Достапни линкови

Вести

Трамп со предупредување до Кина за трговскиот договор

Американскиот претседател Доналд Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска ја предупреди Кина да не чека до завршувањето на неговиот мандат за финализирање на кој било трговски договор. Според него, доколку победи на претседателските избори и биде реизбран на функцијата во ноември 2020 година, исходот би бил да нема договор или да биде постигнат со полоши услови.

„Проблемот со тоа што чекаат… е дека, ако и кога ќе победам, договорот што ќе го добијат ќе биде многу построг од она за што во моментов преговараме… или воопшто нема да има договор“, напиша Трамп на Твитер.


Белорусија со втора пресуда за смртна казна во 2019 година

Илустрација
Илустрација

Во Белорусија обвинет за двојно убиство е осуден на смртна казна и покрај повторените повици на Европската унија за укинување на смртната казна во земјата. Организацијата за човекови права Вијасна соопшти дека судот го прогласил за виновен Викар Паулау за убиство на две постари жени кон крајот на декември.

Тој пред судот изјави дека се кае за неговото дело. Во јануари белорускиот суд на смртна казна го осуди и 36-годишниот Алиаксандар Асипович за убиство на две девојчиња во 2018 година.


Романскиот министер за внатрешни работи поднесе оставка

Романскиот министер за внатрешни работи Николае Мога
Романскиот министер за внатрешни работи Николае Мога

Романскиот министер за внатрешни работи Николае Мога денеска најави дека ќе поднесе оставка од функцијата по убиството на тинејџерка. Мога кој пред шест дена стапи на должност изјави дека на неговата одлука треба да се гледа како на нов почеток за Министерството за внатрешни работи.

Илјадници Романци излегоа на протести за несовесно постапување на полицијата по убиството на 15 годишна Александра Макесану која три пати се јавила на бројот за итни случаи, кажувајќи дека е грабната од маж. Полицијата по 19 часа ја пронашла куќата на мажот кој ја киднапирал.



Влада: Создадени се финансиски услови за изградба на новиот Клинички центар

Седница на Владата. Архивска фотографија.
Седница на Владата. Архивска фотографија.

Владата по денешната седница соопшти дека создадени се првите конкретни услови, преку обезбедување финансиски средства, за изградбата на новиот клинички центар. Владата на седницата ја усвои Информацијата за начинот на финансирањето и започнување на реализацијата на новиот Универзитетски Клинички центар на гринфилд локација во Скопје.

На владината седница, како што се наведува во соопштението е констатирано, дека доколку сите процедури се одвиваат според предвидената динамика, може да се очекува во текот на зимата да биде поставен камен темелникот на новиот Универзитетски Клинички центар во Скопје, којшто треба да гарантира високо квалитетни здравствени услуги за населението во целата држава.

ОН со апел до Русија да дозволи мирни собири

Седиштето на ОН во Њујорк
Седиштето на ОН во Њујорк

Канцеларијата на Советот на Обединетите нации за човекови права побара од Русија да дозволи мирни собири, констатирајќи дека руската полиција најверојатно употребила прекумерна сила против демонстрантите минатиот викенд, со оглед на тоа што се повредени повеќе од 70 луѓе.

Руската полиција во саботата во Москва уапси повеќе од илјада луѓе за време на протестот организиран од опозицискиот лидер Алексеј Навални, кој беше уапсен пред протестот и му беше одреден 30-дневен административен притвор, бидејќи повикал на учество во недозволен протест.

Лајен: ЕУ може да биде силна само ако е обединета

Новата претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за време на посетата на Хрватска
Новата претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за време на посетата на Хрватска

Новата претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска порача дека нејзините политички цели се да се постигне рамнотежа меѓу истокот и западот, северот и југот, малите и поголемите членки на Европската унија.

„Ако сме обединети, напредни, силни, ако зборуваме со силен европски глас, можеме да успееме“, изјави Фон Дер Лајен пред средбата со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

Таа на функцијата официјално ќе стапи во октомври. Лајен истакна и дека фактот што на почетокот на следната година Хрватска ќе претседава со ЕУ, покажува дека земјата е исклучителна приказна за успехот на Европската унија и оти може да биде пример за други држави.

Џонсон: Британија излегува од ЕУ на 31 октомври без оглед на се

Новиот британски премиер Борис Џонсон
Новиот британски премиер Борис Џонсон

Новиот британски премиер Борис Џонсон денеска му одговори на својот ирски колега, Лео Варадкар, дека Велика Британија ќе ја напушти ЕУ „без разлика на сѐ“, нагласувајќи дека таканаречениот ирски Бекстоп мора да биде отстранет од секој договор за Брегзит.

„Премиерот денеска јасно стави до знаење дека Обединетото Кралство ќе ја напушти ЕУ на 31 октомври без разлика на сѐ. Премиерот јасно порача дека владата ќе пристапи кон преговорите со одлучност и енергија во духот на пријателството“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Џонсон.

Рускиот опозиционер Навални останува во притвор

Алексеј Навални
Алексеј Навални

Судот во Москва денеска го одби барањето на приведениот опозиционер Алексеј Навални за предвремено пуштање на слобода поради здравствени причини. На Навални му е одреден 30-дневен административен притвор, откако минатата среда беше уапсен затоа што повика на учество во недозволен опозициски протест, објавија новински агенции.

Тој во неделата беше примен во болница поради силна алергиска реакција, за која неговиот адвокат и матичен лекар тврдат дека се симптоми на труење во притвор.

Русија и Иран ќе изведат заедничка воена вежба во Ормутскиот теснец

Владимир Путин и Хасан Рохани
Владимир Путин и Хасан Рохани

Русија и Иран наскоро ќе одржат заедничка воена поморска вежба во Ормутскиот теснец, објавија агенциите, повикувајќи се на информациите во руските медиуми. Воената вежба е во согласност со потпишаниот меморандум за разбирање во областа на одбраната.

„Набрзо се очекува заедничка руско-иранска воена вежба во Индиски Океан. Вежбата може да се спроведе и во северниот дел од Индиски Океан, вклучително и во Ормутски теснец“, изјави командантот на иранската воена морнарица Хосеим Ханзади.

Тој додаде и дека се водат преговори за зајакнување на воената соработка во Касписко Море.

Борисов во Скопје на двегодишнината од Договорот за добрососедство

Заев и Борисов заедно ќе положат цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Св. Спас.
Заев и Борисов заедно ќе положат цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Св. Спас.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов на 1 август ќе престојува во посета на Скопје каде што заедно со премиерот Зоран Заев ќе ја одбележат двегодишнината од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка.

Според најавите, Борисов и Заев ќе имаат средба на која ќе го разгледаат напредокот на соработката на билатерален и мултилатерален план, а двајцата премиери ќе учествуваат на церемонијата на полагање цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.

Предвидено е Борисов во Скопје да се сретне и со шефот на државата Стево Пендаровски. Потоа Борисов ќе замине во Дојран, каде со македонскиот премиер Заев ќе го откријат споменикот на полковник Константин Каварналиев.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG