Достапни линкови

Вести

Сенатот го одобри трговскиот договор меѓу САД, Канада и Мексико

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Американскиот Сенат денеска со убедливо мнозинство го усвои Северноамериканскиот трговски договор, со кој се ревидираат трговските правила со Канада и Мексико.

Договорот е изгласан со 89 гласови за и 10 против, а тој претходно беше усвоен и во долниот дом на Конгресот.

Усвојувањето е голема победа на политиката на претседателот Доналд Трамп во момент кога сенаторите ќе го насочат нивното внимание кон судењето за импичментот.

Документот сега оди на потпис кај Трамп и со тоа се менува претходниот Северноамерикански договор за слободна трговија стар 25 години, со кој беа отстранети повеќето трговски препреки и беше поттикната трговијата.

Меѓутоа, Трамп и други критичари на стариот договор сметаа дека со него се охрабрувале американските компании да ги префрлаат производствените погони јужно од границата, за да ги искористат ниско платените мексикански работници.

Усвојувањето на новиот трговски договор со Канада и Мексико следеше еден ден откако Трамп потпиша нов трговски договор со Кина, со кој се намалени трговските тензии меѓу двете економски сили.

Лидерот на мнозинството републиканци во Сенатот Мич Маконел договорот го опиша како голема победа на администрацијата на Трамп.

Почна процесот за импичмент на Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп.
Американскиот претседател Доналд Трамп.

Сенатот на САД денеска формално го отвори процесот за импичмент на претседателот Доналд Трамп, откако Претставничкиот дом вчера изгласа резолуцијата формално да биде испратена во горниот дом на Конгресот, а именувани се и членови на Претставничкиот дом кои ќе ја застапуваат резолуцијата во постапката, пренесува Гласот на Америка.

Членовите на Претставничкиот дом, таканаречените „менаџери“, церемонијално ја внесоа резолуцијата за отповикување во Сенатот. Таа резолуција ќе има улога на „обвинение“ во понатамошниот процес против претседателот Доналд Трамп.

По внесувањето на резолуцијата, лидерот на тимот составен од демократските „менаџери“ Адам Шиф, на глас ја прочита нејзината содржина. Претставничкиот дом во декември го изгласа отповикувањето на претседателот заради злоупотреба на службената положба и опструкција на Конгресот.

Со седницата привремено ќе претседава највозрасниот претставник на републиканското мнозинство, конгресменот Чак Гресли.

Бидејќи на глас беше прочитана резолуцијата за отповикување, Сенатот формално ја прифати и во продолжение ќе следува давање заклетва на судијата претседавач и на поротниците.

Судијата претседавач на Врховниот суд Џон Робертс ќе даде заклетва во текот на денот, а потоа тоа се очекува да го направат стотина сенатори.

Судењето на Доналд Трамп би требало да започне во вторник на 21 јануари.

Судењето на претседателот не е кривичен процес, а не се кривични ниту потенцијалните казни.

Резолуцијата за отповикување е „обвинение“ кое ќе го застапуваат „менаџерите“ на Претставничкиот дом кои имаат улога на обвинители. Белата куќа има своја одбрана – претседателот Трамп ќе го застапуваат адвокатите Пет Сиполони и Џеј Секулов.

Сенаторите се поротници, а со процесот претседава судијата претседавач во Врховниот суд.

Правилата на судењето ги одредува мнозинството, па така и сега републиканците ќе одлучуваат за тоа дали на судењето ќе бидат изведени и сведоци, на што инсистираат демократите. За да се усвојат правилата потребно е просто мнозинство од 51 глас.

Поранешниот советник на Трамп за национална безбедност Џон Болтон посочи дека ќе одговори на обврзувачкиот повик за сведочење од Сенатот.

Претседателот може да биде разрешен од должноста доколку за тоа гласаат две третини (67) од стотина сенатори, што е малку вероватно, бидејќи мнозинството во Сенатот го имаат републиканците.

Десетици илјади на протест против пензиската реформа во Франција

Франција: Синдикатите и работниците на протест против владиниот план за прензиска реформа. 16.1.2020.
Франција: Синдикатите и работниците на протест против владиниот план за прензиска реформа. 16.1.2020.

Неколку десетици илјади луѓе на повик на синдикатите се собраа денес на протести низ Франција против најавената пензиска реформа, заради која шест недели трае штрајкот на железниците.

Собирите се одржани во големите градови низ Франција, а во Париз се собраа 250.000 луѓе, според проценките на синдикатот ЦГТ, пренесува Бета.

Меѓу демонстрантите има просветни работници, адвокати, работници во железниците и студенти.

После неколкуте протести од 5 декември кога почна и штрајкот во железниците и кога на улица излегоа околу 805.000 луѓе, според податоците на француското Министерство за внатрешни работи, синдикатите сакаат со протестите да се задржи притисокот врз власта, бидејќи се противат на пензиската реформа.

Според податоците на полицијата, сепак денеска е многу помал бројот на луѓе отколку на почетокот на протестите на 5 декември. Околу 42.000 луѓе се собраа во останатите француски градови.

Ситуацијата е подобрена во железничкиот транспорт, но поради штрајкот се проценува дека има загуби од околу една милијарда евра. Сите линии на метрото во Париз денеска работат, но не во континуитет.

Следниот протест е закажан за 24 јануари, кога француската Влада ќе го разгледува нацрт-законот за пензиската реформа.

Спасовски на средба со германскиот амбасадор Герберих

Техничкиот премиер Оливер Спасовски на средба со амбасадорот на Германија во земјава, Томас Герберих.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски на средба со амбасадорот на Германија во земјава, Томас Герберих.

Премиерот на техничката Влада Оливер Спасовски денеска се сретна со германскиот амбасадор во земјава Томас Герберих, на која констатирале дека Северна Македонија и Германија имаат одлични билатерални односи карактеризирани со динамичен дијалог и стабилно партнерство, соопшти прес-службата на македонската Влада.

Премиерот Спасовски му се заблагодарил на Герберих за континуираната поддршка од страна на Германија, посебно во остварувањето на главните стратешки цели на Северна Македонија како членството во ЕУ и НАТО.

„Ратификацијата на Протоколот во Шпанија веќе е почната, а Владата го достави Предлог-законот за Ратификација на Северноатлантскиот договор во Собранието“, се вели во владиното соопштение.

Во него исто така се вели дека на средбата било истакнато оти вчерашната посета на еврокомесарот за соседска политика и проширување на ЕУ, Оливер Вархеји, донела умерен оптимизам за позитивна одлука на Унијата за почеток на преговорите.

Инаку Вархеји при вчерашната посета во Скопје изјави дека до самитот на Унијата во Загреб, приоритет за Северна Македонија треба да биде донесувањето на Законот за јавно обвинителство и изрази надеж оти законот ќе го донесе овој парламентарен состав.

На средбата меѓу Спасовски и Герберих било истакнато дека Владата ќе даде „дополнителни напори“ за изнаоѓање на политички решенија за клучни законски реформи, но и оти ќе се фокусира на обезбедување на фер и демократски избори.

Спасовски беше одбран за технички премиер на 3 јануари, откако најголемите политички партии на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски во октомви, се договорија предвремени парламентарни избори да бидат одржани на 12 април.

Техничката Влада се избира според таканаречениот „Пржински модел“ кој прв пат е применет за изборите во 2016 година, а кој уследи по кризата која настана, откако досегашниот премиер Зоран Заев како лидер на опозицијата во 2015 година почна со објавувањето на нелегално прислушувани материјали, по што следеа предвремени избори.

Нов притисок врз Иран за соборувањето на украинскиот авион

Архива: Остатоци од урнатиот украински авион во Техеран.
Архива: Остатоци од урнатиот украински авион во Техеран.

Министрите за надворешни работи на петте земји кои изгубија свои граѓани во соборувањето на украинскиот патнички авион минатата недела, се собраа денеска во Лондон да дискутираат за нивниот одговор на трагедијата.

Министрите од Авганистан, Британија, Канада, Шведска и Украина се очекува да извршат нов притисок врз Иран, за да дадат целосна пресметка за она што му се случи на авионот „Боинг 737-800“ на „Украина Интернешнал Арлајнс.“

Авионот на 8 јануари тргна на пат од Техеран кон Киев, кога беше соборен од страна на воздушната одбрана на Иран, при што беа убиени сите 176 лица во авионот.

Иран соопшти дека авионот бил соборен по грешка, неколку часа откако ирански балистички ракети беа лансирани кон две американски бази во Ирак.

Жртвите во несреќата се лица главно од иранска и канадска националност, со помали групи Украинци, Авганистанци, Швеѓани, Британци и Германци

Земјите повикаа да бидат повикани на одговорност оние кои дозволиле да се случи трагедијата.

Можноста за преземање на правни активности и прашањето за надомест на штета на семејствата на жртвите, исто така ќе бидат дискутирани на средбата во Лондон, според украинскиот министер за надворешни работи Вадим Прстајко.

Авионската несреќа налути многу Иранци, што доведе до протести против свештеничкиот естаблишмент.

СИРИЗА ќе гласа за Сакеларопулу за претседател на Грција

Архива - Дебата во грчкиот Парламент.
Архива - Дебата во грчкиот Парламент.

Најголемата грчката опозициска партија СИРИЗА ќе гласа позитивно за предлогот на Нова демократија, Екатерини Сакеларопули да биде претседателка на Грција, според она што го соопшти лидерот на партијата и поранешен премиер, Алексис Ципрас, јави дописничката на МИА од Атина.

Ципрас рече дека тие во Парламентот ќе дадат можност Сакеларопулу да биде избрана за претседателка со широко мнозинство и истакна дека оваа одлука на партијата е чин на одговорност.

Според ова, двете најголеми партии во грчкиот Парламент се согласуваат со можноста Сакеларопулу да биде претседател на Грција, а на гласањето закажано в среда, се очекува да биде избрана за шеф на државата со најмалку 244 гласови „за“, 158 од Нова демократија и 86 од СИРИЗА.

Расте бројот на заболени од грип во Македонија

Илустрација- вакцина против грип
Илустрација- вакцина против грип

Регистриран е пораст на бројот на заболени од грип во државава. Изминатата недела (од 6 јануари до 12 јануари), се регистирани 583 заболени од грип, што е зголемување за речиси три пати споредено неделата пред неа кога беа регистрирани 207 случаи. Ова денеска го изјави денеска епидемиологот Гордана Кузмановска од Институтот за јавно здравје, која посочи и дека сепак ова не е бројка која го поминува прагот на сезонската активност на грипот. Кузмановска прецизираше дека најголем број случаи се пријавени од подрачјето на Центарот за јавно здравје Струмица (166), додека највисока инциденца е регистрирана на територијата што ја покрива Подрачната единица Дебар (209 на 100.000 жители) со 58 пријавени случаи.Во сезоната 2019/2020, вкупниот број заболени од грип изнесува 1.618 луѓе.

Потпишан договор за изградба на два километра од автопатот Скопје-Блаце

Архивска фотографија- изградба на автопат
Архивска фотографија- изградба на автопат

Договор за изградба на првите два километра од автопатската делница Скопје – Блаце денеска во Владата потпишаа директорот на ЈП за државни патишта (ЈПДП) Зоран Китанов и генералниот директор на изведувачот на работите А.Д. „Гранит“, Зоран Милковски. Согласно договорот делот од автопатот од граничниот премин Блаце до клучката Блаце во вредност од 12,2 милиона евра што се обезбедени од буџетот на ЈПДП, треба да се реализира во наредните 18 месеци.

Паралелно со изградбата на првиот дел од делницата, ќе тече и препроектирањето на вториот дел од автопатот од клучката Блаце до клучката Стенковец во вкупна должина од 10,5 километри. За негова реализација Владата обезбедила грант од 27 милиони евра од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан, а се очекува и формализирање на заемот од Европската банка за обнова и развој од околу 70 милиони евра со што целосно ќе се затвори финансиската конструкција за изградба на втората фаза.

Изградбата на автопатот Скопје- Блаце кој вкупно е во должина од 12,5 километри го ветуваат владите од 2011 година.

Украина отвори истраги за можно следење на поранешната амбасадорка на САД во Киев

Поранешната американска амбасадорка во Украина Мари Јованович
Поранешната американска амбасадорка во Украина Мари Јованович

Украинската полиција денеска соопшти дека отвориле две истраги за можноста поранешната американска амбасадорка во Украина Мари Јованович да била негално следена пред да биде отповикана од позицијата минатата година.

Денешното соопштение доаѓа два дена откако пратениците од американската демократска партија објавија документи од кои се гледа дека Лев Парнас, соработник на Руди Џулијани, адвокат на американскиот претседател Доналд Трамп, разговара за можноста за отповикување на Јованович од позицијата амбасадор во Украина. Украинското министерство за внатрешни работи во соопштението наведува и дека тие не се мешаат во внатрешните политички прашања на САД.

„Како и да е, објавените пораки содржат факти за можно прекршување на украинскиот закон и виенската конвенција за дипломатски односи која ги штити правата на дипломатите на територија на друга земја“, се наведува во полициското соопштение.

Од таму додаваат дека министерството побарало од ФБИ да и ги обезбеди на Украина сите потребни материјали поврзани со случајот и им нудат на американските претставници да учествуваат во истрагите. Јованович беше американска амбасадорка во Киев од 2016 до мај 2019 година, кога беше отповикана по критиките од Трамп и неговите соработници за нејзината работа. Таа сведочеше во Претставничкиот дом на САД во процесот за импичмент за Трамп и ја критикуваше политиката на претседателот кон Украина.

Руската дума го изгласа Мишустин за премиер

Архивска фотографија- новиот руски премиер Михаил Мишустин
Архивска фотографија- новиот руски премиер Михаил Мишустин

Долниот дом на рускиот парламент, државната дума, со мнозинство гласови го избра Михаил Мишустин за нов премиер. Тој беше номиниран од претседателот Владимир Путин. На денешното гласање, кое беше пренесувано во живо на државната телевизија, 383 пратеници беа за неговото именување, а 41 беа воздржани.

Путин го предложи поранешниот шеф на Федерална даночна служба за позицијата премиер, откако претходно владата на досегашниот, Дмитри Медведев поднесе оставка. Тој потег, пак, следуваше по обраќањето на Путин до нацијата во федералното собрание во кое тој побара уставни измени со кои ќе се зголемат ингеренции на парламентот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG