Вести
Побарано изземање на Јанева од случајот „ТНТ“ поради „Рекет“
Поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба Тони Трајковски, кој е обвинет во случајот „ТНТ“ на Специјалното јавно обвинителство, на денешното рочиште побара изземање на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
Трајковски пред Кривичниот суд изрази сомнеж за поврзаност на директорот на фирмата “Дрим Билдинг”, Адриан Амзоски, кој бил инвеститор во зградата “Космос”, со случајот “Рекет”. Според него, обвинението против Амзоски за “ТНТ” било повлечено.
„Во фаза на закажување рочиште од страна на Основниот суд Скопје 1 по кривичната пријава, Јанева го презема случајот од колегите од Обвинителството и го повлекува тој обвинтелен акт без да достави докази. Се сомневаме за поврзаност на повлекувањето на пријавата со потпишувањето на договорот за соработка на „Дрим билдинг“ со Меѓународниот сојуз по два месеца од повлекувањето на обвинителниот акт“изјави Трајковски.
Покрај Трајковски, во случајот обвинети се и поранешнио премиер Никола Груевски, и поранешниот министер Миле Јанакиески. Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.
Три жртви во пожар во затвор во Мексико
Во пожар во затвор во Мексико загинале најмалку тројца мажи, а седум се повредени, соопштија властите. Се уште не се знае причината за пожарот кој избил во просториите за спиење во затворот. Повредените биле пренесени во болница поради вдишување на поголеми количини на чад.
Пендаровски: Изјавата на премиерот Заев е непримерна
Претседателот Стево Пендаровски смета дека е непримерна изјавата на премиерот Зоран Заев дека нема да дозволи „неколку криминалци, еден суетен новинар и еден педер” да ја урнат Владата.
„Станува збор за непримерна изјава која користи речник кој може да навреди цели категории наши граѓани и во таа смисла мислам дека е добро што премиерот уште истиот ден се извини на оние кои се почувствувале евентуално навредени од тие негови зборови“, порача Пендаровски во интервју за Гласот на Америка.
Пендаровски додава дека политичарите имаат поголема одговорност од граѓаните и мора да бидат мониторирани од целата јавност и така, според него, се станува сериозна демократија.
Британија го предупреди Иран да се држи до ветувањето за нафтениот танкер
Британските власти соопштија дека Иран мора да се придржува кон даденото ветување дека танкерот Грејс 1 нема да патува до Сирија. Тие предупредија и дека нема да дозволат некој да ги заобиколува санкциите на ЕУ за сирискиот режим кој користел хемиско оружје против својот народ.
Властите од Гибралтар донесоа одлука да го ослободат иранскиот танкер. Според извештаите, тие добиле пишана изјава од Техеран дека нема да ја транспортира нафтата во Сирија.
Харадинај: Дијалог со Белград без условувања и одлагања
Косовскиот премиер во оставка, Рамуш Харадинај вели дека се согласува дека е потребно нормализирање на односите меѓу Косово и Србија. Но, според него за постигнување на таа цел е потребен дијалог без условувања и без одлагања.
Харадинај на Твитер повтори дека крајниот исход од тој дијалог меѓу Приштина и Белград треба да биде меѓусебното признавање на двете држави во рамки на постоечките граници.
На иранскиот танкер му е дозволено да го напушти Гибралтар
Медиуми во Гибралтар јавија дека властите донеле одлука да го ослободат иранскиот танкер Грејс 1. Според извештаите, властите добиле пишана изјава од Техеран дека нема да ја транспортира нафтата во Сирија.
„Врз основа на тоа, главниот министер на Гибралтар, Фабиан Пикардо донесе одлука да го укине налогот за задржување на танкерот и да му дозволи да плови“, соопштија медиуми од земјата.
Иранскиот танкер беше запленет со помош на британската кралска морнарица на брегот на Гибралтар поради сомневањата дека ги прекршил санкциите со транспортирање нафта во Сирија.
Јанева во вторник на сослушување за „Рекет“
Шефицата на СЈО, Катица Јанева во вторник е повикана да даде исказ пред обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска за случајот „Рекет“, објави Сакамдакажам. Досега се сослушани обвинителките од СЈО, Лиле Стефанова и Елизабета Јосифовска, како и шефицата на Кабинетот на Јанева.
Утре се очекува исказ да даде и обвинителот од СЈО Бурим Рустеми. Во „Рекет“ осомничени се Бојан Јовановски и Зоран Милевски кои побарале милион евра од бизнисменот Орце Камчев за да се стопира против него истрага за случајот „Империја“ на СЈО.
Камчев повеќе не е директор на „Орка Холдинг“
Бизнисменот Орце Камчев се повлекол од раководните позиции во „Орка Холдинг“, јави А1он според податоци од Централниот регистар. Камчев повеќе не е директор на фирмата и не е извршен член на Одборот на директори.
Тој останува единствено неизвршен член на Одборот заедно со неговата сестра Кристина Камчева Стојческа. Камчев се повлекува од позициите додека во тек е истрагата за случајот „Рекет“ во која се осомничени Бојан Јовановски и Зоран Милевски кои побарале милион евра за да се стопира против него истрага за случајот „Империја“ на СЈО.
Фетаи одбила претрес при влез во СЈО, полицаецот се повикал на наредба од Катица Јанева
Обвинителката Фатиме Фетаи, денеска одбила да биде претресена на влезот од Специјалното јавно обвинителство. Како што изјави Фетаи за ТВ24, таа била запрена од полицаецот на влезот и била известена за „наредбата од специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за претресување на сите вработени во СЈО“. Фетаи се спротивставила на оваа одлука.
„Јас сум обвинителка која работи во оваа институција веќе четири години, а не осомничена за да ме претресуваат на секое влегување и излегување. На враќање од паузата околу 13 часот ме застана полицаецот и соопшти дека не можам да влезам без да бидат извршени проверки во мојата ташна. Тој се повика на наредба која денеска била дадена од шефицата Катица Јанева“, изјавила Фетаи за ТВ24.
Ердоган во Србија на 29 август
Шефот на турската држава Реџеп Таип Ердоган ќe ја посети Србија на 29 август, при што претседателот Александар Вучиќ и турскиот претседател официјално ќе го означат почетокот на изградбата на автопатот Белград - Сараево, објави новинската агенција „Танјуг“.
Според неофицијални информации, објавува агенцијата, за време на посетата на Ердоган треба да почне и реконструкцијата на патот Нови Пазар - Тутин.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете