Вести
Кукан и Флекенштајн: Искрени разговори со политичките претставници во Србија
Претставниците на Европскиот Парламент, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, по дводневните разговори во Белград, соопштија дека имале искрена размена на мислења на состаноците со сите политички чинители што им овозможило подобро да ги разберат предизвиците и поделбите на српската политичка сцена.
Во соопштението на делегацијата на ЕП се наведува дека ќе ги разгледаат овие разговори, ќе дадат предлози за натамошно дејствување и ќе останат подготвени за тесна соработка со сите српски политички партии во Националното собрание.
Како што неодамна најави Дејвид Мекалистер, претседател на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, состанокот се одржа во контекст на истражувачката мисија на Европскиот парламент за зајакнување на политичкиот дијалог во Националното собрание на Србија.
Пратениците дебатираат за новите министри
На попладневното продолжение на седницата пратениците од власта и опозицијата дебатираат за предлозите за нови членови на Владата, а во фокусот на расправата е предлогот нов министер за финансии да биде 31-годишната Нина Ангеловска, основачка на Групер.мк.
Пратениците се прозиваат и критикуваат за економијата, опозиционерите обвинуваат за негативни показатели, а од власта посочуваат аргументи за позитивни трендови.
Пратеникот Влатко Ѓорчев праша дали се исплаќаат плати на рака во фирмата на Ангеловска и кои се профилите на луѓето во Вебспот, фирма-мајка на Групер.
Премиерот Заев им порача на опозициските пратеници да се воздржат од интриги со кои го валкаат и дискредитираат професионалниот бекграунд на Ангеловска.
"Имате успешен млад човек, а вие со леснотија и од старт ја уништувате како личност. Кажувате негативен пример само за политички цели затоа што не е од ВМРО-ДПМНЕ. Разбирам различни ставови и критики, но ваков наратив не може да ја подобри состојбата на државата", рече Заев реплицирајќи му на Ѓорчев.
Доделени наградите на ЕУ за истражувачко новинарство
Наградите на ЕУ за истражувачко новинарство ги добија тимот кој ја изработува емисијата „КОД“, Сашка Цветковска од Истражувачката репортерска лабораторија и новинарите од „МакФакс“ Кристина Озимец и Васко Маглешов. Наградите денеска им ги додели амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар.
Првата награда им припадна на Снежана Лупевска, Миомир Серафиновиќ и Билјана Николовска од КОД, емисија која се емитува на телевизија „Телма“ за сторијата „Крадење идентитети на граѓани за криминални цели“.
Колевски: „Рекет“ фрла дамка врз целата јавнообвинителска функција
Новоизбраниот претседател на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски, денеска изјави дека случајот „Рекет“ во кој осомничена е и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, фрла дамка врз целата јавнообвинителска функција.
"Верувам дека колегите преземаат се што е во нивна моќ и во нивна надлежност да го расветлат овој случај кој морам да признам дека фрла темна дамка врз целата јавнообвинителската функција" изјави Колевски, одговарајќи на новинарски прашања по неговото именување на фунцијата.
Ацо Колевски денеска едногласно беше избран за претседател на Советот на ЈО со двегодишен мандат.
Неговиот избор е на еден ден по одлуката на Советот на ЈО да почне постапка за разрешување на СЈО Катица Јанева поради случајот „Рекет“
Спасовски: Со Албанија заеднички работиме за развој на Пустец
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со заменик министерот на МВР, Агим Нухиу и градоначалникот на Општина Ресен Живко Гошаревски денеска во Општина Пустец, Албанија имаше средба со албанскиот министер за внатрешни работи Сандер Лешај, градоначалникот на Пустец, Пали Колевски и пратеникот во албанскиот Парламент, Васил Штериовски.
Спасовски потенцираше дека унапредувањето на безбедноста, како основа за развој на државите, е од заеднички и примарен интерес.
Спасовски, како што е наведено во соопштението од МВР, ја нагласил иницијативата за интегриран пристап во менаџирањето на граничниот премин Ќафасан во насока на олеснување и динамизирање на протокот на луѓе и стоки преку овој граничен премин.
"Пораката што денес ја испраќаме токму од овде во Пустуц, општина која што е мост меѓу Македонија и Албанија, не е само порака за добрососедските односи туку и порака за заедничка поддршка за развој на оваа област" изјави министерот Спасовски по работната средба со неговиот албански колега Лешај
Земјотрес во БиХ од 4,7 степени
Денеска околу 15 часот е забележан земјотрес со интензитет од 4,7 степени според Рихтеровата скала на територијата на Босна и Херцеговина.
Епицентарот на земјотресот бил на шест километри северно од градот Мрамор и на 89 километри северно од главниот град на БиХ, Сараево на длабочина од 10 километри.
Нема информации за евентуални човечки жртви и причинета материјална штета.
ДПА: Притисок од ЕУ министрите за преговори со Македонија и Албанија
ЕУ треба да донесе одлука да започне преговори за членство со Северна Македонија и Албанија, јави ДПА, пренесувајќи ги ставовите на повеќе министри за надворешни работи од ЕУ и покрај загриженоста за застојот на напредокот во борбата против корупцијата и организираниот криминал.
„Мислам дека ЕУ мора да има интерес за Западен Балкан“, изјави денеска во Хелсинки германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас, појаснувајќи дека тоа е важно со цел да се спречат други, кои не споделуваат исти вредности, да го шират своето влијание.
Германската новинска агенција ДПА потсетува дека членките на ЕУ во јули ја одложија одлуката за почеток на преговори за октомври и покрај тоа што Европската комисија оцени дека Северна Македонија и Албанија ги исполниле сите предуслови за тоа. Во тој момент Германија не беше подготвена да даде „зелено светло“, додека Франција и Холандија веќе одреден период изразуваат резервираност во однос на ова прашање.
Главните грижи се однесуваат посебно за Албанија, додека за Северна Македонија има принципиелен консензус дека треба да се награди затоа што презеде огромен чекор кога лани го реши повеќедеценискиот спор со соедна Грција за името. Како резултатот на тоа „лебди во воздух“ идејата да се почнат преговори со Скопје, додека со Тирана да бидат одложени, објави ДПА.
Хан оди на нова функција во ЕУ, објави австрискиот весник „Естерајх“
Јоханес Хан, актуелниот еврокомесар за соседска политика и проширување, во новиот состав на Европската комисија ќе добие нов ресор, тврди виенскиот весник „Естерајх“. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, почна пред неколку дена разговори со кандидатите кои земјите членки на ЕУ ги предложија за европски комесари.
На Хан ова му е трет мандат во Европската комисија, а пред тоа беше задоложен за регионалниот развој. Тој, како што објавува австрискиот весник, пред извесно време изразил и желба да ја задржи сегашната позиција во Европската комисија.
Турската армија ќе ја напушти Сирија само ако се постигне политички договор
Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, денеска изјави дека турската армија ќе ја напушти територијата на Сирија само во случај ако склучи политички договор за конфликтот.
„Доколку се изнајде политичко решение во Сирија, нашата армија ќе замине. Сепак, во моментот актуелниот сириски режим верува во политичко решение“, истакна Чавушоглу, кој е во посета на Норвешка.
На почетокот од јули турските власти објавија дека планираат да извршат воена операција во северниот дел на Сирија, бидејќи сметаат дека курдските групи кои дејствуваат во тој регион претставуваат опасност по Турција.
Могерини: Расте поддршката за проширување на ЕУ
Шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, порача дека на денешниот неформален состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ забележала посилна поддршка и одлучност за проширувањето кон Западниот Балкан. Говорејќи на прес конференцијата по министерскиот состанок, Могерини истакна дека за прв пат дискусијата за проширувањето се водела не само од перспектива на земјите кандидати, туку од перспективата на самите земји членки.
„Денеска видов уште посилна поддршка, посилна одлучност и свест за важноста ЕУ да биде конзистентна во наредните чекори во процесот на проширување, обично ова го земаме од гледна точка на земјите аспиранти, но забораваме колку е важно за нас да се обедини повторно континентот“, изјави Могерини на состанокот во Хелсинки, Финска.
Високата претставничка за надворешни работи на ЕУ истакна дека интегрирањето на земјите од регионот претставува интерес за Унијата од економски, политички, безбедносен и миграциски аспект, меѓу другото.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете