Достапни линкови

Вести

Самитот на Г7 посветен на Иран, трговските војни, пожарите во Амазон

Трамп и Макрон на првиот ден од Самитот Г7.
Трамп и Макрон на првиот ден од Самитот Г7.

Лидерите на земјите од Г7 на самитот во Франција ќе разговараат за нуклеарната програма на Иран, за трговските војни и за пожарите во Амазонските шуми. Претседателот на САД, Доналд Трамп и новиот британски премиер Борис Џонсон се меѓу лидерите кои учествуваат на дводневниот самит во одморалиштето Бијариц, што започнува денеска. Домаќин на самиот е францускиот претседател Емануел Макрон. На самитот учествуваат и лидерите на Германија, Канада, Италија и Јапонија, а индискиот премиер Нарендра Моди треба да присуствува како гостин и со останатите ќе разговара најверојатно за кризата во Кашмир.

По заминувањето од Вашингтон, Трамп им рече на новинарите дека очекува „многу продуктивни“ разговори со неговите колеги од Г7. Тој, исто така, ја повика Франција да се откаже одплановите за наметнување данок на продажба на американските технолошки гиганти како Гугл и Фејсбук, заканувајќи се дека ќе возврати со такси на француските вина.

Макрон рече дека се надева дека ќе ги убеди водачите на Г7 да се повлечат од трговската војна што веќе го дестабилизира економскиот раст низ целиот свет.

Самитот на Г7 ќе биде „тежок тест за единство и солидарност“ поради неможноста на лидерите на земјите членки во текот на изминатата година да најдат заеднички јазик, рече претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. Тој рече дека трговските војни меѓу седумте богати нации дополнително ќе ја уништиле довербата меѓу нив.

Заев се надева дека со опозицијата консензуално ќе го донесат закон за ЈО

Верувам дека заедно со опозицијата, со консензус ќе ја обезбедиме поддршката на новиот закон за Јавно обвинителство, изјави премиерот Зоран Заев за време на денешната посета во Пелагонискиот регион.

Според него предлогот на новиот Закон за Јавно обвинителство содржи над 80 отсто од предлозите на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ и очекува договор за донесување на Законот.

„Очекувам да се договориме, а пратениците да се изјаснат бидејќи деновите се одброени. За оваа работа разговараме скоро една година, а останаа само дваесеттина денови за разговори. Искрено верувам дека заедно со опозицијата, со консензус ќе ја обезбедиме поддршката на новиот Закон за Јавно обвинителство“, изјави премиерот Заев.

Заев испрати јавна порака до надлежните органи да најдат решение за избор на вршител на должност на СЈО и да не се дозволи нити еден предмет да биде загрозен.

Од ВМРО-ДПМНЕ на прес –конференција одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали има договор со власта за новиот Закон за обвинителство, портпаролот Димче Арсовски рече дека работните групи го тераат процесот на преговарање.

„Ние веќе предложивме кои се нашите параметри на новиот Закон кој што треба да биде неселективен, во спротивно во однос на СЈО, би можеле само да порачаме да се истражи секоја една инволвираност и секоја една замешаност на сите вработени во СЈО за дури потоа да може да се размислува што со тие луѓе понатака кои што во моментов работат, дали како обвинители, истражители и се останато во обвинителството“, рече тој.

Независниот синдикат на полицијата бара да престанат притисоците врз нивни членови

Независниот синдикат на полицијата(НСП)бара од Министерството за внатрешни работи и министерот Оливер Спасовски да прекинат постапките против нивните членови и да престанат, како што велат, притисоците за растурање и целосно контролирање на синдикатот.

Портпаролот на НСП Дејан Саздов, на денешната прес-конференција, го повика министерот Спасовски да одговори зошто најголемиот дел од претседателите на синдикалните подружници и синдикални организации се незаконски прераспределени од нивните работни места.

Од НСП посочуваат дека министерството се оградува со молчење на барањата за репрезентативност од НСП, иако во синдикатот членуваат 2.880 вработени во МВР, што е за 500 членови повеќе од законски предвидените 20 проценти од вкупниот број вработени во МВР за добивање репрезентативност

Околу шест милиони евра ќе чинат предвремените избори во Косово

Околу шест милиони евра ќе бидат потребни за одржување на предвремените избори во Косово, соопштија тамошните власти. За да може Министерството за финансии да ги пренесе овие пари на Изборната комисија, потребно е мислењето на Уставниот суд на Косово за надлежностите на Владата по оставката на премиерот, рече советникот на министерот за финансии, Љуљзим Рафуна.

Според него, средствата се обезбедени, но не може да се пренесат во Изборната комисија додека не се добиемислењето на Уставниот суд.

Претседателката на Централната изборна комисија Валдета Дака рече дека се уште тие официјално не се обратиле до Министерството за финансии за средства за предвремени парламентарни избори и дека ќе го сторат тоа кога претседателот на Косово ќе донесе указ за датумот на изборите.

Зеленски – Руската анексија на Крим е како крадење деца

Украинскиот претседател Володимир Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја спореди руската анексија на украинскиот Кримски Полуостров во 2014 година со „деца кои се украдени и им се издава нов извод од матична книга на родените“. Тој ова го кажа денеска на прославата на 28-годишнината од независноста на Украина.

Во својот говор пред илјадници Украинци, Зеленски исто така вети дека областите во источна Украина кои се под контрола на проруските сепаратисти ќе се вратат под украинска контрола.

Актерот Володимир Зеленски, кој речиси и да нема политичко искуство, беше избран за претседател на Украина во април годинава.

Конфликтот во источна Украина почна во април 2014 година и досега загинаа над 13 илјади луѓе. Русија почна да ги поддржува сепаратистите веднаш откако нелегално го анектираше Кримскиот Полуостров.

Оваа година за прв пат нема воена парада за Денот на независноста во Киев. Зеленски во јули рече дека наместо за парада, 12-те милиони долари колку што би чинела организацијата ќе бидат поделени како бонуси во армијата.

Сепак, и покрај тоа што немаше официјална парада, се одржа марш на армискиот состав кој беше наречен Марш на достоинството.

Украина ја усвои Декларацијата за независност од СССР на 24 август 1991 година.

Солзавец против демонстрантите во Хонгконг

Полицијата во Хонгконг употреби солзавец да ги растера демонстрантите кои се собираа во близина на една полициска станица. Демонстрантите фрлале тули кон полицијата, а наводно употребиле и молотови коктели.

До судирите дојде по претпладневниот протестен марш.

Продемократските демонстранти ги таргетираа „паметни светилки“ кои неодамна беа поставени, зашто се плашат дека тоа ќе го засили владиниот надзор врз граѓаните, но владата тоа го негира.

Протестите почнаа пред 11 недели против владиниот план да донесе закон со кој граѓаните на Хонгконг може да бидат екстрадирани во Кина. Оттогаш ги проширија барањата за целосна демократизација и независна истрага за наводна полициска бруталност на протестите.

Демонстрациите ја втурнаа поранешната британска колонија во најголемата криза откако повторно станаа дел од Кина во 1997 година.

Пендаровски - Поканата за НАТО нè внесе во помирни води, но остануваат предизвици

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска во Охрид се обрати на отворањето на дводневниот Безбедносен форум на поранешни студенти/алумни на Маршал Центарот.
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска во Охрид се обрати на отворањето на дводневниот Безбедносен форум на поранешни студенти/алумни на Маршал Центарот.

Претседателот Стево Пендаровски вели дека евроатлантските интеграции продолжуваат да бидат клучен фактор за стабилноста и развојот на демократијата во регионот на Западниот Балкан

Тој во обраќањето пред учесниците на дводневниот Безбедносен форум што од денеска се одржува во Охрид, рече дека по поканата за членство во Алијансата земјата неспорно влегла во помирни води, но дека сме далеку од тоа да тврдиме дека предизвиците се зад нас.

„Тероризмот, верскиот екстремизам, нелегалната миграција, сајбер-нападите, хибридните војни нема да исчезнат. Свесни сме дека најефикасниот начин за справување со т.н. нетрадиционални безбедносни закани што се високо на агендата на НАТО, е заедничкото соочување со нив. Размената на информации и здружувањето на ресурсите на земјите-членки и на земјите партнери можат само да придонесат за подобро справување со предизвиците“, истакна претседателот на Стево Пендаровски.

Амбасадорот на САД во Скопје Кејт Мари Брнс рече дека земјава успева во обидите да се решат долгогодишните прашања со соседите, ги спроведува потребните реформи, ги развива институциите и тоа не само заради членство во ЕУ и НАТО, туку заради изградба на посигурно и побезбедно, попросперитетно општество.

„Има уште многу што треба да се направи, но минавте долг и напорен пат и тоа за кусо време што мора да се признае“, рече таа.

Галовеј - Лондон се надева на датум во октомври за РСМ

Британската амбасадорка во Македонија, Рејчел Галовеј
Британската амбасадорка во Македонија, Рејчел Галовеј

Велика Британија ја поддржува евроатлантската интеграција на Северна Македонија и се надева дека Европскиот совет на самитот во октомври на земјата ќе и даде датумот за почеток на преговорите за членство во ЕУ, вели британската амбасадорка во Скопје, Рејчел Галовеј во интервју за МИА.

Таа вели дека земјата покажа лидерство и храброст во пристапот кон проблемот со името и постигна значаен напредок со бројни реформи.

„Општиот правец е позитивен, но за вистински промени треба време и постојани напори од сите учесници во општеството. Процесот на влегување во ЕУ треба да ги засили овие реформи“, вели амбасадорката.

Запрашана за тоа што ако Законот за јавно обвинителство не биде донесен, Галовеј вели дека политичките партии мора да го стават интересот на земјата пред сè.

За случајот „Рекет“ таа вели дека е можност да се покаже делотворно, навремено и неселективно спроведување на законите и дека најважно е граѓаните да видат дека владеењето на правото подеднакво важи за сите.

Таа вели дека и по заминувањето од ЕУ, Обединетото Кралство ќе остане поврзано со Северна Македонија и поширокиот балкански регион.

Возачот избегал по сообраќајката во која загина мигрант, а 12 се повредени

Илустрација.
Илустрација.

Основното јавно обвинителство Кавадарци изврши увид на автопатот Демир Капија – Неготино, на местото на сообраќајната несреќа во која еден мигрант загина, а 12 беа повредени.

Од Кавадаречкото обвинителство, според првичните сознанија, соопштија дека возилото кое превезувало 13 мигранит, удрило во товарно моторно возило со кавадаречки регистарски ознаки. Од ударот, возачот на камионот изгубил контрола и удрил во друго патничко моторно возило со српски регистарски ознаки, кое исто така е оштетено. По несреќата возачот кој ги превезувал мигрантите избегал и по него се трага. На возилото имало скопски регистерски таблички, но тие не одговараат на возилото, па по наредба на јавен обвинител се работи на утврдување на сопственоста, појаснуваат од ОЈО Кавадарци.

Дополнително, дежурниот јавен обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатиот и врши распит на сведоци на настанот во насока на утврдување на фактите.

Претходно од МВР соопштија дека едно лице мигрант од Бангладеш починало, четворица мигранти се тешко повредени и се пренесени на Клиниките во Скопје, а осум други се повредени, во сообраќајка што се случила синоќа во 19.40 часот на автопатот Демир Капија- Неготино.

ОЈО го осудува нелегалното објавување документи за Рекет

Прес-конференција во Основното јавно обвинителство за случајот Рекет.
Прес-конференција во Основното јавно обвинителство за случајот Рекет.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција најостро го осудува објавувањето на нелегално добиени документи од истрагата за предметот „Рекет“. Медиуми синоќа објавија документ, за кој тврдат дека е од пријавата на случајот од страна на бизнисменот Орце Камчев пред Обвинителството.

Од Обвинителството соопштуваат дека нема да ги коментираат информациите изнесени во јавноста, но потенцираат дека откривањето на доверливи информации од страна на поединци претставува опасност и штета за севкупниот општествен систем и е кривично дело.

„Со протекување на ваков вид документи се повредува пресумпцијата на невиност, се загрозуваат животи на инволвираните лица и воопшто сe отежнува текот на постапката“, се вели во соопштението.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе утврдува како овие документи се протечени во јавноста и ќе бара одговорност од сторителите.

Во рекацијата на ОЈО се наведува дека објавувањето на нелегалните документи освен како моментална сензација, не придонесуваат во остварување на каква и да е друга цел.

Од Обвинителстовото појаснуваат дека досега објавувале детали во рамки на можностите, и посочуват дека само официјално добиените информации од обвинителството се веродостојни.

„Ваквите неодговорни извори на информации и медиуми со ограничена цел, нема да влијаат врз решеноста на обвинителството овој случај да добие комплетна завршница. Дотолку повеќе што зад исходот на овој предмет стои посветеноста и енергијата на севкупното обвинителство решено да го оправда своето име и да и застане на патот на корупцијата“, стои во соопштението.

Порталот Инфомакс синоќа објави факсимил, за кој пишува дека е од записник за примање кривична пријава од Камчев, дадена пред ОЈО на 2 мај 2019. Но се гледа само една страница од документот, а медиумот објавува делови од пријавата, кои не може да се прочитаат на таа страница. Во делот кој може да се прочита Камчев објаснува, како што пишува, како бил уценуван за да изнудат од него голема сума пари. Во тој дел што е објавен се читаат имињата на Бојан Јовановски и Зоран Милески, кои се осомничени во „Рекет“, потоа се споменува и името и на синот на сега притоворената обвинителка Катица Јанева, имиња и на други бизнимени , кои според Камчев биле рекетирани.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG