Достапни линкови

Вести

САД и Кина ја потпишаа првата фаза од трговскиот договор

Доналд Трамп и кинескиот вицепремиер Лиу Хе
Доналд Трамп и кинескиот вицепремиер Лиу Хе

Американскиот претседател Доналд Трамп, заедно со потпретседателот Мајк Пенс и кинескиот вицепремиер Лиу Хе, ја потпишаа денеска таканаречената „прва фаза“ од долго-преговараниот трговскиот договор со Кина, соопшти Белата куќа.

Новиот трговски договор со Кина беше причина за таканаречената „трговска војна” меѓу Вашингтон и Пекинг. Иако има уште неколку области за преговарања, како на пример тарифите, за некои републикански коментатори денешното потпишување е „историски чин“.

НБРМ ја намали основната каматна стапка

Народната банка ја намали основната каматна стапка на 2 проценти, а како што оценил Комитетот на НБРМ, има простор и за натамошен пад на рефернетната камата, која е основа за формирање на каматите на деловните банки.

„Одлуката за олабавување на монетарната политика се темели на поволните движења на девизниот пазар што доведе до поголем раст на девизните резерви од очекуваниот, што, пак, упатува на отсуство на притисоци во надворешниот сектор и стабилни согледувања на домашните субјекти“, стои во соопштението на НБРМ.

Папата за прв пат назначи жена на висока позиција во Ватикан

Римокатоличкиот поглавар, папата Франциск, ја именуваше Франческа Ди Џовани за прва жена директор во еден од најважните ватикански секретаријати. Ди Џовани (66) е именувана за потсекретар за мултилатерални работи во Државниот секретаријат, што значи дека ќе биде одговорна за водење на одделението што ги координира односите помеѓу Ватикан со Обединети нации и другите меѓувладини организации.

Папата Франциск одлучи на жените да им даде поголема улога во донесувањето на големи одлуки во Ватикан и во Католичката црква, работи што досега ги извршуваа свештеници, бискупи или кардинали. По именувањето, ди Џовани истакна дека нејзиното именување покажува дека папата Франциск посветува внимание на жените.

Брнс - Џафери: Фер избори за потврда на капацитетот на државата

Талат Џафери и Кејт Брнс
Талат Џафери и Кејт Брнс

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, и амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мери Брнс, денеска имале средба на која разговарале за актуелната политичка ситуација во земјава и планираната динамика на работата на Парламентот во периодот до распишувањето на претстојните предвремени парламентарни избори.

„На средбата беше потенцирана потребата од имање законски и фер изборен процес, со кој и понатаму ќе се потврди и зацврсти демократскиот капацитет на државата“, соопшти Кабинетот на Џафери.

Во однос на НАТО, американската амбасадорка, како што посочуваат од Кабинетот на собранискиот спикер, потврдила дека се прават сите можни напори да се заокружи процесот на ратификација на Протоколот за членство во Алијансата за да бидеме 30-та полноправна членка.

Партијата на Курц казнета поради прекумерни трошења

Канцеларот Себастијан Курц
Канцеларот Себастијан Курц

Австриската владејачка партија, Конзервативната партија, мора да плати казна од 800 000 евра бидејќи ги пречекорила законските лимити за трошење за време на изборната кампања во 2017 година.

Партијата на канцеларот Себастијан Курц на изборите потрошила речиси 13 милиони евра, што е за шест повеќе од дозволените 7 милиони евра за изборна кампања. Како што јавува германската агенција ДПА, партијата е казнета и дополнителни 80 000 евра поради тоа што добила донации од две јавни компании, што е спротивно на законот. Овие казни ги определи Независниот сенат за транспаретност што е задолжен за следење на трошењата.

Конзервативната партија ги доби изборите во 2017 година по што формира влада со крајната десница која се распадна во мај минатата година. По изборите што се одржаа во септември на која повторно победи партијата на Курц, се формираше нова влада во коалиција со зелените.

За Груевски прашајте ги унгарските власти, вели еврокомесарот Вархеји

Еврокомесарот Оливер Вархеји во Скопје
Еврокомесарот Оливер Вархеји во Скопје

Eврокомесарот за проширување, Унгарецот Оливер Вархеји, кој денеска е во посета на Скопје, одговарајќи на новинарско прашање во врска со поранешпниот премиер Никола Груевски, кој избега во Унгарија, рече дека ЕУ нема што многу да каже за враќањето на Груевски и оти тоа прашање треба да се упати до унгарските власти.

„Не мислам дека Комисијата ја има поставено оваа цел, дека целта на реформите во судството во Северна Македонија е да се врати поранешниот премиер Никола Груевски од земја членка на Европската Унија. Се работи за национална способност“, рече Вархеји одговарајќи на новинарско прашање.

Зеленски и Меркел дискутирале за Иран и падот на украинскиот авион 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и германската канцеларка Ангела Меркел дискутирале за ситуацијата на истокот во Украина каде што сепаратистите поддржани од Русија се уште ги контролираат регионите Луганск и Донетск. На интернет страницата на украинскиот претседател во соопштението објавено денеска се наведува и дека Зеленски и се заблагодарил на Германија за учеството во мировниот самит кој се одржа во Париз на 9 декември.

Зеленски изрази загриженост за неспроведувањето на договорот со кој се осигурува целосен прекин на огнот на истокот на земјата, наведувајќи дека следната рунда консултации ќе се одржи на 16 јануари во Минск. Зеленски ја убедувал Меркел дека Киев ќе направи се за да се обезбедени целосен прекин на огнот. Меркел пак изразила сочуство за жртвите во уривањето на украинскиот авион на 8 јануари во близина на Техеран при што загинаа сите 176 патници кои беа во него.

Спасовски - Галовеј: Очекуваме членство во НАТО пред изборите

Техничкиот премиер Оливер Спасовски и британската амбасадорка Рејчел Галовеј
Техничкиот премиер Оливер Спасовски и британската амбасадорка Рејчел Галовеј

Техничкиот премиер Оливер Спасовски, на средба со британската амбасадорка, Рејчел Галовеј, изјави дека Северна Македонија го очекува полноправното членство во НАТО пред изборите во април. Тој ја информираше амбасадорката дека во меѓувреме се исполнуваат сите обврски и одговорностите за нашата партиципација во алијансата, вклучувајќи ја и модернизацијата на армијата и нејзиното финансирање согласно стандардите на НАТО.

Спасовски нагласил дека паралелно со активности за организирање на предвремените избори во април, Владата останува посветена на стабилизирање на демократијата, на спроведување на реформските процеси, на одржувањето на политички дијалог, стабилни меѓуетнички односи и функционални институции, како аргументи за позитивна одлука на ЕУ за старт на преговорите во претстојниот период.

Албанија прогласи за непожелни двајца ирански дипломати

Албанскиот в.д. министер за надворешни работи Гент Чакај
Албанскиот в.д. министер за надворешни работи Гент Чакај

Албанија ги прогласи за непожелни иранските дипломати во Тирана, Мохамад Али Арц и Сеид Ахмад Хосеини, напиша на својот Фејсбук профил в.д. министерот за надворешни работи на Албанија, Гент Чакај, објавија албанските медиуми, на кои се повикуваат новинските агенции.

„Министерството за европски и надворешни работи денес донесе одлука дипломатските претставници на амбасадата на Исламската Република Иран во Албанија, Мохамед Али Арц и Сеид Ахмад Хосеини, да бидат прогласени за непожелни поради извршување активности што не се компатибилни со нивниот статус и принципите на Виенската конвенција за дипломатски односи“, напиша Чакај и додаде дека двајцата претставници на Исламската Република Иран треба веднаш да ја напуштат територијата на Албанија.

Вархеји: Имам добри вести, интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ продолжува

Архивска фотографија- еврокомесар за проширување Оливер Вархеји
Архивска фотографија- еврокомесар за проширување Оливер Вархеји

Новиот еврокомесар за проширување Оливер Вархеји денеска во Скопје, на заедничката прес конференција со премиерот Оливер Спасовски, рече дека Северна Македонија и Албанија се подготвени да ги почнат преговорите.

„Имам добри вести, интеграцијата на Западен Балкан во Европската унија ќе продолжи. За новата комисија проширувањетоне е табу тема, туку приоритет“ , рече Вархеји кој е во прва во регионот и прва официјална посета надвор од Европската унија.

Тој додаде дека Северна Македонија веќе направила многу и го испорачала, како што го нарече, историскиот преспански договор. Тој ја пофали земјата за континуираните реформи, но нагласи дека треба да се даде приоритет на новиот закон за јавно обвинителство. Ако тоа се случи за време на овој парламентарен состав ќе биде многу добар знак за земјите-членки, рече еврокомесарот.

Премиерот Оливер Спасовски пак нагласи дека државата доживеала разочарување, но прифатиле дека стратегиската грешка на ЕУ ќе биде исправена и многу брзо ќе добиеме датум за преговори за зачленување. Тој рече дека се охрабрени од изјавите Вархеји и на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен која најави дека Европската комисија за неколку недели ќе излезе со новата методологија за проширување.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG