Достапни линкови

Вести

Комисијата на Бугарската црква работи на македонското црковно прашање

Комисијата што беше формирана од Синодот на Бугарската православна црква за решавање на статусот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, продолжува со својата работа, изјави Старозагорскиот митрополит Кипријан, пренесува БГНЕС.

Кон крајот на 2017 година, МПЦ – ОА побара од Бугарската православна црква помош во решавањето на нејзиниот канонски статус и таа да биде нејзина мајка црква. На крајот на ноември Синодот на БПЦ формираше посебна комисија за регулирање на статусот на МПЦ, предводена од митрополитот Кипријан.

„Постои комисија која се уште не се изјаснила за прашањето. Кога ќе има став на комисијата, тој ќе биде разгледан од Светиот синод на БПЦ и постапката ќе продолжи како што треба“, вели митрополитот Кипријан, додавајќи дека комисијата во моментов работи на случајот.

СДСМ е оптимист дека ќе има договор за законот за ЈО

Седиштето на СДСМ.
Седиштето на СДСМ.

Владејачката СДСМ не отстапува од црвените линии за законот за Јавното обвинтелство, како што е на пример продолжување на предметите кои ги започна СЈО, брифираат високи извори од партијата. Сепак, според нив, големи се шансите да се постигне договор со опозицијата за законот за ЈО и статусот на СЈО, но ако тоа не се случи тогаш СДСМ очекува на 10 септември да се гласа законот во Собрание, иако проценка е дека се мали шансите да се постигне двотретинско мнозинство.

Доколку нема договор, после 15 септември СДСМ смета дека Советот на јавни обвинители треба да назначи в.д. на СЈО, и при тоа не доаѓало во предвид истрагите да пропаднат. СДСМ е оптимист дека во октомври земјата ќе добие датум за преговори со ЕУ, а разговор за предвремени избори прифаќа по членството во НАТО во декември 2019.

Евентуалните предвремени избори во тој случај би биле во втората половина од 2020 година до кога се очекувало економските политики да дадат поголеми резултати. Во партијата сметаат дека доколку целосно се процесуира случајот „Рекет“ тоа ќе придонесе за добивање на датум за преговори и биле свесни за разочараноста во државата од овој случај.

Спасовски - Постои цврста политичка волја за борба против организиран криминал

Министерот Оливер Спасовски
Министерот Оливер Спасовски

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, изјави дека има цврста политичка волја и развиена јавна свест за интензивна и континуирана борба против организираниот криминал. Во тој контект, вели Спасовски, со поддршка и соработка со меѓународните институции, се работи на развој на ефикасни правни стандарди и воспоставување на специјализирани институции за сузбивање на овој вид на криминал, како и за побрза и поефикасна размена на информации на билатерална и мултилатерална основа. Министерот денеска зборуваше наконференцијата „Организираниот криминал и корупцијата како глобални безбедносни закани“, организирана од страна на Програмата за алумни на Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Маршал“ и Асоцијацијата на Алумни на Северна Македонија.

Макрон - Западен Балкан да се вгради во Европа, за да не одлучуваат за него САД, Русија и Турција

Претседателот на Франција, Емануел Макрон од своите дипломати побарал да работат на „повторно вградување на Западен Балкан во Европа“.

На годишната средба со француските дипломати во светот, одржана вчера, Макрон рекол „да се има европска стратегија, значи да се имаат на ум границите на Европа. Тој рекол дека Франција со своите соседи и пријатели мора повторно да се ангажира за да не им се дозволи на неевропските сили да дејствуваат наместо нив.

„Францускиот претседател рекол дека „инаку за Западне Балкан ќе одлучуваат САД, Русија и Турција и додал дека „ Германците за тоа имаат замисла, за која мора да речам дека е поделотворна и постратегиска од нашата“.

.

Украина избра нов премиер

Олексиј Хончарук.
Олексиј Хончарук.

Украинскиот парламент го одобри предлогот премиер да биде 35 годишнио адвокат Олексиј Хончарук. Тој е нов во политиката, а на функцијата доаѓа по предлог на претседателот Володимир Зеленски, кој исто така е нов во тие води. Зеленски рече дека ќе го урне системот во украинската политика. За новиот премиер гласаа 290 пратеници од вкупно 450.

Децата кои беа оставени во автомобил, сместени во згрижувачко семејство

Децата пронајдени оставени во автомобил во Ново Лисиче, се сместени во згрижувачко семејство, соопштуваат од Меѓуопштинскиот Центарот за социјални работи.Од Центарот велат дека е во интерес на децата да се згрижени безбедно и да ја добијат потребната нега.

Директорката на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Наташа Станоевиќ, за МИА изјави дека стручен тим ќе работи и со родителите на децата и тој ќе треба да ги оцени нивните родителски капацитети. Таа проценка, заедно со другите информации ќе бидат основа брз која ќе биде донесена евентуална одлука за одземање на родителско право.

Две деца синоќа околу 22 часот беа најдени оставени сами во автомобил на паркинг во скопската населба Ново Лисиче. Полицијата по реакција на граѓани ги извадила од возилото и тие биле однесени во Клиничкиот центар во Скопје.

Војската на САД ќе остане во Авганистан и да се простигне мировен договор

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп рече дека САД ќе продолжат со военото присуство во Авганистан, дури и откако ќе се постигне мировниот договор со талибанците. Трамп денеска воинтервју за радиото „Фокс њуз“рече дека бројот на војници ќе се намали, но дека сепак во земјата ќе останат околу 8.600 војници.

Американски власи и претставници на талибанците во моментот ја водат деветтата рунда разговори за потпишување на историски договор за ставање крај на 18-годишниот авганистански конфликт.

САД официјално завршија со својата борбена мисија во Авганистан во 2014 година, но околу 14 илјади американски војници остануваат во земјата, главно обучувајќи и советувајќи ги владините сили кои се борат со талибанците, со групите поврзани со организацијата Исламска држава и други милитанти групи. Дел од американски сили изведуваат и операции за борба против тероризам.

Трамп исто така предупреди дека ако зад напади на САД стои Авганистан, тие, како што рече, ќе се вратат со сила како никогаш досега.

Салвини повика на протести во Рим

Конте и Салвини
Конте и Салвини

Лидерот на десничарската партија Лига Матео Салвини, кој го предизвика падот на првата италијанска популистичка влада и не е дел од идната власт во Италија, повика на демонстрации на 19 октомври во Рим, пренесоа италијанските медиуми и светските новински агенции.

„Мислам дека 19 октомври ќе биде голем ден на италијанската гордост“, рече Салвини, кој откако ја повлече својата партија од владината коалиција предизвика пад на Владата на Џузепе Конте.

Сепак, Демократите и движењето Пет ѕвезди вчера се договорија да формираат нова влада предводена од Конте, со што, барем засега, е избегната опасноста од предвремени избори, пренесуваат агенциите.

Лукашенко сака обновување на односите со САД

Лукашенко и Болтон во Минск
Лукашенко и Болтон во Минск

На средбата со советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Болтон, белорускиот претседател Александар Лукашенко изјавил дека сака повторно да ги активира односите меѓу САД и Белорусија, објавија светските новински агенции.

Болтон е највисок американски претставник кој по повеќе години е во посета на Белорусија, при што покрај средбата со Лукашенко предвиден е и состанок шефот на белоруската дипломатија Владимир Макеј. Американскиот советник пред посетата на Минск изјави дека е „важно да се посети Белорусија и да се разговара за нејзиниот суверенитет и територијален интегритет”.

Болтон вчера имаше средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во Киев, каде американскиот советник инсистираше на територијалниот интегритет на Украина во рамките на вооружениот судир помеѓу украинските сили и проруските сепаратисти во источниот дел на земјата, објавија новинските агенции.

Усвоени 10 амандмани за новиот прелог-закон за ЈО

Претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби
Претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби

Собраниската Комисија за европски прашања на продолжението на денешната седница усвои 10 амандмани поднесени на Предлог-законот за јавно обвинителство. Како што информира претседателот на Комисијата, Артан Груби, претстои усогласување на работните групи за преостанатиот 41 амандаман.

„Вкупно беа поднесени 54 амандмани на Предлог-законот, од кои три беа повлечени и 51 се во процедура. Десет амандмани денеска усвоивме, остануваат уште 41 амандман“, изјави Груби.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски по седницата на Комисијата изјави дека ги усовиле оние амандмани за кои досега имале постигнато согласност, во рамки на преговорите со владејачкото мнозинство и претставниците на Владата кои веќе имаат предлог-закон за обвинителство. Рече дека ВМРО-ДПМНЕ вкупно предложило 14 амандмани на законот за обвинителство, од кои денеска се усвоени четири, иако, како што рече истите не се дел од оние суштински теми во кои имале поголеми разлики.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG