Вести
Кина и порача на Британија да ги тргне рацете од Хонг Конг
Кинески официјални лица изјавија дека Британците заборавиле дека Хонг Конг веќе не е колонија и го предупредија Лондон да ги тргне рацете подалеку од таа територија, ја пренесува Ројтерс изјавата на амбасадорот на Кина во Лондон, Лиу Ксаоминг.
"Во главите на некои луѓе е, тие чувствуваат дека Хонг Конг е се уште под британска власт. Забораваат дека Хонг Конг сега се врати во прегратките на татковината. Овој колонијален начин на размислување се уште ги прогонува некои официјални лица и политичари", изјави кинескиот амбасадор.
Запрашан за коментарите за Хонг Конг од страна на Борис Џонсон, главен кандидат за да ја наследи премиерката Тереза Меј, Лиу изјави дека се надева дека новата британска влада нема да се меша во внатрешните работи на Кина.
"Владата на Велика Британија зачекори во погрешна насока. Не само што имаме слушнато несоодветни коментари, но тие се решија да ги поддржат оние кои ги кршат законите. Јас би сакал да повторам дека Хонг Конг е посебен административен регион на Кина“, изјави Ксаоминг.
Џонсон, претходно изјави дека целосно ги поддржува жителите на Хонг Конг и ја предупреди Кина дека принципот на "една земја, два системи", според кој територијата е контролирана откако Велика Британија и ја врати на Кина во 1997 година, не треба да се отфрли.
Мицкоски: Од Заев и луѓето околу него може да се очекува и да ме приведат
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за Алфа ТВ изјави дека очекува следно сценарио да биде неговото апсење. Говорејќи за последната полициска акција во која беа уаспени десетина лица, меѓу кои и поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски рече дека веќе има план во случај на негово апсење.
„Лично мислам дека дел од тие сценарија ќе биде и проведување на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и на блиските соработници. Апелирам до граѓаните и до луѓето што ќе останат да се борат да не носат одлуки под емоции. Имам разработено јасен план. Свесен сум дека може и до тоа да дојде, сум разговарал и со моето семејство дека од Зоран Заев и од тие околу него може се да се очекува, па и да дојдат да ме приведат. Апел и до луѓето од една специјална единица од МВР кои деновиве се врткаат околу мојата куќа, наводно го набљудуваат школкскиот двор во близина, јас сум подготвен и нема дилема дека знам која е целта на оваа власт“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека Зоран Заев и СДСМ се свесни дека ја губат довербата кај граѓаните поради немање на визија и стратегија како да управува со државата и да работи за доброто на граѓаните, па затоа мора да креира политички прогон и да измислува обвиненија за опозицијата и сите граѓани кои размислуваат различно од нив.
Палестина нема да го поддржи членството на Косово во Интерпол
Палестина нема да гласа за прием на Косово во Интерпол на следното Генерално собрание на Интерпол, објави палестинскиот амбасадор во Белград, Мохамед Набан. Toj се сретна со државниот секретар на министерството за внатрешни работи, Билјана Поповиќ Ивковиќ, на разговори во врска со аргументите на Србија против повторното разгледување на барањето на Косово за членство во Интерпол, се наведува во соопштението на српското министерство за внатрешни работи.
Набан нагласи дека ставот на палестинската влада за непризнавање на Косово останува непроменет и дека Палестина ќе биде на страната на меѓународното право и Србија во однос на прашањето на Интерпол.
Косово аплицираше за членство трипати: во 2015, 2016 и 2018 година, на што остро се противи Србија.
Итен состанок за Либија на Советот за безбедност
Советот за безбедност на ОН денеска ќе одржи итен состанок на кој ќе се разговара за воздушниот напад врз центарот за мигранти во Либија, во кој беа убиени и повредени многу лица, објави Ројтерс.
Состанокот е побаран од страна на Перу, која претседава со Советот, а ќе се одржи зад затворени врати. Членовите на Советот ќе ги известат претставниците на Агенцијата на ОН за бегалци и на Одделот за политички прашања на ОН.
Најмалку 44 лица загинаа во воздушниот напад чија цел била прифатниот центар за мигранти во Таџури, источно од Триполи, доцна синоќа, а околу 130 лица се тешко повредени, соопштија од ОН.
Над сто убиени во јужен Судан, по потпишувањето на мировниот договор
Обединетите Нации соопштија дека Јужната суданска армија и неколку други вооружени групи убиле повеќе од сто цивили при порастот на насилствата во јужниот дел на земјата, откако беше потпишан мировниот договор минатата година.
„Вооружените сили, исто така, извршиле кривични дела на сексуално насилство, вклучително и силување на стотици жени и девојки во истиот дел од земјата, односно Централна Екваторија, во периодот помеѓу септември 2018 и април 2019 година“, се наведува во извештајот на ОН.
Суданскиот портпарол на војската, Лул Руаи Коанг, изјави дека не го видел извештајот и одбил да коментира за неговата содржина.
Јужен Судан стана независен од Судан во 2011 година, но две години подоцна се соочи со граѓанска војна. Една истражување во 2018 година покажа дека повеќе од 400.000 луѓе биле убиени за време на војната.
Путин потпиша закон со кој се укинува договорот со САД
Рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој се укинува спроведувањето на договорот за нуклеарно оружје од среден домет од периодот на Студената војна. Законот, кој беше донесен во долниот дом на рускиот парламент на 18 јуни, а горниот дом го одобри на 26 јуни, беше објавен на официјалната веб-страница за правни информации.
Во законот се наведува дека шефот на државата ќе одлучи за обновување на спроведувањето на договорот, објави ТАСС.
Путин во февруари објави дека ќе го суспендира учеството на Русија во договорот по ненадејна одлука на САД да се повлечат од договорот. Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во октомври минатата година објави дека САД ќе се повлечат од договорот, кој беше основа за европската безбедност од потпишувањето во 1987 година. Москва подоцна вети реципрочен одговор на одлуката на Вашингтон и објави дека ќе го суспендира своето учество во договорот.
Северна Македонија и Бугарија ќе претседаваат со Берлинскиот процес
Северна Македонија и Бугарија заеднички ќе претседаваат со Берлинскиот процес за поддршка на регионалната соработка и евроинтеграциите на регионот во наредните 12 месеци. Ова ќе биде соопштено во рамки на Самитот за Западен Балкан во Познањ, Република Полска. На годишниот Самит за Западен Балкан, македонската владина делегација ќе ја предводи премиерот Зоран Заев утре.
„Претседавањето на Северна Македонија и Бугарија ќе финализира во јули 2020 година со годишниот самит кој заеднички ќе биде организиран во Софија и Скопје“, информираат од Владата.
Оттаму потенцираат дека од почетокот на оваа иницијатива, за прв пат се случува една земја членка од Западен Балкан, кандидат за членство во ЕУ, како што е Северна Македонија, да копретседава со Берлинскиот процес и заедно со Бугарија, земја членка, да ги организира и координира проектите за поддршка на регионалната соработка и евроинтеграциите на Западен Балкан.
Програмата за шефови на држави и влади на Самитот за Западен Балкан ќе се одржи на 5 јули, во петок, кога премиерот на Полска Матеуш Моравјецки ќе ги пречека шефовите на делегациите на земјите од Западен Балкан, како и канцеларката Ангела Меркел и членовите на владината делегација на Германија која е покровител на иницијативата Берлински процес и има за цел да го помогне зајакнувањето на капацитетите на земјите од регионот во нивните евроинтеграциски процеси.
Отфрлена кривичната пријава против Елизабета Канческа-Милевска
Обвинителството ја отфрли кривичната пријава против поранешната министерка зa култура Елизабета Канчевска – Милевска, поранешниот заменик-министер и раководителот во министерствотото за злоупотреба на службената должност. Како што соопшти Обвинителството, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе решение за отфрлање на кривичната пријава против три лица за кривично дело несовесно работење во службата од чл.353-в ст.3 во врска со ст.1 од Кривичниот законик.
Станува збор за кривична пријава поднесена од Министерството за финансии – Управа за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, а според која тројцата пријавени, во својство на министер за култура, заменик-министер за култура и раководител на сектор за финансиски прашања во Министерството за култура, во периодот од јули 2009 година до февруари 2017 година, со пропуштање должен надзор, несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности.
Од обвинителството денеска соопштија дека надлежниот јавен обвинител донел решение за отфрлање на кривичната пријава, бидејќи не постои основано сомнение дека пријавените го сториле наведеното или друго кривично дело кое се гони по службена должност.
„Постапувајќи по кривичната пријава, надлежниот јавен обвинител изврши распит на пријавените и на претставник од Министерството за култура, а беше извршен и увид и анализа во ревизорските извештаи за работата на Министерството за култура за наведените години. Во сите наведени извештаи не се констатирани неправилности во активностите и финансиските трансакции кон наведениот субјект”, се вели меѓудругото во соопштението.
Директорски смени со најавената „метла“ од наредната недела
Премиерот Зоран Заев во врска со најавената „метла“ денеска информира дека во вторник, на 9 јули, би можеле да се донесат и првите одлуки. Според него, промени ќе има најверојатно на 20 до 25 места, директорски и кај раководители на подрачни единици. Заев по пуштањето на контролниот центар за патарини во Петровец порача и дека сака да ги преслуша уште еднаш аргументите зашто одлуките мора да се праведни.
Заев кој времено треба да ја преземе функцијата министер за финансии до назначувањето на нов министер порача и дека неговата намера е да ја делигира надлежноста и да ги носи крупните одлуки од кои бенефит треба да имаат граѓаните.
Протест на поддржувачи на поранешен киргистански претседател
Поддржувачи на поранешниот киргистански претседател Алмазбек Атамбаев протестираа за отфрлање на обвинувањата против него. Атамбаев кој се соочува со обвинувања за корупција присуствуваше на протестот во Бишкек заедно со уште четворица пратеници од Социјалдемократската партија, во која тој членува.
Демонстрантите побараа оставка ан претседателот Соронбаи Јиенбеков. Протест најавија и критичари на Атамабаев, но тој не се одржа. На 27 јуни пратениците му го одземаа имунитетот на Атамабаев.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете