Достапни линкови

Вести

Луиџи Ди Мајо поднесе оставка од местото лидер на „Движењето пет ѕвездички“

Луиџи Ди Мајо.
Луиџи Ди Мајо.

Луиџи Ди Мајо поднесе оставка на местото претседател на италијанското „Движење пет ѕвездички“, наведувајќи дека и натаму ќе остане потполно посветен на партијата.

Неговата оставка беше најавена денеска претпладне, но оставката Ди Мајо кој воедно е и министер за надворешни работи на Италија, ја даде вечерва на седница на партијата.

Нов лидер на партијата би требало да биде избран во следните месеци, по Конгресот на „Движењето пет ѕвездички.“

Иако не се очекува неговата оставка да ја сруши владата, таа ја нагласува длабоката внатрешна поделба во „Пет ѕвездички“ и носи дополнителна несигурност во и онака разнишаните односи со коалицискиот партнер Демократската партија од левиот центар.

Трамп: САД ќе воведат забрани за патување на неколку земји

Швајцарија - Претседателот на САД Доналд Трам на Светски економски форум во Давос.
Швајцарија - Претседателот на САД Доналд Трам на Светски економски форум во Давос.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговата администрација планира да додаде „неколку“ земји на нејзиниот список за забрана за патување и дека конечната одлука ќе биде објавена „многу брзо.“

Зборувајќи денеска пред новинарите во Давос, каде присуствува на годишниот Светски економски форум, Тамп рече:

„Гледате што се случува во светот, нашата земја мора да биде безбедна.“

Коментарите доаѓаат еден ден откако медиумите во САД објавија дека Вашингтон размислува на листата да ги додаде Белорусија, Кригистан и четири други земји: Мјанмар, Нигерија, Судан и Танзанија.

Трамп ваква наредба издаде пред три години која беше насочена кон граѓаните на седум мнозински муслимански земји, но подоцна беше изменета бидејќи мина низ правни предизвици.

Судовите на крајот дозволија ограничувања за влез на некои граѓани од Иран, Либија, Сомалија, Сирија и Јемен, заедно со Венецуела и Северна Кореја.

Вол Стрит Џурнал цитира официјлани претставници како велат дека земјите додадени на листата, нема сите да се соочат со забрана за патување во САД, но можно е да има забрани за специфични видови визи.

Осуммина осудени за заговор за убиство на претседателот и премиерот во Косово

Косово - Пресуда за припадниците на организацијата „Окото на народот“ во судот во Приштина.
Косово - Пресуда за припадниците на организацијата „Окото на народот“ во судот во Приштина.

Судот во Косово осуди осум етнички Албанци кои беа прогласени за виновни за обид за убиство на поранешен политичар и за заговор за убиство на претседателот и премиерот на земјата во 2017 година.

Основниот суд во Приштина денеска им одреди затворски казни од две до 12 години на осудените, чија цел била сериозно да се дестабилизираат или уништат политичките, економските, уставните или социјалните структури на Косово, рече судијата претседавач Наиме Красниќи во пресудата.

Во обвинението од 70 страници е наведено дека групата се обидела да ги постигне своите цели преку убивање на сегашни и поранешни високи претставници на Косово, кои се активни во политиката од 1980 до 1991 година, сметајќи ги за предавници.

Осуммината се дел од групата позната како „Окото на народот“, за која претседателот Хашим Тачи и судот ги опишаа како терористичка организација.

Еден од нив е Мурат Јашари кои доби 10-годишна затворска казна за пукање и ранување на поранешниот политичар и истакнат адвокат Азем Власи на влезот на неговата куќа во март 2017 година.

Во нивниот список на цели исто така се вклучени Тачи, поранешниот премиер Иса Мустафа, како и верски лидери, бизнисмени и новинари, соопшти судот во Приштина.

Нивните адвокати рекоа дека ќе ги обжалат казните.

Гваидо бара поголеми санкции на ЕУ против венецуелската влада

Хуан Гваидо.
Хуан Гваидо.

Венецуелскиот опозициски лидер Хуан Гваидо денеска ијави дека сака Европската унија да ги прошири санкциите против членови не венецуелската Влада, како средство да се забрза одржувањето на слободни избори во земјата.

Во изјава во Брисел за време на светската турнеја на која тргна и покрај тоа што против него во Венецуела е воведена забрана за патување, Гваидо рече дека бара поддршка од сојузниците за да се собори претседателот на Венецуела Николас Мадуро.

Гваидо за Асошиејтед Прес изјави дека се обидува да организира состанок со претседателот Доналд Трамп во Вашингтон.

„Се трудиме да усогласиме што повеќе програми. Не го исклучуваме тоа, бараме простор“, изјави тој.

Трамп денеска и утре присуствува на Светскиот економски форум во Давос во Швајцарија, а Гваидо треба да се појави на форумот во четврток пред да ја продолжи, како што рече, „интензивната програма“ која може да го одведе во Франција и Шпанија.

Протести на грчките острови поради големиот број бегалци

Протест против зголемениот број на луѓе во бегалските кампови во Лезбос.
Протест против зголемениот број на луѓе во бегалските кампови во Лезбос.

Илјадници жители и сопственици на фирми денеска протестираа на грчките острови кои најтешко се погодени од ситуацијата со преполните кампови за бегалци и мигранти, повикувајќи ја владата да го реши проблемот.

Повеќето од продавниците денеска не работат, како и јавните служби на островите Лезбос, Хиос и Самос каде во некои од бегалските кампови има десет пати повеќе луѓе.

Претставници на организациите за меѓународната помош исто така ги критикуваа условите во некои од камповите на грчките острови.

Денешните протести ги организираа регионални гувернери и градоначалници кои планираат утре да достават барања до владата во Атина.

Околу 6.000 луѓе се приклучија на протестите во Лезбос и околу 2.000 на Самос.

Скоро 75.000 луѓе дојдоа во Грција од Турција во текот на 2019 година, според агенцијата за бегалци на ОН, што е околу 50 проценти повеќе во однос на претходните години.

Откажан протестот против законот за верски слободи во Црна Гора

Црна Гора - протест во Цетиње. 22.1.2020.
Црна Гора - протест во Цетиње. 22.1.2020.

Планираниот утрешен протест во црногорскиот град Цетиње против контроверзниот нов закон за слобода на вероисповест е откажан, откако локално население изрази неодобрување на собирот.

Српската православна црква објави дека го одложила маршот закажан за 23 јануари, велејќи оти полицијата предупредила дека може да се случи „сериозно нарушување“ на јавниот ред за време на настанот.

Денешното соопштение на црквата доаѓа откако неколку илјади луѓе кои се спротивставија на маршот, излегоа на улиците на Цетиње и предупредија дека ќе го блокираат пристапот на демонстрантите до градот.

Цетиње е упориште на црногорското национално чувство, но исто така и седиште на владиката Амфилохие – поглават на црногорската Српска православна црква, која остро се спротивстави на неодамна донесената легислатива за слобода на вероисповест.

Донесувањето на законот минатиот месец доведе до чести протести низ Црна Гора организирани од црквата , како и во соседните земји Косово и Србија. Тоа исто така предизвика откажување на планираната посета на Црна Гора на српскиот претседател Александар Вучиќ.

Српската православна црква, нејзините поддржувачи и про-српскките опозициски партии стравуваат дека законот ќе и овозможи на црногорската Влада да одземе црковен имот, иако официјалните претставници негираат дека имаат таква намера.

Претходно денеска, црногорскиот премиер Душко Марковиќ за црногорската телевизија изјави дека е подготвен да ги продолжи дискусиите за законот со Амфилохие, но исто така рече дека единствена опција за црквата ќе биде да го оспори законот пред Уставниот суд.

Според законот, верските заедници мораат да докажуваат сопственост на имотот од пред 1918 година, во спротивно ќе се смета за државна сопственост.

Шилегов: увезениот отпад се користел за индустриски цели

Архивска фотографија- градоначалникот на Скопје Петре Шилегов
Архивска фотографија- градоначалникот на Скопје Петре Шилегов

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов денеска одговорајќи на новинарско прашање дека во земјава во период од две години се увезени околу седум милиони тони отпад рече дека од она што го дознал од Министерството за животна средина, не станува за отпад што се депонира, туку за отпад што се користи во индустриски цели.

„Министерството за животна средина и просторно планирање ја има точната евиденција и на количините и на субјкетите и на бројот на дозволите што се издадени, меѓутоа по она што од таму ми е кажано не станува збор за отпад кој се депонира, туку за отпад што се користи во индустриски цели, податок што е куриозитетен е дека најголем увозник се јавува „Макстил“, а предмет на увоз отпад е старо железо“, рече Шилегов.

Радио Слободна Европа вчера објави дека според статистичките од 2012 до 2014 година во земјата биле увезени над осум милиони и 200 илјади тони отпад од кои најмногу од соседна Бугарија.

Институт за јавно здравје- нема потреба од паника поради корона вирусот

Токио- жена во Јапонија носи маска како заштита од новиот смртоносен вирус
Токио- жена во Јапонија носи маска како заштита од новиот смртоносен вирус

Нема потреба од паника и воведување посебни мерки во државава во врска со новиот корона вирус, што се појави во кинескиот град Вухан, а заразени се регистрирани и во други земји. Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, која се уште заседава, заклучи дека ќе се изготват дополнителни информативни материјали.

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) ќе достави информативни материјали до аеродромот во Скопје наменети за патниците во смисла кои превентивни мерки треба да ги преземат доколку патуваат во Кина, да избегнуваат пазари каде има живи, домашни и диви животни, да избегнуваат блиски контакти со луѓе кои имаат респираторна инфекција и ако имаат знаци на респираторна инфекција да избегнуваат густо населени простори и при кашлање и кивање да користат марамчиња или дел од облеката, изјави попладнево д-р Владимир Микиќ од ИЈЗ.

Посочи дека сè уште нема потреба од некои ригорозни мерки за скрининг на аеродромите, туку многу е поважно луѓето да знаат како да ја избегнат оваа инфекција и што да направат доколку имаат симптоми.

Инаку кинеските власти ги предупредија луѓето да не патуваат во и од Вухан, градот во кој изби епидемијата на короновирусот. Кинеската здравствена комисија соопшти дека 440 луѓе во 13 провинции биле заразени од новиот респираторен и смртоносен вирус од кои деветмина починале. Претходно Соединетите држави потврдија прв случај на вирусот, наведувајќи дека жител на државата Вашингтон кој се вратил од кинеската провинција Вухан, каде што најпрвин е регистрирана инфекцијата, бил хоспитализиран во Сиетел.

Во напад со дрон во Авганистан убиени десет цивили

Илустрација- војници во авганистанската провинција Херат
Илустрација- војници во авганистанската провинција Херат

Во напад на американски дрон месецов во западната авганистанска провинција Херат чија цел била милитантна група загинале и десет цивили, меѓу кои три жени и три деца, соопштија денеска авганистанските власти. Според нив нападот се случил во областа Шинданад на осми јануари, а се повредени и пет други цивили, меѓу кои жени и деца. Член на советот на провинцијата пак вели дека во нападот загинале и 16 талибански милитанти меѓу кои и нивниот командант Мула Нангиалиа.

Уставен суд- амнестијата за „27 април“ останува

Архивска фотографија- Уставен суд на седница
Архивска фотографија- Уставен суд на седница

Уставниот суд не поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на Законот за амнестија во целина, додека иницијативата за оценка на членот 2 од истиот закон е отфрлена, бидејќи веќе е одлучувано по тоа, информираат од Уставниот суд за МИА.

Иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за амнестија во целина е поднесена од Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес , а иницијативата за членот 2 од истиот закон поднесена од адвокат Јошевска Анастасовска.

Меѓу амнестираните за настаните од 27 април 2017 година беа петмината пратеници Крсто Мукоски, Сашо Василески, Јохан Трчуловски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов кои беа обвинети дека ги отвориле вратите и ги насочувале тие со фантомки и другите граѓани кон пленарната сала и кон прес-центарот во Собранието. Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски кои беа водачи на протестите на “За заедничка Македонија“ и кои беа обвинети дека со потпалувачки говори ги повикале граѓаните да влезат во Собранието исто така беа амнестирани.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG