Достапни линкови

Вести

Тело на загинат во бродската несреќа во Будимпешта пронајдено на 60 километри низводно во Дунав

Архивска фотографија: Обиди за извлекување на потонатиот брод во Будимпешта
Архивска фотографија: Обиди за извлекување на потонатиот брод во Будимпешта

Унгарската полиција соопшти дека е идентификувана и 27-та жртва на бродската несреќа во Дунав која се случи во центарот на Будимпешта во мај, која по судирот со брод за крстарење потона бротче до туристи од Јужна Кореја.

Телото на една жена, жртва од несреќата, е извлечено од Дунав во селото Макад, 58 километри низводно од местото на несреќата.

Претходно беа пронајдени 26 тела, 24 на Јужнокорејци и две на унгарски членови на екипажот на потонатиот брод. Уште еден Јужнокореец се води како исчезнат, а седуммина се спасени.

Украинскиот капетан на бродот за крстарење, кој се сомничи дека го предизвикал судирот, засега е единствен осомничен за несреќата и после притворот е пуштен да се брани од слобода со полициски надзор.

Потонатиот брод беше извлечен од Дунав на почетокот на јуни.

Погребани руските морнари кои загинаа во пожар на подморница

Погреб на руските морнари во Санкт Петерсбург
Погреб на руските морнари во Санкт Петерсбург

Во Русија денеска беа погребани 14-те морнари кои загинаа во пожар на една руска воена подморница. На церемонијата присуствуваа и државни и воени претставници. Морнарите беа погребани на гробиштата во Санкт Петерсбург со воени почести.

Властите не им дозволија на медиумите да присуствуваат на опелото во блиската црква, ниту на погребот, каде што присуствуваа високи воени и морнарички офицери.

Воените и владините претставници соопштија само оскудни информации за инцидентот во Баренцовото Море во кој загинаа морнарите на 1 јули. Ова е најлошата подморничка несреќа во земјата во изминатите години.

Официјалните претставници не соопштија која нуклеарна подморница се запалила, но медиумите објавија дека тоа била подморницата Лошарик за тајно набљудување и истражување.

Министерството за одбрана објави дека морнарите загинале од отровните гасови од пожарот и дека во несреќата има и преживеани, но не соопшти колкумина. Неколкумина од загинатите се офицери на високи позиции, што укажува дека подморницата можеби спроведувала нови маневри или тестирања.

На новинарите им беше дозволено да го посетат гробиштата по завршувањето на погребот.

Морнарите биле погребани во близина на гробницата на некои од загинатите морнари од подморницата Курск, која потона во 2000 година, при што загинаа сите 118 морнари. Тоа беше најголемата подморничка несреќа во Русија.

Заев - Да ги видам аргументите и снимките, па ќе одлучам дали ќе барам оставка од Рашковски

Архивска фотографија: Генералниот секретар на Влада, Драги Рашковски и премиерот Зоран Заев
Архивска фотографија: Генералниот секретар на Влада, Драги Рашковски и премиерот Зоран Заев

Дали секретарот на Владата Драги Рашковски ќе понесе одговорност и ќе треба да поднесе оставка, премиерот Зоран Заев ќе одлучи откако ќе ги слушне снимките и ќе ги разгледа документите по втората објавена „бомба“ за случајот со „М-НАВ“.

„Јас таму видов дека се спомнуваат некои записници, што само по себе потврдува што е суштината на самите состаноци, но дозволете ми да ги видам аргументите, да ги видам снимките. Јас внимателно ја следам јавноста за сите овие постапки. Секако стојам на ставовите дека, како што реков, не треба никој што добил задача, чест и одговорност да извршува јавна функција или да биде сервис на граѓаните да биде, на некој начин, боксерска вреќа“, рече Заев, одговорајќи на новинарски прашања по средбата во Општина Штип со министерот за земјоделство Трајан Димковски и градоначалникот Благој Бочварски.

Зев потенцира дека доколку Рашковски се огрешил, има закони според кои ќе одговара но, има, како што додаде, и етички дел, „треба да се знае каде поминува границата или не“.

„Транспарентен сум, секој ден сум на располагање и ги коментирам случаите и мислам дека така заздравува и се усовршува Република Северна Македонија и сите институции и општеството и ние како граѓани, напомена премиерот.

Синоќа беше објавен нов снимен разговор на кој се слуша гласот на генералниот секретар на владата, Драги Рашковски, како разговара за тендер за набавка на радарска опрема за М-НАВ. Порталот Лидер, кој го објави разговорот, тврди дека се работи за разговор на местење тендер.

Првиот прислушуван разговор го објави порталот Експрес. Рашковски тврди дека нема никакво местење тендер, затоа што тендерот бил завршен за време на претходната влада. Заев тогаш рече дека нема да го разреши Рашковски.

Најмалку 14 загинати во ракетен напад на пазар во Авганистан

Повреден по нападот на пазарот во Авганистан.
Повреден по нападот на пазарот во Авганистан.

Најмалку 14 луѓе загинаа, а неколку десетици се повредени во ракетен напад врз еден пазар на северот на Авганистан, соопшти тамошната војска, која за нападот ги обвини талибанците.

Милитантите веројатно гаѓале воен контролен пункт во близина на пазарот во провинцијата Фарјаб, наведе војската.

„Во нападот загинаа 14 цивили, а околу 40 се повредени, меѓу кои и жени и деца“, се наведува во нивното соопштение.

Талибанците засега не го коментираат нападот.

Бунтовниците секојдневно ги напаѓаат авганистанските безбедносни сили, иако во тек се мировни преговори со САД за окончување на судирите во земјата.

Авганистанските безбедносни сили се борат против талибанците од 2014 година, кога САД и НАТО официјално за завршија мисијата во таа земја.

По повлекувањето, САД планираа да остават само околу 1000 војници, но поради влошување на состојбата, во Авганистан останаа околу 8400 американски војници.

Нова демократија фаворит, Ципрас се надева на пресврт

Грчкиот премиер и претседател на СИРИЗА, Алексис Ципрас
Грчкиот премиер и претседател на СИРИЗА, Алексис Ципрас

Последниот ден од предизборната кампања, само неколку часа пред молкот, грчкиот премиер и претседател на СИРИЗА, Алексис Ципрас, одржа митинг во центарот на Атина.

Лидерот на владејачката партија на неколку пати во неговите интервјуа за грчките медиуми порача дека „во натпреварот е можен пресврт“, односно дека СИРИЗА може да направи пресврт на изборите в недела, во однос на резултатот од европските избори.

Алексис Ципрас во неговиот говор се осврна и на Договорот од Преспа, велејќи дека сега, Грција на северната граница има „земја пријател и сојузник, а не непријател“.

Грчкиот премиер, во обраќањето од Синтагма, на граѓаните, пред тие да решат за кого ќе го дадат нивниот глас на изборите им ја постави дилемата, да размислат каква била ситуацијата во земјата во 2014 односно пред доаѓањето на СИРИЗА на власт и каква е сега, јави дописничката на МИА од Атина.

Според сите истражувања на јавното мислење во Грција, објавени во предизборниот период, СИРИЗА, на утрешните избори ќе биде поразена од најголемата грчка опозициска партија Нова демократија.

Мировни преговори за Авганистан

Архивска фотографија: Американски, катарски и талибански претставници на мировни разговори за Авганистан во Доха
Архивска фотографија: Американски, катарски и талибански претставници на мировни разговори за Авганистан во Доха

Авганистанската делегација составена од десетици луѓе од политичката елита и невладиниот сектор од земјата го напушти Кабул и замина на мировни разговори во Доха. Делегацијата, во која нема владини претставници, треба да се сретне со претставници на талибанците за време на дводневната Конференција за интраавганистански дијалог, која почнува утре.

Средбата, организирана од Катар и Германија, следува по одделните разговори меѓу талибанците и американски дипломати за постигнување на договор со кој ќе се нагласи повлекувањето на американските и војниците на НАТО и безбедносни гаранции од талибанците за постконфликтниот Авганистан.

Неименуван американски претставник за новинската агенција Асошиејтед прес изјави дека последната рунда разговори со талибанците била „многу продуктивна“. Тој негирал дека Вашингтон бара фиксирање на крајниот рок за повлекување на војската од Авганистан. Одговарајќи на временската рамка која ја споменуваат талибанците, тој вели дека американската делегација „дефинитивно не понудила“ повлекување за 18 месеци, како дел од мировниот договор.

Претставници на талибанците досега одбиваат директно да разговараат со владата во Кабул, која има поддршка од западот. Американските претставници бараат договор за прекин на огнот и целосни преговори меѓу талибанците и авганистанската влада пред финализирање на каков било мировен договор.

Aвтопатот Миладиновци-Штип по еден месец возење и официјално пуштен во употреба

Архивска фотографија од градежни активности на автопатот Миладиновци - Штип
Архивска фотографија од градежни активности на автопатот Миладиновци - Штип

Автопатот Миладиновци – Штип денеска официјално беше пуштен во употреба. Но по новиот автопат веќе еден месец се одвива сообраќај. На денешната церемонија кај Свети Николе во присуство на премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов и амбасадорката на Народна Република Кина, Јин Лисјен.

„Оваа нова автопатска врска Миладиновце-Свети Николе-Штип е исклучително важна за рамномерниот регионален економски развој. Се обезбедуваат услови за поефикасен и побрз транспорт на стоки, производи, луѓе, што е многу важен предуслов инвеститорите да ја мапираат земјата како стабилна и долгорочна бизнис дестинација која нуди услови за сигурност и мултиплицирање на нивниот профит“, рече премиерот Заев.

Тој рече дека ЈП за државни патишта планира пошумување на косините на автопатот со 600 илјади садници багрем на површина од 30 хектари.

Вкупната должина на автопатот изнесува 47 километри со два коловози. Овој автопат има седум клучки кај Миладиновци, Средно Коњаре, Преот, Свети Николе-север, Свети Николе-југоисток, Кадрифаково и Три чешми.

Градежните активности на автопатот Штип – Миладиновци се одвивале вкупно 4 години и 8 месеци, од мај 2014 до декември 2018 година. На оваа автопатска делница првично имала вредност од 226,7 милиони евра, но направена е заштеда од 44 милиони евра со што овој автопат е реализиран со вкупно 177,3 милиони евра.

Изградбата на автопатот ја почна претходната Влада, во февруари 2014 година и според проектот и плановите тој требаше да биде готов до март 2017 година. По промената на власта надлежните институции соопштија дека има бројни пропусти во изградбата и незавршени активности, по што беа склучени два анекса на Договорот за изградба со изведувачот кинески „Синохидро“.

Од М-НАВ тврдат дека безбедноста на воздушната пловидба е на највисоко ниво

Илустрација
Илустрација

Безбедноста на воздушната пловидба во однос на активностите кои М-НАВ ги врши е на највисоко ниво. М-НАВ АД Скопје ги следи пропишаните процедури во врска со сите настани и тие по соодветно испитување од страна на внатрешните служби и надворешните комисии, ги имплементира, се наведува во соопштението од Надзорниот и Управниот одбор на М-НАВ АД Скопје во врска со последните написи и објавените аудио снимки во јавните гласила.

Во однос на настанот од месец септември 2018 година, губење на радарска слика, од М-НАВ АД Скопје информираат дека се случил поради непостапување согласно пропишаниот протокол за изведување на системското тестирање и процедурите за системска интеграција од страна на учесниците во него.

Од М-НАВ АД Скопје велат дека постапки на системско тестирање и интеграција од месец септември 2018 година до денес редовно се изведуваат, но со почитување на постапките за тестирање и процедурите за интеграцијата и истите се комплетирани безбедно.

Во соопштението е посочено дека за овој настан веднаш биле информирани сите надлежни институции. Конечниот извештај од настанот веќе е доставен и разгледан на затворена седница на Влада и од истиот имаме заклучоци по кои веднаш постапуваме, велат од М-НАВ.

Од компанијата велат дека со снимениот разговор на состанокот во канцеларијата на Генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија, на кој присуствуваале и претставници на М-НАВ АД и Леонардо, на 18.10.2018 година, е доведена во заблуда целокупната јавност во државата, а со тоа, како што наведуваат, е нанесена и штета на угледот на М-НАВ, како во домашната, така и во меѓународната јавност..

Од М-НАВ АД Скопје велат дека ќе соработуваат со сите органи во земјата и ќе ги достават сите барани документи во постапките кои се водат или ќе бидат водени.

Брегу побара „Шенген“ механизам за слобода на движењето на Западниот Балкан

Самитот за Западен Балкан во Познањ
Самитот за Западен Балкан во Познањ

Механизам сличен на Шенген од државите на Западниот Балкан побара генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка(РСС) Мајлинда Брегу, укажувајќи дека недоволно се експлоатираат можностите за регионалната соработка.

„Граѓаните на Западниот Балкан треба слободно да се движат со лична карта, а регионот треба да ги отстрани структурните пречки за трговија и инвестиции. Време е во регионот да се примени механизам сличен на Шенген, за да се овозможи патување во целиот регион и да се отвора пат за постепено минување на слободно движење на граѓаните. Слободата на движење е основен предуслов за регионалните економски интеграции, а РСС е подготвен да ја преземе одговорноста, изјави Брегу на Самитот на лидерите на Западниот Балкан во Познањ.

Резултатите од Самитот, како што соопшти РСС, се регионална Декларација за заемно признавање на високошколските квалификации, што ќе им овозможи на младите да имаат полза од моделот на автоматско признавање на дипломите и период на студирање на високошколски установи, како и Декларацијата за Ромите, со која Западниот Балкан се обврзува да работи решително за целосна интеграција на ромското население во регионот.

РСС е еден вид оперативно тело на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, чиј основач и член е и Македонија, а од страна на лидерите на Западниот Балкан и ЕУ му е доверена и улогата на координатор за спроведување на задачите и целите од Повеќегодишниот акциски план за заеднички економски простор.

Најмалку двајца загинати во експлозија на бомба во Авганистан

Илустрација: Градот Газни во Авганистан
Илустрација: Градот Газни во Авганистан

Најмалку двајца луѓе загинаа, а околу 20 се ранети во експлозија на бомба во шиитска џамија во градот Газни во Авганистан, објавија тамошните власти.

Експлозијата се случила синоќа, кога џамијата Мохамедија околу 70 верници кои присуствувале на вечерната молитва. Се претпоставува дека бомбата била претходно подметната.

Во последно време има жестоки судири меѓу владините сили и талибанците во Газни. Сепак, талибанците негираат вмешаност и го осудија нападот врз џамијата. Локалните власти се сомневаат дека зад нападот стои Исламската држава(ИД), која има ограничено присуство во градот.

Исламската држава се сомничи и за уништувањето на светилиштето Шамс Сахиб западно од Газни во мај.

Во последните месеци полицијата во градот уапси неколку луѓе за поврзаност со ИД.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG