Достапни линкови

Вести

Илјада стечајци добија месечен надомест до пензионирање

илустрација
илустрација

Собранието ги изгласа најновите измени и дополнувања на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата во доминантна државна сопственост.

Законот стапува на сила со објавувањето во Службен весник, a стечајните работници од петок ќе можат да поднесуваат барања во Центрите за вработување за да може да го остварат правото на користење на месечен надометок од околу 8.000 денари.

Од Владата велат дека со последните измени опфатот на стечајни работници коишто ќе бидат материјално обезбедени до нивно пензионирање се проширува на уште 1.000 лица, со што вкупната бројка на материјално обезбедени стечајци за две и пол години е 12.000.

Шиитскиот лидер Садр повика на демонстрации против американското присуство во Ирак

Ирачкиот шиитски лидер Моктад Садр денеска повика на големи демонстрации со кои ќе се осуди присуството на САД во Ирак.

„Ирачкото небо и нејзиниот суверенитет ги кршат окупаторските сили“, напиша тој на својот профил на Твитер, алудирајќи на Соединетите држави кои го убија иранскиот генерал Касем Солејмани во напад со беспилотни летала во Багдад.

Во својата порака на Твитер, Моктад Садр повикува на „ирачки револт“ и „мирни демонстрации на милиони луѓе против присуството на Американците“. Тој засега не го објави датумот на тој протест.

Неговиот повик е упатен во време кога се одржуваат демонстрации против ирачките власти, кои демонстрантите ги обвинуваат за корумпираност и неспособност и против Иран и неговото се поголемо влијание во земјата.

Ирачкиот парламент побара заминување на американските трупи од Ирак на 5 јануари, а проиранските фракции во земјата ги нарекоа американските сили окупаторски.

Спасовски-Брнс: Силна американска поддршка за реформите на Владата

Оливер Спасовски на средба со американската амбасадорка Кејт Брнс
Оливер Спасовски на средба со американската амбасадорка Кејт Брнс

Силна поддршка за реформските процеси во земјава, за стабилноста и безбедноста, но и за интеграциите во ЕУ и НАТО изразила денеска американската амбасадорка Кејт Брнс на средбата со техничкиот премиер Оливер Спасовски, се наведува во владиното соопштение по средбата на Брнс и Спасовски.

Од кабинетот на премиерот соопштуваат дека било констатирано дека периодот на преодната влада во наредните неколку месеци бара ангажман и одлучност од сите страни, за остварување на големите цели, Република Северна Македонија да биде потврдена како 30-та активна земја членка на НАТО и отпорна растечка демократија на патот кон Европската Унија.

Оценето е дека нашата држава во претстојните парламентарни избори влегува со многу подобра институционална стабилност и дека е важно таквата позиција да се сочува. Во таа насока, биле изразени очекувања дека сите во Владата, во институциите, сите политички субјекти, ќе бидат на ниво на задачите, со цел натамошна стабилност и сигурност и остварување на стратешките цели, за добрата иднина на државата и граѓаните.

Иран предупреди на последиците од одлуката на ЕУ

Џавад Зариф, министер за надворешни работи на Иран
Џавад Зариф, министер за надворешни работи на Иран

Иранските власти ги предупредија Берлин, Лондон и Париз за последиците од нивната одлука да го активираат механизмот против Иран, поради непочитување на меѓународниот договор за нуклеарната програма.

„Се разбира, ако Европејците сакаат да ја злоупотребат оваа постапка, тие исто така треба да бидат подготвени за последиците за кои веќе се информирани“, соопшти иранското Министерство за надворешни работи.

Трите европски држави кои потпишаа меѓународен договор за иранската нуклеарна програма, Франција, Велика Британија и Германија, го активираа механизмот за решавање на спорот предвиден со договорот, со цел да го принудат Техеран да се врати кон почитување на своите обврски, соопштија шефовите на дипломатиите на трите земји.

Покренувањето механизам за решавање спорови, со кој Париз веќе неколку недели се заканува, може да доведе до враќање на санкциите на ООН за Иран.

Но како што јавуваат агенциите, Европејците сепак не сакаат да брзаат со санкции, туку да извршат притисок врз Иран за да опстои нуклеарниот договор постигнат во 2015 година, од кој САД еднострано се повлекоа пред повеќе од една година.

Брисел предупредува на прикриена дискриминација на граѓаните на ЕУ по Брегзит

Главниот преговарач за Брегзит на Европската унија Мишел Барние, ја предупреди Велика Британија да не ги дискриминира граѓаните на ЕУ кои ќе бараат престој по Брегзит. Тој го повика Лондон да формира независно надзорно тело.

Изјавата на Барние следува откако европратениците изразија загриженост дека непосредното излегување на Велика Британија од ЕУ може да ги загрози правата и заштитата на многу од 3,5 те милиони граѓани на Унијата кои живеат во Велика Британија.

„Јас ќе продолжам да инсистирам на посебната важност за создавање на силно, независно надзорно тело во Велика Британија, кое ќе може да дејствува брзо и фер кога ќе се соочи со поплаките на граѓаните на ЕУ и нивните семејства“, изјави Барние пред Европскиот парламент во Стразбур.

Според договорот за Брегзит постигнат меѓу Велика Британија и другите 27 земји-членки на ЕУ во 2019 година, граѓаните на ЕУ кои живеат во Велика Британија мора да аплицираат за престој, до јуни 2021 година.

„Сега мора да работиме на правилно спроведување на овие права и нема да прифатиме ниту половина од мерките, ниту каква било форма на скриена или отворена дискриминација“, рече Барние.

Во ноември 2019 година, Ројтерс објави дека Велика Британија се заканувала дека ќе ги депортира граѓаните на ЕУ доколку не се пријават навреме и дека ќе одобри казна само во исклучителни околности.

Јанева останува во куќен притвор

Катица Јанева во суд за случајот „Рекет“
Катица Јанева во суд за случајот „Рекет“

Апелацискиот суд ја одбил жалбата на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева да се брани од слобода. Со одлуката на судот донесена минатата недела Јанева и понатаму останува во куќен притвор, пренесува МИА.

Следното рочиште зa “Рекет” e закажано за 20 јануари, кога е предвидено да сведочи обвинителката Лиле Стефанова. Претходно сведочеше обвинителката Елизабета Јосифовска.

Јанева се наоѓа во куќен притвор од 19 ноември 2019, а претходно, од 21 август 2019 беше во притвор во затворот во Шуто Оризари. Во случајот „Рекет“, обвинети се Бојан Јовановски и Катица Јанева, односно Зоран Милевски – Кичеец, кој на првото рочиште ја прифати вината и доби три години затворска казна.

Зариф го откажа, Трамп го потврди учеството на форумот во Давос

Претседателот на САД, Доналд Трамп најави дека ќе присуствува на Светскиот економски форум во Давос следната недела, додека иранскиот министер за надворешни работи, Џавад Зариф, го откажа учеството, соопштија организаторите, а пренесе Ројтерс.

Трамп присуствуваше во 2018 година, но го прескокна учеството на форумот што се одржа во швајцарскиот град Давос минатата година. Присуството на овој светски настан се случува откако американските сили го убија воениот командант на Иран, Касем Солејмани во напад со беспилотно летало, но и откако започна постапката за отповикување на американскиот претседател.

Зариф, кој првично требаше да присуствува на Форумот, повеќе не е на списокот на околу 3.000 учесници на настанот, што оваа година се одржува под мотото „Лидери за одржлив и кохезивен свет“.

„Треба да го разбереме откажувањето на иранскиот министер за надворешни работи во услови на неизвесност за тоа што се случува во регионот и случувањата во Иран“, рече Борж Бренд, претседател на Светскиот економски форум.

Околу 53 шефови на држави се очекува да пристигнат во алпскиот град, вклучувајќи 35 министри за финансии и околу 30 министри за трговија.

Заев-Брнс: Организирањето фер избори, заедничка одговорност на власта и опозицијата

Зоран Заев со новата амбасадорка Кејт Мари Брнс.
Зоран Заев со новата амбасадорка Кејт Мари Брнс.

„Амбасадорката на САД во земјава, Кејт Брнс истакна дека Република Северна Македонија е стабилна на својот пат кон полноправно членство во НАТО и ЕУ и дека треба да продолжи посветено со реформите што се во интерес на граѓаните“, се вели во денешното соопштение од СДСМ, по средбата на лидерот на партијата Зоран Заев со американската амбасадорка.

Како што се наведува, Брнс изразила уверување дека на 12 април ќе се одржат фер, демократски и слободни избори на кои ќе се почитува изборната волја и уште еднаш ги реафирмирала ставовите дека САД остануваат силен стратешки сојузник на Република Северна Македонија.

Осврнувајќи за на процесот за организирање избори и работата на преодната влада, претседателот на партијата Зоран Заев порачал дека државата може да организира чисти, фер и демократски избори и дека верува дека тоа ќе биде случај и со предвремените избори на 12 април.

„Преодната влада беше формирана согласно политичкиот договор, законските рокови и уставните услови, без никакви проблеми. Ова е доказ дека нашиот политички и институционален систем функционира многу добро. За изборите на 12 април власта и опозицијата имаат заедничка одговорност. А посебно опозицијата имајќи предвид дека го раководат МВР како институција од исклучително значење во спроведувањето на слободни, фер, демократски и успешни избори“, посочил Заев на средбата со Брнс.

Две деца загинаа во северен Авганистан

Архивска фотографија- бомбашки напад во Авганистан
Архивска фотографија- бомбашки напад во Авганистан

Две деца загинаа, а девет луѓе се повредени откако две бомби поставени на патот денеска експлодирале една по друга во северен Авганистан. Загинатите се на возраст од 10 и 14 години, соопштија локалните власти. Од повредените пак осум се цивили, а еден припадник на авганистанските безбедносни сили. Засега никој не ја презема одговорноста за нападот, но Талибанците во последните недели извршија неколку напади во областа. Претходно месецов, импровизирана експлозивна направа закачена за возило експлодираше при што загина локален жител, а двајца други беа повредени.

Епидемија на жолтица во населбата „Даме Груев“ во Скопје

Илустрација
Илустрација

Епидемија на жолтица на територијата на град Скопје е прогласена само во населба „Даме Груев“ во Општината Ѓорче Петров, информираат за МИА од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) од каде посочуваат дека извршени се вонредни инспекциски надзори во сите училишта во градот во кои има заболени ученици и издадени се решенија за преземање превентивни противепидемиски мерки.

Пред почетокот на зимскиот распуст извршени се и контролни надзори по издадените решенија. Во континуитет ќе продолжиме со надзорите во сите воспитно образовни установи, потенцираат од ДСЗИ.

Во врска со зголемениот број заболени од жолтица, од ДСЗИ истакнуваат дека се во постојан контакт со Центарот за јавно здравје Скопје од каде секојдневно добиваат податоци за состојбата со Хепатит А и постапуваат согласно своите надлежности и препораките на Центарoт.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG