Достапни линкови

Вести

Американскиот производител на канабис Биг Мајк објави дека се сретнал со Заев

Средба на премиерот Зоран Заев со американскиот бизнисмен Биг Мајк
Средба на премиерот Зоран Заев со американскиот бизнисмен Биг Мајк

Американскиот бизнисмен Мајк Штрауметис познат како еден од поголемите производители на канабис со прекар Биг Мајк на социјалната мрежа Инстаграм објави фотографии и кратко видео од средбите со премиерот Зоран Заев, министерот за здравство Венко Филипче и градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ. Тој во краткото видео на официјалниот Инстаграм профил вели дека Македонија има голем потенцијал.

„Возбуден сум да ви најавам дека земјата ќе ја направам европска суперсила на канабисот“, пишува Мајк на својот Инстаграм профил.

Медиумите побараа одговор од Владата за причините за посетата и за тоа што се разговарало на средбата. Оттаму за ИРЛ велат дека Владата и премиерот Заев на дневно ниво реализираат бројни средби и работни состаноци на економски теми.

„Не постои професионален стандард или пракса за јавно информирање за сите работни средби во Владата,“ пишува во одговорот на прес службата на Владата за ИРЛ.

Британската кралица дозволи суспензија на Парламентот пред Брегзит

Британската кралица Елизабета Втора го одобри барањето на Владата да го суспендира Парламентот и покрај тензиите и политичката криза која се појави во земјата поради намерата на премиерот Борис Џонсон, земјата да ја напушти ЕУ без договор. Џонсон побара од Кралицата да ги сопре парламентарните дебати во септември, се до 14-ти октомври. Со ваквата одлука се оневозможува пратениците да донесат закони кои би го спречиле излегувањето на Велика Британија од Европска Унија на 31 октомври без договор.

Претседателот на преставничкиот дом Џон Беркоу рече дека „целта е пратениците да не дебатираат и да не ја исполнат својата должност во обликувањето на иднината на земјата“. Лидерот на Лабуристите Џереми Корбин рече дека потегот на Џонсон е разочарување и најави дека ќе иницира гласање за недоверба на британската влада.

Се урна мост во Турција, повредени се две лица

Илустрација
Илустрација

Најмалку две лица се повредени кога се урна мост во провинцијата Самсун на Црното Море. Мостот над реката Терме, кој ги поврзува Чај и Феленк, се урна вчера поради обилните врнежи што ја зафатија областа, објави денеска Хуриет Дејли меил. После обилните врнежи, патот бил затворен, како и мостот, но сепак некои жители на градот одлучиле да го користат при што две лица паднале во реката.

Заев:Брз план за пошумување околу езерото „Младост“

Премиерот Зоран Заев при денешната посета на опожарената шума во близина на велешкото езеро „Младост“ изјави дека секој што од немарност или намерно запалил пожар ќе одговара. Тој додаде дека штетите и последиците се големи и дека локалните самоуправи ќе мора да ги менуваат приоритетите, и да им посветат повеќе внимание на противпожарните бригади и припадници на институции кои се грижат за превенција од криза.

„Децениите за ревитализација ќе ги претвориме во години. Општина Велес, Владата и ЈП „Национални шуми” ќе спроведат брз и координиран план за масовно пошумување. Ќе спроведеме максимални напори за вонредно пошумување со адекватни видови садници, со што оваа територија ќе ја има повторно функцијата на шума со сите еколошки параметри неопходни за здрава животна средина. Ќе издвоиме од Буџетот средства за обезбедување садници“ изјави Заев.

Шумски пожар над велешкото езеро „Младост“, во кој по 11 часа дивеење на огнената стихија од која постоеше опасност да се зафатат и околните населби, изгоре површина од 400 хектари од кои половината со борова шума и 200 хектари под сува трева.

Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против одговорно лице во едно правно лице и против четворица работници ангажирани за извршување работи за потребите на правното лице, а во врска со пожарот кој избувна завчера на територијата на општина Велес, кај езерото Младост. По скратена постапка кривично ќе се гони и правното лице – градежната компанија која ги ангажирала осомничените.

Мицкоски: Власта и се одмаздува на опозицијата со планот Б

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од Берово денеска испрати порака дека власта се обидува да и се одмазди на опозициската партија со најавениот план Б за законот за Јавното обвинителство со кој треба се реши статусот на СЈО. Тој денеска го повтори ставот на партијата и побара оставка од министерката за правда Рената Дескоска.

„ Таасо нејзината вчерашна прес конференција наместо да ја искористи приликата и да им се извини на граѓаните на Македонија поради непријатните моменти како прегрнување и непосредности со Боки Тредичи за да даде оставка. Таа напротив повикува и на омраза и на освета кон опозицијата неводејќи сметка да направи реформи во судството во обвинителството. Нејзината цел е да најде начин да се пресмета со опозицијата“ изјави Мицкоски.

Во наредните денови се очекува да биде закажана седницата на собраниската комисија за европски прашања на која се очекува ВМРО-ДПМНЕ да поднесе амандмани на предлог законот за Јавно обвинителство. А амандмани најавија и албанските партии ДУИ Беса и Алијанса на Албанците.

Дескоска вчера по завршувањето на собраниската седница најави дека власта размислува за план Б, доколку не се обезбеди потребното двотретинско мнозинство во Парламентот. Таа посочи дека со измена на Законот за Совет на јавни обвинители, кој се носи со обично мнозинство, може да се најде решение за функционирање на Специјалното обвинителство.

Заев: Се уште не сум добил покана да сведочам за „Рекет“

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека, според него, најздравото решение за Обвинителството е она донесено со консензус и дек министерката за правда Ренета Дескоска за планот Б за Обвинителство не кажала ништо ново.

„Никој не посакува да бараме решение така притиснати од време, сите седнати на маса, политичарите, парламентарците и сите да изнаоѓаме решение. Затоа секогаш постојат алтернативи, со кои можат да се најдат решенија. Но, најздраво решение е она коешто со консензус ќе го донесеме сите, како што пропишал уставотворецот, законодавецот со најмалку две третини, а јас верувам дека со консензус е возможно, тоа да се донесе, се со конечна цел и овој значаен сегмент од правосудството, јавната обвинителска дејност да ја гарантираме во иднина“, рече Заев по денешната посета на рудникот „Бучим“ во Радовиш.

Тој посочи дека со цел јакнење на капацитетите на судската власт, со ребалансот на буџетот предвидени се 150 милиони денари или околу 2,5 милиони евра да се исплатат на судиите, коишто имаат побарувања од 2016 година, а за обвинителството оваа сума е 93 милиони денари.

На прашањето дали е повикан како сведок во случајот „Рекет“, Заев одговори дека покана се уште не добил и дека стои на располагање.

Варвициотис - Примена на Преспанскиот договор за поддршка на евроинтеграциите

Варвициотис во писмото до вицепремиерот Бујар Османи вели дека Договорот од Преспа е императив
Варвициотис во писмото до вицепремиерот Бујар Османи вели дека Договорот од Преспа е императив

Со писмо до вицепремиерот Бујар Османи, алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милтиадис Варвициотис, најави поддршка за европските интеграции на Македонија, нагласувајќи дека императив е целосната имплементација на Договорот од Преспа.

„Процесот на европски интеграции на земјите од Западниот Балкан претставува стратешки приоритет на Република Грција. Во таа насока, ние го поддржуваме и процесот на евроинтеграција на Република Северна Македонија, во согласност со предвидените услови и на основа на сопствените заслуги, за што целосната имплементација на Преспанскиот договор претставува императив“, пишува Варвициотис во писмото до Османи.

Пендаровски: Сите сакаме истрага за „Рекет“ без влијанија

Претседателот Стево Пендаровски, денеска, одговарајќи на новинарско прашање за неговата позиција во однос на случајот „Рекет“, изјави дека негова работа како претседател не е да ја коментира секоја фаза од случајот „Рекет“, се додека законската процедура со постапката за овој случај не покаже видливи моменти за кои ќе може да даде оценка како политичар.

Според него, важно е што работата околу процедуралниот колосек, како што рече, „тргнала“, а понатаму се останува на истражните органи.

„Пред две недели повикав да се забрза постапката од истражните органи. Следејки ги барањата на граѓаните, апелирав да тоа биде побрзо и поефикасно, а понатаму знаете дека не е моја надлежност. Видовме неколку битни активности во таа процесна смисла и понатаму се останува на надлежните органи. Јас и сите политичари сакаме да видиме брза истрага во која нема да се чувствуваат странични влијанија, ниту евентуално влијание од политичарите“, изјави Пендаровски во Македонска Каменица, каде присуствуваше на одбележувањето на Денот на рударите.

Кукан: Македонија може да добие датум на есен, Макрон се чини попушта

Едуард Кукан
Едуард Кукан

Поранешниот европратеник Едуард Кукан, кој претседаваше со Работната група за Западен Балкан за време на неговиот мандат, изјави дека Северна Македонија може да добие датум за преговори за членство во ЕУ на есен, додека ова сценарио е помалку реалистично за Албанија. Тој во интервју за Словачката асоцијација за надворешна политика (СФПА), вели дека Северна Македонија со години ги исполнува критериумите за членство во ЕУ, но Унијата го одложуваше отворањето на преговорите, што за него претставува „апсолутно срамно и демотивирачки“.

„На Северна Македонија може да ѝ се додели конкретен датум на Европскиот Самит на есен, што јас го сметам за реално. ситуацијата во Албанија е сосема поинаква. Тие треба да имплементираат големи судски реформи, опозицијата го бојкотира Парламентот, и над се, Албанците не можат да најдат компромиси“, вели Кукан, додавајќи дека „францускиот претседател Емануел Макрон, кој имаше многу категоричен став за ова прашање, се чини дека веќе почнал да попушта“.

Милошоски: Нов закон - ново Обвинителство, ние да го предложиме шефот

Антонио Милошоски
Антонио Милошоски

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, изјави дека неговата партија нема да го блокира носењето на новиот закон за обвинителство со стотици амандмани, но и дека смета, оти најголемата опозициска партија треба да даде предлог за шеф на Обвинителството.

„Новиот Закон значи создавање на ново обвинителство. Не зборувам за државно обвнителство, туку ново надградено обвинителство за организиран криминал и висока корупција во рамки на ОЈО. Тоа ќе биде сублимат помеѓу сегашното СЈО и обвинителството за организиран криминал. Ние предлагаме, најголемата опозициона партија да даде предлог кој ќе биде усвоен од Комисијата, таа да го испрати Собранието, а со одлука на пратениците изборот да биде доставен до Советот на јавни обвинители на конечна одлука. Се разбира тој предлог да биде даден врз основа на високи критериуми“, изјави Милошоски во интервју за „Фактор“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG