Достапни линкови

Вести

Обвинителството во Струмица ги испитува причините за пожарот во гаражата на Судот

Пожар зад судот во Струмица
Пожар зад судот во Струмица

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица изврши увид во гаражата на Основниот суд во Струмица каде попладнево избувна пожар.

Според првичните сознанија, опожарено е едно службено возило на судот, како и предмети одземени со правосилни судски пресуди донесени пред повеќе години. Во насока на утврдување на причините за пожарот, издадена е наредба за прибирање на траги од лице место, како и за прегледување на снимките од видео надзорот над објектот, соопшти Јавното обвинителство.

Пожарот беше изгаснат околу 16 часот. Во гаснењето учествувале 14 пожарникари со четири возила.

Според командирот на струмичките пожарникари, Александар Гудев, во гаражата се чувал запленет пиротехнички материјал и други предмети од правосилни пресуди.

Министерство за економија – Бараме решение за трговските бариери со Косово

Македонско-косовската граница
Македонско-косовската граница

Министерството за економија во врска со наводите од страна на ресорното Министерство на Република Косово за трговски бариери кои ги спроведува државава при увозот на риби и рибини продукти од таа држава соопшти дека согласно Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) и ЕУ регулативата не е дозволен таков увоз, но оти се бара решение.

Претходно, Косово побара да се отстранат бариерите што се ставени на косовските производи, поточно во случајот со увоз на жива риба за размножување. Доколку не се отстранат бариерите, косовските власти ветуваат дека ќе ги применат истите мерки за реципроцитет и на македонските производи. Во спротивно, Косово се закани дека ќе разгледа мерки за реципроцитет.

Силен земјотрес во Турција, најмалку 23 повредени

Во силниот земјотрес со јачина од 6 степени според Рихтеровата скала, што денеска ја погоди западна Турција, повредени се 23 лица, а оштетени се повеќе домови.

Епицентарот бил во градот Бозкурт во провинцијата Денизли, соопштија властите.

Земјотресот се случи во 14:25 часот по локално време.

Градоначалничката на Бозкурт, Бирсен Стил изјави дека во земјотресот биле урнати неколку куќи, а голем број се оштетени.

Специјалците го уапсија Атамбаев

Судири меѓу полицијата и поддржувачи на Атамбаев
Судири меѓу полицијата и поддржувачи на Атамбаев

Киргистанските специјалци го уапсија поранешниот претседател Алмазбек Атамбаев по синоќешните тензии околу обидот за негово апсење и судирите меѓу полицијата и неговите поддржувачи. Во судирите загина еден полицаец, а 52 луѓе беа повредени. Поранешниот претседател рече дека тој пукал, но не планирал да повреди никого.

Атамбаев со полициски конвој бил пренесен од неговиот резиденцијален комплекс во предградие на Бишкек во седиштето на Министерството за внатрешни работи во главниот град. Тој е обвинет за корупција, злоупотреба на положбата и нелегално богатење за време додека беше претседател од 2011 до 2017 година.

Брод со мигранти заглавен во Средоземното Море, бара помош од три членки на ЕУ

Архивска фотографија: Бродот Опен армс
Архивска фотографија: Бродот Опен армс

Брод на шпанска хуманитарна организација со 121 мигранти, кој цела недела се наоѓа во Средоземното Море во исчекување на безбедно пристаниште за впловување, побара помош од Шпанија, Франција и од Германија.

Посадата на бродот „Опен армс“ (Отворени раце) денеска соопшти дека им испратила писма на владите на трите земји, молејќи ги да побараат од Европската комисија да најде решение за нивниот проблем.

Бродот се наоѓа во близина на италијанскиот остров Лампедуза, а Италија и Малта не му дозволуваат да вплови во нивните пристаништа.

Избеганата поранешна тајландска премиерка добила српско државјанство

Поранешната премиерка на Тајланд, Јинглук Шинаватра
Поранешната премиерка на Тајланд, Јинглук Шинаватра

Поранешната премиерка на Тајланд, Јинглук Шинаватра, која во својата земја е осудена на пет години затвор, поради што е во бегство, од неодамна е државјанка на Србија. Решението за прием во државјанство го потпишала премиерката Ана Брнабиќ на 27 јуни, а било објавено во Службен весник на 28 јуни.

Таа добила државјанство врз член од законот, кој предвидува тоа да може да се додели, „кога претставува интерес за Република Србија“. Не се прецизира во што владата го увидела интересот.

Таа беше осудена на пет години затвор поради негрижа во водењето на програмата на субвенции за ориз. Шинаватра беше премиерка од 2011 до 2014 година.

Инаку, и нејзиниот брат Таксин Шинаватра исто така беше премиер од 2001 до 2006 година и беше соборен со воен удар. Тој исто така избега од земјата за да избегне одење во затвор за корупција. Тој доби пасош како почесен граѓанин на Црна Гора во 2009 година.

Шекеринска - Прво борба со криминалот, па избори

Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска
Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска

Опозицијата десет пати ќе зборува за избори, само да го избегне клучниот предизвик како да обезбедиме сите да одговараат за криминал и да се донесе законот за јавното обвинителство, рече вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, одговарајќи на новинарското прашање за став за терминот на парламентарните избори, при денешната посета на прилепски „Еурокомпозит“.

Според неа, прво е битен консензусот за Законот за јавното обвинителство, особено што опозицијата, вели, се декларира дека е за ЕУ и НАТО.

„Десет пати ќе зборуваат за избори, само да избегаат од клучниот предизвик, а тоа е како да обезбедиме да одговараат сите кои направиле криминал. Затоа ни е неопходна измена во Законот за јавното обвинителство, за што и тие, опозицијата, се обврзани да дадат поддршка“, рече таа.

Алијанса за Албанците - Обвинител од ЕУ поради случаите како „Рекет“

Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села
Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села

Партијата Алијанса за Албанците, во соопштение до јавноста, го повтори барањето во државата да има обвинител од Европска унија како излез од ќорсокакот во правниот систем, а по повод видео-материјалот објавен на социјалните мрежи поврзан со случајот „Рекет“.

„Бараме, под итно да се преземат сите законски мерки за да се расчисти целосно случајот и да се прошири истрагата. Истовремено бараме да се отвораат истраги за сите предмети коишто се во предистражна постапка, како што е предметот „Пациент“ и други. Случајот „Рекет“ е доволен доказ дека сите тие случаи се пропаднати, додека видео-материјалот којшто е објавен денеска го потврдува тоа. Алијансата за Албанците уште еднаш го повторува барањето за „Обвинител од ЕУ“ како решение за излез од ќорсокакот во кој се најде нашиот правосуден систем“, стои во соопштението на Алијансата за Албанците.

Пожар зад Судот во Струмица, се слушаат пукотници од запалена пиротехника

Илустрација
Илустрација

Во гаража зад Основниот суд во Струмица избувна пожар при што се слушаат силни пукотници и се издига голем чад. На местото на пожарот се две противпожарни возила и десет пожарникари кои се обидуваат да го изгаснат пожарот.

Според Александар Гудев, командир на струмичките пожарникари, станува збор за гаража позади судската зграда во Струмица во која најверојатно е сместен одземен пиротехнички материјал.

Гудев додава дека нема опасност од проширување на пожарот и засега најголем проблем при гаснењето се петардите поради што се слуша пукање.

ОН - Човештвото мора да ги промени навиките за да избегне глад

Илустрација: Климатските промени го намалуваато родот на посевите
Илустрација: Климатските промени го намалуваато родот на посевите

Меѓусебното влијание на климатските промени и земјиното копно создаваат магичен круг, а последица на тоа е поскапувањето на храната, намалувањето на количината на краја и опаѓањето на нејзината хранлива вредност, покажува најновиот извештај на ОН кој беше претставен денеска во Женева.

Научниците велат дека промената на начинот на исхрана, производство на храна и на управување со шумите може да ја поштеди планетата од далеку потоплата иднина.

Земјиното копно, кое е 30 отсто од површината на целата Земја, се загрева скоро двојно побрзо од целата планета. Климатските промени веќе го забрзале пропаѓањето на земјиштето, ширењето на пустините, топењето на вечниот мраз и ги направиле шумите ранливи на суша, пожари, паразити и растителни болести. Во извештајот се наведува дека иднината може да биде уште подраматична.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG