Достапни линкови

Вести

Европските земји ја повикаа Северна Кореја на разговори со САД

илустрација
илустрација

Велика Британија, Франција и Германија ја повикаа Северна Кореја да се вклучи во „значајните“ разговори со Соединетите држави. Тие исто така соопштија дека меѓународните санкции мора да бидат целосно спроведени се додека Пјонгјанг не ги отстрани своите нуклеарни и балистички ракетни програми.

„Ја повикуваме Северна Кореја да преземе конкретни чекори кон целосна, проверлива и неповратна денуклеаризација и да се вклучи во преговори со Соединетите држави“, им рече на новинарите британската амбасадорка во ООН, Карен Пирс.

Пирс зборуваше по состанокот со затворени врати организиран од Советот за безбедност на ООН, кој беше свикан поради последното лансирање на ракета од Северна Кореја. Војската на Јужна Кореја вчера соопшти дека Северна Кореја испукала два балистични ракети со краток дострел од нејзиниот источен брег и дека и двете ракети патувале околу 250 километри на максимална надморска височина од 30 километри.

Ова е втор тест за помалку од една недела, спроведен додека разговорите со САД за нуклеарно оружје се стопирани.

Кинеската војска ги предупреди жителите на Хонгконг за протестите

илустрација
илустрација

Kомандантот на кинеската армија во Хонгконг по првпат ги коментираше протестите во оваа поранешна британска колонија предупредувајќи ги дека немирите сериозно го загрозуваат животот и безбедноста на луѓето и не треба да се толерираат, објави британски „Гардијан“.

Тoj исто така порача дека кинескиот гарнизон е одлучен да го заштити националниот суверенитет, безбедност, стабилност и просперитет на Хонгконг. Властите во Хонконг во текот на неделава покренаа обвиненија за 42 демонстранти, кои беа ослободени со кауција.

Протестите во Хонгконг кои се одвиваат осум последователни недели беа предизвикани од предлогот на тамошните власти за екстрадиција на осомничени сторители во Кина.

Поради ебола, Руанда ја затвори границата со Конго

илустрација
илустрација

Руандските власти ја затворија границата со Конго, освен за државјаните на Конго кои ја напуштаат нивната територија. Границата е затворена меѓу градот Гома, каде што беше потврден уште еден случај со ебола оваа недела и Гисени во Руанда.

Канцеларијата на претседателот на Конго ја осуди одлуката на Руанда, истакнувајќи дека е спротивна на советите на Светската здравствена организација за борба против болеста.

Руанската министерка за надворешни работи, Оливија Ндунгиреја потврди за Ројтерс дека границата е затворена, но не може да зборува за детали што спаѓаат во надлежност на Министерството за здравство.

Навални тврди дека бил отруен

Алексеј Навални
Алексеј Навални

Притворениот руски опозициски активист Алексеј Навални поднесе официјална жалба до руските власти во која тврди дека бил отруен во неделата, напиша неговиот адвокат Вадим Кобзев на социјалните медиуми. Навални беше однесен во болницата поради „сериозно отекување на лицето и црвенило на кожата“. Тој беше ослободен од болницата во понеделникот и вратен во 30-дневен затвор порадиубедување на луѓето да учествуваат во „недозволен протест на опозицијата“.

АП соопшти дека Навални поттикнал на протести антивладините демонстранти, кои протестираа против исклучувањето на независните кандидати од изборите за Градскиот совет на 8 септември. ЕУ ги осуди апсењата и употребата на сила за време на протестите во главниот град на Русија, Москва.

Рускиот ОВД-Инфо, кој ги следи полициските апсења во земјата од 2011 година, соопшти дека скоро 1.400 луѓе биле приведени на протестот, што е најголем број апсења на протест забележан во последните десет години.

Заев и Борисов положија цвеќе пред обновен споменик на бугарски генерал

Зоран Заев и Бојко Борисов во Дојран
Зоран Заев и Бојко Борисов во Дојран

Во рамки на посетата на бугарската владина делегација предводена од премиерот, Бојко Борисов, денеска во Дојран се одржа церемонија на откривање на обновениот споменик на генералот на бугарската армија, Константин Каварналиев, којшто го одбележува неговото вечно почивалиште. Двајцата премиери Заев и Борисов оддадоа почит и положија свежо цвеќе пред споменикот, а потоа дадоа кратки изјави за медиумите.

Премиерот Заев во својата изјава во врска со настанот кажа дека почитта за културното и историското наследств е директна обврска од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и претставува израз на пријателството и блискоста меѓу двете земји.

Неговиот бугарски колега, Борисов, зборуваше за големото историско значење на ликот и делото на генералот Константин Карванлиев и за можноста овој споменик да биде мост на поврзување на граѓаните од двете земји.

Членките на ЕУ утре ќе се изјаснат за кандидатот за шеф на ММФ

Членките на Европската унија (ЕУ) утре ќе гласаат за кандидат за директор на Меѓународниот монетарен фонд бидејќи разговорите за поддршка на едно лице беа неуспешни, изјави неименуван официјален претставник од француското министерство за финансии. Според него се разгледуваат пет кандидати, иако гласањето ќе се одржи во петок, така што новата британска администрација ќе има време да номинира кандидат доколку сака.

„Министрите на ЕУ се согласија да продолжат со гласањето и во неколку рунди доколку е тоа потребно за да најдат европски кандидат“, рече официјалниот претставник.

Управниот совет на Европската централна банка на 25 јули ја одобри номинацијата за директор на ММФ Кристин Лагард за нов шеф на главната монетарна институција на ЕУ. Лагард ќе одговара на прашања од пратениците во Европскиот парламент кон крајот на септември или почетокот на октомври, но тоа тело не може да ја блокира номинацијата. Тоа беше предложена од премиерите на земјите од еврозоната.

Советот на Европа, составен од претседатели и премиери на ЕУ, мора официјално да го потврди именувањето.

Мета подготвен за оставка само ако го замени Мејдани

Илир Мета
Илир Мета

Албанскиот претседателот Илир Мета на попладневната прес конференција изјави дека е подготвен да даде оставка од функцијата доколку тоа од него го побара премиерот Еди Рама, но под услов на негово место да дојде Реџеп Мејдани. Унверзитетскиот професор Мејдани (75), беше шеф на албанската држава во периодот 1997 до 2002 година.

„Доколку побара премиерот, јас сум подготвен да се откажам од функцијата Претседател на државата и да се кандидирам за претседател на 13 октомври, но само под услов во оваа канцеларија да дојде лице со интегритет кој бил во оваа канцеларија и докажал дека заштитата на националниот интерес е пред се, како што е професорот Мејдани. Тој е човек кој неколкуте прашања ќе ги брани подобро и од мене“, рече Мета.

Тој е со став дека ако изборите не се одржат на 13 октомври, според неговата последна уредба, тогаш, според него, Албанија нема шанси да отвори преговори со Европската унија. Мета ги повика страните да не се преправаат дека не гледаат дека кризата се продлабочува, да седнат и погледот да го насочат на 18 октомври, кога ќе се процени дали ќе се отворат преговори со Албанија.

Ременски: Обвинителството нека ја истражи мојата улога во невладината на Боки 13

Фросина Ременски
Фросина Ременски

Потпреседателката на Собранието, Фросина Ременски, на својот профил на „Фејсбук“ објави дека нема ништо против Обвинтелството да ја истражи нејзината улога во невладината на Бојан Јовановски.

„Да не ги оставам загрижени оние од ВМРО-ДПМНЕ, кои здушно ме прозиваат на пресови деновиве пред утрешната скара, продолжен викенд или излив на патриотизам за празникот 2 Август – Илинден… Добро сум, ич да не се секирате! Немам ништо против, напротив, ОЈО за организиран криминал и корупција да испита каква е мојата почесна функција во навладината организација на Бојан Јовановски (Боки 13). Стојам на располагање да им појаснам сè што ги интересира или за сè што имаат дилема“, напиша Ременски.

Според неа “секое ставање на нејзиното почесно членство во невладина организација во контекст на актуелниот случај „Рекет“ е очајнички обид на „државнички поставената опозиција“ да фрли партиска боја на случајот кој треба да добие разрешница, без навивање од партиски трибини и трибуни“.

Холандија забрани носење бурки и нихаб на јавни места

илустрација
илустрација

Од денеска во Холандија стапи во сила закон со кој се забранува да се носи облека која го прекрива лицето, како што се бурки и нихаб и тоа во јавниот сообраќај, владините згради, здравствените и образовните институции, објавија новинските агенции. Холандија, која долго се смета за бастион на толеранцијата и верските слободи, е последна во низата европски земји кои воведоа таква забрана, пренесе „АП“. Пред Холандија, ваков закон беше донесен во Франција, Германија, Белгија, Австрија и Данска.

Муслиманските групи за човекови права се спротивставија на законот чиешто официјално име е „делумна забрана за облека која го прикрива лицето“. Исламската политичка партија од Ротердам најави дека ќе плати казна од 150 евра за секој кој ќе биде фатен дека го прекршил законот.

Баздникин: Соработката со Северна Македонија е одлична, но може да биде и подобра

Рускиот амбасадор во Северна Македонија, Сергеј Баздникин
Рускиот амбасадор во Северна Македонија, Сергеј Баздникин

„Соработката на Руската федерација и Република Северна Македонија е одлична, но може да биде подобра. Работиме со вашата влада за да ја подобриме соработката во областите кои одговараат на заедничките интереси“. Ова денеска го изјави рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин, во Прилеп.

Рускиот амбасадор денеска беше во Прилеп, по повод 1 август, Денот на сеќавањето во Русија, каде на Германските гробишта, во организација на амбасадата на Руската Федерација, им беше оддадена почит на загинатите руски војници од Првата светска војна, пред споменикот на гробиштата.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG