Достапни линкови

Вести

Кралицата Елизабета свика „кризен состанок“ поради одлуката на Хари и Меган

Британската кралица Елизабета за утре го повика својот внук, принцот Хари, на „кризен состанок“ , за да разговара за идните аранжмани за него и неговата сопруга Меган, откако одеднаш, без никаква најава, двојката соопшти дека сакаат да се повлечат од кралските должности. Таткото на Хари, принцот престолонаследник Чарлс, и неговиот брат, принцот Вилијам, исто така, ќе присуствуваат на состанокот, што ќе се одржи утре на имот на кралицата Сандрингам во Нортфолк, на истокот од Англија, изјави извор од Бакингемската палата.

Меган, поранешна американска ТВ актерка, ќе се обиде телефонски да се приклучи во разговорот од Канада, каде се наоѓа со нивниот син Арчи. Хари и Меган, официјално познати како војводата и војводката од Сасекс, во средата, изненадувајќи го остатокот од кралското семејство, соопштија дека сакаат „нов работен модел“ што ќе им овозможи да минуваат повеќе време во Северна Америка и дека сакаат да станат финансиски независни.

Министерот Димковски ги демантира наводите од аудио снимката со наводни закани

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски

Министерот за земјоделство Трајан Димковски попладнево на прес-конференција ги демантираше обвинувањата за закани врз државен службеник, што, наводно се слушаат од аудио-снимка објавена на дел од македонските портали.

„ВМРО–ДПМНЕ и нивните портали, сакајќи да обелоденат некаков скандал за вработените во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, покажуваат дека се во одбрана и сакаат да заштитат лица кои вршат криминални активности“, рече министерот Димковски.

Димковски потврди дека на снимката се слуша разговор меѓу неговиот советник Томе Мојсовски со друго лице чиј идентитет порталот не го открива, но, како што напомена, воопшто не станува збор за закани, туку за барање лицето да работи според законот. Лицето, рече министерот, е инспектор кој требал да го следи концесионерот на Охридското Езеро, но тоа не го правел три месеци со што овозможил низа прекршувања.

Претходно беше објавена аудио-снимка во која наводно се слуша гласот на еден од советниците на министерот како на инспектор од Охрид му кажува да „се огради од се и да си поднесе оставка“.

Прв пораз на Македонија на ракометното ЕП

Македонија го диживеа првиот пораз на ракоментното ЕП во Виена, откако со Чешка одигра 27:25, со што не го осигуравме уште денес понатамошниот пласман поради. По одличното прво полувреме, нашата репрезентација сериозно попушти во одрбаната во второто полувреме, по што примивме 18 голови и со таква игра не ни можевме да очекуваме победа или нерешен резултат.

Кај нашата екипа, Кире Лазаров постигна 11 голови, а Манасков 5.

Чесите со победата над нас останаа во игра на ова СП, а ние „заверката“ на понатамошниот пласман ќе ја бараме на дуелот со домаќинот Австрија.

Црногорска полиција: Немаше експлозија во вилата на Ѓукановиќ, некој сака да направи паника

Полициската управа во Подгорица соопшти дека не се точни информациите во дел од српските и црногорските медиуми за експлозија во претседателската вила „Горица“.

„Станува збор за помал електричен дефект, кој брзо е отстранет. Експлозија немаше како што пренесоа некои медиуми со цел да се создаде паника“, наведува полицијата.

Претходно весникот „Вечерње новости“ објави дека во вилата „Горица“, која црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и Владата ја користат за прием на високи странски гости и делегации, денеска попладне одекнала експлозија и дека безбедносните структури на Црна Гора се сомневаат во обид за диверзија.

Харадинај си поднесе оставка од лидерското место во партијата

Претседателот на Алијанса за иднината на Косово, Рамуш Харадинај поднесе оставка од лидерското место во партијата. Тој пред неколку месеци поднесе оставка од премиерската функција. До изборот на ново раководство на партијата, Харадинај ќе ја извршува функцијата вршител на должност претседател на Алијанса за иднината на Косово.

„Поднесов оставка на лидерското место во партијата. Тоа го направив на последното собрание што го одржавме. Ќе ја извршувам должноста само до партиските избори“, изјави Харадинај.

Тој истакна дека се поставени нови изборни критериуми во партијата на сите нивоа, кои меѓудругото, се однесуваат и на организирање пет одделни ограноци во Приштина.

ССНМ: Јакимовски ѝ се заканувал и на уредничката на ТВ Алфа

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) повторно денеска ги повикува институциите да реагираат на заканите кои Емил Јакимовски ги упатува до новинарите. По закани кон новинарката на „А1он” Мери Јордановска, тој, како што се наведува, вчера испратил и закани по безбедноста кон Искра Коровешовска, уредник во „ТВ Алфа”.

„Претходно Јакимовски на својот фб-профил објави и недолична содржина за Коровешовска со цел да ја дискредитира, користејќи недолични и крајно навредливи зборови. Со оглед на тоа што во период од неколку дена, повеќе новинари се огласија дека добиваат закани од истото лице, ССНМ бара од МВР и ОЈО итно да преземат мерки за ваквите напади и закани врз новинарите, бидејќи во спротивно несанкционирањето на заканите ќе значи и охрабрување за сите кои сметаат дека на таков начин можат да се справуваат со новинарите“, се вели во соопштението.

ССНМ ги охрабрува новинарите и медиумските работници веднаш да ги пријавуваат ваквите закани, онлајн малтретирања, навреди и напади до синдикатот, како и до соодветните институции бидејќи, како штос е наведува, само со заедничка и здружена реакција може да се врши поголем притисок врз институциите за да реагираат. Давањето јавност, пак, на ваквите случаи се покажало како начин за обесхрабрување на оние кои се обидуваат на најразлични начини да ги замолчат новинарите.

Одбележана 12-годишнината од хеликоптерската несреќа кај катлановско Блаце

Со положување цвеќе и со едноминутно молчење пред спомен-обележјето кај катлановско Блаце денеска им беше оддадена почит на единаесетте припадници на Армијата кои пред 12 години трагично загинаа во хеликоптерската несреќа. Како што соопшти Министерството за одбрана, почит на загинатите, покрај членовите семејствата оддадоа делегации од Генералштабот, Министерството за одбрана и локалните власти.

Армискиот хеликоптер Ми-17 враќајќи се од мировната мисија „АЛТЕА” се урна на 12-ти јануари 2008 година кај катлановско Блаце, при што загинаа потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, заставниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ, Мики Ивановски, Александар Тасковски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељановски.

Годишнината од хеликоптерската несреќа беше одбележана од страна на воздухопловниот Винг и семејствата на загинатите пред спомен-обележјето во касарната „Страшо Пинџур” во Петровец, а ќе се одбележи и во кампот Бутмир во Сараево, Босна и Херцеговина каде нашите мировници беа дел од мисијата „АЛТЕА”.

Австралискиот пожар ставен под контрола

Австралискиот пожар, што беснее веќе 10 недели, конечно е ставен под контрола, соопштија денеска пожарникарите од Нов Јужен Велс. Пожарот во планините Гросперс почна со удар на гром, на 28 октомври, и зафати повеќе од половина милион хектари на северозападот од Сиднеј. Потоа тој се прошири и на делови од националниот парк „Сини планини“, на западот од Сиднеј, пренесе АП.

Гаснењето на пожарот траеше подолго бидејќи не можеше да се запре поради временските услови, соопшти пожарникарската служба, предупредувајќи дека се уште се останати неколку месеци од сезоната на пожари и површини што можат да горат.

Властите во австралиската југоисточна држава Викторија денеска соопштија за смртта на пожарникар заради што вкупниот број на луѓе кои погинаа ширум континетот во сезоната на пожари се зголеми на 27.

Илјадници луѓе станаа бездомници откако чудовишните пожари ширум земјата опустошија повеќе од 10,3 милиони хектари земја, оставајќи зад себе спржена земја со површина на Јужна Кореја. Еколозите од Универзитетот во Сиднеј проценуваат дека во пожарите настрадале или се повредени дури милијарда животни.

Хакирана фејсбук страницата на Централен регистар, се сомневаат во Јакимовски

Централен регистар
Централен регистар

По објавениот скандалозен статус, на ФБ страницата на Централен регистар од таму пристигна и соопштение во кое се вели дека страницата е хакирана.

„Ве молиме објавите кои ќе бидат објавувани од таа страна да ги игнорирате, бидејќи содржините на истата не се став на Централен регистар на Република Северна Македонија. Во моментот се изработува нова фан страна за која медиумите и јавноста дополнително ќе бидат известени“, реагираа од Централен регистар.

Статусот на фан-страницата на регистар по кој реагираа од оваа државна институција беше следниот: „Почитувани новинари, Директорката на Централен регистар на РМ, во моментов е зафатена со местење тендери и мобинг кон членови на ВМРО! За 2 месеци, кога ќе се спрема за во затвор, ќе може да ви одговори на сите прашања“.

„Страницата е искреирана уште пред 10 години од лицето Емил Јакимовски во времето кога тој бил раководител на Одделението за маркетинг и односи со јавност. Централен реистар на Република Северна Македонија се сомнева дека ова лице стои зад постовите кои се појавија на фан страната на социјалната мрежа Фејсбук во изминатото деноноќие. Овој случај исто така ќе биде пријавен до секторот за компјутерски криминал при МВР и воедно упатуваме апел истражните органи да го испитаат“, се вели во соопштението од Централен регистар.

Будно ги следиме иранските антивладини протести, порача Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека САД будно ги следат иранските протести, предупредувајќи против секој нов масакр за време на анти-владините протести, откако Техеран призна дека го урнал украинскиот авион. Иран претходно соопшти дека ненамерно го урнал украинскиот авион, при што загинаа 173 луѓе во авионот, што е неочекуван пресврт по првичното тврдење на Западот дека авионот е погоден од проектил, пренесе АП.

Според информациите, проектилот бил лансиран кратко откако Иран испалил проектили на база во Ирак, во која се наоѓаат американски војници. Претседателот Хасан Рохани изјави дека воената истрага утврдила дека „проектилите испалени со човечка грешка“ го урнале Боингот 737, што го нарече „непростлива грешка“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG