Вести
Путин: Нема закана од радијација од ракетата во Северна Русија
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека не постои „закана“ од загадување откако експлозија на ракета минатата недела предизвика привремено зголемување на нивото на зрачење.
„Таму не постои закана и пораст на нивото на зрачење. Ние испративме експерти таму и тие сега ја контролираат ситуацијата“, рече Путин на заедничката прес-конференција со францускиот претседател Емануел Макрон.
Во несреќата на 8 август за време на тестирање на новиот погонски систем во северниот руски регион Архангелск, загинаа најмалку пет, а повредени беа неколку други лица.
На 13 август, руската федерална агенција за временски услови објави краток пораст на нивото на зрачење во блискиот град Северодвинск по експлозијата.
Два дена подоцна, агенцијата за набљудување на радијацијата во Норвешка соопшти дека регистрирала мали количини на радиоактивен јод во воздухот стотици километри од местото на несреќата.
Говорејќи во летната резиденција на Макрон во Форт Брегангон, јужна Франција, Путин денеска рече дека се преземени сите неопходни мерки на безбедност „така што не се случува ништо неочекувано“.
По мерката на Приштина, Бектеши утре на Косово
Министерот за економија Крешник Бектеши утре во Косово ќе има средба со министерот за трговија и индустрија Ендрид Шала, по мерката на Приштина за забрана на увоз на компир и мед од земјава.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов денеска најави дека ќе побараат од Косово објаснување со аргументи врз основа на кои меѓународни стандарди е донесена мерката на Приштина.
Според Атанасов, македонските производи ги задоволуваат светските стандарди и нема основа изјавата на косовските власти за причините за забрана за увоз на компир и мед.
Во петокот, косовскиот министер за трговија и индустрија Ендрит Шаља наложи забрана на увоз на компири и мед од Северна Македонија како одговор на забраната што Скопје ја воведе за увоз на риба за порибување од Косово.
Путин и Макрон на разговори за одржување самит за Украина
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска е домаќин на неговиот руски колега Владимир Путин, а главни теми на разговорот се очекува да бидат напорите за унапредување на преговорите за спречување на конфликтот меѓу владините сили и сепаратистите поддржани од Москва во источна Украина.
Макрон, кој оствари разговори со Путин во Версајската палата во близина на Париз во 2017 година, овој пат го пречекува рускиот претседател во своето летно престојувалиште во Форт Брегансон, во близина на селото Бормес-лес-Мимосас.
На почетокот на средбата, Макрон рече дека се надева оти неговите разговори со Путин ќе доведат до одржување на самит за кризата во Украина во текот на следните недели, додавајќи дека има „вистинска можност“ за мир.
Рускиот претседател рече дека го поддржува форматот за преговори во кој би биле вклучени Франција, Германија, Украина и Русија, а со цел да се стави крај на конфликтот во источна Украина.
Хрватска дипломатка суспендирана и повлечена од Берлин
Првата секретарка на хрватската Амбасада во Берлин, Елизабета Маѓаревиќ, која беше обвинета поради нејзините расистички и ксенофобични објавувања на „Фејсбук“, е суспендирана и повлечена од Берлин, објави „Јутарњи лист“.
По инспекција на хрватското Министерство за надворешни и европски прашања, предложено е да се изрече најстрога дисциплинска мерка – отказ, затоа што на Фејсбук објавила расистичка и ксенофобична содржина и ги коментирала потезите на германската канцеларка Ангела Меркел.
Маѓаревиќ заговараше „бела Европа“ на својот Фејсбук профил, изразувајќи ксенофобични и хомофобични погледи, а своевремено ја обвини германската канцеларка Ангела Меркел за „недостаток на сопствена култура“.
Авион го гасне пожарот кај Љубин
Локализирани се 70 проценти од пожарот кај скопското село Љубин, што избувна на потегот кон село Рашче во Општина Сарај, а во неговото гаснење е вклучен и авион на Дирекцијата за заштита и спасување, информираат од Противпожарната единица на град Скопје.
Со пожарот е зафатена голема површина со сува трева и борова шума.
“Кај што можеа да влезат противпожарните екипи, на некои места тоа изгледаше и невозмошно, се интервенираше и тој е локализиран. Останува уште еден дел непристапен за нас, а за кој се вклучи и авион од ДЗС којшто веќе интервенира”, изјави за МИА Владимир Симоновски, командир на Противпожарната единица на град Скопје.
По избувнувањето на пожарот на терен интервенираат пет возила и 25 пожарникари од Противпожарната единица на град Скопје.
Во скопско и вчера имаше пожар, во шумскиот реон над населбата Пинтија со него беше зафатена поголема површина мешана
По ослобудувањето, иранскиот танкер плови кон Грција
Иранскиот танкер, за кој Соединетите држави се сомневаат дека превезувал нафта во Сирија, заплови кон Грција, неколку часа откако Гибралтар го отфрли барањето на САД да го задржи бродот.
Иранските власти денеска потврдија дека танкерот Адријан Дарија 1, кој претходно беше познат како Грејс 1, го напушти Гибралтар.
"Нашиот танкер по 45 дена го напушти Гибралтар “, напиша иранскиот амбасадор во Велика Британија Хамид Баидинеџад во објавата на Инстаграм.
Танкерот кој превезува лесна сурова нафта вредна околу 130 милиони американски долари, помина еден месец во Гибралтар поради можното кршење на санкциите на ЕУ.
Американските власти се обидоа да го искористат случајот врз основа на сопствениот пакет рестриктивни мерки кон Иран. Сепак, властите во Гибралтар вчера го отфрлија обновеното барање на САД да не го ослободи танкерот, велејќи дека „ санкции на САД против Иран не може да бидат применувани во ЕУ“.
Судскиот процес за „Титаник 3“ продолжува на 26 август
Судењето за уништување изборен материјал на локалните избори во 2013 година, каде обвинети се тогашните членови на општинската изборна комисија во Чаир Ејуп Аљими и Исмет Гури од ДУИ, „Титаник 3“ продолжува на 26 август.
Денеска специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со решение го одби барањето за изземање на обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, од предметот „Титаник 3“. Судечкиот совет за барањето за иземање на Јанева цени дека не може да претставува пречка за процесот, поради самостојноста на СЈО утврдено со посебен закон, како и одредбата од ЗКП за изземање на јавни обвинители.
По паузата за одлучување во однос на барањето на одбраната за изземање на обвинителите од случајот, денешното рочиште продолжи со читање на нов доказ предложен од одбраната на обвинетите.
Заврши распитот на Кичеец за случајот "Рекет"
Второосмничениот за случајот „Рекет“, Зоран Милески – Кичеец, кој се наоѓа во притвор во затворoт Шутка, денеска беше донесен на распит во Обвинителството за организиран криминал.
Денеска во ЈО за случајот „Рекет“ е сослушана и пензионерката Лилјана Тодоровски, која е потписничка на проектот за европски центар на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски – Боки 13.
Кичеец и Бојан Јовановски, се засега единствените осомничени за случајот „Рекет“ и се наоѓаат во притвор во затвор Шутка. Обвинителството двајцата ги товари за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, а првоосомничениот Јовановски и за „перење пари и други приноси од казниво дело“.
Утре во ЈО за случајот „Рекет“ е повикана на распит и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која со обвинителката Лиле Стефанова беа спомнати во снимените разговори и видеата што ги објави интернет изданието на италијанскиот весник „Ла Верита“, а во врска со случаите „Рекет“ и „Империја“.
Штуни: Косово е најзагрозено од поранешни џихадисти
Земјите од Западен Балкан, особено Косово, се најтешко погодени од бројот на повратници од воени зони во Сирија и во Ирак, покажало неодамнешно истражување на американскиот експерт за безбедност Адријан Штуни, јави ВОА на албански јазик.
Штуни вели дека нивото на опасност е значително зголемено со враќањето на џихадистите, жените и децата од зоната на конфликт, а најнелармантната состојба е на Косово, каде е забележан најголем број повратници џихадисти. Тој верува дека Приштина не може да си дозволи нивна реинтеграција во косовското општество.
„Враќањето на странски борци од терористички организации како ИД и Ал Каеда има влијание врз безбедноста во Западен Балкан“, вели Штуни.
Јанева го одби барањето за изземање на обвинителите на СЈО од „Титаник 3“
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со решение го одби барањето за изземање на обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, од предметот „Титаник 3“. Судечкиот совет за барањето за иземање на Јанева цени дека не може да претставува пречка за процесот, поради самостојноста на СЈО утврдено со посебен закон, како и одредбата од ЗКП за изземање на јавни обвинители.
По барањето на адвокатот на одбраната Еленко Миланов за изземање, претседателката на судечкиот совет Марија Клетничка информира дека снимката со барањето ќе биде доставена до надлежните, согласно законот за иземање на обвинителите. Според појаснувањето на обвинителката Фатиме Фетаи, за нив, надлежен за изземање е нивната шефица Јанева.
Претходно, адвокатот Миланов, барањето за изземање го образложи со ставот дека тоа е поради последните случувања во СЈО, кои според него, се изменети од минатата расправа до денеска, како и дека постои конфронтација меѓу обвинителката Јанева и обвинителите Фетаи и Бубевски.
Во предметот „Титаник 3“ обвинети се Ејуп Аљими и Исмет Гури од ДУИ, кои се товарат дека како членови на Општинската изборна комисија во Чаир на локалните избори во 2013 година уништувале изборен материјал.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете