трамп на Твитер напиша дека Иран никогаш нема да има нуклеарно оружје. Иран соопшти дека нема да преговара за нуклеарниот договор кој Трамп го напушти во 2018 година што предизвика големи нарушувања на односите меѓу Техеран и Вашингтон.

САД со обвинувања до Русија и Кина

Протестите пред американската амбасада во Ирак
Протестите пред американската амбасада во Ирак

САД ја обвинија Русија и Кина дека го блокирале соопштението на Советот за национална безбедност на ОН по нападите на американската амбасада во Багдад. Таквите соопштенија треба да бидат одобрени со консензус од 15-те земји членки на советот. Американската мисија во ОН соопшти дека 27 земји се спротиставиле на нападот на амбасадата во Ирак за разлика од молкот на Советот за национална безбедност, бидејќи две негови постојани земји членки, Русија и Кина не го дозволиле тоа.

Илјадници демностранти на 31 декември ја опколија американската амбасада во Багдад, во знак на протест поради неодамнешните воздушни напади на САД во кои беа убиени најмалку 25 припадници на милитантната група „Катаиб Хизболах“ во Иран и Сирија.

Словенија- раководството на “Хипо Алпе Адрија Груп” осудено на казна затвор

Илустрација- Љубљана
Илустрација- Љубљана

Поранешното финансиско раковоствто на „Хипо Алпе Адрија Груп” е прогласено за виновно за делото перење на пари и злоупотреба на службената положба и Сенатот на Љубљанскиот суд им одреди од шест до осум години затвор, јави диписникот на МИА од Љубљана.

Дополнително судот им наложи на осудените Антон Роми, Божидар Шпан, Андреј Поточник и Андреј Облак, поради своите дела да платат и казни од 35.000 евра. Осудените лица кои не присуствуваа на изрекувањето на пресудата, ќе мораат на државата да и ги вратат милионите нелегално стекнати евра. Поранешниот извршен директор на банката Роми, е осуден на шест години затвор и казна од 35.000 евра.

Судскиот процес против поранешното раководство на “Хипо Алпе Адрија Груп” започна во ноември 2015 година, кога тогашната директорка Хилда Товшак, ја призна вината за помагање и поттикнување на перење пари, при што доби условна затворка казна од една и пол година.

Ерменија- уапсен маж за лажна објава на Фејсбук

Ерменија- маж приведен поради лажна објава на Фејсбук
Ерменија- маж приведен поради лажна објава на Фејсбук

Ерменските власти соопштија дека уапсиле маж кој на социјалната мрежа Фејсбук напишал пост во кој се наведува дека премиерот на Ерменија Никол Пашиниан му честитал на американскиот претседател Доналд Трамп за американскиот напад во кој загина иранскиот воен генерал Касам Солејмани. Ерменскиот национален безбедносен сервис вчера објави видео од мажот кој бил уапсен наведувајќи и дека ги идентификувале луѓето кои помогнале да се прошири лажната информација со која се повредувале ерменските национални и безбедносни интереси. Веста како што се јавува била пренесена и во медиуми во Азербејџан и Иран.

Приведен државјанин на Германија, се обидел да шверцува мигранти

Илустрација
Илустрација

Во полициската станица на граничен премин „Богородица“ синоќа бил приведен К.E.(33) од Германија поради тоа што во патничко возило „фолксваген“ со германска национални ознаки превезувал три лица од Гана, кои при пасошка контрола приложиле туѓи патни исправи, односно патни исправи сопственост на лица од Шведска, Германија и Холандија.

Ова денеска го соопштија од Министерството за внатрешни работи од каде што додаваат дека било констатирано оти пасошите кои тројцата ги прикажале биле пријавени за украдени во текот на 2019 година, а во разговор со полициски службеници лицето изјавило дека ги набавило во Германија.

Возачот, наведуваат од полицијата, бил предаден на полициски службеници, а трите лица од Гана ќе бидат пренесени во Прифатниот центар за странци во Скопје. Во врска со настанот, од слобода била лишена и Р.А.(30) од Италија, која била сопатничка во возилото, стои во соопштението.

Косово- Курти го предлага Блерим Река за министер за надворешни работи

Архивска фотографија- лидерот за Самоопределување Албин Курти
Архивска фотографија- лидерот за Самоопределување Албин Курти

Лидерот за Самоопределување, Албин Курти, ги објави денеска, пред состанокот со косовскиот претседател Хашим Тачи, имињата на пет идни министри и заменици министри на неговата влада, јави дописникот на МИА од Приштина. Се очекува Курти, како лидер на победничката партија на изборите да се номинира како мандатар за идната косовска влада.

Во видео-пораката што ја објави на својот Фејсбук профил, Курти најави дека има во план да го предложи Блерим Река за министер за надворешни работи и дијаспора. Река беше кандидат за претседател на Северна Македонија на изборите во минатата година. Вицепремиер ќе биде Хаки Абази, позицијата министер за правда ќе ја извршува Албулен Хаџи, министер за финансии – Бесник Бесљими додека Розета Хајдари ќе ја извршува функцијата министер за економија и Арбен Вита ќе биде шеф на Министерството за образование и спорт.

Засега нема потврда дали е постигнат договор за коалиција. На списокот нема име за министер за внатрешни работи бидејќи Самоопределување инсистира за тоа министерство. Попладнево е закажана средба на Курти со претседателот на Косово на која треба да го добие мандатот за формирање нова влада. Потоа, тој ќе има 15 денови за предлог до Собранието за составот на идниот кабинет.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG