Вести
Нема нови случаи на антракс, преземени потребните мерки
Од Агенцијата за храна и ветеринарство соопштија денеска дека сите потребни мерки за справување со болеста антракс во селото Долно Строгомиште во Кичевско се преземени. Според агенцијата, засега болеста е детектирана само кај едно одледувалиште, а соседните се ставени под надзор на официјален ветеринар. Нови случаи на појава на болеста кај добитокот нема, а како што наведуваат, нема и заболени луѓе од антракс.
„Агенцијата за храна и ветеринарство е одговорна институција, болеста за која денес ВМРО – ДПМНЕ непотребно создава паника не е новост во нашата земја и за неа согласно Годишната наредба за здравствена заштита на животните се врши превентивна вакцинација во дистриктите (места каде се преземаат посебни мерки за сузбивање и искоренување на оваа болест со задолжителна вакцинација на животните во наредните 20 години). Во последните десет години болеста антракс е дијагностицирана во државата во 2009 година во Велес и 2015 година во село Раович, Сарај“, посочуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Претходно од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека кај добитокот во делови од државата се појавила заразната болест антракс.
Заев: Градиме квалитетна инфраструктура низ цела држава
Премиерот Зоран Заев денеска на Фејсбук порача дека Владата гради квалитетна инфраструктура низ целата држава.
„Квалитетно изградена патна и железничка инфраструктура е императив за нас, бидејќи претставува крвоток на економската активност, преку брзиот проток на луѓе, стоки и услуги“, посочува Заев.
Гасификацијата, како што наведува, е еден од највредните проекти за граѓаните и компаниите на нашата земја, при што ширум државата се изградени 216 километри гасовод.
„Фокусирани сме на изградба на водоводи и канализации заради подобрување на животот на граѓаните. Досега се изградени над 30 километри водовод за 310.000 жители и 37 километри канализација за 22.500 жители. Заедно ја градиме Северна Македонија. Ја правиме убаво место за живеење. Градиме по план!“, наведува Заев.
Вучиќ: Ќе има уште изненадувања во „Рекет“
Српскиот претседател Александар Вучиќ на денешната прес-конференција во Генералниот секретаријат на прашање за случајот „Рекет“ изјави дека не сака да се меша во внатрешните прашања на друга држава, но најави изненадувања.
„Колку што јас знам од добро информирани италијански извори, ќе има уште изненадувања во тој случај и верувам дека сега Зоран Заев го разбира она што му го кажував за одредени лица и дека тие се далеку од Србија“, кратко одговори Вучиќ.
Министерство за здравство: Нема заболени граѓани од антракс
Министерството за здравство во однос на информациите дека кај добитокот во делови од државава се појавила заразата антракс, соопшти дека нема заболени граѓани од болеста.
Според министерството, ситуацијата внимателно се следи и се постапува високо стручно по најсовремени светски протоколи и притоа преземени се сите потребни мерки за превенција со профилакса од антракс. Претходно од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека кај добитокот во делови од државата се појавила заразната болест антракс.
Судири на муслимански верници и израелската војска во Ерусалим
Муслимански верници се судриле со израелската полиција пред џамијата Ал Акса во Ерусалим за време на прославата за празникот Курбан бајрам. Најмалку 14 Палестинци се повредени во судирите. Израелската полиција соопшти дека најмалку четворица припадници на безбедносните сили се повредени.
Судирите се случија во услови на зголемени тензии во Ерусалим откако пред неколку денови израелски војник беше убиен на југот во градот. Вчера израелската војска уби четворица вооружени Палестинци на границата на Појасот Газа.
Нападот на џамија во Норвешка се третира како обид за тероризам
Нападот на џамија во Норвешка се третира како обид за тероризам, соопштија властите. Притворениот осомничен, според полицијата има крајнодесничарски и антиимигрантски ставови.
Осомничениот отвори оган во џамија во близина на Осло, при што лицето кое успеа да го совлада претрпе полесни повреди. Во куќата на осомничениот било пронајдено женско тело. Џамијата го зголемила обезбедувањето годинава по маскарот во Нов Зеланд при кој беа убиени 50 лица.
Полицијата употребила солзавец на протестите во Хонг Конг
Полицијата во Хонг Конг употребила солзавец против демонстрантите на десетиот викенд по ред од антивладините протести во земјата. Илјадиници продемократски активисти го блокираа сообраќајот во центарот на градот негирајќи ја полициската забрана за одржување на маршеви.
Протестите беа предизвикани од законот за екстрадиција, со што се овозможува осмничените за различни дела да им се предадат на централните власти на Кина, со што според критичари, им се загрозуваат нивните права.
Законот беше суспендиран, но демонстрантите бараат и избори, распуштање на сегашното законодавство и истрга за наводната полициска бруталност. Протестите се најсериозната политичка криза со која се соочила земјата во последните децении.
Украина со протест на посетата на Путин на Крим
Украинското министерство за надворешни работи упати протест за посетата на рускиот претседател Владимир Путин на полуостровот Крим нарекувајќи ја „грубо кршење“ на суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата.
„Обидите на руската страна и мас-медиумите да ги опишат ваквите„ посети “како„ обични “домашни патувања на руските службеници се залудни“, се наведува во изјавата на министерството, додавајќи дека Крим е „составен дел“ на Украина.
Путин вчера беше прикажан на државната телевизија во кожна јакна на мото-шоу организирано од мотоциклистичкиот клуб „Ноќни волци“ во Севастопол на Крим.
Тајфунот Лекима однесе 22 животи во Кина
Најмалку 22 лица загинаа, а 10 се водат за исчезнати во источна Кина по лизгање на земјиштето предизвикано од тајфун поради кој беа евакуирани повеќе од милион лица. Тајфунот Лекима предизвикал тропска бура и ветрови со брзина од 187 километри на час.
Од Шангај биле евакуирани 253 илјади луѓе, а илјадници летови беа откажани. Речиси 200 возови кои поминуваат низ градот Јиан во покраината Шандонг се откажани до утре.
Саудиската коалиција со напади на сепаратистите во јужен Јемен
Воената коалиција предводена од Саудиска Арабија спровела напади врз сепаратистите во јужен Јемен откако тие ја преземале контролата врз пристаништето во Аден. Коалицијата ги повика сепаратистите на Јужниот транзиционен совет да се повлечат од градот или ќе се соочат со понатамошни напади.
Сепаратистите ја преземаа контролата врз Аден по недколку дневни борби со силите лојални на владата на претседателот Абд Рабу Мансур Хади, чие седиште е во главниот саудиски град Ријад. Владата на Хади го нарече преземањето на Аден државен удар. Повеќе од 70 луѓе, меѓу кои и цивили загинале во борбите.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете