Вести
Парламентот на ЕУ го одобри договорот за Брегзит
Европскиот парламент со големо мнозинство гласаше за заминувањето на Велика Британија од ЕУ, отворајќи пат Брегзит да се случи на 31 јануари.
Парламентарциите ја испеаја Аулд Ланг Син, традиционалната шкотска песна за збогување, по гласањето на 621 пратеник наспрти 49 кои беа против договорот за Брекзит за кој британскиот премиер Борис Џонсон преговараше со останатите 27 лидери на ЕУ минатата година. Околу 13 пратеници беа воздржани.
Познат како „договор за повлекување“, договорот за Брегзит предвидува права на ЕУ и на британските граѓани,финансиски обврски на Велика Британија и царински систем за Северна Ирска.
Заминувањето на Велика Британија од блокот стапува на сила на 31 јануари во 23:00 часот по полноќ во поголемиот дел од континентална Европа.
Велика Британија е првата земја што излегува од политичкиот и економскиот блок, оставајќи ги зад себе 27 те држави членки по 47 години членство.
Заврши втората стручна дебата за законот за јавно обвинителство
Во Собранието попладнето заврши стручната дебата за законот за јавното обвинителство, во организација на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.
Во стручната расправа денеска се вклучија професорите Александар Климовски, Александар Даштевски и Никола Тупанчевски, Џабир Дерала од НВО Цивил и дрги. Нивните забелешките ги слушаа министерката за правда Рената Треневска Дескоска, државниот обвинител Љубомир Јовески, професори, членови на работните групи и пратеници
Во јавната расправа досега учествува претставници на правната фела, обвинители, адвокати, професори од правните факултети и од НВО секторот, како и пратеници од сите политички партии. Предност во изнесувања на своите забелешки имаа претставниците на стручната и експертската фела.
Инаку денеска мнистерката за правда Рената Дескоска на пресс конференција најави дека за законот за јавно обвинителство ќе се обидат да закажат средба со пратеничките групи во поширок формат и изрази надеж дека ќе учествуваат и пратениците од ВМРО – ДПМНЕ.
Се анализира италијанскиот отпад наменет за „Усје“
Министерството за животна средина соопшти дека денеска на граничниот премин „Богородица“ се сопрени 11 камиони со гориво од отпад, кои биле наменети за Цементарница „Усје“ и дека се прави анализа.
Цементарницата подолго време го користи горивото од отпад RDF (Refuse derived fuel) и за тоа има дозвола, според важечките закони.
„Државниот инспекторат за животна средина во координација со Министерството за животна средина и просторно планирање и Царинската управа, извршија вонреден инспекциски надзор на 11 камиони со отпад (RDF) од Италија, чија крајна дестинација е Цементарница УСЈЕ која поседува дозвола за користење на RDF отпад како алтернативно гориво. Камионите се запрени на влез на граничниот премин Богородица. Вкупна количество на отпадот е 261 тон“, се вели во соопштението на министерството.
По случаен избор од два камиона се земени мостри, а во другите камиони е извршен преглед. Земените мостри ќе бидат доставени во две лаборатории, Хемиската лабораторија на РЖ Техничка контрола, како и до Истражен центар за животна средина во Естонија.
Резултатите од анализите се очекуваат за околу десет дена, а дотогаш камионите со отпад ќе бидат складирани под соодветен надзор.
Дескоска: Нема да дозволиме да се блокира процесот на носење на законот
Министерката за правда Рената Дескоска денеска на пресс конференција изјави дека прашањето околу постапката за предлагање јавен обвинител од опозицијата е една од спорните точки за кои ќе се гради консензус.
Таа посочи дека не слушнала ниту едно аргументирано тврдење на вчерашната јавна дебата за тоа дека е добра процедурата јавниот обвинител да се избира на предлог на опозицијата.
Дескоска изјави дека вреден за размислување е предлогот за транспарентност на постапката за избор на обвинител на организиран криминал и корупација и тој предлог ќе биде земен предвид.
Таа најави дека ќе се обидат да закажат средба со пратеничките групи во поширок формат и изрази надеж дека ќе учествуваат и пратениците од ВМРО – ДПМНЕ.
Дескоска, претходно на својот фејсбук-профил стави објава со која го најави денешното продолжение на јавната расправа за законот за Јавното обвинителство.
„И денес матрицата на ВМРО-ДПМНЕ повторно излезе на површина – бараат цензура и се противат јавниот обвинител Јовески и јас да земеме збор и да го кажеме мислењето по вчерашните предлози. Го бараа Јовески, а не сакаат да го слушнат“, напиша министерката во својата објава.
Дебата за Законот за ЈО за да се надмине „каменот на сопнување“ меѓу власта и опозицијата
На вчерашната расправа за предлог законот за јавно обвинителство во Собранието, пратениците на ВМРО ДПМНЕ истакнаа транспарент на галеријата на кој пишуваѓе „Господине Јовески до кога ќе го криете писмото со кое притворената Катица ви даде незаконска наредба “
Две лица приведени за лажната дојава за бомба во Сити мол
Полициски службеници од Бирото за јавна безбедност при МВР денеска приведоа две лица по лажната дојава за бомба во трговскиот центар Сити мол во Скопје.
МВР соопшти дека се приведени се П.Ц. (19) и А.Д. (19) и оти по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Поладнево беше извршена евакуација во Трговскиот центар „Скопје сити мол“ во населбата Карпош, поради дојава за бомба.
Полициски екипи повеќе од три часа детално ги пребаруваа сите простории.
Почина скопјанец заразен со маларија
Скопјанец на возраст од триесет и пет години, кој се заразил со маларија најверојатно на службен пат во Гана, бил примен во крајно тешка здравствена состојба на Универзитетската клиника за инфективни болести во Скопје, по што во текот на вчерашниот ден починал.
Ова за МИА го потврдија од Клиниката за инфективни болести.По доаѓањето на Клиниката пациентот веднаш бил хоспитализиран, болеста му била дијагностицирана, но за жал не можело многу да се направи, зашто бил во тешка состојба.
Столтенбeрг: се надевам дека Северна Македонија ќе стане полноправна членка на НАТО во блиска иднина
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на денешниот брифинг со новинарите во седиштето на НАТО во Брисел рече дека речиси сите сојузници досега го ратификуваа протоколот за зачленување на Северна Македонија во НАТО.
„Навистина се надевам дека Северна Македонија ќе стане полноправна членка во блиска иднина. Апсолутно сум сигурен дека ќе стане членка, но секако ние треба да почитуваме дека има процес кој треба да се случи во парламентите на сите 29 земји членки пред пристапниот протокол да биде ратификуван од сите сојузници. Но секако, ние сме многу блиску до финализирање на процесот“, рече Столтенеберг.
Aмбасадорот на Шпанија во Скопје, Емилио Лоренцо вчера изјави дека ратификацијата на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО по итна постапка во шпанскиот Парламент тешко дека може да се случи до 12 февруари, дополнувајќи дека меѓутоа тоа не е невозможно
„Новата шпанска Влада веќе го испрати Протоколот до Парламентот со барање да биде ратификуван по брза постапка. Но, имајќи предвид дека има два дома во Парламентот, а Протоколот треба да помине и на Комисијата за надворешни работи, а потоа и на пленарна седница, тешко е да се очекува оти ќе биде ратификуван пред 12 февруари. Тешко, но не и невозможно“, изјави во Собранието, амбасадорот Лоренцо.
Македонското собрание ќе го ратификува протоколот за НАТО ден пред распуштање
Според најавата на собранискиот спикер Талат Џафери, Собранието на Република Северна Македонија треба да го ратификува Протоколот за НАТО на пленарна седница на 11 февруари, ден пред распуштањето на сегашниот пратенички состав.
"Скопје сити мол" е отворен, дојавата за бомба била лажна
Трговскиот центар „Скопје сити мол“ во населбата Карпош повторно е отворен за посетители по евакуацијата поради дојава за бомба попладнето, но продавниците се уште се затворени.
Од МВР за Радио Слободна Европа потврдија дека станува збор за лажна дојава за бомба и додаваат дека работат на откривање на стoрителот.
Дел од булеварот „Партизански одреди“ кој беше затворен исто така е пуштен за сообраќај.
По пристигната информација за дојава за поставена бомба од МВР на терен веднаш беа испратени екипи од полицијата, како и екипа од Противпожарната бригада на Скопје со едно возило и четворица пожарникари.
Според очевидци, во трговскиот по дојавата за бомба биле вклучени сите аларми и било побарана итна евакуација.
Русија и Кина бараат вакцина против коронавирусот
Русија соопшти дека добиле геном од коронавирусот од Кина и заедно со својот сосед ќе работат на развивање вакцина против тоа заболување. Во меѓувреме кинеските власти наведоа дека заклучно со денеска има 5974 потврдени случаи на коронавирус од кои 132 луѓе умреле. Други 9239 случаи кои се сомнителни за заболувањето се под надзор.
Расте бројот и на заболени надвор од Кина, па има потврдени случаи во Европа, Северна Америка, Блискиот исток и на другите места низ Азија, што ја тера Русија, која засега нема потврден случај на коронавирусот, да се придружи во напорите за запирање на заболувањето.
Бугарското обвинителство ги прекина сите контакти со претседателот Радев, води постапка против него
Бугарскиот јавен обвинител Иван Гешев изјави дека обвинителството ги прекинува сите контакти со претседателството на државата освен официјалната писмена коресподенција. Прекинот на контактите ќе трае се до одлуката на Уставниот суд, кој треба да даде задолжително толкување на одредбата од Уставот на Бугарија во врска со имунитетот на претседателот и потпретседателот.
Причина за таквото решение е потребата да се избегнат какви било сомнежи и обиди да се влијае врз институцијата, се наведува во соопштението на Обвинителството. Од таму вчера објавија дека утврдиле голема веројатност за вмешаност во криминални активности на шефот на државата Румен Радев.
„При извршената анализа пронајдени се податоци и докази „за висок степен на веројатност за вмешаност во кривична дејност, што е предмет на истрага, на лице кое врши висока државна должност – претседател на Република Бугарија, а идентификуваните евентуални кривични дела не се директно поврзани со извршувањето на неговата функција“, соопшти Обвинителството.
Од таму наведоа дека имале и материјални докази собрани преку употреба на специјални разузнавачки средства против командантот на Воено воздушните сили генерал мајор Цанко Стојков. Обвинителството објави и аудио снимки, а на дел од нив се слушаат гласовите на Радев и Стојков како разговараат за барањата на Антикорупциската комисија поврзани со вработувањето на сопругата на Радев во Воено воздушните сили. Бугарскиот претседател ги отфрли обвиненијата.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете