Вести
Мицотакис станува новиот премиер на Грција
Со пребројани 33,45% од гласовите, грчката изборна комисија соопшти дека во водство е партијата Нова демократија. Според нивните податоци, како што јавува новинската агенција МИА, Нова Демократија е победник на предвремените парламентарни избори во Грција, со 8,5% разлика во однос на СИРИЗА и доволен број пратеници за да формира еднопартиска влада. Според овие податоци Нова Демократија освои 159 пратенички места додека Сириза пак освоила 85.
Според досега преброените гласови, Златна зора не успева да обезбеди место во грчкиот парламент, бидејќи за 0,01% не ја достигнува границата од 3%, нешто што може подоцна да се промени.
Лидерот на Нова демократија утре ќе положи свечена заклетва со што и официјално ќе стане премиер на Грција, јавува МИА. Според нивните информации досегашниот премиер Алексис Ципрас веќе телефонски му честитал на Мицотакис и го информирал дека утре го чека да ја посети премиерската палата за примо-предавање на функцијата.
Албанија го откажа учеството на Самитот на СЕЕЦП во БиХ во знак на солидарност со Косово
Министерот задолжен за Европа и надворешни работи, Гент Цакај, објави дека Албанија нема да учествува на самитот на СЕЕЦП, организиран од Босна и Херцеговина.
На социјалната мрежа „Твитер“, тој напиша дека третманот на организаторите кон Косово е неприфатлив, дека е против стремежот да се создаде атмосфера на доверба, добрососедски односи и стабилност. Цакај уште додава дека не може да има соработка без еднаков третман.
„Албанија го откажа своето учество на Самитот на СЕЕЦП во знак на солидарност со Косово. Неговото третирање од страна на организаторите е неприфатливо и не е во насока на создавање атмосфера на доверба, добрососедски односи и стабилност. Не постои соработка без еднаков третман. Стоиме заедно“, напиша албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Цакај, кој е од Косово.
Според албанските медиуми, вчера претседателот на Косово, Хашим Тачи, информирал дека добил покана да присуствува на самитот, но со објаснувачка забелешка пред името на Косово, за разлика од другите држави. Тачи навел дека Косово ја одбило поканата.
Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (СЕЕЦП), со кој претседава Босна и Херцеговина, се одржува утре и задутре во Сараево, а ќе учествуваат шефови на држави и влади на земјите – учеснички во Процесот.
Aкредитирани 320 грчки и странски новинари за изборите во Грција
За следење на предвремените парламентарни избори во Грција од специјално уредениот прес-центар во салата за конференции „Запио“, акредитирани се 320 новинари, фоторепортери, странски дописници и екипи од телевизии, јави дописничката на МИА од Атина.
Освен домашните, грчките новинари, изборниот процес ќе го следат и странски медиуми од 15 земји меѓу кои и Македонија, Германија, Франција, Кипар, Чешка, Италија, Шпанија, Бугарија, Албанија, Велика Британија, САД, Кина, Јапонија, Венецуела,
Прес-центарот е отворен од утрово, а новинарите можат да ги следат грчките и европските телевизии.
Лидерите на политичките партии имаат можност по објавувањето на резултатите од изборите на јавноста да ѝ се обратат или од нивните партиски штабови или токму од салата за конференции каде што е прес-центарот.
Заев за белградска „Политика“: Односите со Србија се традиционално добри и се движат во нагорна линија
Премиерот Зоран Заев смета дека односите со Србија се традиционално добри, оти се движат во нагорна линија, како и дека поканата на српскиот претседател Александар Вучиќ на отворањето на новиот автопат кај Грделичката Клисура преставува потврда на овие негови ставови.
„Со српската премиерка Ана Брнабиќ наскоро ќе започнеме уште една соработка во сферата на дигиталните сервиси и веб страниците на владата“, изјавил Заев во разговор за утрешна „Политика“.
Според него, Србија и Северна Македонија имаат исти цели, меѓу кои, како што рекол, најважни се постигнување и вкоренување на европските вредности, што, според него, само ќе се интензивира во наредниот период.
Коментирајќи ги сомневањата дека западните лидери не ги исполниле своите ветувања кога е во прашање европската перспектива на земјава, Заев вели дека во Извештајот на ЕК за годинава Северна Македонија е „блескав пример“ и оти посебно е назначено дека Договорот од Преспа преставува пример за решавање на споровите во регионот, но и пошироко.
Премиерот Заев смета дека демократската меѓународна јавност е подеднакво свесна за потребата од „задржување на фокусот на проширувања кај сите земји од Западен Балкан“.
„Обврска на сите држави кои се дел од ЕУ и оние кои имаат аспирации за влез, е да се трудат со заеднички сили да го поддржат процесот на интеграција на целиот регион и дека тоа единствоно може да донесе и да одржи мир, стабилност и подобра перспектива за сите“, вели Заев во разговорот за „Политика“.
Албанската опозиција повикува на масовност за утрешниот протест
Лидерите на двете главни партии во обединетата албанска опозиција, ги повикаа граѓаните да учествуваат на протестите на 8 јули, додавајќи при тоа дека нема да преземаат ни чекор назад по барањето за заминување на премиерот Еди Рама.
Лидерот на најголемата опозициска сила, Демократската партија (ПД), Љуљзим Баша, опозициската битка ја нарече соочување со инкриминираната влада, додека претседателката на третата по големина партија во земјата, опозициското Социјалистичко движење за интеграција (ЛСИ), Моника Круемади рече дека крајната цел е да се гарантира слобода на гласот.
Двајцата повикаа на масовно учество на 10-от „национален протест“ закажан за на 8 јули.
Десеттиот „национален протест“ на обединетата албанска опозиција се одржува во ист ден, кога албанскиот парламент, во 17:00 часот почнува седница, со единствена точка на дневен ред, формира анкетна комисија која треба да испита дали претседателот Илир Мета го прекршил Уставот со уредбата за одложување на локалните избори, како последователен чекор за негово разрешување.
ВМРО-ДПМНЕ го обвинува директорот на Агенцијата за разузнавање, Пендаровски бара Антикорупциска да ги провери наводите
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу спроведува политичка елиминација на целокупниот оперативен кадар на Агенцијата. Партискиот портпарол Наум Стоилковски рече дека, според нивните сознанија, Муслиу за негов помошник го назначил Васко Шутаров, лице кое досега било ангажирано како проектен истражувач на НВО „Нексус“, која е регистрирана на домашната адреса на Муслиу, а неговата сопруга била претседател на организацијата. За опозициската партија, ова е класичен судир на интереси и ја повикаа Антикорупциската комисија да го провери овој случај.
Кабинетот на Претседателот во одговорот на овие обвинувања побара Државната комисија за спречување на корупцијата веднаш да ги провери овие наводи. Од Кабинетот укажуваат и на политичка одговорност од, како што потенцираат, објавување непроверени и шпекулативни информации кои можат да го нарушат угледот на безбедносните служби на државата, „особено во период кога земјите сојузници од НАТО ја спроведуваат постапката за ратификација на Протоколот за членство“.
Харадинај – Благодарам Бојко за ставот кон Косово
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај му се заблагодари на својот бугарски колега Бојко Борисов за, како што вели, принципиелниот став кон Косово и неговото право да биде дел од европското семејство, јави дописникот на МИА од Приштина.
Харадинај на својата страница на Фејсбук напиша дека одлуката идниот самит на земјите од Западниот Балкан да се одржи во Бугарија и Северна Македонија го прави Берлинскиот процес уште позначаен за регионот.
„Косово е битен дел на овој процес и стои на страната на сојузниците како додадена вредност на интегрирањето на регионот во Европската унија. Меѓусебното признавање со Србија во постојните граници би ги отворило нашите перспективи. Силно ја поддржувам визијата на премиерот Борисов за сеопфатна Европа, која ги надминува менталитетите од минатиот век, менталитети кои предизвикаа трагедии и исклучивост. Без вклучување на сите држави на Западниот Балкан како составен дел на европското семејство, ЕУ нема да биде целосна. Благодарам Бојко“, напиша Харадинај.
Ципрас повикува на излезност, Мицотакис со порака граѓаните да ја земат судбината во нивни раце
И последниот глас може да биде одлучувачки. Одлучуваме за нашиот живот, напиша рано утрово грчкиот премиер Алексис Ципрас на неговиот официјален Твитер профил, кусо откако беа отворени гласачките места во Грција , јави дописничката на МИА од Атина.
Лидерот на СИРИЗА, ги повика граѓаните, денеска, масовно, да излезат на гласање.
„Денес битката ја водиме од првата до последната минута. Со оптимизам и решителност. Гласачките кутии се празни и сите можности се отворени. Одлуката на секој и на секоја е она што ќе го одреди резултатот. Ќе го одреди текот на нашата земја во следните четири години, но и нашите животи. Никој да не биде отсутен. И последниот глас може да биде одлучувачки. Одлучуваме за нашиот живот“, напиша Ципрас на Твитер.
Слогани за поддршка и слогани против Нова демократија го пречекаа Кирјакос Мицотакис пред средното училиште во населба во западниот дел на Атина во кое утрово го оствари правото на глас. Мицотакис по гласањето испрати порака дека Грците денеска треба да ја земаат судбината во нивни раце.
„Изборите се голем празник на демократијата. Стојам исправен, со почит пред изборот на граѓаните. Денес, Гркинките и Грците ја земаат во нивни раце судбината на земјата и сигурен сум дека утре, за нашата татковина ќе се раздени подобар ден“, рече Мицотакис во изјавата за медиумите.
Самоубиствен бомбашки напад во очи мировните преговори за Авганистан
Десетици авганистански делегати, меѓу нив политички личности, жени и други засегнати страни, присуствуваат на Конференција за интраавганистански дијалог во Катар, на која се вклучени и преговарачи од талибанците.
Само неколку часа пред почетокот на собирот во Доха, милитантната група ја презеде одговорноста за самоубиствениот бомбашки напади во авганистанскиот град Газни, во кој загинаа најмалку шест луѓе, а беа повредени повеќе од 150.
Нападот рано утрово бил наменет за безбедносните служби, но многу од жртвите се студенти од блиското училиште, објавија авганистанските власти.
Пред конференцијата, Сухаил Шахин, претставник на талибанците, изјави дека учесниците ќе ги споделат своите лични ставови за тоа како да постигнат мир во Авганистан. Талибанците соопштија дека испратиле 17 претставници на конференцијата, додека авганистанската влада е исклучена од собирот.
Бугарскиот амбасадор повикан во српското МНР
Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, синоќа изјави дека според неговата наредба, бугарскиот амбасадор бил повикан на разговор во Министерството за надворешни работи. Тој вели дека Србија со Бугарија како соседна земја сака добри, пријателски и сојузнички односи.
„Како што имаме разбирање за прашањето за бугарскиот национален идентитет, јазикот или Гоце Делчев, исто така очекуваме разбирање за важноста на косовското прашање за српскиот народ. Затоа, оваа изјава на бугарскиот премиер не се однесува на прашањето за квотата за риболов или квалитет на српско сирење во преговорите со Европската унија, туку се осврнува на прашањето за територијалниот интегритет на Србија”, нагласува Дачиќ во изјава доставена на Танјуг.
Како што истакна, ваквите изјави мора да бидат прецизни, бидејќи не е точно дека целата Европска Унија има единствен и заеднички став за независноста на Косово.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете