Достапни линкови

Вести

Италијанското обвинителство наложи заплена на спасувачкиот брод и евакуација на мигрантите

Архивска фотографија: Мигранти на бродот Опен армс на шпанската невладина организација Проактива
Архивска фотографија: Мигранти на бродот Опен армс на шпанската невладина организација Проактива

Италијанското обвинителство наложи заплена на бродот на хуманитарната организација Опен армс(Отворени раце) и евакуација на над 80 мигранти кои се наоѓаат на него, јави новинската агенција АНСА.

Тој потег доаѓа на крај на драматичниот ден во кој околу 15 мигранти скокнаа во морето, откако поминаа 19 дена на бродот. Со помош на италијанските спасувачи, тие успеаја да допливаат до блискиот италијански остров Лампедуза.

Обвинителот Луиџи Патронаџо нареди заплена на бродот, откако го посети и се сретна со пристанишните власти. Тој ја разгледува можноста за обвинение за киднапирање против министерот за внатрешни работи, десничарот Матео Салвини, кој одби да дозволи мигрантите да се симнат во Италија, и покрај тоа што шест европски земји се согласија да ги примат. Мигрантите беа спасени на почетокот на месецов од морето кај Либија.

Мадрид денеска се обиде да ја оконча хуманитарната криза, со тоа што испрати воен брод кој би го испратил бродот Опен армс на патот до Шпанија.

Поголеми плати за наставниците од септември

Илустрација: Училница
Илустрација: Училница

Владата во рамките на 150-тата седница, денеска ја разгледа и усвои информацијата за зголемување на платите во основното, средното и високото образование за пет проценти почнувајќи од исплата за септември 2019 година и го задолжи министерот за образование и наука Арбер Адеми да ги потпише Спогодбите со Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) за реализација на предвиденото покачување на платите.

Владата исто така донесе одлука за намалување на ДДВ-то за одредени лекови и за топлинска енергија од 18 на 5 отсто.

Прва жртва од Западнонилската треска во Србија

Илустрација: Комарец
Илустрација: Комарец

На Инфективната клиника во Белград почина 84-годишна жена од Западнонилска треска. Починатата имаше и други хронични болести.

Тоа е прва жртва во Србија од Западнонилска треска, вирусно заболување што го пренесуваат заразени комарци.

Во Србија се регистрирани уште три пациенти инфицирани со Западнонилска треска.

Западнонилската треска е вирус кој се пренесува со убод на заразен комарец. Преносител е комарецот „Culex pipiens“. Главен резервоар на зараза се различни видови птици, додека човекот е случаен „слеп домаќин“ и инфекцијата од него не се пренесува понатаму.

Поголемиот број од заразените, околу 80 проценти, немаат никакви симптоми, додека кај останатите инфицирани лица симптомите потсетуваат на грип. Само кај помалку од еден процент инфицирани со Западнонилска треска може да дојде до тешки компликации менингитис и енцефалитис.

Лекарите за намалување на ризикот од зараза советуваат редовно користење репеленти при претстој на отворено, облека со долги ракави и долги панталони, да се избегнува престојување во природа од стемнување до зора, период кога комарците се најактивни и да се користи заштитна мрежа на прозорците и вратите.

Бектеши - Убедени сме дека Косово во најкус можен рок ќе ги обезбеди условите за извоз на икра

Министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов
Министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов

Аргументите и фактите што ние веќе преку соопштение ги кажавме се релевантни и точни, Северна Македонија преку Агенцијата за храна и ветеринарство спроведува стандарди што се реализираат во рамки на Европската унија со цел на нашата бизнис заедница, на нашите претпријатија да им отвориме нови пазари, истакна министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција во врска со исходот од средбата со косовскиот министер Шаља, за трговските мерки што ги воведе Косово кон земјава.

„Уште еднаш денеска се докажа дека нашите ставови беа исправни, бидејќи мерката за икри не е само за Косово, таа важи и за други наши соседи и држави кои не доставиле аргументи до Агенцијата за храна и ветеринарство за спроведување на активен или пасивен мониторинг за ние да бидеме сигурни за состојба на тие продукти, а ние тоа веќе го сторивме. Од 2017 година се подготвуваме да добиеме дозвола од ЕУ за нашите производители да можат да извезуваат на нивниот пазар“, рече министерот за економија.

Бектеши информира дека на средбата со министерот за трговија и индустрија на Косово Ендрит Шаља ги презентирал фактите и аргументите на нашата земја, додавајќи дека очекуваат при крајот на оваа и почетокот на следната недела косовската страна да ја достави нивната програма за мониторинг. Додаде дека во моментот кога ќе пристигне, комисија од Агенцијата за храна и ветеринарство на терен ќе утврди дали навиствина се работи согласно таа програма.

Тој информира дека утре писмено ќе го извести министерот Шаља дека во моментот кога тие ќе ги достават соодветните документи ќе им се дозволи увоз на икрите од рибите од Косово во Северна Македонија и очекува дека откако ќе го добијат писмото тие да ги укинат бариерите за компир и за мед.

Падна италијанската Влада, премиерот Конте поднесе оставка

Архивска фотографија: Матео Салвини и Џузепе Конте
Архивска фотографија: Матео Салвини и Џузепе Конте

Италијанскиот премиер Џузепе Конте денеска пред италијанскиот Сенат поднесе оставка, откако десничарската Лига, предводена од министерот за внатрешни работи Матео Салвини, одлучи да ѝ ја ускрати поддршката на владата. Со тоа Конте го спречи гласањето за доверба на владата, кое се очекуваше денеска, 12 дена откако Салвини, кој е и заменик премиер го побара тоа.

Пред објавувањето на оставката, Конте рече дека одлуката на Салвини „има големи последици за земјата и за нејзината економија“.

Оставката на Конте нема автоматски да предизвика предвремени парламентарни избори. Претседателот Серџо Матарела може да побара од него да се обиде да формира друго мнозинство во парламентот или да најде некој друг лидер кој би можел да формира нова владејачка коалиција, без распишување избори.

Ако не биде можно формирање нова коалиција, Матарела може да го распушти Парламентот и да распише избори, кои најрано може да бидат одржани во октомври.

Партијата Лига на Салвини бара предвремени избори, а тоа го поддржуваат и партијата Напред Италија на поранешниот премиер Силвио Берлускони и крајно десничарската партија Браќа на Италија.

Досегашниот коалиционен партнер на Лига, Движењето пед ѕвездички, наводно преговара за формирање нова влада со опозициската Демократска партија од левиот центар. Ако тие разговори бидат успешни, Лигата на Салвини може да замине во опозиција, наведува Политико.

Словенија - Пронајдени 73 мигранти и вратени во Хрватска

Архивска фотографија: Словенечки специјалци на границата со Хрватска
Архивска фотографија: Словенечки специјалци на границата со Хрватска

Словенечката полиција пронајде во близина на Подлевник, на североисток во државата, 73 мигранти кои пребегале од Хрватска.

Во групата се 62 Пакистанци, четворица од Бангладеш и тројца Авганистанци, тројца Сомалијци и еден Индус. Сите, освен 12 малолетни лица и двајца повредени возрасни, се вратени во Хрватска.

Полицијата исто така уапси тројца возачи во текот на ноќта, двајца Срби и еден од Казахстан, кои шверцувале шест мигранти.

Полицијата го уби киднаперот на автобус во Рио де Женеиро

Полицијата денеска го уби киднаперот на автобус со 37 патници во близина на бразилскиот град Рио де Женеиро и ги ослободи заложниците. Нема повредени заложници.

Бразилската телевизија објави снимка од моментот кога вооружениот човек излезе од автобусот по што полицијата го застрела. Полицијата соопшти дека киднаперот се заканувал дека ќе го запали автобусот, а заложниците рекоа дека го полеал автобусот со бензин и дека имал нож и пиштол.

Заложничката драма која почна рано утринава се одвиваше на прометен мост кој поврзува предградие на Рио де Женеиро со центарот на градот.

Киднаперот се претставил како полицаец, но тоа се уште не е потврдено.

Тој немаше никакви посебни барања, па полицијата смета дека имал „психијатриски проблеми“.

Во јули рекорден број нелегални пристигнувања на грчките острови

Архивска фотографија: Мигранти од Авганистан на грчкиот остров Лезбос
Архивска фотографија: Мигранти од Авганистан на грчкиот остров Лезбос

Речиси 6.000 лица минатиот месец биле уапсени во Грција за нелегален влез или излез од земјата, според податоците од грчката крајбрежна служба.

Во 208 случаи, само во месец јули, крајбрежната служба уапсила 5608 лица за нелегален влез во земјата, додека пак во 77 случаи биле уапсени 358 лица за нелегален излез од Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Паралелно, крајбрежната служба уапсила вкупно 32 криумчари на мигранти, од кои 19 за нелегален влез во земјата, биле конфискувани 50 бродови и откриени 109 фалсификувани документи за нелегално заминување од земјата.

Минатиот месец регистриран е рекорден број на нелегални влегувања во Грција преку морската граница. Во јуни биле уапсени 3855, во мај 2867, во април 2050, а во првото тромесечје од годинава, вкупно 5717 лица.

Анѓушев потврди - Доставено писмо за учество во проектот Белене

Вицепремиерот Кочо Анѓушев
Вицепремиерот Кочо Анѓушев

Македонија изрази интерес за учество во проектот Белене, бидејќи има недостиг од базна енергија, а со тек на времето со искористувањето на јагленот, тоа дополнително ќе се пројавува како проблем, изјави вицепремиерот Кочо Анѓушев, во врска со објавата дека ЕСМ е меѓу компаниите кои пројавиле интерес за учество во проектот Белене.

„Во моментов рано е да се зборува за проценти, мислам дека во наредниот период подетално ќе ве информираме за ова на посебна прес-конференција. Сега станува збор само за изразување на подготвеност за соработка“, додаде Анѓушев.

Владата доставила писмо за намери за учество во проектот Белене преку ЕСМ, а Анѓушев изминатиот период нагласуваше дека најбрзиот, наједноставниот и најевтиниот начин да обезбеди базна енергија на подолг рок е преку нуклеарната централа Белене во Бугарија и вклучување во нејзината изградба.

Заврши сведочењето на Јанева: Не се чувствувам виновна

Повикана сум како сведок. Не знам дали обвинителката ќе реши да бидам и осомничена, тоа треба неа да ја прашате. Се работи сѐ уште за истрага, изјави специјалната обвинителка Катица Јанева по излегувањето од четиричасовниот распит од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал.

Како што нагласи Јанева, таа во ОЈО била повикана како сведок за случајот „Рекет“.

На новинарско прашање „дали знае каде завршиле парите од снимката што ја објави италијанскиот весник Ла Верита, Јанева без прецизен одговор.

„Ќе има најверојатно судење и таму ќе се кажат работите. Ова е истрага и во истрага не се споделуваат информации. Два мои телефони што сум ги користела се на анализа во обвинителство. Дали истрагата ќе се води и против мене - не знам. Не, не чувствувам вина. Не знам дали во случајот има инволвиран и политичар“, одговараше Јанева на новинарските прашања по излегувањето од ОЈО.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG