Вести
Албанците во Македонија не се дискриминирани, вели Ахмети
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во интервју за „Косовапрес“, вели дека во Македонија можеби постои неправда во некој судски процес, но дека нема дискирминација врз Албанците.
„Еден народ кој го има своето национално знаме, еден народ кој има три универзитети на својот јазик, два државни и еден приватен, не може да се рече дека е дискирминиран“, вели Ахмети во интервју за косовски „Косовапрес“.
Брнс: На добар пат сте
Американската амбасадорка Кејт Брнс, во новогодишното обраќање денеска истакна дека Северна Македонија ја заврши годината седејќи на маса со своите идни НАТО-сојузници во Лондон, подготвена на почетокот на 2020 година да ја реализира долгогодишната аспирација да и се приклучи на алијансата. Таа вели дека во изминатава година се бележи продлабочување на билатералните односи со САД, споменувајќи го одржувањето на воената вежба „Одлучен удар“ и посетата на американскиот државен секретар Мајк Помпео.
„Разгледувате нови можности со вашите соседи. Економијата зајакнува и расте и изгледите за идна регионална интеграција се светли. Северна Македонија продолжува да ја покажува својата подготвеност за отворање пристапни преговори со ЕУ, имплементираjќи реформи кои се од клучно значење за да и овозможат на земјата просперитет и напредок“, рече Брнс.
Амбасадорката смета дека позицијата на земјава како регионален лидер на годишното рангирање на Светска банка за можностите за правење бизнис ги охрабрува странските инвеститори. Брнс порача дека остануваат уште многу предизвици и работа, но смета дека земјава е на позитивен пат што ветува.
Спасовски: Мора техничка влада на 3-ти јануари
Актуелниот министер за внатрешни работи и иден премиер на техничката влада, Оливер Спасовски, денеска изјави дека техничката влада мора да биде формирана на 3-ти јануари. Побара од опозицијата да го почитува уставот кога станува збор за избор на технички министер за внатрешни работи.
„Мора да има техничка влада на 3. јануари, бидејќи на 12 април се изборите“, рече денеска Спасовски.
Заев го промовираше новото гласило „Службен глас“
Обврска на сите нас кои сме дел од јавниот сектор е да комуницираме отворено и да бидеме еднакво блиску со сите граѓани. Нашата услуга треба да биде навремена и со еднаков квалитет до секој човек, до секоја заедница, рече премиерот Зоран Заев по повод ставањето во функција на „Службен глас“ – билтен за транспарентна комуникација на вработените во владините институции. Како што нагласи Заев, билтенот е дел од стратегијата за внатрешни комуникации на Владата чија цел е информирање на вработените и нивно ангажирање со цел зголемување на нивните резултати, мотивација и благосостојба.
„Наш стремеж е „Службен глас“ да стане автентичен глас на службеникот. Успехот на секоја организација е во нејзините вработени. Ова е особено точно за владините институции бидејќи испораката на државните политики многу зависи од мотивираноста на јавните службеници, кои пак се одговорни за испорака на информации и сервиси до граѓаните“, изјави Заев.
Од денеска поевтин роаминг во Западен Балкан
Од денеска цените на роамингот во Западен Балкан ќе бидат намалени од девет на 35 проценти од денеска, во согласност со втората фаза од спроведувањето на регионалниот договор за роаминг. Цените ќе останат исти само во Црна Гора и во Босна и Херцеговина. Имплементацијата на Договорот за намалување на роамингот во регионот, потпишан во април, започна на 1 јули 2019 година и дека од 1 јануари 2020 година ќе започне имплементацијата на втората фаза, која предвидува нови пониски трошоци. Врз основа на регионалниот договор, од 1 јули 2019 година до 30 јуни 2021 година, се предвидува постепено намалување на цените на роамингот во неколку фази.
Ким Џонг-ун: Ќе превземеме шокантни активности
Лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун, најави дека Пјонгјанг го напушта мораториумот за развој на нуклеарно оружје и интерконтинентални балистички ракети, објавија светските новински агенции, повикувајќи се на севернокорејски државни медиуми. Според Ким, светот во 2020 година ќе биде сведок на ново стратешко оружје и дека Северна Кореја ќе преземе некои „шокантни“ активности, според севернокорејските државни медиуми.
„Светот ќе биде сведок на ново стратешко оружје што Северна Кореја ќе го поседува во блиска иднина“, вели тој и додава: „САД продолжуваат да ги зголемуваат барањата од нас наспроти фундаменталните интереси на нашата земја и имаат нападен став. Никогаш нема да го продадеме нашето достоинство“.
Бежоска: Годинава ќе имаме стабилен денар
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, гарантира дека денарот ќе биде стабилен. Вели дека како централна банка располагаат со редица механизми со кои секогаш се подготвени да ја гарантираат стабилноста на домашната валута, да ја одржуваат ценовната стабилност и да дадат максимален влог за поволен макроекономски амбиент.
Во интервју за МИА таа укажува и дека макроекономските проекции посочуваат на продолжување и умерено забрзување на растот на македонската економија, со што би достигнал околу 3,8 отсто во 2020 година.
САД ќе испратат засилување заради насилните протести пред амбасадата во Багдад
И по вториот ден од протестите пред Американската амбасада во Багдад, Ирак, насилството не престанува. САД ќе испратат на Блискиот исток околу 750 војници како одговор на насилните протести, се наведува во соопштението од американскиот министер за одбрана Марк Еспер. Во соопштение се прецизира дека е одобрено испраќање пешадиски батаљон од 82. воздухопловна дивизија каде се Силите за брза реакција. Еспер додава дека дополнителните трупи од Силите за брза реакција ќе бидат ангажирани во следните денови, пренесе АП.
Американските трупи втор ден испукуваат солзавец за да растераат демонстранти собрани пред американската Амбасада во Багдад. Пред објектот на Амабсадата десетици проирански милитанти и нивни приврзаници се уште демонстрираат ден откако упаднаа во тој објект и унуиштија зона за прием и искршија прозорци. Американски маринци кои ја обезбедуваат Амбасадата фрлија созлавец откако демонстранти запалија оган на кров на објект за прием. Од објектот се уште се издига чад.
Американскиот претседател Доналд Трамп го обвини Иран за нападот врз Амабсадата во Багдад. Иран отфрла каква било вмешаност во тој инцидент.
Во новогодишната ноќ 29 пациенти примени на Токсикологија
Во новогодишната ноќ, на Клиниката за токсикологија биле примени 29 пациенти во алкохолизирана состојба, од кои најмалиот бил 14-годишник, а најстариот имал 63 години. На Ургентниот клинички центар, пак, биле прегледани 105 пациенти.
„За среќа, оваа година немаше предозираност со психоактивни супстанции. Сите пациенти по неколкучасовниот престој и третман на Клиниката се пуштени дома“, изјави денеска д-р Ирина Јуруков од Клиниката за токсикологија и додаде дека кај 14-годишниот пациент е констатирано лесно алкохолно труење кое кај млади лица може да настане само од една чашка алкохол.
Директорот на Ургентниот клинички центар, д-р Алберт Леши, изјави дека во изминатите 24 часа на Ургентен биле прегледани 105 пациенти, од кои 13 се примени на Хируршките клиники, шест биле со повреди во сообраќајни незгоди, тројца пациенти со повреди од пиротехнички направи и еден пациент бил донесен од Градската општа болница „8 Септември“ со повреди од остар предмет.
Првите бебиња за оваа година - близначиња
Во една минута по полноќ на Клиника за гинекологија и акушерство во Скопје се роди првото бебе оваа година, девојче. Две минути подоцна на свет дојде и нејзиното братче.
„Утрово, на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, се родија првите бебиња, две близначиња во 2020 година. Првото е женско, родено во 00:01, а второто е машко и е родено во 00:03 часот. Да се живи и здрави! На родителите им посакуваме убава, среќна и бериќетна година“, информира Министерството за здравство.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете