Вести
Ветрот го отежнува гаснењето на пожарот кај Младост, сообраќајот е нормализиран
Се уште е активен пожарот кај езерото „Младост“, Велешко. Пожарот во горниот дел кај езерото е ставен под контрола, но има проширување на краци назад кон Башино Село и отпадот „Дине“ кај автопатот, соопшти вечерва Центарот за управување со кризи. На терен дејствуваат екипи на Армијата и екипи на Територијалните противпожарни единици од Велес, Неготино, Свети Николе, Штип, Кавадарци и Скопје.
“Во текот на целиот ден се дејствуваше и од воздух со хеликоптер на Армијата и два канадери на Дирекцијата за заштита и спасување, кои поради слабата видливост во текот на ноќта ќе бидат повлечени”, се наведува во соопштението.
Гори нискостеблеста шума, смрека и сува трева, а силниот ветар во моментот го отежнува гаснењето на пожарот. Во тек е координација на градоначалникот на Општина Велес со субјектите кои се вклучени во гаснењето на пожарот. Претходно вечерва, за МИА од СВР Велес информираа дека четири лица од градежна фирма од Велес, кои извршувале градежни работи со брусалица, се приведени под сомнение дека го предизвикале пожарот над езерото „Младост“.
“Се разговара со лицата и тие ќе бидат предадени на јавен обвинител”, велат од СВР Велес.
Од Авто мото сојузот на Македонија соопштија дека вечерва во 19:40 сообраќајот на патниот правец Скопје-Велес, кој привремено беше пренасочен поради пожарот, е нормализиран.
По опомената од ЕУ во Грција изгласан Законот за заштита на лични податоци
Грчкиот Парламент денеска го изгласа Законот за заштита на лични податоци, откако минатиот месец доби предупредување од Европската комисија дека ќе треба да плати парична казна од околу 2,5 милиони евра од судот на ЕУ, затоа што во предвидениот рок не ги пренела во националното законодавство упатствата на ЕУ од 2016 за конкретниот закон, јави дописничката на МИА од Атина.
Законот го поддржаа Нова демократија, СИРИЗА, Движење на промена и МЕРА25, а против беа Комунистичката партија и Грчко решение.
Грција, заедно со Шпанија беа единствените земји членки на унијата кои не ги исполниле обврските и Европската комисија го повика судот на ЕУ да изрече парични санкции за Грција во висина од 5. 287,5 евра за секој поминат ден што не е вклучен законот, почнувајќи од 7 мај 2018.
Пожар во Велешко- четворица приведени, сообраќајот кон Скопје пренасочен
Сообраќајот од автопатот Скопје – Велес, од клучка Башино село до влез на градот Велес, се пренасочува по регионалниот пат езеро „Младост“ кон Велес поради шумскиот пожар во Велешко. Како што информира Автомото сојузот на Македонија, пренасочувањето на сообраќајот е од вечерва, од 18:10 часот.
Од Министерството за внатрешни работи за РСЕ потврдија дека четворица се приведени во полициска станица во Велес поради пожарите.
Во меѓувреме надлежните информираат дека се уште е активен шумскиот пожар што избувна денеска над езеро „Младост“ и дека во моментов се шири кон селото Новачани. Како што информираат од ТППЕ Велес за МИА, поради силниот ветер пожарот се раширил во два правца, кон велешкото езеро и кон селото Отовица, каде во опасност биле првите куќи, односно оние што се блиску до железничката пруга. Во пожарот досега не се зафатени хотелите и куќите од викенд населбата, нема жртви ниту повредени.
Со пожарот е зафатена борова шума, а во неговото гаснење се вклучени екипите на Територијалната противпожарна единица Велес, на кои им помагаат и пожарникарите од Кавадарци, Штип и Свети Николе.Со два авиона од воздух во гаснењето на огнената стихија е вклучена и Дирекцијата за заштита и спасување, активирана е и подрачната единица на Општина Велес и останатите надлежни институции, како Армијата со еден хеликоптер и полицијата. Град Скопје соопшти дека изглегле во пресрет на барањата на Велес и во гаснењето е вклучиле и пожарникарите од главниот град.
Трамп спремен за средба со Рохани ако околностите го дозволат тоа
Претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп рече дека би се согласил на средба со иранскиот претседател Хасан Рохани ако околностите го дозволуваат тоа. Тензиите меѓу Иран и САД се зголемија откако Вашингтон минатата година се повлече од договорот за нуклеарните активности на Техерен постигнат со светските сили во 2015 година.
Другите пет земји потписнички, меѓу кои Франција, Британија и Германија останаа посветени на договорот со кој Техеран се согласи да ги намали своите нукеларни активности во замена за олеснување на санкциите.
Трамп денеска зборувајќи на Самитот на Групата седум (Г7) кој се одржува во француското одморалиште Бијариц рече дека тие не сакаат нуклеарно вооружување и балистички ракети. Тридневниот самит на Г7 доживеа пресврт откако иранскиот министер за надворешни работи Џавад Зариф дојде во кратка ненајавена посета за да разговара за дипломатско решение за нуклеарната програма на Техеран. Тој по петчасовен престој го напушти Бијариц, а претходно разговараше со францускиот претседател Емануел Макрон и со дипломатите на Франција, Германија и Британија.
Aктивен пожарот во Велешко, се шири и кон селото Новачани
Се уште е активен шумскиот пожар што избувна денеска над велешкото езеро „Младост“ и во моментов се шири кон селото Новачани.
Како што информираат од ТППЕ Велес за МИА, поради силниот ветер пожарот се раширил во два правца, кон велешкото езеро и кон селото Отовица, каде во опасност биле првите куќи, односно оние што се блиску до железничката пруга. Постои опасност, поради ветрот огнената стихија да се прошири и кон автопатот Скопје – Велес. Во пожарот досега не се зафатени хотелите и куќите од викенд населбата, нема жртви ниту повредени.
Со пожарот е зафатена борова шума, а во неговото гаснење се вклучени екипите на Територијалната противпожарна единица Велес, на кои им помагаат и пожарникарите од Кавадарци, Штип и Свети Николе.Со два авиона од воздух во гаснењето на огнената стихија е вклучена и Дирекцијата за заштита и спасување, активирана е и подрачната единица на Општина Велес и останатите надлежни институции, како Армијата со еден хеликоптер, и полицијата.
Вјоса Османи, прва жена кандидатка за премиерка на Косово
Со едногласна одлука на Демократскиот сојуз на Косово Вјоса Османи е избрана да биде кандидатка за премиерка на земјата. Како што јавуваат медиумите, покрај неа, кандидат бил и Љуфти Хазири, актуелниот градоначалник на Гњилане кој не ја добил поддршката на денешното партиско одлучување. Вјоса е прва жена кандидат за премиер на Косово. Таа и на изборите во 2017 година беше меѓу кандидатите со најголем број гласови за премиер, односно освои 65.000 гласови. ДСК водеше повеќенеделни разговори со Движењето Самоопределување за формирање предизборна коалиција, но проблем беше тоа што ДСК барал свој претставник за кандидат за премиер, а Самоопределување сакал тоа да биде нивниот лидер Албин Курти.
Пендаровски–Брнабиќ: Се интензивира соработката меѓу Скопје и Белград
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска прими делегација од Република Србија, предводена од претседателката на Владата, Ана Брнабиќ, на која беше потврдена долгогодишната соработка меѓу двете земји која, според двајцата соговорници, се интензивира во последните неколку години.
Како што соопштија од кабинетот на Претседателот, Пендаровски изјавил дека уште еден доказ за продлабочување на меѓусоседските односи меѓу Северна Македонија и Србија е денешната посета на премиерката Брнабиќ и отварањето на заеднички граничен премин Табановце – Прешево, како еден од клучните елементи на Коридорот 10. Овој проект, како што истакна претседателот Пендаровски, е особено значаен за развојот на економската соработка меѓу двете земји.
Соговорниците разменија мислења за прашањата од взаемен интерес во регионот, како и процесот на европска интеграција и во таа насока размената на искуствата од патот кон ЕУ може да биде од корист на двете земји.
Предвремени парламентарни избори во Косово на 6 октомври
Претседателот на Косово Хашим Тачи ги распиша парламентарни избори за 6 октомври, откако премиерот Рамуш Харадинај минатиот месец си поднесе оставка. Во соопштението од канцеларијата на претседателот објавено денеска се наведува дека Централната изборна комисија е задолжена да ги преземе сите неопходни мерки за да се организираат изборите и да се одржи гласањето. Минатата недела парламентарците во косовското собрание гласаа за распуштање со што се отвори можноста за избори. Харадинај си поднесе оставка на 19 јули поради тоа што доби повик од Специјалниот суд за воени злосторства во Хаг каде што беше повикан на распит како осомничен.
Пожарот кај Велешко езеро проширен на поголема површина
Пожарот во близина на Велешко езеро е проширен на поголема површина, информираат од Центарот за управување со кризи.
“Во гасењето на пожарот ангажирани се 50 вработени од АРМ, еден хеликоптер на АРМ и два авиони од Дирекција за заштита и спасување. Исто така на помош се пратени и екипи од пожарните во Неготино и во Кавадарци”, наведуваат од Центарот за управување со кризи.
Од таму попладнево информираат и дека се прават напори да се заштити хотелот Глориус кој се наоѓа на патот на пожарот.Во околината на езерото гори борова шума и сува трева.
Гутиерез: Заштита на новинарите, но не и кога се огрешиле пред законот
Генералниот секретар на Европската федерација на новинари (ЕФН), Рикардо Гутиерез, во изјава за МИА, коментираше во врска со најавите за тужби од членови на Владата кон порталот „Инфомакс“ и потенцира дека новинарите не се над законите.
„Иако праксата на здруженијата на новинари во европските земји е да препорачуваат да се избегнуваат тужби кон медиуми и новинари, тоа не значи дека секој пат треба да се застане во одбрана на новинарите кои се огрешиле пред законот“, објаснува за МИА Гутиерез.
Кога еден новинар постапува надвор од законот, дополнува Гутиерез, ние како здруженија, пред да реагираме, гледаме дали тоа тој го сторил во интерес на јавноста или дали е тоа злонамерно, со цел да се оцрни некој, дали е чиста лага, или навистина и повисока јавна цел.
За илустрација, наведе тој, доколку еден новинар објави документи до кои не можел да дојде на легален начин, но тие документи ја информираат јавноста, на пример, за некаква опасност која постои за граѓаните, тогаш здруженијата, но и судовите во огромно мнозинство случаи, застануваат зад новинарот и зад јавниот интерес.
„Меѓутоа, новинарите не се над законите и да се застане во одбрана на нешто неодбранливо што го сторил некој новинар ги ослабнува професионалните здруженија, постојат неприфатливи работи, и нашата задача како организации не е да ги покриваме грешките на новинарите, туку да им укажеме кога згрешиле“, вели генералниот секретар на ЕФН, каде членуваат двете главни македонски новинарски здруженија, ЗНМ и ССНМ.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете