Достапни линкови

Вести

Опозицијата во Албанија бара преодна влада до избори без Рама

Архивска фотографија- Лидерот на албанската Демократска партија Љуљзим Баша
Архивска фотографија- Лидерот на албанската Демократска партија Љуљзим Баша

Лидерот на албанската Демократска партија (ПД), Љуљзим Баша демантираше дека во обединетата опозиција има каков било судир или разлики за 13 октомври, датумот кога претседателот Илир Мета ги презакажа локаланите избори. Баша наведе дека 13 октомври го признава како законски ден за локалните избори, но оти тој и ПД се на став дека нема да има избори на есен. Тој додаде дека тие се за преодна влада без Еди Рама и одржување на предвремени парламентарни во исто време со локалните избори.

“Нема никаков раскол, ниту најмало недоразбирање во обединетата опозиција. Тринаесетти октомври е единствениот уставен датум за избори во Албанија. Централната изборна комисија (ЦИК) требаше да ја спроведе уредбата на шефот на државата и затоа сите ќе бидат сносат законска и кривична одговорност”, рече Баша.

Тимоние за “Рекет”- да се покаже дека времето на неказнивост е завршено

Архивска фотографија- Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние
Архивска фотографија- Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние

Случајот „Рекет“ заслужува итна реакција на надлежните и сигурен сум дека ќе видиме напредок, вели францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние во интервју за ТВ 24.

“Треба да се преземат сите потребни постапки во најкраток можен рок, да се види дека се води веродостојна истрага која не прави дистинкција за тоа колку се високи позициите на инволвираните и какви се нивните функции и која ќе покаже дека времето на неказнивост е завршено”, изјави Тимоние.

Тимоние посочува дека е потребна конкретна работа и верува дека ќе има напредок.

Во контекст на очекуваната одлука за почеток на преговорите со ЕУ во октомври, францускиот амбасадор оценува дека позицијата на земјата сега е помалку цврста поради случувањата околу „Рекет“ и неможноста да се постигне договор за законот за ЈО.

Сегашната состојба, според него, претставува еден вид вежба во реални димензии на која власта и опозицијата треба соодветно да одговорат.

“Овој предизвик е важен како за опозицијата, така и за владината коалиција. Она што реба да го видиме е дека има отворање вистинска истрага, како и да се усвои избалансиран закон за да превенира, колку што е тоа можно, враќање кон состојби од ваков вид. Топката е во вашите раце. Барате многу од ЕУ, што е нормално, но овојпат и вие треба да покажете дека вашето евопско досие е убедливо”, изјави амбасадорот Кристијан Тимоние.

Според потерници на Интерпол- Албанија прва, по неа БиХ и Бугарија

Според најновите податоци на Интерпол, Албанија е на врвот во однос на сите европски земји со 116 Албанци обвинети за разни кривични дела за кои е издадена меѓународна потерница, јави албанската телевизија Топ чанел, а пренесува МИА. Според телевизијата, тие биле барани не само врз основа на албанската потерница за апсење на Интерпол, туку и во други земји, за кои постои сомневање дека сториле кривични дела. Зад Албанија е БиХ со 99 лица по налог на Интерпол, Бугарија со 50, Романија со 48 и Франција со 28 нејзини државјани кои се бараат со меѓународна потерница. Само три европски земји – Исланд, Ирска и Луксембург, имаат по само едно лице по меѓународна потерница на Интерпол.

Шпанија- Санчез во повторен обид да формира влада

Вршителот на должноста премиер на Шпанија Педро Санчез
Вршителот на должноста премиер на Шпанија Педро Санчез

Вршителот на должноста премиер на Шпанија Педро Санчез рече дека до следниот месец ќе се состане со претставниците на ултралевичарскиот Подемос и останатите партии, вклучувајќи ги и каталонските партии кои бараат независност во обид да формира влада.

Санчез, чија Социјалистичка партија доби најмногу гласови на изборите на кои немаше убедлив победник, досега два пати не доби мнозинство во парламентот, а неговите претходни преговори со Подемос пропаднаа.

Сега тој најави дека кон крајот на август или почетокот на септември ќе се одржат меѓупартиските разговори. Санчез има рок до крајот на септември да биде потврден во парламентот како премиер или да предложи некој друг за таа позиција. Ако нема таков развој на настаните нови избори ќе се одржат на 10 ноември.

Нова експлозија во магацин за оружје во Сибир

Архивска фотографија- експлозија во магацин во Сибир, 05.08.2019
Архивска фотографија- експлозија во магацин во Сибир, 05.08.2019

Најмалку осум луѓе се повредени од нова експлозија во магацин за муниција во рускиот сибирски регион Краснојарск, каде што минатата недела исто така од експлозија загина едно лице, а десетина беа повредени. Агенцијата ТАСС ја цитира руската служба за вонредни ситуации од каде што рекле дека по експлозијата започнал пожар чие гасење е во тек. Според јавувањето на Интерфакс жителите на селото Каменка се евакуирани на безбедна дистанца. По експлозијата минатата недела Истражниот комитет на Русија покрена истрага за „прекршување на прописите за справување со оружје и предмети што можат да предизвикаат опасност за луѓето“.

Кипарските лидери во септември на состанок со Гутереш

Архивска фотографија- генералниот секретар на Обединети нации Антонио Гутереш
Архивска фотографија- генералниот секретар на Обединети нации Антонио Гутереш

Лидерите на етнички поделениот Кипар се подготвени следниот месец да се сретнат со генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш со цел да се утврдат следните чекори кон продолжување на формалните преговори за повторно обединување на островот, изјави денеска портпаролот на ОН, Алем Сидик.

Тој наведе дека лидерите на грчката и турската заедница исто така одлучиле да разговараат и со американската претставничка Џејн Хол Лут со цел да се подготви рамка за преговори кои би воделе кон мировен договор. Соопштението е издадено на претседателот на Кипарм Никос Анастасијаде и лидерот на кипарските Турци, Мустафа Акинчи, која траела речиси четири часа во заштитената зона на ОН.

Според Сидик, двајцата лидери разговарала за „сеопфатни основни начела“ за потенцијалниот мировен договор. Островот Кипар е поделен на два дела во 1974 година, кога обидот на кипарските Грци за обединување со Грција предизвика воена интервенција од страна на Турција. Преговорите за повторно обединување на Кипар досега немаат резултат.

Атамбаев и официјално обвинет за корупција

Архивска фотографија- поранешниот киргистански претседател Алмазбек Атамбаев
Архивска фотографија- поранешниот киргистански претседател Алмазбек Атамбаев

Поранешниот киргистански претседател Алмазбек Атамбаев официјално е обвинет за корупција, ден откако беше уапсен од специјалци во тензична атмосфера меѓу неговите поддржувачи и полицајците во главниот град Бишкек.

Судот денеска соопшти дека го обвиниле 62 годишниот поранешен лидер за корупција, злоупотреба на положбата и нелегално богатење за време додека беше претседател од 2011 до 2017 година. Според одлуката на судските власти Атамбаев ќе биде во притвор до 26 август.

СДСМ: сите шеми и правци водат кон белиот дворец на ВМРО-ДПМНЕ

Архивска фотографија- седиштето на СДСМ
Архивска фотографија- седиштето на СДСМ

Владејачката партија денеска преку соопштение реагира на прес конференцијата на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев. СДСМ смета дека “објавените видео снимки и материјалите поврзани со случајот „Рекет“ се обид да се загрози истрагата и да се саботира доказната постапка.Од партијата тврдат дека “сите шеми и правци водат кон белиот дворец на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот вистински шеф Никола Груевски”.

“Наместо Христијан Мицкоски да се крие да се загрози евроинтеграцијата, а тајкуните на режимот да се престават како жртви, треба да одговори на прашањата што му се јавно поставени: Со кои двајца од луѓето кои се гледаат на видео снимката се има сретнато Мицкоски? Дали и што примил на рака? Дали со авторот на текстовите кои излегуваат во италијанскиот медиум Мицкоски се сретнал во Будимпешта? Дали му дал нешто на авторот на текстот и што е тоа?”, наведуваат од СДСМ.

Според нив снимката е причина плус да се забрза истрагата и да ги даде одговорите за поттикнувачите, организаторите и осмислувачите во овој случај.

ВМРО-ДПМНЕ бара друг обвинител во случајот “Рекет” и притвор за Јанева

Архивска фотографија- Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ
Архивска фотографија- Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО- ДПМНЕ по објавувањето на новите снимки денеска поврзани со случајот “Рекет” побара специјалната јавна обвинителка да биде “во притвор”, а Јавното обвинителство да преземе итна акција.

“Снимките кои излегоа во медиумите се доволна причина Јанева наместо на плажа да биде во притвор. Дополнително обвинителката Стефанова, денеска во изјава за медиуми потврди дека и било наложено токму од Јанева да ги затвори предметите, за осомничените да не одат во затвор. По ваквите снимки и изјави, потребно е итна акција од страна на ЈО, но и одговорност за досегашното неделување и потенцијално прикривање”, рече генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев.

Според опозицијата јавната обвинителка Вилма Рускоска која го води случајот “со своето неделување” и овозможила на Јанева период за прикривање и уништување на докази.

“Рускоска мора да одговара за пропустите во истрагата. Вилма Рускоска нема кредибилитет да го овој води случај. Потребно е случајот „Рекет“ да биде преземен од друг кредибилен Јавен обвинител и да биде проширена истрагата. Веднаш да се определи мерка притвор за Јанева и да се испита колку се предмети на СЈО биле користени за рекетирање”, рече Јанушев.

Тој побара оставка и од премиерот Зоран Заев и владата.

Заев по објавувањето на снимките за „Рекет“: Да се откријат сите детали

По објавувањето на снимките поврзани со случајот „Рекет“ на сајтот на италијанскиот весник „Ла Верита“, на својата официјална Фејсбук страница се огласи и премиерот Зоран Заев.

Тој во кратката порака дава поддршка истрагата за „Рекет“ да биде целосно направена.

„Истрагата мора да ги открие сите детали. Секој да одговара за своите постапки. Граѓаните заслужија правда!“, напиша премиерот Заев на својот Фејсбук профил.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG