Достапни линкови

Вести

Влада: ВМРО-ДПМНЕ дезинформира дека биле спречени да дојдат на Македониум

Од Владата реагираат по изјавите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, АЛЕКСАНДАР Николоски дека на партиската делегација не и било дозволено да положи цвеќе на гробот на Никола Карев во споменикот Македониум во Крушево. Од Владатавелат дека ВМРО-ДПМНЕ биле уредно известени за сите организациски детали, а и потврдиле дека ќе учествуваат на настанот.Во владиното соопштение стои дека тие ги информирале поканетите со сите логистички информации поврзани со положувањето цвеќе на сите три локации (Македониум, Слива, Мечкин Камен)и со понуда за организиран превоз. Од ВМРО-ДПМНЕ нагласиле дека нема да користат организиран превоз и дека не се појавиле да оддадат почит на гробот на Никола Карев на Македониумот.

Што се однесува пак до забелешката на Николоски дека не била испочитувана традицијата и опозицијата не била во првиот ред, од Владата велат дека распоредот на седење на Мечкин Камен е по стандарди на протокол, при што во трет и четврт ред се сместени сите политички партии, вклучително и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Дедај - Екстрадицијата на Морина може да ги наруши односите меѓу Приштина и Скопје

Косовско знаме
Косовско знаме

Косовскиот амбасадор во Скопје, Ѓерѓ Дедај денеска изјави дека не би смеело да дојде до екстрадиција во Србија на поранешниот припадник на ОВК, Томор Морина, бидејќи тоа би можел да ги наруши односите меѓу Северна Македонија и Косово. Тој во интервју за ТВ 21 изјави дека евентуалната екстрадиција на Морина, уапсен минатата недела од македонските власти по потерници од Србија, во потполност се коси со човековите права и е незаконска и неприфатлива.

„Тоа не треба да се случи, бидејќи евентуалната екстрадиција нема да биде само на лична штета на Морија, туку може да има и последици по меѓудржавните односи меѓу Косово и Северна Македонија. Не би сакал ваквите случаи да влијаат на можно наружување на односите, за што Косово воопшто не е заинтересирано“, вели Дедај.

Тој вели дека косовската амбасада е максимално ангажирана околу овој случај.

Вејсели - Изборите се најдобра опција за Косово

Претседателот на Демократската партија на Косово, Кадри Вејсели
Претседателот на Демократската партија на Косово, Кадри Вејсели

Претседателот на Демократската партија на Косово, Кадри Вејсели денеска го известил косовскиот претседател Хашим Тачи дека владејачката коалиција на чие чело е тој, нема намера да предложи нов мандатар за состав на Владата, по оставката на премиерот Рамуш Харадинај. Во писмото до Тачи, Вејсели вели дека врз основа на актуелните околности и политичката волја на партијата на власт, изборите се најдобра опција за земјата.

Вејсели го известил претседателот дека за в понеделник закажал седница на Претседателството на која на дневен ред е прашањето за подготовка на седницата на Собранието на која треба да се гласа за распуштање на Парламентот.

Убиени 10 полицајци во Авганистан

Најмалку 10 авганистански полицајци се убиени во напад на талибанците на контролен пункт во централната провинција Даикунди, соопштија локалните власти. Во нападот биле повредени и 15 полицајци. Имало жртви и на страната на талибанците, тврдат локалните власти.

Портпаролот на талибанците, Кари Јусуф Ахмади ја презеде одговорноста за нападот, но не даде дополнителни детали.

Најновото насилство доаѓа во време кога талибанските милитанти се подготвуваат да се сретнат со американскиот специјалниот пратеник во Авганистан, Залмај Калилзад, за уште една рунда разговори за изнаоѓање на решение за крај на војната. Талибанците одбиваат да преговараат директно со владата во Кабул, бидејќи сметаат дека е под контрола на Вашингтон.

Соединетите Држави се подготвени да повлечат голем број на војници од Авганистан доколку талибанците се согласат да започнат директни разговори со владата во Кабул, објавија денеска американските медиуми.

Ќе се раскинат концесиите за каменоломите во Лабуништа

Ископ на минерални суровини од подножјето на планината Јабланица во близина на струшкото село Лабуништа
Ископ на минерални суровини од подножјето на планината Јабланица во близина на струшкото село Лабуништа

Mинистерот за економија Крешник Бектеши денеска изјави дека ќе се раскинат концесиите за каменоломите во Лабуништа во најкраток рок. Тој при денешната средба со жителите на селото и претставници на еколошкото здружение „Натура Лаб“, рече дека еден концесионер сам се откажал, а на останатите во најкраток рок ќе им бидат одземени концесиите за ископ на минерални суровини од подножјето на планината Јабланица.

„Не е во ред во населено место од 10.000 жители да има шест концесии“, вели министерот.

Министерството за економија и Владата како надлежна за издавање концесии, подвлече тој, може и да ги одземе концесиите.

Концесиите, додаде, се издадени од 2016 година наназад и оти побарал ревизија на сите документи и начинот како се дадени.

Жителите на Лабуништа револтот со ископите најпрво го искажаа преку мирен протест и едночасовна блокада на регионалниот пат Струга – Дебар, а потоа поставија и шатори со 24-часовни дежурства во близина на каменоломите и не дозволуваа пристап на механизацијата.

Николоски: Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ спречена да положи венец на Карев

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски изјави дека партиската делегација била спречена да положи венец на споменикот Македониум на гробот на Никола Карев во Крушево, а исто така биле оневозможени да се упатат кон Слива и морале во приватна организација да одат на двете места.

Тој вели дека власта ги спречила да го сторат тоа, оти програмата предвидувала положувањето венец да биде во 9 часот, а власта намерно го поместиле за во 8 и 30 часот, без да ги информираат, а после полицијата ги спречила, со образложение дека ниту едно возило надвор од возилата околу премиерот не смеат да се движат.

Николоски додава дека не биле удостоени со соодветен пречек и дека е прв пат да се наруши традицијатаи опозицијата да е во првиот ред на прославувањето на Илинден.

Силен земјотрес на Суматра, Индонезија предупреди за цунами

Илустрација - Земјотресите на индонезиските острови се многу честа појава.
Илустрација - Земјотресите на индонезиските острови се многу честа појава.

Силен земјотрес со јачина од 7 степени го погоди индонезискиот остров Суматра, соопшти Американскиот геолошки институт. Индонезиската Агенција за геофизика издаде предупредување на цунами, пренесе „Ројтерс“.

Епицентарот на земјотресот бил на 227 километри од градот Телук Бетунг, а се случил на длабочина од 59 километри. Засега нема податоци за евентуални жртви или материјална штета.

Палмер: Поддржуваме целосна, детална и транспарентна истрага во врска со СЈО

Метју палмер
Метју палмер

Заменик-помошникот државен секретар на САД, Метју Пламер, коментирајќи ја истрагата поврзана со СЈО, изјави дека САД поддржуваат целосна, детална и транспарентна истрага, објави Гласот на Америка.

„Такви сериозни обвинувања бараат сериозен одговор. Ако постојат докази, тогаш соодетно обвинение ќе биде можност за властите и Северна Македонија да покажат почитување на владеење на правото, кое преставува фундаментална основа што ќе и` помогне на Северна Македонија да го продолжи европскиот пат. Ние ги поодржуваме и охрабруваме институциите на Севрна Македонија да ја завршат оваа истрага“, изјавил Палмер во интервју за српската редакција на Гласот на Америка.

Тој додал дека многу е важно да постои Специјалното јавно обвинителство, кое ќе има мандат да ги адресира овие прашања и предизвици.

Индија по втор пат го одби Трамп за посредство во спорот за Кашмир

Индија по втор пат денеска ја одби понудата на американскиот претседател Доналд Трамп, Соединетите држави да посредуваат во спорот со Пакистан околу Кашмир, објави новинската агенција Асошиејтед прес.

Индискиот министер за надворешни работи, Субраманрам Јаишанкар, за време на Азискиот самит за безбедност во Бангкок, изјави дека му кажал на американскиот државен секретар Мајк Помпео оти за спорниот хималајски регион разговори можат да водат само Индија и Пакистан.

Индија долго ги одбива надворешните обиди за решавање на спорот, додека Пакистан бара меѓународна помош, пишува АП.

Трамп: Ако Европа не прими борци од ИД, ние ќе ѝ ги пратиме

Доналд Трамп
Доналд Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе прати во Европа илјадници терористи од Исламска држава заробени во Сирија, ако европските држави не прифатат да доброволно да ги примат, објавија американските медиуми и новинските агенции.

„Сакаме илјадници борци на ИД да ги прими Европа. Ајде да видиме дали ќе ги прими? Ако не сака, ние ќе мораме да ги пратиме во Европа“, рече Трамп.

Како што јави „Индепендент“, Трамп рече дека ќе ги прати терористите со европско потекло доколку европските земји не сакаат да ги прифатат своите граѓани кои во Сирија ѝ се придружија на терористичката ИД. Околу 800 борци на Исламската држава со потекло од Европа се заробени на северот на Сирија заедно со сопругите и децата.

Администрацијата на Трамп бараше од владите на европските земји да ги прифатат своите сограѓани кои се сомничат дека ѝ се придружиле на ИД, но повеќето земји одбија тоа да го направат од страв дека повратниците од Сирија се безбедносен ризик, објави Си-Ен-Ен.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG