Достапни линкови

Вести

СЗО прогласи глобална вонредна состојба поради коронавирусот

Светската здравствена организација прогласи вонредна состојба на глобално ниво, откако бројот на случаи на заболени со новиот коронавирус се зголеми за повеќе од десет пати за една недела. СЗО соопшти дека глобалната итна ситуација претставува „вонреден случај“, што значи дека претставува ризик за другите земји и оти е неопходен координиран меѓународен одговор. Одлуката на земјите им наметнува построги критериуми во пријавување на случаи на заразата.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гребрејесус ја објави одлуката по состанокот со Одборот за итни случаи на СЗО, независен панел на експерти, по се поголемиот број докази за ширење на вирусот во 18 земји.

„Главната причина за оваа прогласување не е она што се случува во Кина, туку во другите земји“, рече Гебрејесус на прес-конференција во Жeнева.

Брнс: Предметите од СЈО да продолжат во ОЈО и да се донесе законот за ЈО

Архивска фотографија - Американската амбасадорка Брнс, на Самитот на „Економист“ во Скопје
Архивска фотографија - Американската амбасадорка Брнс, на Самитот на „Економист“ во Скопје

Американската амбасадорка во Македонија, Кејт Брнс, вечерва изјави дека САД инсистираат предметите од СЈО да продолжат да се работат во ОЈО и да се донесе законот за Јавно обвинителство.

Таа во интервју за ТВ Сител ги повика партиските лидери да најдат компромис за законот за јавното обвинитество и да овозможат да биде усвоен пред распуштањето на Собранието.

Според Брнс, усвојувањето на новиот закон за ЈО ќе ги унапреди владеењето на правото, транспарентноста и одговорноста, а многу е важно случаите на СЈО да продолжат да се процесуираат на кредибилен начин во Јавното обвинитество.

Според амбасадорката, со тоа ќе биде испратен и позитивен сигнал до членките на ЕУ во контекст на одлуката за почеток на преговорите за членство со Северна Македонија, но и дека има и работи што треба да ги направи и Северна Македонија и да испрати позитивен сигнал до ЕУ, а тоа се продолжување на реформите, спроведување фер избори, одржување добри односи со соседите, борба со корупцијата и создавање економски амбиент за привлекување инвестиции, а особено усвојување на Законот за јавно обвинителство.

Комисија ќе бира кандидати за пратеници на СДСМ, половината ќе бидат жени

Комисија ќе ги рангира кандидатите за пратеници на СДСМ за престојните предвремени парламентарни избори, а во неа ќе членуваат и надворешни членови и експерти за да се изберат најквалитетните и најсоодветни кадри што ќе ги претставуваат СДСМ и коалицијата, изјави лидерот на социјал-демократите, Зоран Заев, по завршувањето на вечерашната седница на партискиот Централен одбор.

Заев додаде дека намерата е половина од кандидатите на листите да бидат жени и да бидат застапени разни профили на кандидати. Рече дека дел од пратениците од овој собраниски состав најверојатно ќе влезат во комбинација за уште еден мандат. Тој им се заблагодари на актуелните пратеници на СДСМ и коалицијата за ангажманот во во изминатите близу три години.

„Подготвени сме за победа, тоа ќе биде победа на граѓаните и сигурната иднина на државата“, рече Заев.

Како што најави портпаролот на партијата, Костадин Костадинов, изјави на оваа седница не се одлучувало кои ќе бидат носители на листи на СДСМ во изборните единици за претстојните предвремени парламентарни избори.

ЦО на СДСМ: Како ќе се бираат кандидати за пратеници и законот за ЈО

Централниот одбор на СДСМ вечерва одржува седница на која се разговара за постапката за номинирање кандидати за пратеници за претстојните предвремени парламентарни избори и за утрешната средба за законот за ЈО. Портпаролот на партијата, Костадин Костадинов, изјави дека на оваа седница нема да се одлучува кои ќе бидат носители на листи на СДСМ во изборните единици.

„Една од клучните теми ќе биде почнување на постапката за номинирање кандидати за пратеници за претстојните избори. Ќе се остави можноста на базата – месните заедници и општинските организации да предлагаат кандидати за пратеници. Тие потоа ќе поминат низ неколку филтри, а ќе има и анкети до носењето на конечна одлука“, рече Костадинов.

На седницата на ЦО ќе се разговара и за актуелната политичка ситуација во државата и за законот за ЈО. Костадинов го повика ВМРО-ДПМНЕ „да се издигне над теснопратиските интереси и да го поддржи законот“.

Во Германија уапсена медицинска сестра за труење бебиња со морфиум

Илустрација - Градот Улм, Германија, во чија универзитетска болница се случило труењето на бебињата
Илустрација - Градот Улм, Германија, во чија универзитетска болница се случило труењето на бебињата

Германска медицинска сестра е уапсена под сомнение дека се обидела да труе пет предвремено родени бебиња со морфиум, објави денеска попладне јавниот обвинител во германскиот град Улм, пренесе германската новинска агенција ДПА.

Медицинската сестра е задржана во полиција завчера, откако шприц во кој имало мешавина од морфиум и мајчино млеко било пронајдено во нејзиниот шкафче во Универзитетската болница во Улм. Таа е осомничена дека се обидела да ги труе бебињата за време на ноќната смена пред Божиќ. Сите новороденчиња одеднаш развиле проблеми со дишењето, но биле спасени, а крвните тестови подоцна покажале присуство на морфиум кај нив.

Главниот јавен обвинител, Кристоф Лер, денеска рече дека жената е обвинета по пет точки за обид за убиство и тешки телесни повреди, а медицинската сестра ги негирала обвиненијата.

Полицијата во Улм спроведе истрага за случајот, како и за мотивот на осомничената, а болницата испратила соопштение во кое наведува дека им се извинува на родителите, децата и на нивните семејства, и дека нивниот персонал прави се што е можно за да помогне во истрагата.

„Сакам да ги уверам сите дека работиме напорно за да ја вратиме изгубената доверба во јавноста и градот“, им рече на новинарите Удо Кајзерс, управниот медицински директор на болницата.

Заев: Законот за ЈО ќе биде аргумент повеќе за ЕУ

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, очекува договор за законот за јавно обвинителство, затоа што, како што вели, на сите им еа јасно дека се работи за правно формално потребно решение за државата. Тој, како што рече, апелира, по одржаната јавна расправа во Собранието, во наредните три дена партиите да ги оформат сите предлози, тие во форма на амандмани да бидат вградени во законот и, како што вели, ако треба Владата во понеделник да го достави до Собранието и тој да биде изгласан до пред распуштање на Парламентот.

„Треба да го донесеме првин заради државата и нашиот народ, а секако би било добродојдено да дадеме алатка и аргументи плус на еврокомесарот и земјите членки на ЕУ при следното одлучување за нашата земја најавено за мај во Загреб, секако имајќи предвид дека изборите се на 12 април, Владата ќе се формира некаде во мај и убаво е да го донесеме. Во случај и да не го донесеме треба да го донесеме после изборите. Што ќе промениме? Дали ќе и помогнеме на државата или не. дајте сите да и помогнеме на државата“, рече денеска Заев.

Тој нагласи дека се работи за решение со европско знаменце, согласно со Националната европска стратегија, коешто може да биде усогласено до крај на работењето на овој парламентарен состав.

Утрешната средба на работната група за Законот за јавно обвинителство треба да даде одговор дали јавната дебатата за законот послужи да се надминат отворените прашања, кои беа „камен на сопнување“, меѓу власта и опозицијата. За в петок се најавува средба во поширок формат, односно присуство на претставници на сите пратенички групи. На минатата средба, ВМРО-ДПМНЕ побара присуство и на државниот обвинител Љубомир Јовески, по што претставниците на партијата ја напуштија средбата.

Боки 13 напишал писмо до Јовески за „корупцијата“ на Русковска

Боки 13, неговиот адвокат Сашо Дукоски и обвинителката Вилма Русковска на судење за случајот „Рекет“
Боки 13, неговиот адвокат Сашо Дукоски и обвинителката Вилма Русковска на судење за случајот „Рекет“

Бојан Јовановски-Боки 13, првообвинетиот во случајот „Рекет“, денеска на судијката Васка Николовска - Масевска, на лист хартија ѝ предаде на рака напишано писмо адресирано до републичкиот обвинител Љубомир Јовески, во кое, според Боки, се наводите за кривични дела за кои тој зборуваше вчера.

„Барам да бидам изведен пред републичкиот обвинител. Се работи за наводите за кривичните пријави што ги најавив вчера“, рече Јовановски потенцирајќи дека, меѓудругото, станува збор и за пријавата за обвинителката Вилма Русковска.

Јовановски вчера јавно ја обвини обвинителката дека има за неа „несоборливи докази за корупција тешка 4 милиони евра“, на што Русковска подоцна пред новинарите одговори дека „ги охрабрува сите што имаат докази за кого било да пријават во МВР“. Таа денеска беше присутна во судницата кога Јовановски го предаде писмото за Јовески, но не коментираше.

Кривична пријава за поранешниот директор на АХВ

Единица за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје, до Основно јавно обвинителство, поднесе кривична пријава против поранешниот директот на Агенцијата за храна и ветеринарство З.П. (39) од Скопје, поради основано сомнение дека сторил кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.

„Пријавениот, во периодот од декември 2016 година до мај 2017 година, додека ја извршувал функцијата, искористувајќи ја својата службена положба со пречекорување на своите службени овластувања постапил спротивно на член 53 од договорот склучен помеѓу Европската агенција за безбедност и храна и Агенцијата за храна и ветеринарство. Во член 53 било децидно пропишано дека лицето кое ќе биде назначено како помошник координатор на EFSA не може да прима дополнителен надоместок од Агенцијата, ниту да ја кумулира претпристапната програма со каков било друг договор за работа со други тела. Наспроти ова, пријавениот склучил договор за дело со К.М., во тоа време вработена во Агенцијата за храна и ветеринарство, за извршување на работни обврски и задачи како асистент координатор на EFSA, кои веќе биле предвидени со Правилникот за систематизација на работните места во Агенцијата за храна и ветеринарство за нејзиното работно место“, соопшти МВР

Врз основа на склучениот договор за дело, соопшти МВР, во горенаведениот временски период, секој месец на К.М. неосновано ѝ биле исплаќани парични средства во износ од 62.934 денари, со што пријавениот ѝ овозможил да се стекне со противправна имотна корист во вкупен износ од 377.604 денари.

Владата и МНР им се извинија на Корејците нападнати во Скопје

Државниот секретар Зоран Попов со Корејците кои беа нападнати во Скопје
Државниот секретар Зоран Попов со Корејците кои беа нападнати во Скопје

Во име на македонското МНР, државниот секретар Зоран Попов денеска ги прими и им се извини на претставниците на невладина организација од Република Кореjа кои вчера беа вербално нападнати во центарот на Скопје.

„Остро го осудуваме овој изолиран чин на говор на омраза, расизам, ксенофобија и нетолеранција, што се коси со темелните вредности на македонското општество и очекуваме надлежните органи да го откријат и соодветно санкционираат сторителот“, соопшти МНР.

Корејците кои вчера беа вербално нападнати во центарот на Скопје се членови на невладина организација „Heavenly Culture World Peace Restoration of Light“, која одржува работилници со ученици во повеќе градови во земјава. За инцидентот во јавноста се дозна откако корисник на социјалната мрежа Инстаграм објави видео снимка за да се пофали како им приоѓа на група Азијци во близина на Министерството за надворешни работи и им се обраќа со погрдни зборови, додека тие се обидуваат да го игнорираат. Снимката наиде на бројни осуди на социјалните мрежи. Она од што паметниот се срами, будалиот се гордее, се најголем дел од коментарите за снимката и по инцидентот.

Претходно, во име на владата денеска извинување за вербалниот напад упати и техничкиот премиер Оливер Спасовски.

Комунистичката партија на Кина е главната закана на нашето време, изјави Помпео

Шефовите на дипломатиите на Британија и на САД, Рааб и Помпео
Шефовите на дипломатиите на Британија и на САД, Рааб и Помпео

Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, денеска ја нарече владејачката комунистичка партија во Кина „централна закана за нашето време“, на заедничката прес-конференција со британскиот министер за надворешни работи, Доминик Рааб. Помпеој додаде дека западните сојузници мора „да обезбедат наредниот век да биде управуван од западни демократски принципи“.

Забелешките на Помпео дојдоа кога Вашингтон ги притиска Велика Британија и другите европски држави да го исклучат кинескиот технолошки гигант „Хуавеи“ од нивните 5G мобилни мрежи. Велика Британија во вторникот реши да му дозволи на „Хуавеи“ да изгради „несуштински“ елементи од 5G кои не управуваат со чувствителни лични податоци.

Американски официјални лица предупредија дека Вашингтон можеби ќе мора да престане да разменува разузнавачки информации со Лондон, доколку Британија во својата нова мрежа вклучи елементи на кинеската компанија, заради безбедносниот ризик, пренесува АФП.

Помпео се осврна и на тоа, коментирајќи дека : „Односот за споделување разузнавања меѓу САД и Велика Британија е длабок, силен и дека ќе остане.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG