Вести
Болтон – Зеленски да не брза со решение за источна Украина
Американскиот советник за национална безбедност Џон Болтон денеска рече дека нема потреба новиот украинскиот претседател Володимир Зеленски „да брза“ во кој било правец на дејствување во врска со поврзаноста на Русија со сепаратистите во источна Украина.
Во интервју за Радио Слободна Европа во Киев, Болтон рече дека Зеленски треба многу внимателно да ја изгради стратегијата за справување со Русите.
Откако беше избран за претседател на Украина во април, Зеленски повика на четирипартитни преговори со Русија, Германија и Франција за постигнување мировен договор за источна Украина. Болтон не одговори директно дали САД ќе се вклучат во преговорите, но рече дека постои „значителен американски интерес“ во прашањата меѓу Киев и Москва. Во конфликтот во источна Украина од април 2014 година досега загинаа над 13 илјади луѓе.
Нема одлука за Катица Јанева, седницата на Советот на јавни обвинители продолжува в четврток
Советот на јавни обвинители не донесе одлука за специјалната јавна обвинителка Катица Јанева по денешната осумчасовна маратонска седница. Советот ја заврши денешната расправа без конкретна одлука за eвентуално иницирање постапка за разрешување на Катица Јанева од позицијата специјален јавен обвинител.
Седницата ќе продолжи во четврток.
Членовите на Советот цел ден ги разгледувале списите за предметот „Рекет“, во кој осомничена и притворена е и шефицата на СЈО Катица Јанева. Претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штерјев, изјави дека шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска, им доставила обемен материјал за истрагата, па одлуката ја одложиле за во четврток.
Советот со мнозинство гласови може да почне постапка за разрешување на Јанева врз основа на констатација за незаконито, нестручно и несовесно вршење на функцијата. Притоа му предлага разрешување на Собранието, кое може да донесе предлог за разрешување на обвинителката со двотретинско мнозинство, но финалната одлука повторно ја носи Советот на обвинители.
Путин и Ердоган разговараа за Сирија
Рускиот претседател Владимир Путин денеска во близина на Москва се сретна со неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган. Двајцата лидери бараат заедничка основа за решавање на сирискиот конфликт. По разговорите, Путин рече дека истакнале дополнителни заеднички мерки за искоренување на „терористите“ во регионот Идлиб во Сирија, кое е последно бунтовничко упориште во земјата. Путин исто така рече дека Ердоган нагласил дека Сирија треба да остане обединета. Идлиб во голема мера е контролира од организацијата Хајат Тахрир ал-Шам, поранешен огранок на Ал Каеда во Сирија.
Русија и Иран му даваат поддршка на сирискиот претседател Башар ал-Асад, додека Турција поддржува различни бунтовнички организации.
Стотици луѓе, меѓу кои и цивили, загинаа, а десетици илјади избегаа кон границата со Турција откако сириските владини сили, со поддршка на Русија, во април почнаа офанзива во Идлиб. Анкара оцени дека нападот предизвикал хуманитарна криза и закана за турската национална безбедност, како и дека и турските сили се доведени во опасност.
Од почетокот на конфликтот во Сирија во 2011 година, Турција прими 3.6 милиони бегалци.
На 16 септември треба да се одржи Самит меѓу лидерите на Русија, Турција и Иран.
Владата ќе купува простории за мисијата во НАТО за три милиони евра
Владата на денешната седница го задолжи Министерството за финансии со ребаланс на Буџетот за годинава да обезбеди средства за купување простории во кои ќе биде сместена нашата мисија во новото седиште на НАТО во Брисел.
„Согласно одлуките донесени по оваа точка, Владата на РСМ го задолжи Министерството за финансии со ребалансот на буџетот за 2019 година да обезбеди буџетски средства во износ од 3.116.000 евра, од кои 2.316.000 евра за еднократно плаќање кон НАТО на име купување простории за Мисијата на РСМ при НАТО, а 800 илјади евра за адаптации за плаќање на рати, при што со новиот буџет за 2020 година да обезбеди буџетски средства во износ од 500.000 евра за доплаќање на име адаптации, како и 120.000 евра за режиски трошоци за 2020 година, вклучително и 7.000 евра за трошоци за одржување на ИТ опрема за 2020 година“, соопшти владината прес-служба.
Макрон жали што Бразил ја одбил меѓународната помош за гаснење на пожарите во Амазонија
Францускиот претседател Емануел Макрон изрази жалење што Бразил ја одби меѓународната помош за гаснење на пожарите во Амазонија, велејќи дека парите се наменети за девет земји во регионот и дека се знак на пријателство, а не на агресија.
Макрон ги стави пожарите во Амазонија високо на дневниот ред на Самитот на Г7 во Франција, каде што светските сили оваа недела заложија околу 40 милиони долари за борба против пожарите и ново пошумување, поради важноста на Амазонија за животната средина.
Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро ја обвини Франција и другите богати земји дека го третираат регионот како колонија.
Макрон го оцени таквото толкување како „грешка“ и рече дека се работи за меѓународна солидарност и знак на пријателство.
Франција исто така се смета за амазонска држава преку Француска Гвајана.
Законот за иднината на СЈО в четврток пред собраниската Комисија за европски прашања
Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Артан Груби за в четврток ја закажа седницата на која ќе се расправа за Предлогот на закон за јавното обвинителство со кој треба да се реши и идниот статус на Специјалното јавно обвинителство. На седницата ќе се расправа и за Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители, информираат од Комисијата за европски прашања.
Претходно денеска Собранието на пленарна седница одлучи да се носи по скратена постапка Предлог-законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши и идниот статус на Специјалното јавно обвинителство.
Над 16 илјади илегални мигранти го напуштат Истанбул
Над 16 илјади илегални мигранти во Истанбул во последниот 1,5 месец се испратени во центри за репатријација во другите покраини од земјата, соопшти денеска турската Влада.
Истанбулските власти во писмена изјава наведуваат дека од 12 јули до завчера од градот си заминале или се префрлени 16.423 илегални мигранти, а процесот на нивна репатријација е во тек, пренесе агенцијата Анадолија.
Околу 4.500 нерегистрирани Сиријци од Истанбул, исто така, се упатени во привремените бегалски центри низ другите турски провинции.
Заминуваат, исто така, и Сиријци кои се регистрирани во другите покраини, се наведува во соопштението на турските власти.
Минатата недела Турција го продолжи рокот до 30 октомври за нерегистрираните Сиријци да можат да го напуштат Истанбул и да заминат во провинции во кои по првпат ќе бидат регистрирани.
Не се дозволени нови пријави на мигранти во Истанбул, но постојат исклучоци за поединци кои го продолжуваат школувањето во градот, оние кои се легално вработени и мигрантите чие лекување е во тек.
Турција прими 3,6 милиони Сиријци, а околу 540 илјади од нив живеат во Истанбул, покажуваат официјалните податоци до кои дојде агенцијата Анадолија.
Русија „откри“ пет нови острови кај Земјата на Франц Јозеф во Арктичкиот Океан
Руски поморски истражувачки тим тврди дека открил пет нови острови во архипелагот Земјата на Франц Јозеф во Карското Море во Арктичкиот Океан. Руската новинска агенција РИА Новости денеска, повикувајќи се на Руската северна флота, објави дека островите се со големина меѓу 900 и 54.500 квадратни метри. Островите се сместени во Заливот Висе западно од островот Северни. Се додава дека островите прв пат биле забележани за време на анализа на сателитските снимки пред три години.
Експедицијата за потврдување на постоењето на островите почна на 15 август и треба да трае до крајот на септември.
Архипелагот Земјата на Франц Јозеф е руска територија со 192 ненаселени острови на кои има само воен персонал.
Арктикот добива на важност во последните години, кога поради зголемените температури водите се пловни подолг период и поради огромните резерви на природен гас и минерали.
Русија го засили военото присуство на Арктикот, ја модернизираше својата Северна флота и повторно ги отвори базите кои беа напуштени по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година.
Во 2017 година, рускиот претседател Владимир Путин рече дека наредил вложување за развој на регионот, големи инфраструктурни проекти и истражување на Арктикот.
САД, Кина, Канада, Данска, Финска, Исланд, Норвешка и Шведска исто така бараат зголемување на нивните активности на Арктикот.
Дескоска: Ако нема мнозинство за Законот за ЈО, има и други решенија
Ако не се обезбеди двотретинско мнозинство за Предлог-зкаонот за Јавно обвинителство, тогаш во опција се други решенија, а едно од нив се измени во Законот за советот на јавни обвинители кој се носи со 61 глас, изјави денеска министерката за правда Рената Дескоска.
„Клучната разлика останува околу ефикасното завршување на судските постапки кои се почнати од Сепцијалното јавно обвинителство. За жал, преовладува мислењето и впечатокот дека на ВМРО-ДПМНЕ му е поважно да ги спасат оние кои се обвинети во постапките од СЈО, отколку да овозможат ефикасно водење на судските постапки и со тоа обезбедување на отворање на преговори за пристап кон Европската унија“, изјави Дескоска.
Таа ги отфрли обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ, која денеска побара оставка од неа, со образложение дека „во нејзиниот мандат има најголем политички и судски скандал“.
Русковска: Јовановски ќе го повикам кога треба, за дел од парите знаеме, за дел се работи
Обвинителката Вилма Русковска, по состанокот во Советот за јавни обвинители, изјави дека Бојан Јовановски - Боки 13, ќе биде повикан да даде исказ во ОЈО за случајот „Рекет“ кога таа ќе оцени дека треба, а во врска со парите од случајот „Рекет“, дека “за дел знаат, за дел се работи“.
„Се уште се работи на финансиската истрага. За нешто знаеме, за нешто се работи“, рече Русковска. Таа рече дека не знае дали се подготвува барање за Јанева да излезе од притвор поради многу нарушено здравје и потврди дека се уште трае истрагата за документот со исказот на Камчев кој излезе во јавност. На прашање дали Камчев го имал тој документ, Русковска појасни дека записници на сведоците и на лица за кои се бараат потребни известувања, не им се доставуваат, туку пред завршувањето на истражната постапка кога ќе се донесе известување за завршена истрага, тогаш препис се дава на одбраната и на осомничениот.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете